15 јули 2020. Суден ден за народот или уште една битка за превласт во владејачка елита?
Транзицијата беше и остана пекол за работниците, но токму среде тој пекол почна да се гради рајот за газдите т.е. за менаџерскиот слој на поранешните самоуправни претпријатија и новите претприемачи.
Специјално електронско издание на Нова искра „Избори 2020“
Другите текстови од изданието „Избори 2020“
Не ни се потребни изборите 2020
Зошто ни треба работничка партија
Прва фаза (1993 – 2006) – создавање и консолидација на владејачката елита
Деведесетите години на минатиот век беше периодот кога се заврши реставрацијата на капитализмот во Македонија. Поставен врз рушевините кои ги остави Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал и Законот за приватизација на државниот капитал во претпријатијата, капитализмот ја истакна на површина владејачката елита која ја сочинуваат газдите-милионери и високиот слој чиновници на колонијата – лидерите и високото партиско раководство на водечките партии. Севкупно, во оваа фаза, владејачката елита се создаваше преку преземање на државните претпријатија и проширување на приватните бизниси. Воедно, таа беше компактна, зошто, едноставно кажано – имаше плен за сите, тврдење потврдено и од порaнешниот премиер Георгиевски, кој малтене се пофали дека луѓето зборувале: „ВМРО крадеше, ама имаше и за народот”. Оваа „славна“ изјава која се однесува на периодот 1998 – 2001 е признание токму на горенаведеното тврдење, иако Георгиевски велејќи „народот“, веројатно мислел на малостопанствениците и занаетчиите.
Да нема забуни… Транзицијата беше и остана пекол за работниците, но токму среде тој пекол почна да се гради рајот за газдите т.е за менаџерскиот слој на поранешните самоуправни претпријатија и новите претприемачи. Затоа кога се тврди дека во првите две децении од Република Македонија капитализмот се развиваше (нормално само во интерес на капиталистите и партиските функционери) не треба да се меша со положбата на работниците во тоа време. Дека навистина „имало за сите“ мали, средни и големи капиталисти, показател е релативно мирниот пренос на власта по изборите 1998, 2002 и 2006 година. Но реставрацијата на капитализмот не донесе никаков развој, напротив капиталистичката класа којашто настана тогаш паразитираше врз децениското богатство создадено од производството што работничката држава го изгради.
Капиталистичката класа составена претежно од Македонци, доби нови „колеги“ меѓу 1998 и 2006 година – Албанци, капиталисти и функционерите на ДПА и ДУИ. Државниот имот веќе беше испокраден, а поради тоа беше спремен и теренот за отворањето на пазарот за странските корпорации.
Втора фаза (2006 – 2017) – крај на наизменичната смена на власта и почеток на концепцијата на еднодецениско владеење.
Изборите 2006 година претставуваат последните редовни избори одржани во Македонија. Сите наредни избори ќе бидат предвремени, што укажува на турбулентноста на втората фаза. Воедно, стапи на сцена светската економска криза од 2008 година. Тезата на поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ кое пропагандно прогласи дека во Македонија истата не се осети (или барем успешно се преброди) благодарение на нивните сјајни политики, останува само празна теза – пропагандна приказна за гласачите.
Зад завесите, плен снемуваше, а апетитите растеа. Започна периодот на енормно зголемување на надворешниот долг, неопходната инјекција за домашната економија поставена на стаклени нозе. Безмилосната експолатација продолжи, секако проследена со масовно иселување и номинално намалување на невработеноста. Партиските функционери сфатија дека заврши периодот на наизменичното менување на власта, а локалната буржоазија сфати дека мора да избере страна затоа што „нема да има за сите“.
Имено, светската економска криза од 2008 година како да го најави периодот на изборни циклуси во кои опозицијата (тогаш СДСМ) постојано се жалеше на нерегуларни избори (од најразлични причини како: узурпиран медиумски простор, владини реклами без тв дебати, замолчен или исчезнат неделен и дневен печат, изборен поткуп, гласачи од Пустец, или буквално местење изборни резултати).
