Македонија

Македонските локални избори 2025 – легитимитет во слободен пад

На 19 октомври 2025 година се одржаа осмите по ред локални избори по осамостојувањето на државата. Овие избори, како и сите останати, небитно дали се локални, парламентарни, претседателски, беа прогласувани за „историски“ „референдумски“ и им беа припишувани секакви натприродни епитети. Стана практика за политичките претставници на владејачката класа да се расфрлаат со големи наративи, во отсуство на суштински политики кои ќе го подобрат животот на мнозинството. Но сепак, овие избори се важни од друг аспект и покажаа некои важни работи. Да одиме со ред.

За време на подготовките за овие избори, стана јасна нивната фарсична природа. Имено, во август 2025 година, Собранието на Република Северна Македонија не успеа да усвои измени на изборниот законик коишто ќе ја регулираат постапката и начинот за учество на независните кандидати на локалните избори. Претходно, во месец мај 2025 година, Уставниот суд ги укина одредбите од изборниот законик со кој се отежнуваше учеството на независните кандидати, кои предвидуваа собирање на најмалку еден процент потписи од вкупниот број на запишани избирачи во општината, односно во Градот Скопје, со што ефективно се подигнуваше бројот на потребни потписи (во некои општини и за 4 до 5 пати). Големите политички партии (пред сѐ ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ) се послужија со секакви маневри да ги минираат независните кандидати. На крајот, поради немање на Бадентерово мнозинство Собранието не ги усвои измените и Државната изборна комисија донесе упатство со кое се овозможуваше учество на независните кандидати со само 2 (два) собрани потписи со цел да се пополни правниот вакуум! Треба да имаме предвид дека ова соломонско решение не создаде ситуација на инфлација на кандидатски листи. И покрај „стравот“ дека ќе имаме гласачки ливчиња долги по неколку метри, не дојде до значително зголемување на бројот на независни листи (68 независни листи на овие избори во 2025, наспроти 57 на изборите во 2021 година).

Треба да се знае дека за време на кампањата главниот град се соочуваше (и сѐ уште се соочува) со еколошка катастрофа и во предвечерието на кампањата беснееа пожари во Вардариште и Дрисла. Стана секојдневна глетката на преполни контејнери во срцето на градот и стаорци што се шетаат по улиците во централното градско подрачје. Сето ова е резултат, за жал, на политички интриги и препукувања во рамки на владејачките елити во чија позадина стојат бизнис интереси, а како и секогаш на крајот фактурата ја плаќаат граѓаните на главниот град. 

Самата кампања на локалните избори беше приказна сама за себе. Во центарот на дебатата беа големи национални наративи и теми, речиси без никаков сериозен пристап кон горливите локални проблеми. Црната кампања беше очекуван декор и покрај фразите на актерите за мирни избори. Премиерот Мицкоски постојано ширеше конспиративна атмосфера, зборувајќи за „тајните коалиции на СДСМ-ДУИ-ЛЕВИЦА“ кои ќе го „кочат напредокот“ и ќе го „бранат криминалот од минатото“. ДУИ зборуваше за „албански референдум“ и „албанско обединување“ против „вазалите и загарите на ВМРО“. Генерално земено, поголемиот дел од кампањата беше крајно безидејен, исполнет со празни фрази и флоскули, како и неостварливи ветувања.

Впечатлива беше и глетката на партиските собири и митинзи во кампањата. Беше видливо дека бројноста на присутните на овие партиски собири е драстично опадната, особено ако споредиме со еуфоријата и атмосферата која ја имаше до пред помалку од десет години. Реалниот мобилизациски потенцијал кај големите партиски структури е опаднат, што говори во прилог на одредена поларизација на свеста помеѓу населението и опаѓачка доверба во мејнстрим политиката и институциите. Илустративно, во ек на кампањата, во Скопје се одржа протест за солидарност со палестинскиот народ, кој успеа да собере повеќе луѓе од многу партиски собири во големите урбани средини, на тема која не е на ниеден начин поврзана со фарсата наречена локални избори.

