БалканВестиМакедонијаОпшто

Зошто ни треба работничка партија

Единствена можна работничка партија на овие простори е револуционерна партија со програма за воспоставување на работничка држава со цел воведување социјализам. Работничката држава би управувала со општеството во интерес на работничката класа која е огромно мнозинство, а за кое сите други слоеви се незначително малцинство. Владеење во интерес на народот во основа е владеење во интерес на работничката класа.

Специјално електронско издание на Нова искра „Избори 2020“

Другите текстови од изданието „Избори 2020“

15 јули 2020. Суден ден за народот или уште една битка за превласт во владејачка елита?

Не ни се потребни изборите 2020

Во нашето секојдневие проблемите со кои се соочуваме изгледаат како паралелен свет на оној кој ни се нуди низ спотовите и кампањите на политичките партии кои денеска постојат. Додека слушаме за некои проблеми кои навидум изгледаат сосемна разумно, тие се толку поедноставени што нам ни изгледаат надреално. „Владеење на правото“, „правда“, „фунционална држава“, некакво исправување, нешто сме можеле… но сепак сите тие слогани се толку општи, а во основа никако не ги допираат нашите најгорливи проблеми.

Она што нас најмногу нѐ загрижува е тоа каква е нашата иднина, дали ќе можеме да си ги платиме сметките, дали ќе ја задржиме нашата работа, дали ќе има доволно работни места, дали ако се разболеме ќе добиеме адекватна здравствена заштита, што во периодов којшто дојде со појавата на коронавирусот дополнително се усложнува. Но веќе е јасно дека периодот што следи ќе биде период на продолжена економска криза, а тоа уште повеќе ја засилува несигурноста која ни го исполнува животот, токму тој живот во кој треба да уживаме.

Истите прашања ги оптоваруваат мнозинството Албанци и Македноци, мнозинството жени и мажи, мнозинството без разлика на родова и етничка припадност или сексуална ориентација. Но дали ќе си ги платиме сметките и дали ќе ја задржиме работата или ќе ни ја намалат платата не нè оптоварува сите подеднакво. Еден дел од општеството, малцинство на сопственици кои живеат од големите профити, воопшто не ги загрижуваат овие прашања. Тие живеат доста квалитетен живот, не размислуваат како ќе го поминат месецот, дали ќе одат на одмор и дали имаат доволно пари за да си дозволат било што.

Но штом за мнозинството овие потреби се приоритет, како држава која сака да се кити со владеење во име на народот и со народна волја не успева овие потреби да ги задоволи? Ако мнозинството во општеството се работниците тогаш би требало нивните потреби да се приоритет за власт која владее со народна волја, но тоа не е случај. Тоа е така бидејќи државата во ова општество не им припаѓа на работниците.

Профитите се побитни од здравјето на работниците

„Слободниот“ пазар на политички идеи

Често слушаме дека во демократските општества, во оние кои се слободни, изборите ја претставуваат волјата на народот, а поддршката ја добива оној кој ќе понуди најдобри идеи. Но ни викаат нашето општество не е на тој стадиум на развој, па затоа кај нас тоа не се случува така. Но колку овие тврдења се реално издржани?

