Интернационала

Значењето на подемот на Кина

Кина се издигна како водечка индустриска сила во светот. Нема поминува ден без вести за нови технолошки пробиви направени во Кина. Оваа земја, која пред само две децении сè уште беше заглавена во заостанатост, сега е во титанско ривалство со САД, при што успешно се држи. Во меѓувреме, американскиот империјализам – најсилната сила на планетата – е во ќорсокак, заплеткан во мрежа од противречности. Ова ривалство ја претставува главната оска околу која денес се врти светската состојба. Како успеа кинеската економија да го постигне ова? И што значи тоа за кризата на светскиот капитализам?

Недвосмислен подем

Во светска економија обележана со стагнација, растот на БДП на Кина во последно време се движи околу пет проценти – значителна експанзија во апсолутна смисла за економија што сега е трипати поголема од онаа на Јапонија. Уште поважно, оваа стапка далеку ги надминува старите империјалистички сили: САД растат со 2,8 проценти, додека ЕУ стагнира со само 0,1 процент, а нејзината индустрија е во опаѓање. За разлика од многу од старите империјалистички сили чии индустрии ослабеа и пропаднаа во корист на финансискиот капитал, индустрискиот сектор на Кина останува енергичен и веќе доминира на светско ниво. Според The Economist, Кина e сама одговорна за 30 проценти од светското производство – повеќе од САД, Германија, Јапонија и Јужна Кореја заедно. Нема знаци на запирање, бидејќи вредноста на индустриското производство со додадена вредност – новата вредност создадена од индустријата – продолжува да расте околу пет до шест проценти годишно.

Поминаа деновите кога Кина произведуваше само нискоквалитетна облека, играчки и секојдневни додатоци. Слика:Џаксер, Викимедиа Комон

Исто така е важно да се знае што навистина произведува Кина. Замина времето кога ознаката „Made in China“ значеше евтини производи со слаб квалитет. Сега тие зборови се поврзуваат со најнапредните технолошки производи во светот. Од 2020 година, Кина доминира во светското производство на компјутери и електроника, хемикалии, машини и опрема, моторни возила, основни и обработени метали, како и електрична опрема.

Понатаму, Кина стана сила во областа на истражување и иновации. Денес, седум од десетте најдобри истражувачки институции во светот, според Нејчер Индекс, се кинески. Таа доминира во областа на роботиката и по бројот на поднесени патенти (две третини од нив се од Кина) и по бројот на инсталирани роботи, повеќе од сите други земји заедно. „Темните фабрики“, речиси целосно роботизирани погони кои вработуваат толку малку работници што не им се потребни светла, веќе се применуваат во многу индустриски области.

Дури и во секторите каде што се соочува со тесни грла во технолошкиот напредок поради американско подривање – како индустријата за полупроводници – самодоволноста на Кина брзо напредува. Обидите на САД да ја блокираат Кина од најнапредните технологии во ова поле, всушност само ја поттикнаа кинеската развојна стратегија за создавање врвни алтернативи во производството на напредни микрочипови.

Додека повеќето од овие иновации засега се применети во производи за широка потрошувачка, нивната воена примена следи брзо потоа. Да споменеме само неколку: Кина веќе разви дронови што можат и да пливаат под вода и да летаат во воздух, големи подводни дронови и дронови на млазен погон што можат да овозможат секој воен брод да функционира како носач на авиони. Сите овие изуми ги понижуваат и ужаснуваат западните конкуренти на Кина.

Сликата е сосема јасна: Кина се развива со огромна брзина и размер што ја предизвикува доминацијата на САД во многу сфери. Таа одамна се ослободи од зависноста од странски инвестиции и производство со ниска додадена вредност и стана моќна империјалистичка земја. Како беше постигнато тоа? И дали овој развој може да продолжи без противречности?

