Интернационала

Италијански генерален штрајк: драматичен пресврт во светската ситуација

Она што се случи во Италија на 3 октомври 2025, петок, има многу малку преседани. Размислете. Политички штрајк. Политички генерален штрајк. Политички генерален штрајк во интернационална солидарност, против империјализмот.

Милиони учествуваа во индустриски акции, два милиони учествуваа во масовни демонстрации, а стотици илјади презедоа директна акција под слоганот „Блокираме сè“. Следниот ден, сабота, 4 октомври, над еден милион излегоа во Рим на национални демонстрации против геноцидот во Газа. Овие настани се дел од драматичен пресврт во светската ситуација; и тоа не е случајот само во Италија, туку го вклучува и масовното движење во Франција, масовните протести во Шпанија и таканаречените револуции на Gen Z, сите заедно придонесувајќи кон т.н. „Црвен септември“. Важно е да се анализираат, да се разберат нивните главни карактеристики и импликации.

Кои се главните карактеристики на движењето во Италија?

Најпрвин, треба да истакнеме дека ова движење произлезе од надвор од огромните традиционални организации. Лидерите на CGIL, најголемата конфедерација на синдикати во Италија, беа принудени да го формираат само откако беа надминати од масовното движење на стотици илјади работници и млади на 22 септември за време на генералниот штрајк за Палестина, свикан од помалиот синдикат USB.

Втората воочлива карактеристика на движењето е улогата на младите, кои беа на чело на мобилизацијата насекаде, присутни во голем број (дури и генералниот секретар на CGIL, Ландини, мораше да го спомене овој факт), излегувајќи заедно со остатокот од работничката класа и населението воопшто.

Трета доминантна карактеристика на италијанските настани од последните две недели е силното чувство меѓу масите дека демонстрациите сами по себе не се доволни, дека треба да се направи нешто повеќе. Така, слоганот на генералниот штрајк, „Блокираме сè“, усвоен од движењето во Франција, претставува здрав инстинкт, препознавајќи дека вршењето морален притисок врз владите не постигнува ништо и дека е потребна директна акција. Оваа идеја содржи, во ембрионална форма, зачеток на револуцијата, кога масите ги земаат работите во свои раце.

Четврто, и можеби една од најважните карактеристики на движењето е директната акција на пристанишните работници да одбијат да ракуваат со товар што е увезуван од/извезуван во Израел. Ова е спроведено преку штрајкови од самите пристанишни работници (во Џенова, Ливорно и други пристаништа) поддржани од масовна мобилизација на надворешна поддршка. Ова е исклучително значајно. Претходно имало и други случаи на таква акција (во Марсеј, Пиреја), но италијанските пристанишни работници го подигнале ова на помасовно ниво.

Иницијативата на италијанските пристанишни работници треба да се прошири и координира на интернационално ниво. Конференцијата на европските пристанишни работници во Џенова беше одличен прв чекор напред. Бојкотот на Израел од страна на работниците би имал огромно влијание, и од практична и од политичка гледна точка, бидејќи сериозно би ја попречил израелската воена машина, а воедно јасно би ја зголемил моќта на работничката класа во капиталистичкото општество.

Петто, огромното движење на италијанските работници и млади, во земја управувана од влада на демагошката реакционерна десница, е шлаканица за сите скептици, циници и деморализирани елементи од таканаречената левица, кои ја поминаа целата година жално кукајќи за таканаречениот подем на фашизмот, реакционерството и бонапартизмот.

Падот на легитимитетот на сите буржоаски институции (како резултат на органската криза на капитализмот) доведе до длабоко антиестаблишмент расположение. Поради банкротот на „левицата“, ова се изрази, во многу случаи, во подемот на десничарските демагози, кои го насочија ова расположение на гнев во реакционерна насока, правејќи жртвено јагне од мигрантите итн. Владата на Мелони е пример за тоа.

Ова не е неизбежен исход – ако се даде полуможност, истото расположение ќе биде (и било) изразено во експлозија на класната борба. Тоа е единствениот начин на борба против десницата и реакционерството: преку милитантна борба по класни линии – не „културни војни“, не апстрактна „одбрана на демократијата“ или „институциите“ или „Републиката“ – туку класна борба против капиталистичкиот режим во целост.

Шесто, италијанската ерупција се случи по повод случувањата со флотилата, спротиставувајќи се на геноцидот во Газа, но има подлабоки корени. Газа дејствуваше како катализатор за масовно движење на протести кое одамна се крчкаше. Со години: штедни мерки, намалувања на социјална парична помош, напади врз здравството и образованието, ерозија на животниот стандард (особено изразена во Италија од 2008 година), интензивирање на експлоатацијата на работното место, лежеризација на условите за работа… сите овие социјални и економски притисоци се акумулираа и очајно бараа канал за изразување.