Во општество коешто е засновано на пазарни односи, владетелот, бидејќи својата власт ја заснова на економската моќ и стоковите односи, се поима низ призмата на пазар. За него сѐ е пазар. Буржујот политиката ја доживува како пазар со мнозинството, што тој ќе понуди во замена непречено да владее, а неговите апологети само ја рефлектираат неговата желба. Па тврдат дека избирајќи од понудата ние одлучуваме за владеењето и политиките. Но како функционира таа демократија, ако воопшто можеме да кажеме дека тоа е демократија, како власта е контролирана од оние во чие име владее? На секои четири години ние одново го поминуваме тој процес на „заедничко одлучување“. Ни се нудат опции од листи составени во партиските штабови, за кои можеме да гласаме се со цел тие нас да нѐ претставуваат наредните четири години. Потоа оние кои освоиле најмногу пратеници формираат влада која владее во име на мнозинството. Но за што ние одлучуваме? За тоа кој од избраните во штабовите ќе има право да одлучува, а го гласаме врз основа на она што наводно ќе го претставувал. Овие басни пропаѓаат пред реалноста дека во ова триесет годишно искуство на парламентарна демократија ниту еден од нив не го бранел она за кое ветил, а ние немаме никаков механизам за тоа да побараме одговорност. Не само што не можеме да му го одземеме мандатот, ние не можеме да одлучиме ни дали тој повторно ќе биде пратеник бидејќи за тоа одлучува партискиот штаб. Мошне демократски. „Политичарите се корумпирани во неразвиените земји, затоа ни се случува ова“ ги слушаме во хор сите апологети на капиталистите, било од лево било од десно. Значи кога ние ќе се развиеме ќе протече мед по улиците и ќе растат пари на дрвата, секако ако им веруваме на разните либерали и експерти за економски и политички прашања на малите екрани. Но овие весели и шарени сказни се распрскуваат токму во судирот со реалноста. Политичарите не ги одржуваат своите ветувања ни во развиениот свет. Дури и во развиениот свет политичарите законите ги носат под силни влијанија на разни лобисти, здруженија на бизнисмени и интересни групи, а овие лобисти ги претставуваат оние кои слеваат огроми богатства во нивните џебови, капиталистичката класа. Розовиот сон на хорот штотуку се претвори во црн кошмар соочен со реалноста. „Но ако владее правната држава тоа нема да биде така“ хорот неуморно се труди да ја спаси парламентарната демократија. На ваквите глупости крајот не им доаѓа… ако законите се носат под влијание на лобистите од преѓе, чиј интерес и кого тие закони штитат?

Можеме до недоглед да ги слушаме бескрајните беседења за либералната демократија, а добриот трговец ќе се обиде и ветер во магла да ни продаде како цврст челик. Но тоа што некој сака да верува дека светот е розово место не го прави таков. Парламентарната демократија функционира на тој начин токму за да го попречи мнозинството да владее, единствено да создава илузија за избор на „слободниот“ пазар на политичка понуда. Ние веќе имаме доволно искуство за да согледаме дека која партија и да дојде на власт таа спроведува исти политики во интерес на истото малцинство. Колку и да се велелепни сказните на слугите на капитализмот тоа не можат повеќе да го сокријат. Тоа е така не затоа што нечесни луѓе влегле и ете го копумпирале системот, туку баш поради тоа што систем заснован на отуѓуваење на вишок вредност, воден од мотив за поголеи профити, е корумпиран систем. Тој систем создава корумпирана бирократија од која овие партии се дел. Тоа се партии засновани на идеологијата на системот, финансирани и контролирани од капиталистичката класа. Но ако ги слушаме експертите и аналитичарите, тие ќе ни кажат дека во парламентарната демократија избраните ќе се спротистават на оној кој ги финансира и контролира. Одвратно е само колку глупави ги сметаат луѓето мислејќи дека веруваат во нивните глупости.

Ако сакаме да си го подобриме квалитетот на нашиот живот, да си ги осигураме работните места, достапноста до бесплатни здраствена заштита и образование, ние нужно мораме да се судриме со оние чиј интерес е тоа да го спречат, капиталистите и нивните марионети во Владата, Парламентот и партиите. Менувајќи ги одново и одново истите марионети со различни маски нема никако да ни помогне во реализација на нашите потреби.