„Привилегии на заостанатоста“

Клучниот материјален фактор што го објаснува неверојатниот напредок на Кина лежи во нејзината почетна позиција. Додека постарите капиталистички земји го носат товарот на години наталожени противречности, неефикасности, долгови и други проблеми поврзани со производните сили, Кина беше заостаната земја (иако со важна индустриска основа) во споредба со Западот кога се приклучи на светскиот капиталистички пазар. Високотехнолошката индустрија практично не постоеше и можеше да се изгради од нула. Сепак, Кина не мораше да ја развива индустријата од нула. Од самиот почеток, таа можеше да ги примени најсовремените технологии достапни од целиот свет. Ова беше дел од нерамномерниот и комбиниран развој на капитализмот како светски систем – појава што Троцки одамна ја забележа во Русија:

„Привилегијата на историската заостанатост – а таква привилегија постои – дозволува, или подобро речено, присилува на усвојување на сè што е веќе подготвено пред некој даден момент, прескокнувајќи цела низа од средни фази. Дивјаците ги отфрлуваат лакот и стрелата и веднаш земаат пушки, без да го минат патот што порано ги делел тие две оружја. Европските колонисти во Америка не ја почнаа историјата одново. Фактот што Германија и САД економски ја надминаа Англија беше овозможен токму поради заостанатоста на нивниот капиталистички развој. Од друга страна, конзервативната анархија во британската индустрија за јаглен – како и во главите на Макдоналд и неговите пријатели – е наплата за минатото, кога Англија премногу долго ја играше улогата на капиталистички пионер. Развојот на историски заостанатите нации нужно води кон особен спој на различни етапи во историскиот процес. Нивниот развој, како целина, добива неплански, сложен, комбиниран карактер.“

Шенжен, кој денес е трет по големина град во Кина, е најјасниот пример за оваа трансформација. Во 1980 година, тоа беше малечко рибарско село со околу 30 000 жители. Кога беше прогласен за прва „специјална економска зона“ – чекор кон реставрација на капитализмот – тој брзо порасна и до средината на 1990-тите стана центар за телекомуникациска опрема, а до почетокот на 2000-тите веќе беше „фабричка хала на светот“, произведувајќи мобилни телефони за западните брендови.

Со внимателна државна интервенција, Шенжен привлече огромни инвестиции и квалификувана работна сила, што му овозможи да премине во индустрии со висока технологија. / Слика: Динкун Чен, Викимедија Комонс

Со намерна интервенција на државата, Шенжен успеа да привлече масовни инвестиции и вешт кадар, што му овозможи брзо да се надгради во индустрии со повисока додадена вредност. Денес, тој е славен како „Силициумската долина на Кина“. Сето ова се случи во само четири децении. Постои изобилство на примери каде Кина ја искористи „привилегијата на заостанатоста“, позната и како „предност на доцнењето“. На пример, вселенската станица Тјангунг, независно управувана од Кина и една од само две оперативни станици во орбитата денес, беше изградена користејќи ги најновите истражувања и искуства од американските и руските вселенски програми. Сличен напредок се гледа и во кинеската информатичка и комуникациска технологија, брзите железници и преработката на ретки земјени минерали, меѓу другите сектори.

Кина целосно ја препозна и ја искористи оваа предност. Како што отворено објасни Фан Ганг (樊纲), претседател на државниот Институт за развој на Кина:

„Секоја година земјата троши повеќе од 30 милијарди долари за купување интелектуална сопственост или лиценци и права; и ненаситно учи и имитира непатентирано знаење. Како доцна развиена земја, таа може да пристапи до тоа знаење побрзо и поевтино. А нема срам во имитирање.“

Но, таквите „привилегии на заостанатоста“ сами по себе не можат целосно да го објаснат континуираниот успех на Кина. Постојат многу земји во светот кои остануваат заробени во заостанатост и не можат да излезат од неа. Друг клучен фактор што ѝ овозможи на Кина да го направи тоа лежи во улогата на државата под раководство на ККП (Кинеската Комунистичка Партија).

Улогата на бонапартистичката држава

Кина е управувана од еднопартиска диктатура под раководство на Кинеската комунистичка партија (ККП). Иако државата го одржува капитализмот и ја потиснува работничката класа, таа истовремено силно интервенира на пазарот, држејќи ја буржоазијата под контрола и принудувајќи ја да ги следи нејзините директиви за тоа како да се однесува и каде да го инвестира својот капитал. Партиско-државниот апарат контролира неколку клучни механизми на економијата. За разлика од повеќето капиталистички земји, монетарната и фискалната политика на централната банка се управувани директно од партијата. Државата исто така поседува мнозински удел во најголемите комерцијални банки во земјата – четири од нив најголеми во светот – што овозможува нивниот капитал да се насочува во согласност со државната политика, а не според краткорочните интереси на акционерите. Покрај тоа, државата поставува развојни цели за економијата и ја принудува приватната буржоазија (капиталистите кои поседуваат претпријатија што не се државни) да се придржува до нив, преку субвенции или регулативи.

