БалканВестиМакедонијаОпшто

Не ни се потребни изборите 2020

Изборите за Собрание на РСМ на 15 јули 2020 нема да бидат ниту „фер и демократски“ ни „слободни“, затоа што олигархиските партии на легален начин ја узурпираат политичката моќ, од финансии до пропагандно делување во текот на целиот политички живот. Малиот период на предизборни активности (вулгарни реклами, парада на кич, евтино подмитување и додворување) не е време кога граѓаните слободно можат да донесат одлука затоа што слободата значи одговорност за изборните ветувања на политичките избраници кои ја немале до сега, а нема ни причина за промена на оваа нивна лажна улога.

Специјално електронско издание на Нова искра „Избори 2020“

Другите текстови од изданието „Избори 2020“

15 јули 2020. Суден ден за народот или уште една битка за превласт во владејачка елита?

Зошто ни треба работничка партија

Кампања на Државната изборна комисија, 2020

Разните анкети и истражувања, со исклучок на оние партиските предизборни, можат да се искорист и за некои заклучоци кои се објективни. На пример, што конкретно ги тишти луѓето во нивните секојдневни животи и како овие неисполнети потреби се менувале со текот на времето. Нема да се изненадиме дека основните потреби што не се задоволени во потполност се поврзани со работното место и кариерата (недостаток на работни места т.е. невработеност, недоволни приходи, несигурност и постојан притисок и сл., кариера што е водена од моменталните барања на пазарот, а не од желбата и среќата на човекот). Самите работни места се водени од натпреварувачкиот дух, како врв на современата доктрина на газдите. Семејството како спокојно гнездо е повеќе исклучок отколку правило, затоа што и тоа е излачување на работниот дух во заедницата. Во сета оваа ранливост човекот бара заштита насекаде, па и од пошироката заедница и од државата. Социјалните потреби за образование и култура, за здравствена сигурност и заштита, за мирни пензионерски денови и убава, енергична и исполнета младост се разнишани и неисполнети.

Во заедницата на фрустрирани работници каква што е македонската, како дел од (пост)југословенската заедница, државата создава тврди и меки механизми на привидно исполнување на потребите. Фрустрацијата, таа затруеност од „напредокот“, „развојот“ и „успехот“, се мери во илјадници отпуштања и умртвувања на производните работни места, во растот на криминалот и самоубиствата и покрај хиперинфлацијата на медикаменозни антидепресиви, буџетски одвојувања за залечување на општествените рани. Државниот апарат, тоа орудие на владеачката класа, поставува органи на насилство, што се лесно препознаени како полиција и судство, но потешко одгатнети како цела машинерија за преобликување на идеите –  од факултетите до основните училишта, од религиозните заедници, до медиумскиот простор на интернет, телевизија, весници или книги и најбитно политичките партии и идеологии. Нивната цел, намерена или не, е токму непрепознавање на основните човечки и социјални потреби. На пример, сиромаштијата според оваа машинерија се наметнува како состојба на избор на поединецот, кој нема доволно храброст, ум, итрина или упорност да ја совлада. Религиозната догма би рекла дека така било пишано, или би побарале некоја вина.

Негативна кампања на
владејачката партија кон опозициска
партија за изборите во 2020

Без да навлеземе поопширно во техниките едно малцинство на богати да владее над мнозинството работници, ќе претставиме само една форма – буржоаската демократија. Имено, под буржоаска демократија наречена и граѓанска демократија, како марксисти, подразбираме државно владеење на капиталистите над работничката класа. Ова современо владеење, посебно демократската република, е голем напредок во однос на средновековието и монархиите, но елементите со кои се фалат бранителите на статус кво за оваа наизглед универзална демократија се лажни. Такви лажни аргументи се владеењето на правото, слободата на медиумите и слободата на здружување. Секој кој барем малку е класно освестен, знае дека капиталистите се многу „поеднакви“ од работниците пред законот, дека можат да пратат војска или полиција во името на „нарушувањето на редот и мирот“ со или без прогласување на вонредна состојба. Ова е сосема јасно секому кој штрајкувал. Слободата на медиумите, печатените и тие на интернет, е ограничена со необјективноста на уредувачката политика на приватно – или државно -управуваните фирми. Независните критики или коментари се ставени на маргините на општеството и немаат начин да се пробијат низ лавината на владеачка идеологија.