Лидерите на синдикатите – кои, всушност, станаа целосно врзани за капиталистичкиот режим – смртно се плашеа да обезбедат таков канал. Акумулираниот притисок зовриваше околу прашањето за Палестина, но всушност беше и масовно протестно движење против десничарската влада и целиот систем. Движењето ослободува сили врз кои лидерите ќе немаат контрола.

Во Италија, движењето против израелскиот геноцид во Газа се засилуваше: од масовното движење на 22 септември до генералниот штрајк на 3 октомври и огромните национални демонстрации во Рим. Во одреден момент, оваа фаза од движењето неизбежно ќе се намали, но нејзиното влијание ќе биде долготрајно и ќе одекнува надвор од прашањето за палестинската солидарност, ширејќи се во сите аспекти на борбата на работниците и младите, вклучително и во индустриската борба за плати и услови.

Работниците и младите го почувствуваа вкусот на сопствената моќ во однос на владата и шефовите. Тие сега се самоуверени и оваа самодоверба веројатно ќе ги поттикне во офанзива на други фронтови. Како што истакнуваат италијанските другари од Partito Comunista Rivoluzionario (PCR), „браната веќе пукна“.

Движењето се шири низ Европа

Ова се главните карактеристики на движењето во Италија, но тие не се единствени за Италија. Во текот на викендот, низ цела Шпанија се одржаа досега невидени масовни демонстрации во знак на солидарност со Палестина, во кои учествуваа вкупно два милиони луѓе.

Трендот кон директна акција е присутен и таму, иако во послаба форма, со обиди за блокирање на автопатите и пристаништето во Барселона. Синдикалните лидери беа принудени да повикаат на делумен штрајк на 15 октомври, а некои синдикати повикаа на 24-часовен штрајк истиот ден во Каталонија, Баскија и Галиција.

Во Франција, движењето „Блокираме сè“ (bloquons tout) доведе до два масовни дена акција на 10 и 18 септември насочени против владата и против Макрон, кои се обидуваат да спроведат масовни штедни мерки. Ова сега доведе до оставка на францускиот премиер Лекорну по само 27 дена на функцијата и 24 часа по формирањето на неговиот кабинет.

Во Шпанија и Италија, иницијативата за овие масовни мобилизации дојде одоздола, а не од лидерите на синдикатите ниту од левичарските политички партии. Во двата случаи, младите играа најдинамична улога.

И во неколку други европски земји имаше досега невидени мобилизации во солидарност со Палестина и милитантни демонстрации против израелскиот напад врз флотилата (Германија, Белгија, Ирска, Португалија, Швајцарија, Холандија итн.). На ова треба да го додадеме и генералниот штрајк во Грција (1 октомври) против контрареформата за трудовото право, што е исто така продолжение на експлозивните мобилизации и генералниот штрајк поради обидот за прикривање на железничката несреќа кај Темпи.

Сегашниот бран на „Gen Z револуцијата“

Овие настани го претставуваат влегувањето на напредните капиталистички земји во Европа и нивната работничка класа и младина во светскиот бран на „Gen Z револуцијата“, која се посипуваше од земја во земја во текот на последниот месец (Индонезија, Непал, Источен Тимор, Филипини, Мадагаскар, Мароко, Парагвај, Еквадор, Перу…).

Низ целиот свет, постои генерација млади која созреа по капиталистичката криза од 2008 година и порасна во контекст на кратења на штедење, масовни движења и револуции, влијанието на пандемијата COVID-19, еколошката криза, растечкиот јаз меѓу богатите и сиромашните, војните и милитаризмот. Комбинацијата од сите овие фактори доведе до губење на легитимитетот на сите буржоаски институции и партии, масовните капиталистички медиуми, парламентите итн.

Акумулацијата на гнев поради капиталистичката криза и нејзините разновидни манифестации сега експлодираше во светски синџир на масовни движења, бунтови, востанија и револуции. Ова претставува драматичен пресврт во светската ситуација. Младите се на чело на ова движење и имаат инстинктивно интернационалистички пристап, учејќи од движењата на другите, црпејќи инспирација од нив. Ова се рефлектира во употребата на истите слогани и транспаренти, вклучувајќи го и пиратското знаме на екипажот со сламени шапки.