Капиталистите чии постапки го загрозуваат системскиот стабилитет се брзо казнети. На пример, кога извршниот директор на Алибаба, Џек Ма, се обиде да го лансира ризичниот финансиски проект Ент Груп – кој собра неверојатни 34 милијарди долари од инвеститори – државата интервенираше, го запре проектот и го принуди Ма привремено да се повлече од јавност. Властите проценија дека Ент Груп покажува многу од истите опасни карактеристики што ги имаа западните финансиски фирми кои предизвикаа кризи како онаа во 2008 година. Покрај тоа, Ма стануваше симбол на огромната нееднаквост во кинеското општество. Државата реши да реагира рано, пред проблемот да се прошири.

Однесувањето на самиот Џек Ма исто така ја натера ККП да дејствува. Кога Ент Груп требаше да се лансира, Ма јавно се пожали дека финансискиот сектор бил премногу регулиран. Со оглед на неговата слава и богатство, таквиот јавен настап претставуваше отворен предизвик за авторитетот на ККП, нешто што не можеше да остане неказнето, иако тој беше член на партијата. Дополнително, ККП се здоби со популарност меѓу народот, бидејќи Ма веќе беше мразен од мнозинството како арогантен и бесрамен богаташ.

Кога извршниот директор на Алибаба Џек Ма се обиде да го лансира проектот Ент Груп, државата интервенираше, го запре проектот и го натера привремено да исчезне од јавноста. / Слика: Светска Трговска Организација, Викимедија Комон
Photos from the “Enabling E-commerce” Launch event photo gallery may be reproduced provided attribution is given to the WTO and the WTO is informed. Photos: © WTO/ Cuika Foto

Оваа дисциплинска мерка против еден поединечен капиталист не беше изолиран случај. Истата година кога Ма беше скротен, ККП изрече казни на низа кинески компании во вредност од стотици милиони долари, што влијаеше на цените на акциите и на инвеститорите им нанесе загуби од над 1 билион долари. Во 2024 година, според државниот медиум Глобал Тајмс, вкупниот износ на изречените казни се искачи на 1,52 милијарди долари. Дополнително, капиталистите кои прогласија банкрот беа ставени на „црна листа“ со што им беше забранет пристап до идни кредити и луксузни трошоци.

На Запад, каде што политичарите се во џебот на богатите, буржоазијата вообичаено владее над државата, таканареченото „владеење на правото“ е формално почитувано, а капиталистите немаат причина да се плашат дека ќе бидат казнети или лишени од имот. Дури и кога ќе го критикуваат владејачкиот апарат, нивниот капитал останува безбеден – всушност, често се случува политичарите да мораат да се покорат пред волјата на капиталистичката класа. Споредбата меѓу Илон Маск и Џек Ма е многу поучна. И двајцата се мегаломански технолошки милијардери со незапирлива потреба да ги споделуваат своите мислења со светот. Но исходите со кои се соочуваат се сосема различни: Маск може да купува политичко влијание, да се судри со американски претседател и сепак да го задржи своето богатство и државните договори, додека Ма беше тргнат на страна со години и лишен од значителен дел од својата бизнис империја од страна на ККП.

Покрај строгите казни, државата на КПК користи и метод на „морков и стап“ да го насочи пазарот во одреден правец. На секторите што државата ги фаворизира им се доделуваат масовни субвенции, даночни олеснувања и други стимули, често преку јавно-приватни партнерства со регионалните власти. Партијата исто така распоредува свои кадри во приватните компании, особено оние што ги смета за „лидери во индустријата“, да се осигура дека нивното работење е во  согласност со државната политика. На овој начин државата исто така се осигура дека ќе има помал прилив на капитал во ризични и непроизводни сектори, особено во финансискиот сектор. Додека на Запад милијарди долари се трошат на откуп на акции или на криптовалутни шпекулации, Кина уште во 2017 година воведе забрана за домашно копање и тргување со криптовалути, иако тогаш беше најголемиот пазар за нив во светот. Релативната независност на кинеската држава од непосредните интереси на буржоазијата ѝ дава и повеќе можности за ублажување на потенцијални кризи. Така беше и со кризата на Евергранд, кога државата интервенираше да спречи нејзиниот колапс да предизвика домино ефект врз целата економија. Откако јавноста откри дека Евергранд не може да ги плати своите долгови, државата веднаш формираше таен комитет за средување на кризата. Државни и неколку приватни компании беа мобилизирани да преземат делови од долгот и да ги завршат недовршените градежни проекти, додека средствата на нејзиниот директор Хуи Кајан во вредност од стотици милиони долари беа замрзнати. На овој начин, иако проблемот сè уште трае и пазарот на недвижности врши притисок врз економијата, беше спречен целосен колапс. За споредба, кога Леман Брадерс западна во криза по години на ризични потфати, американската влада не успеа да го спречи нејзиниот колапс, што го урна глобалниот финансиски систем. И покрај тоа, Федералните резерви на САД сепак мораа да издвојат милијарди за спас на други компании, додека извршниот директор на Леман Брадерс задржа стотици милиони долари како плати и бонуси.

