Обединети против високите цени
Oригиналниот текст на српскохрватски прочитајте го овде.
Голем бојкот на продавниците беше успешно одржан во петокот низ Хрватска во знак на протест против новите најавени поскапувања во услови на веќе галопирачка инфлација. Бојкотот првенствено беше насочен кон големите трговски ланци, трговски центри и бензински пумпи, но влијаеше и на помалите синџири на намирници и пекари, кои исто така зјаеа празни. Лансиран од група на потрошувачи преку социјалните мрежи, каде што почна да се шири на почетокот на неделата, повикот да се прекине купувањето брзо доби поддршка од широки сегменти од населението. Ова е јасен показател за длабочината на економската криза во Хрватска и разочарувањето од владејачката класа. Интересно е што бојкотот оттогаш се прошири во Словенија, Македонија, Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора. Тоа укажува на поврзаноста меѓу нашите земји, но и на длабокото незадоволство од инфлацијата и владејачката класа во целиот регион.

Според сегашните статистики, Република Хрватска е земја со највисока стапка на инфлација во еврозоната и трета највисока стапка на инфлација во Европската унија по Унгарија и Романија. Дополнително, со децениската континуирана приватизација, деиндустријализацијата, грабежи и емиграција, земјата е значително зависна од увоз на храна и други производи бидејќи домашното земјоделство и индустријата се во голема мера уништени. На малопродажниот пазар апсолутен монопол имаат големите трговски синџири во сопственост на странски (Кауфланд, Лидл, Спар…) или домашни капиталисти и тајкуни (Конзум, Плодине…), кои често од народот се обвинети за картелизација, додека на пазарот на дистрибутери се наметнаа Орбико, Атлантик, Алка и други. Сите овие фактори со години ја принудуваат работничката класа, но и многу млади луѓе и пензионери, да го стегнат ременот.
Сосема очекувано, сопствениците на продавниците ги обвинуваат државните даноци и акцизите за поскапувањето, а како директна причина и оправдување за новото поскапување во продавниците ги наведуваат поскапувањата кај 50 дистрибутери во износ од 3-10 проценти; Така, на почетокот на оваа година се појавија вознемирувачки вести за претстојното поскапување на кафето, пилешкото, овошјето и зеленчукот, средствата за чистење итн. Иако не е спорно дека стоката од странски производители е многукратно поскапа во Хрватска отколку во нивните матични земји, малкумина веруваат во оправданоста на потезите на големите трговци, бидејќи тоа се истите луѓе кои преку своите медиуми хистерично се спротивставија на делумната забрана за работа во недела, најавувајќи отпуштања и колапс, што секако не се случи. Напротив, водечките трговски синџири имаат стабилни нето маржи во последните години и нема знаци за нивно затворање, ниту пак има бранови на отпуштања.
Од друга страна, капиталистичката влада на ХДЗ и Домовинскиот покрет се прави невина и најавува истрага за можни забранети договори меѓу дистрибутерите, ново замрзнување на цените на некои производи и засилена контрола над трговските синџири. Но, на работните луѓе им е преку глава од корумпираниот владејачки апарат кој отворено ги ограбува со децении преку даноци и арамиски афери. И без постојани корупциски скандали, даночниот систем во Хрватска е несомнено регресивен. Ова пред се се однесува на основниот државен данок – ДДВ – кој го плаќаат по стапка од 25 проценти сите жители, од буржуи и политичари до работници и пензионери. Дополнително, ДДВ за храна е поделен во 3 класи, со 5 проценти само за леб, млеко, јајца и слично, додека маслото, путерот, храната за бебиња итн. 13 отсто, а на месо и сувомеснати производи, готови оброци и сл. дури 25 проценти. Работничката класа треба да живее на леб и вода додека владејачката класа на бизнисмени и политичари ужива во луксузот што го стекна токму врз грбот на работничката класа? Сè повеќе работници си поставуваат слично прашање. За да се бори против инфлацијата, владата во 2023 година ги замрзна цените на некои производи (сончогледово масло, цело пиле, малку брашно, пилешки виршли, шпагети 500 гр, ориз 1 кг…), но лебот, кој постојано поскапува, не беше на тој список (впрочем, снаодливиот министер за економија ги советуваше луѓето сами да си го печат лебот), а на списокот нема многу намирници богати со витамини, туку храна со послаб квалитет.
