Специјално електронско издание на Нова искра „Избори 2020“

Со задоволство ви го претставуваме специјалното издание од списанието Нова Искра, македонско гласило на Марксистичката организација Црвени, југословенска организација на работници и студенти која има свои филијали во Србија, БиХ и Македонија. Нова Искра е списание за марксистичка теорија и практика, кое дава анализа на општествените случувања низ призмата на класната борба.

Првата електронска едиција на ова списание ја посветуваме на престојните избори во Македонија кои треба да се случат на 15 јули. Се решивме на електронска форма поради растечката закана од коронавирусот по здравјето, имајќи го во предвид развојот на состојбите.

Овие избори се специфични поради тоа што се случуваат во ек на пандемијата од КОВИД-19 и на еден доста јасен начин ни` ги отсликуваат позициите на двата најголеми политички кампови во државата (СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ). СДСМ успеа да се избори за што е можно побрзи избори, не
водејќи грижа за здравствените последици, бидејќи се длабоко свесни дека на есен ќе се почувствуваат економските последици од кризата и во согласност со своите класни преференци, СДСМ ќе се обиде товарот на кризата да го префрли на грбот на работниците и сиромашните. Од друга страна, ВМРО – ДПМНЕ глумејќи грижа за здрвајето на граѓаните, бараше изборите да бидат што е можно подоцна,
со цел да капитализираат од големото социјално незадоволство кое ќе се разбуди после економските последици од кризата, како би се вратиле на власт. Се подразбира тоа дека ВМРО-ДПМНЕ нема решение за ниеден горлив проблем на обичниот работник, бидејќи интересите кои тие ги бранат се интереси на капиталистичката класа. Во ваква ситуација, се појавуваат повеќе помали играчи на
политичката сцена, кои сакаат да се прикажат себеси како „трета опција“, „трет пат“ со желба да го разбијат монополот на политичката сцена. Веќе видено сценарио со познат крај.

Ставот на марксистите е јасен: ние сметаме дека сите учесници на овие избори ги штитат капиталистичките интереси и не постои партија/коалиција која ги застапува интересите и потребите на работничката класа. Нашиот повик за негласање не смее да се сфати како повик за рамнодушност и летаргија, баш напротив! Ние учествуваме во градење на силите на марксизмот и социјалистичката левица во Македонија и пошироко, како работничката класа би добила свое оружје за политичка борба!

Во текстовите кои следат, ќе анализираме како се развиваше либералната демократија и т.н. плурализам кај нас последните 30 годинии како се создаваше владејачката елита. Потоа ќе видиме зошто овие избори не ни се потребни и зошто буржоаската демократија е измама за работните луѓе, отуѓена од нивните секојдневни животни потреби. За крај, ќе нагласиме зошто ни е неопходна работничка партија со социјалистичка програма за темелна преобразба на општеството во корист на работничкото мнозинство!