Кинеската држава исто така презеде мерки да го пренасочи капиталот од секторот на недвижности кон производство, што според неа може да ја направи економијата поотпорна на ризици. Но дисциплинирањето на буржоазијата е само еден дел од приказната. Кинеската држава е пред сè насочена кон потиснување на работничката класа. Таа никогаш не им даде на масите вистински демократски права, а во последните години го засили надзорот и контролата. Цензурата на интернет е постојана и постојано се подобрува преку нови технологии за надзор. Секако, секој обид за создавање синдикати надвор од државните структури се уништува безмилосно. Бидејќи нема вистински работнички организации, можат да се спроведат без отпор проекти како темните фабрики, во кои го заменуваат човечкиот труд со роботи.

Меѓутоа државата исто така ја држи и другата страна од класната поделба под контрола со цел да ја одржи стабилноста на системот. Понекогаш државата се вмешува во спорови на работниците со нивните шефови на страната на работниците, кога тоа е потребно да се спречи ширење на немир. Државата неодамна вршеше притисок за зголемување на минималната плата, делумно да се поттикне домашното трошење и да се спротивстави на дефлацијата, но и да го ублажи класниот гнев.

ККП можеше да го постигне сето ова затоа што пред реставрацијата на капитализмот, Кина веќе беше моќна, сеприсутна полициска држава. Фактот дека ККП, за разлика од нејзиниот еквивалент во Советскиот Сојуз, цврсто ја контролираше реставрацијата на капитализмот, значеше дека државата ја задржа својата моќна позиција во кинеското општество, додека во Советскиот Сојуз таа се распадна. Во текот на трансформацијата на Кина од планска економија во економија управувана од пазарот, профитот и приватната сопственост, ККП ги задржа главните лостови на економијата, особено банките и одредени стратешки индустрии, под државна контрола. Странските инвестиции се добредојдени, но им е ограничен пристапот до целосно сопствеништво над претпријатија.

Кинеската држава е пред сè насочена кон потиснување на работничката класа. / Слика: Фумико, Викимедија Комонс

Од една страна, државната бирократија не сака нејзината моќ да биде загрозена од странските империјалисти или домашната буржоазија. Од друга страна, мора да ја потисне работничката класа во служба на капитализмот како целина, и затоа нема интерес да ѝ дозволи права на буржоаска демократија на работничката класа, како на пример правото на формирање независни синдикати. Бирократијата на ККП постојано мора да балансира помеѓу буржоазијата и работничката класа – состојба што марксистите ја нарекуваат „бонапартизам“, кога државата се издигнува над класите и владее преку полициски методи – да го зачува системот во целост. Меѓутоа бонапартизмот на кинеската држава има специфични причини и карактеристики. Дефиниција на Маркс за бонапартизам се однесуваше на земји каде класната борба е во ќорсокак. Потоа се појавува „моќник“ кој ветува враќање на редот преку засилување на репресивните моќи на државата, но преку ова исто така добива голем степен на независност од владејачката класа, иако обновата на редот е во нивен интерес.

Денешниот бонапартистички режим во Кина не произлезе од таков ќорсокак во класната борба туку од бирократија која ги присвои придобивките од поранешната планска економија и потоа го реставрираше капитализмот, базирајќи ги своите привилегии и интереси врз капитализмот. Ова не можеше да се спроведе во Кина без континуирана политичка репресија на работниците. Истовремено создаде слој на капиталисти кои се длабоко зависни од државата. Присуството на ваква бонапартистичка држава, способна силно да интервенира на пазарот и да го дисциплинира однесувањето на капиталистичката класа, заедно со „младоста“ на кинеската економија, ѝ даде значителна конкурентска предност на Кина во однос на своите западни ривали.