Значи, јасно е дека одговорните за актуелната криза се наоѓаат на повеќе адреси. Во капиталистичкиот поредок, државата е инструмент на големите пазарни господари кои финансиски ги поддржуваат и насочуваат своите политичари. Главниот збор го има сојузот на крупниот капитал и државата, сојуз на паразити од приватниот и државниот сектор. Така е во Хрватска во сите економски сектори (банки, телекомуникации, платформи за такси и испорака…), а трговијата не е исклучок. Сојузот помеѓу власта и крупниот бизнис во Хрватска со години функционира прилично хармонично, но кога водата ќе стигне до грлото на населението, овие две фракции на паразити се расправаат и меѓусебно се обвинуваат во медиумите. Работничката класа не треба да бира страна во овој спор, туку треба да се обедини против двете фракции и да организира масовни протести во работно време пред зградата на Владата со барања за намалување и замрзнување на цените, укинување на ДДВ за храната и прогресивен данок на добивката на индустриите и банките.

Што се однесува до самиот бојкот, иако беше организиран од здружението на потрошувачи предводено од Јосип Келемен, мал претприемач и поранешен новинар на Глас Славоније во 1990-тите, одзивот на работничката класа е секако показател за незадоволството на работниците. Молекуларниот процес на револуционерната свест секогаш има свои точки, а бојкотот на производите може да биде показател за радикализација. Меѓутоа, треба да се биде свесен и за ограничувањата на бојкотот како метод на отпор. Со оглед на тоа што малопродажните синџири имаат монопол врз храната и другите намирници, населението нема да може да бојкотира долг временски период во континутет. Освен тоа, најсилните удари врз капиталот и државата не се задаваат со бојкот, туку со штрајкови. Борбата против сопствената капиталистичка класа е далеку посилен удар за системот од било каков бојкот. Да не заборавиме дека изворот на профитот лежи пред се` во експлоатацијата на трудот, а не во покачувањето на цените. Со зголемувањето на цените, капиталот генерално настојува да ги задржи своите профитни стапки, чиј извор лежи токму во експлоатацијата на трудот. Затоа, повикувањето на генерален штрајк додека не се исполнат сите барања е метод кој ги надминува сите бојкоти. Комбинацијата на штрајкови и протести сигурно доведува до парализа на секоја влада, но и ja оневозможува ситната буржоазија да го преземе кормилото во борбата против инфлацијата и кризата.
Конечно, актуелната инфлација во Хрватска е алка во синџирот на криза на светскиот пазар чиј дел е и Хрватска. Во атмосфера на општа неизвесност, сите актери и фракции на капиталот бегаат од одговорноста, а ниту една фракција на капиталот не сака да се откаже од своите профитни стапки и дел од колачот. Трговците се правдаат со владата и поскапувањето на дистрибутерите, дистрибутерите се правдаат со растот на цените на производителите и транспортот, производителите со цените на суровините и на крајот се` се оправдува со поскапувањето на енергенсите и прекините во синџирот на снабдување. И на крајот изгледа дека е создаден маѓепсан круг од кој нема излез, но во никој случај не е така. Капитализмот е начин на производство кој покрај експлоатацијата на трудот се заснова токму на пазарната конкуренција. Манифестации на пазарна конкуренција можат да бидат вооружени војни, но и трговски војни преку санкции и заштитни тарифи. Ние го доживувме ова сценарио сега, бидејќи живееме во време на зголемена конкуренција – војни, санкции и протекционизам од владејачките империјалистички сили – со истовремен пад на животниот стандард на работниците ширум светот. Затоа, во целата гужва на светскиот пазар, клучно е работничката класа да води сопствена класно независна политика и со тоа да ги избегне замките и демагогијата на сите табори на владејачката класа, без разлика дали се тие ориентирани кон слободен пазар или државен протекционизам.
Затоа, ако знаеме дека причината за кризата е самиот капиталистички систем, тогаш тоа значи дека постои излез од овој циклус: тоа е токму револуционерното рушење на паразитското владеење на капиталот и воспоставувањето на демократски планирано производство и дистрибуција во интерес на работните луѓе во сите земји во светот.
Овој бојкот не е сериозен удар за системот кој произведува кризи. Токму затоа, работничкото движење во Хрватска, но и пошироко во регионот, треба да ја искористи својата моќ за да го нападне режимот со штрајкови и протести.
Долу буржоаската влада, долу капитализмот!
Лука Ресановиќ