Што ни говорат податоците за излезноста на овие локални избори?

Излезноста на изборите е околу 48% или во апсолутна бројка 885 000 гласачи. Ова е првпат во историјата на локалните избори, излезноста да биде помала од 50% во првиот круг, што е момент кој мора да се забележи и одлично се надоврзува на тезата за легитимитет во слободен пад. Колку за споредба, на претходните локални избори во 2021 година излезноста беше над 52% или во апсолутна бројка 930 000 гласачи. Значи од претходните локални избори до овие, бројот на луѓе кои гласале се намалил за 45.000! Излезноста е во слободен пад од локалните избори во 2013 година (67%), 2017 година (60%). Уште еден многу важен момент е бројот на неважечки ливчиња, што е уште еден индикатор за широко распространетото незадоволство. На овие избори во првиот круг имаше 53 илјади неважечки ливчиња. За споредба, на локалните избори во 2021 година на поголема излезност, бројот на неважечки ливчиња изнесуваше 37 илјади! Колку за илустрација, бројот на неважечки ливчиња е поголем од вкупниот број на гласови кои на изборите ги освои политичката партија ЗНАМ и приближно ист како бројот на гласови кои ги освои политичката партија Левица. Ова несомнено претставува пораз за целата мејнстрим буржоаска политичка сцена и за системот што 35 години наназад го градат.

Што значат резултатите?

Сосем очекувано и предвидливо, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за градоначалничките фотелји освои 33 мандати во прв круг и оди во уште 26 општини во втор круг. Коалицијата предводена од СДСМ освои 3 мандати во прв круг и оди во уште 17 општини во втор круг. Коалицијата ВЛЕН победи во 5 општини и оди во втор круг во уште 6 општини. Коалицијата предводена од ДУИ победи во 3 општини и оди во втор круг во уште 5 општини. ЗНАМ не доби општина во прв круг, а оди во 2 општини во втор круг. Левица не доби општина во прв круг, оди во град Скопје во вториот круг. Во 4 општини изборниот процес ќе се повтори поради немање на цензус (законски пропишан на една третина од избирачите во првиот круг).

По број на гласови за советници, ВМРО-ДПМНЕ освои 300 илјади (550 мандати), СДСМ 125 илјади (230 мандати), НАИ 114 илјади (206 мандати), ВРЕДИ 92 илјади (130 мандати), Левица 57 илјади (66 мандати), ЗНАМ 38 илјади (44 мандати), Искуство за успех (ЛДП, ГРОМ) 13 000 (13 мандати). Да ги ставиме овие бројки во некаков контекст. Владејачката ВМРО-ДПМНЕ триумфалистички настапи по однос на својот резултат, кој за волја на вистината е благо подобрен од претходните локални избори (290.000 гласови) и извесно е дека ќе освои околу 50 градоначалници (беа 42 на минатите избори). Но, треба да се напомене дека пред година и половина на парламентарните избори, ВМРО-ДПМНЕ освои 430 илјади гласови и успеа да изгуби 130 илјади гласови за краток временски период. На претходните локални избори настапија како опозициска партија, а сега се веќе година и половина централна власт со стабилно мнозинство и со сите полуги и ресурси во свои раце. Иако споредбата локални со парламентарни избори може да изгледа како несоодветна, сепак треба да се потсетиме дека премиерот Мицкоски на една недела пред изборите најавуваше дека бројот на гласови на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде околу 400.000 со очекуван „природен пад“ од 30.000-40.000 гласови во однос на парламентарните избори (тој природен пад е некое непишано правило за големите партиски структури од парламентарни на локални избори, имајќи предвид дека на локални избори има повеќе независни кандидати и помали партии кои учествуваат). Ова е дефинитвно шлаканица за власта, која во вакви околности тешко дека би размислувала за предвремени парламентарни избори.