Општествена преобразба во корист на работното мнозинство

За да добиеме поквалитетни јавни услуги, вклучувајќи ги здравството и образованието, потребно е многу да се вложува во јавниот сектор. Тие програми мора да бидат јавно финансирани со голема количина на средства како би успеале да го подобриме условите за квалитетна услуга. Додека за да ги осигураме работните места и да отвориме нови треба да поминеме цел процес на повторна индустријализација на општеството, но како тоа да го направиме? Но индустријализација не значи само отворање на фабрики, тоа подразбира целосен развој на производството, осовременување на технологијата и машините, зголемување на продуктивноста со високоедуцирани кадри како и вклучување на повеќе луѓе во производството. Искуството ни покажува дека ни домашните ни странскиоте инвеститори не се водат од општиот интерес на работниците и дека дури и кога отвораат индустриски погони тие работни места не се сигурни. Мултинационалните компании кои ги отвораат во секој момент можат да си заминат, а би си заминале во првиот момент кога ќе најдат поповолно место каде би го преселиле погонот. Затоа единствена институција која може тоа да го направи е државата. Повторната индустријализација треба да се спроведе под државна сопственост. Но дали можеме управувањето да го довереме на корумпираните бирократи? Секако дека не. Ништо не ги спречува повторно да го приватизираат како што тоа еднаш веќе го направиле, па затоа неопходно е да се воведе работничка контрола врз индустријата. Работниците се врзани со опстанокот на фабриката затоа што нивниот опстанок и квалитет на живот зависи токму од опстанокот на фабриката. Згора, ако работничката контрола остане исклучиво врз индустирјата ќе да биде скршена и одземена преку институциите на системот, па неопходно е таа да се прошири и врз сите институции.

Штрајк на работниците во Италија 2020

Можеме да зборуваме за тоа како би се финансирале програмите и индустријализацијата, една можност е преку прогресивното оданочување. Но тука се појавува една бариера, а тоа е капиталистичката класа чиј двигател е профитниот мотив, и таа сигурно не би сакала да се откаже од дел од својот профит, освен ако не биде принудена тоа да го направи. Искуството со реформизмот, како во Грција со СИРИЗА, покажува дека обидот тоа да се спроведе  завршува со непослушност и саботажа на капиталистите, често потпомогнати и од интернационалната буржоазија и нејзините продолжени раце, ММФ, Светска банка и ЕУ и САД. За да им се одземе можноста за саботажа и непослушност потребно е да им се тргне темелот врз кој е заснована нивната моќ. Тие се моќни поради богатството што го поседуваат, а со кое можат да потплатуваат разни приватни армии, апологети, па дури и работници кои би спроведувале нивна агенда. Темелот на тоа богатство е приватната сопственост – врз неа е изградена таа моќ. Приватната сопственост на средствата за производство треба да биде укината, а нивното богатство експроприрано како би се користело за индустријализација и изградба на инфраструктура. И додека ваква мисла ни поминува низ глава, веднаш го слушаме хорот на социјалдемократи, леви либерали и разни реформисти. „Па тоа е револуција, вие сте екстремисти, треба да бидеме цивилизирани“ вика гласно хорот. Единствено нешто што ја плаши буржоазијата во систем којшто таа го владее е можноста за револуција, а кога лековерните реформисти во хор се одрекуваат од револуција, капиталистичката класа тоа го гледа како можност да ги уценува, однесувајќи се арогантно и знаејќи дека тие не се подготвени да одат таму кадешто на никој начин не се загрозува нивната позиција. И наместо да спроведат реформи, што секако се потребни, тие завршуваат спроведувајќи често поштетни политики по работникот од самата десница. Единствената можност, затоа, за индустријализација како основа на развој на општеството и подобрување на квалитетот за живот на работничката класа е револуцијата.

Воведувањето на работничка контрола и укинувањето на приватната сопственост врз средствата за производство е дел од процесот на формирање на држава сосема различна од оваа којашто е алатка на капиталистичката класа. Работничката контрола подразбира формирање на работничка држава како основа за вистински демократското владеење на работничката класа во периодот на општествена трансформација. Но овој процес не коже да биде само спонтан – изливањето на револтот на работниците дали во форма на демонстрации или штрајкови е потребно и корисно, но како што и покрај тоа што двигател во парната машина е пареата, а машината нема реална сила без комората, без клиповите, така и револтот нема сила за преобразба без својата комора, работничката партија.