Само целосниот банкрот на официјалната левица ги спречува овие движења да одат уште подалеку, или пак, кога ќе се искачат на ниво на постигнување револуционерно соборување на влада или режим, тие потоа се пренасочуваат назад кон козметички промени на врвот, така што ништо фундаментално не се менува.

Масите покажаа, уште еднаш, огромна решителност и храброст да се борат, кога им се дава можност, понекогаш на сосема спонтан начин и против сите пречки. Она што очигледно недостасуваше насекаде е револуционерно водство достојно за своето име, способно да го води движењето до решителна победа. Задачата за градење на такво револуционерно комунистичко водство е поитна од кога било.

Како до слободна Палестина?

Италијанскиот генерален штрајк претставува највисока точка на движење за солидарност со Палестина и инспирација за работниците и младите од светот. Во самата Италија, огромниот притисок на масовната мобилизација, на масите работници и млади во акција, целосно го трансформираше балансот на силите. Десничарската влада е во дефанзива.

Лидерите на CGIL и PD (Демократската партија) се принудени да се свртат лево од страв да не бидат отфрлени. Иницијативата е на страната на масовното движење. Време е да се продолжи напред и да се оди понатаму. Движењето треба да усвои низа специфични барања (целосно ембарго кон Израел, прекин на дипломатските односи итн.) и да се закани со 48-часовен штрајк доколку тие не бидат исполнети во даден временски период.

Италијанскиот генерален штрајк го покажува патот напред за палестинското движење за солидарност насекаде: штрајкови, масовна директна акција, блокирање на сè, бојкот на работниците. Ова се методите што мора да се усвојат.

https://www.instagram.com/jorgemartin1917/?utm_source=ig_embed&ig_rid=69cfe78d-d354-4b09-b875-b62c2c459002

Конференцијата на пристанишни работници во Џенова упати повик за европски и медитерански ден на акција на пристанишните работници против геноцидот. Тоа е одлична иницијатива која треба да послужи како основа за меѓународен бојкот на Израел од страна на работниците, вклучувајќи ги пристанишните работници и другите транспортни работници, како и работниците во индустриите за оружје.

Постојат различни фактори што го поведоа Трамп кон обид да протурка „мировен договор“ во Газа, против волјата на Нетанјаху. Тоа не е тема на оваа изјава. Доволно е да се каже дека експлозијата на масовното движење против геноцидот, а особено италијанската ерупција, очигледно одиграа улога.

И Марко Рубио и самиот Трамп го признаа тоа кога рекоа дека „меѓународната изолација на Израел беше една од причините зошто војната во Газа мора да заврши“. Американскиот империјализам и сојузниците и спонзорите на Израел во Европа имаат смртен страв од револуционерните последици од масакрот во Газа за реакционерните арапски режими што ги поддржуваат во регионот, но исто така и од радикализирачкото влијание што го има дома.

Да бидеме јасни, планот на Трамп за Газа е стапица. Она што им го нуди на Палестинците е смртоносен избор помеѓу геноцид и етничко чистење од една страна и колонијална мандатна енклава управувана директно од Трамп и Блер. Тоа е второ, уште посурово издание на неуспешните Договори од Осло, првиот пат како трагедија, вториот пат како фарса.

Палестина може да се ослободи само со револуционерни средства, почнувајќи со соборување на реакционерните арапски и муслимански режими кои дејствуваат како неопходни соучесници на нејзиното угнетување. Работничките маси, млади и сиромашни луѓе во Египет, Јордан, Либан, Турција, Саудиска Арабија треба да се инспирираат од италијанскиот генерален штрајк и да го следат тој пример.

Борбата за Палестина не е изолирана од други материјални околности. На Западот, тоа е пред сè борба против нашите сопствени империјалистички влади, кои се соучесници во израелскиот геноцид во Газа. Ова се истите влади кои наметнуваат брутални мерки за штедење врз работниците и младите, додека бараат масовно зголемување на воените трошоци. Борбата против геноцидот во Газа мора да биде поврзана со борбата против штедењето дома. Италијанските методи на борба не се само единствениот пат напред за движењето за солидарност во Палестина, туку и за движењето на работниците и младите воопшто, за платите и условите, за домувањето, против воените трошоци и за здравствената заштита и образованието.

Италијанскиот генерален штрајк на 3 октомври, а воопшто и целиот Црвен септември 2025 година, се извор на огромна инспирација. Наша должност е да ги извлечеме сите потребни лекции и да ги генерализираме.

Лондон, 6 oктомври

https://marxist.com/italian-general-strike-a-dramatic-turn-in-the-world-situation.htm