„Духот на Аполо“

Со своето влијание во општеството, државата под водство на Комунистичката партија на Кина може да предводи истражувачки и развојни проекти на национално ниво, координирајќи ги напорите со забележителна брзина – иронично, на начин кој не е многу различен од начинот на кој Соединетите Американски Држави ја организираа својата офанзива за време на трката за вселената.

Централизираната државна интервенција е далеку посупериорна од слободниот пазар во развој на технолошки иновации/ Слика: КоблСиСи, Викимедиа Комонс

Како што забележува професорот Бруно Серџи на универзитетот Харвард, во списанието The Diplomat, клучниот фактор зад успехот на НАСА во проектот „Аполо“ не беше слободната пазарна конкуренција, туку централизираното државно раководство. НАСА надгледуваше ефикасен процес на истражување, развој, производство и имплементација, при што приватните компании во голема мера беа потчинети на државната управа. Во трката за вештачка интелигенција, Кина прави нешто слично. Како што објаснува Серџи:

„Откако Државниот совет во 2017 година усвои „Нов генерациски план за развивање на вештачка интелегенција“, Пекинг постави јасни цели за лидерство до 2030 година, поткрепени со големи инвестиции во истражувачки институти, универзитетски програми и индустриски паркови. Кинеските универзитети се тесно поврзани со применетото истражување и развој, регистрираат патенти и соработуваат со технолошки гиганти како Бајду, Алибаба, Тенсент и Хуавеј за комерцијализација на иновации. Кина може да распореди обемни капацитети, дата-центри и поедноставени процеси на одобрување со брзина на која би ѝ завидел секој западен стандард.“

„Кина се заштитува од потенцијални тесни грла, бранејќи се од американските извозни контроли на напредни полупроводници преку забрзување на домашното производство на чипови. Хуавеј го предводи производството на нови чипови за вештачка интелигенција и Асенд процесори, со планови за посебно производство и проширување, главно преку СМИЦ. Алибаба и Бајду развиваат домашни акцелератори за вештачка интелигенција со цел да ја намалат зависноста од увоз.“

Но истиот дух на координирано државно насочување оди многу подалеку од вештачката интелигенција. Со иницијативата „Made in China 2025“, првпат претставена во 2015 година, кинеската држава идентификуваше технолошки сектори во кои треба да направи решителни инвестиции и да координира напори да ја унапреди технолошката конкурентност и независност на кинеската индустрија. До 2024 година, над 86 проценти од целите на Made in China 2025 беа исполнети, што се одразува преку достигнувањата што ги спомнавме погоре.

Сето ова нагласува една основна поента: спротивно на убедувањата на „евангелистите“ на слободниот пазар, имајќи ја во предвид огромната поделба на трудот што е потребна за унапредување на производните сили денес и размерите на задачите, централизираното државно интервенирање е далеку посупериорно од слободниот пазар во поттикнување на технолошките иновации. Комунистичката партија на Кина сега ја користи оваа способност во развојот на вештачката интелигенција да ги унапреди своите интереси како капиталистичка светска сила, натпреварувајќи се рамноправно со Западот – и правејќи неоспорно брз напредок.

Дали е ова планска економија?

Јасно е дека кинеската држава денес е способна да поставува конкретни економски цели и да ја насочува економијата кон нивно исполнување. Очигледно е дека во тоа е вклучен одреден степен на планирање. Со оглед на овој факт, во комбинација со фактот дека владејачката партија сè уште номинално е Комунистичка партија, која го карактеризира економскиот систем на Кина не како „капитализам“, туку како „социјализам со кинески карактеристики“, може да се постави прашањето: дали Кина денес е планска економија?

Во една национализирана планска економија, она што ја поттикнува економската активност не би било истото што го прави тоа под капитализмот. Клучните индустриски сектори би биле национализирани, а производството би било организирано според конкретен план кој директно ги задоволува потребите на општеството во целина, наместо да се стреми кон профит. Поради тоа, веќе не би постоел анархичен пазар со неговите кризи на прекумерно производство и циклуси на подеми и падови. Се разбира, здравата планска економија мора да се контролира од работниците со цел расипништвото, лошото управување и корупцијата да не фатат корен.