Од понижени и угнетени кон слободни и исполнети

Во овие триесетина години постоеле обиди работниците да се организираат во автентична работничка партија, но сите тие обиди се покажале неуспешни, делумно поради објективните услови, но исто поради пропустите на оние кои се обиделе да ја формираат. Многу е јасно дека таква партија не може да биде формирана од други политички тенденции туку таа е должност на левицата, оној дел од левицата кој се залага за општествена трансформација и укинување на капитализмот, од која дел сме и ние Марксистичка организација „Црвени“. Формирањето на работничката партија е задача на работничката левица.

Основањето на работничка партија е во основа прашање за формализирање на политичката програма. Како што образложивме таа програма не може да биде реформистичка, но тој заклучок не доаѓа само од нашата принципиелна анализа туку и од непосредното искуство. Обидите да се формира таква реформистичка партија која се стреми да биде работничка завршиле неуспешно, било тоа да е „Радничка фронта“ во Хрватска, „Левица“ во Словенија или „Левица“ во Македонија. Ниту една од овие партии не е работничка, ни програмски, ни организациски, ни по членство. Тие се  претежно младински со инклинација да прераснат во работнички, не се сврзани со организациите на работничката класа и не се втемелени во работничката класа иако тие, барем декларативно, се стремеле да прераснат во такви. Сите тие обиди покажуваат дека недореченоста на реформистичката програма отвора простор за опортунизам што завршува во група обединета околу исполнување на своите ситни интереси, наместо во организирана и моќна работничка партија. Таа не може да биде апстрактно „левичарска“ туку со сосема конкретна програма којашто ги надминува реформизмот и решенијата во рамките на системот. Токму затоа единствена можна работничка партија на овие простори е револуционерна партија со програма за воспоставување на работничка држава со цел воведување социјализам. Работничката држава би управувала со општеството во интерес на работничката класа која е огромно мнозинство, а за кое сите други слоеви се незначително малцинство. Владеење во интерес на народот во основа е владеење во интерес на работничката класа.

Позади партизанското движење стоеше организирана работничка партија

Но работничката партија не може да биде работничка само по својата програма, таа треба да биде работничка и по своето членство и организациска структура. Работничката партија мора да соработува со борбените синдикати, таа мора да ги поддржува сите работнички борби, секогаш заземајќи ја страната на работниците. Таа мора да биде на секој начин независна од државата и капиталистичката класа, па затоа нужно мора својата сила да ја потпира на работничката класа, а мора и финансиски да биде независна од капиталистите и нивната држава. Само ваква партија може да ги реализира нашите потреби за достоинствен и квалитетен живот.

Ваква партија во Македонија не постои, па затоа таа треба да се изгради. Тоа не доведува до заклучокот дека нашата задача е токму градење на една ваква партија како неопходен предуслов за триумфот на работничката класа во нашата борба за ослободување од експлоатацијата. Секако таква партија не е воопшто лесно да се изгради, а патот на изградба е долг и тежок. На тој пат кратенки не постојат, патот на изградба мора да се изоди целосно, а градењето да е на принципиелни основи. Токму затоа е неопходно да ги изградиме силите на марксизмот кај нас. Нашата цел е преку градење на силите на марксизмот да градиме автентична револуционерна работничка партија. Трнливиот пат по кој сме тргнале да одиме мораме да го изодиме, затоа што нема кој друг да ја изгради таа партија ако не ние работниците. Тој пат сами не можеме да го изодиме, потребни ни се луѓе кои се подготвени да се приклучат на борбата и заеднички да ја изградиме таа партија. Затоа МО „Црвени“ ги повикува сите оние, кои сакаат да се вклучат во борбата, кои се согласуваат со нашите програмски основи и принципите на револуционерниот марксизам, да ни се приклучат на нашата организација. Само организираната работничка класа со социјалистичка програма за општествена преобразба може еднаш за секогаш ќе расчисти со угнетувањето и експлоатацијата.

За работничка партија – против капитализмот!

Никола Славевски

02 јули 2020