Еден од продуктите на демократијата што е секогаш во одбрана на малцинството, е и Собранието – таа невидена и ретко слушана дрдорница без реална моќ. Буржоаската демократија им дава право на мнозинството на секои четири години да одлучат кои од понудените политички партии, исти како јајца, ќе бидат неговите претставници – џелати. Во случајот со Македонија, граѓаните и немаат реална можност за отповикување на нивните избраници – нешто како диктаторчиња со копчиња на 4 години. Овие пратеници и не се избраници на мнозинството туку на партиите.

Демократијата сфатена како чин на тајно гласање е најголемата перверзија на овој доцен капитализам. Зарем некому треба да му е страв ако гласа и довери политика некому. Оваа демократија не е ни малку демократија туку диктатура – моќните капиталисти диктираат сѐ, од рамните даноци до субвенции за нивните фирми, од победнички нивни проекти и тендери до приватно – јавни партнерства. Демократијата треба да ја замени буржоаската – тоа е работничката демократија, каде мнозинството граѓани, кое е вистински информирани за состојбите и промените, директно ги пренесуваат своите намери за политички мерки – со секое право на иземање на дадениот мандат во секое време и моментална замена на непослушните избраници. 

Малите политички партии (во триве плурални декади веројатно ги имало стотина, реформски сили, вистински или народни или достоинствени вмровци, лиги, сојузи, алијанси или унии на некави демократи), кои постојат заради буџетските донации или други политикански ограничени интереси, се декор на политичкиот циркус со години. Тие не можат да го скршат монополот на партиите, експоненти на капиталот, поради својата опортунистичка и секташка ориентација. Реално постои само една партија која е на сите бројки на гласачкото ливче – партија на капиталот, партија којашто е под целосна и конечна контрола на новите богаташи и слугите на странските профити. Но, комунистите никогаш не кукале за празнотијата на оваа граѓанска демократија, сервирана последните три декади. Уште од пишувањето на Манифестот на комунистичката партија, улогата на комунистите била да претставуваат авангарда, најистакнат напреден дел на работничката класа што не оди против самата класа.

Изборите за Собрание на РСМ на 15 јули 2020 нема да бидат ниту „фер и демократски“ ни „слободни“, затоа што олигархиските партии на легален начин ја узурпираат политичката моќ, од финансии до пропагандно делување во текот на целиот политички живот. Малиот период на предизборни активности (вулгарни реклами, парада на кич, евтино подмитување и додворување) не е време кога граѓаните слободно можат да донесат одлука затоа што слободата значи одговорност за изборните ветувања на политичките избраници кои ја немале до сега, а нема ни причина за промена на оваа нивна лажна улога. Ова и не е некоја голема тајна – обичниот човек затоа и не ја гледа изборната програма, а изборот го прави врз основа на поинакви критериуми. Изборите ќе се одржат без нудење на избор за мнозинството работници, а исходот ќе биде продолжување на нелегитимноста, не само поради малата излезност која работничката класа ќе ја приреди со неорганизираниот бојкот, туку и поради непретставувањето на интересите на избирачите.

Негативна кампања на опозициската партија кон владејачката

Каде е работничката класа?

Насекаде. Таа дефинитивно е мнозинство во секоја современа држава. И во РСМ е мнозинство, иако таа ја има изгубено битката пред 30 години со политичката бирократија на СФРЈ. Реставрацијата на капитализмот е сосема комплетирана операција, а според некои бројки Македонија има помалку државен имот од речиси секоја друга европска држава. Во услови на енормна невработеност, класата која создава вредност ослабе и како класа за себе, односно како организирана група на активно учество во заедницата за своите интереси, било да се најелементарните синдикати или партиското здружување. Обидите за такви здружувања на политичка партиска линија во последните три декади беа неуспешни поради немањето на автентична програма. Само таква автентична програма може да се приближи и ја освои работничката класа да застане и да се бори за неа. Оттаму изговорите дека работничката класа е нееманципирана, па затоа нема работничка алтернатива се ставени наопаку, со главата надолу. Работниците кога се организирани се препознаваат како класа и се ослободуваат во политичкиот чин против владеачката класа и нејзините филантропи, советници или раководители.
Работничката класа во услови на продолжени и засилени мерки на штедење ќе делува согласно своите капацитети, но и само тогаш кога ќе биде спремна да ја порази буржоазијата. Во наредниот период заострените борби од лулката на капитализмот ќе се пренесат и во нашата средина. А буржоазијата во Македонија без поддршка на империјализмот е моќна колку што се моќни морските чудовишта и сирените.

Алек Атевиќ

27 јуни 2020