СДСМ има драматичен пад во споредба со претходните локални избори со изгубени над 110 илјади гласови (237.000 гласови во 2021 година). Ова изборно фијаско не беше никакво изненадување, бидејќи СДСМ го доживеа својот пад на парламентарните избори во 2024 година и овој резултат на локалните е само потврда дека таа партија се наоѓа на граница на својот „биолошки минимум“. Голема е веројатноста бројот на освоени градоначалници да биде едноцифрен и по вториот круг, каде од побитните општини единствено реални шанси за победа имаат во општина Центар.

Политичката партија Левица, и покрај триумфализмот на нејзиното раководство освои 57.000 гласови на овие избори, споредбено со 50.000 на локалните избори во 2021 година. Ако знаеме дека на претходните избори учествуваа со 37 листи, а на овие избори со 53 листи, ова по сите дефиниции е стагнација. Она што го „обели образот“ на оваа партија е кампањата на Амар Мециновиќ во Скопје каде тој успеа да искомуницира со одреден слој на гласачи и благодарение на катастрофата на социјалдемократите влезе во втор круг. Левица е моментално втора партија по поддршка на територија на град Скопје. Ова секако може да има ефект кој во иднина ќе се прелее и на помалите места, каде резултатот на Левица „не е баш очекуваниот“ според зборовите на Мециновиќ. Она што ќе биде дефинитивно интересно е каков ќе биде во иднина развојот на настаните во самата партија, бидејќи Мециновиќ почнува да го засенува лидерот Апасиев и со својот настап добива повеќе симпатии отколку останатите од раководството.

Во т.н. „албански блок“ резултатите се комплицирани и изедначени. Сосема е извесно дека ВЛЕН ќе освои повеќе градоначалници од НАИ, а НАИ освои повеќе советнички места. Иако е тешко да се прогласи победник, ова во секој случај е пораз за ДУИ и Али Ахмети и нивната идеја за „сеалбански референдум“. За првпат по 23 години, ставот на сега опозициската ДУИ помеѓу Албанците е нарушена и тој тренд ќе продолжи со губењето на општините.

Независните советнички листи имаат благ пад во споредба со претходните избори (64 советници во 2021 година, 51 советник во 2025 година). И покрај нивната искреност и симпатичен аутсајдерски статус, сепак е видливо отсуство на долгорочна политичка стратегија и реална моќ во раководењето со општините, ако знаеме дека независните листи никаде немаат мнозинство. Сепак, можат да бидат клучниот фактор на кој некоја од поголемите партии ќе мора да смета за мнозинство во „шареноликите“ совети.

Што понатаму?

Од сѐ досега кажано, можеме да извлечеме заклучок дека овие избори имаат пирови победници, а најголемиот губитник е целиот буржоаско-демократски поредок и неговите делегитимирани институции. Многу слоеви на населението (особено младите) имаат чувство дека овој систем не ги претставува и истите се традиционално апстиненти од изборните процеси. 

Ние не живееме на изолиран остров туку сме дел од глобалните процеси. Почнувајќи од Србија, продолжувајќи со Италија, Франција, Шпанија па сѐ до Шри Ланка, Непал, Мадагаскар, насекаде низ светот улиците и плоштадите се главно поле за политичка артикулација на младината и работничката класа. Живееме во крајно нестабилен период од историјата каде системот е делегитимиран речиси во секое ќоше на планетата. 

Нашата „тивка млада генерација“ не е аполитична туку е огорчена од овој систем и немањето никаква перспектива за достоинствен живот. Во минатото сме сведочеле на масовни мобилизации кај нас. Прашање на време е кога ќе се роди нова искра што ќе го распламти пожарот на класната борба и повторно ќе ги воведи масите на историска сцена.

Дејан Лутовски

29 октомври, 2025 година