Дека завршила „златната ера“ на македонскиот плурализам со делумно фер кампања и мирно предавање на власта, доволно е да се потсетиме на 2015 година, и прислушкуваните разговори што ги пушташе опозицијата, и доволно е да се потсетиме на 27 април 2017 кога власта го организираше или барем го дозволи крвавиот упад во Собранието за време на одржувањето на конститутивната седница.
Избори 2020 – битката за живот или смрт меѓу ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ
Сега пак формално опозициската ВМРО – ДПМНЕ се жали на предизборен поткуп, узурпиран медиумски простор, а за очекување е да следат и обвинувања за гласачи, на пример, од Косово и местење на изборни резултати. Во меѓувреме, месеци наназад опозицијата пушта прислушкувани телефонски разговори и снимки, иако засега не во оној обем во кој се истакна сегашната власт.
Аудио снимката во која Заев ќе му го „ебе мамето мамино на Камчев“, ни потврдува дека не важи веќе „ние крадевме – ама имаше за сите“, туку значи дека апсолутно нема за сите, т.е нема ни за повеќето. Истовремено, тесната соработка на Камчев и Мицкоски, укажува повторно на истото – „нема за сите“, па затоа Камчев не се врати во своето старо јато од 90-тите – СДСМ.
Владејачката класа знае дека нејзиното одржување зависи од воспоставувањето порестриктивни мерки на штедење насочени кон осиромашената со децении работничка класа. Рестриктивните мерки истовремено ќе резултираат со намалени капитални инвестиции и намалување на јавното трошење преку тендерски постапки. Едноставно, нема да има за сите! Дополнително, свесни се дека нема да можат како досега да извлечат свежа крв од работниците, а без големи социјални немири. Тоа е она што ги тера капиталистите стриктно да зеземат опозициска или владеачка страна, наместо како досега, да се држат по страна и да соработуваат со секоја власт.
Владејачката класа, како и секаде во светот, си има најмено цела ергела интелектуалци, новинари, професори, аналитичари, експерти за сѐ, национални или евроатлантски бапчорки напикани по медиуми, институции и политички партии – сателити. Како и самата владејачка елита, така и овие почитувани гласноговорници, се поделени соодветно во струи. Секако дека во оваа одбрано друштво има и двојни агенти и прелетувачи.
Но најтрагично е тоа што оваа сага најмногу ги дразни работниците сведени на статистичката категорија – гласачи. Пред нив се распостилаат секакви илузии за судбоносноста на изборите, за одбраната или враќањето на „правната држава“, „за одбраната на „евроатлантските интеграции„ или „за враќањето на името“, за одбраната од „режимската опозиција“ или „за рушењето на хибридниот режим или хунтата“.
И додека се распостилаат овие илузии, секако дека пропагандно се плаче врз судбината на работниците. Дали ќе останат главно имуни на илузиите ќе покаже 15 јули. Битката за освојување на умот на неопределените е креативна и скапа – од холивудски ТВ спотови, билборд насмевки и спонзорираните фб објави (розева кампања за охрабрување) до опоменување „да се земе судбината во свои раце“ зошто ќе се врател „режимот и заробената држава“ или ќе останела „хунтата“ и на прагот била федерализацијата/кантонизацијата (црна кампања за заплашување).
Севкупно, сведочиме привршување на една валкана кампања меѓу различните струите во локалната владејачка елита, кампања во која изборите се сфаќаат како прашање на живот или смрт. Оттаму, сагата „датум за ковид избори“ не претставуваше ништо друго, освен определување термин за „ферка“ меѓу овие струи коишто кризата на капитализмот ги фрла во меѓусебна битка до истребување.
Сега кога ферката е закажана, останува да се види колкав процент од работниците сѐ уште веруваат во капиталистичката „парламентарна демократија“. Работниците немаат своја автентична работничка партија – кадровски екипирана со сериозна програма за да ѝ го дадат гласот. Таа партија одвнатре беше разорена на почетокот на минатата година, а правосилно/извршно судски погребана во јули истата година.
Конечно, колку и да е пренагласено и за некои можеби и претерано, сепак имајќи ја предвид секојдневната бројка на заразени и починати од вирусот ковид-19, останува да се види и колкав процент од работниците, за туѓи бели дворови ќе ризикуваат да си ископаат црни гробови.
Зоран Василески
6 јули 2020