Во минатото, Кина навистина имаше национализирана планска економија, иако без демократски елементи за работничката класа и под диктат на бирократијата. Таа постигна огромни резултати за Кина – ја ослободи од империјалистичка доминација и заостанатост, и ја воведе во модерната ера. Во децениите што следеа, многу од карактеристиките на поранешната планска економија беа уништени од самата Комунистичка партија на Кина. Загарантираната вработеност, домувањето и социјалната заштита денес се далечни спомени. Иако траги од тој систем сè уште постојат – како што е државната сопственост над неколку важни економски гранки – сè во Кина, вклучително и државните претпријатија, главно функционира во потрага по профит и пазарен удел, а не да ги задоволи општествените потреби.

Индустриските планови како Made in China 2025, се планови насочени кон тоа кинеските производи да ги надминат капиталистичките претпријатија од другите земји на светскиот пазар. Тоа е суштината: и покрај силната државна интервенција, токму притисоците на пазарот и профитабилноста – двата основни столба на капиталистичката економија – во крајна линија го определуваат начинот на кој функционира економијата. Иако државата може да ја насочува економијата кон своите цели преку стимулирање и дисциплинирање на капиталистите, па дури и преку директен развој на одредени технологии, пазарната економија постојано ги поткопува или менува резултатите кон кои државата се стреми. Ова обично се изразува преку масовно прекумерно производство и последователна дефлација, како резултат на налетот на инвестиции во секторите кои државата ги фаворизира.

Овие појави се толку распространети што дури се појави и посебен термин за нив – „инволуција“ – кој го споменува и самиот Си Џинпинг. Тоа се однесува на непосакуваниот ефект на прекумерна конкуренција во привилегираните сектори, при што станува исклучително тешко дури и само да се задржи профитабилноста и чекор со конкурентите. Толку многу капитал се влeва во тие сектори што дури и високо продуктивните компании не можат да освојат пазарен удел, бидејќи нивните ривали го прават истото. Резултатот се ценовни војни, долги работни часови и прекумерно производство. Оваа тенденција дополнително ќе се влоши со неодамнешниот кинески напор за постигнување водечка позиција во светот во технолошкиот развој.

Државните политики и субвенции изминатите години создадоа неколку брендови на електрични возила со огромни производствени капацитети, што доведе до презаситеност на електрични автомобили на пазарот/ Слика: ЕЕЈАУТ Ваихунг, Викимедиа Комонс

Најочигледен пример за тоа е масовното производство на електрични автомобили. Државните политики и субвенции во последните години брзо поттикнаа развој на неколку брендови на електрични автомобили со огромен производствен капацитет, што доведе до заситеност на пазарот. Желбата за продажба на овие автомобили предизвика хаотична ценовна војна, која ги примора компаниите да работат со загуби и да станат уште позависни од државната поддршка. Така државата станува жртва на сопствениот успех. Национализирана планска економија би можела веднаш да ги пренамени овие индустрии за снабдување на други општествени потреби. На пример, овие фабрики би можеле лесно да се пренаменат за производство на неопходни електронски или компјутерски производи за снабдување на најсиромашните региони во Кина по ниска цена или бесплатно, со цел да се ублажат огромните регионални нееднаквости. Наместо тоа, сè што државата може да направи е да ги регулира политиките за субвенции на регионалните влади и да дозволи одредени компании да пропаднат. Ова е далеку од брз процес и е тешко централната власт да го спроведе, и покрај нејзината моќна апаратура.

Автомобилските компании наоѓаат други начини да го заобиколат државниот декрет за запирање на намалувањето на цените и да ја продолжат продажната офанзива – како што се понуди за купувачите со нула проценти камата, бесплатен интернет и слични привилегии. Здружението на автомобилски дилери на Кина објасни дека, да се постигне посакуваниот ефект, Комунистичката партија мора да биде подготвена за долготрајна борба.

Сето ова е природен дел од капиталистичкиот развој. Нема ништо „карактеристично кинеско“ во тоа. Маркс и Енгелс обилно пишувале за тоа како новите индустрии со високи стапки на профит брзо се преплавуваат со инвестиции, што ги намалува профитите и предизвикува криза во тој сектор. Потоа следуваат банкротирања и консолидација на секторот во рацете на неколку монополи. Во делото Империјализам: највисокиот стадиум на капитализмот, Ленин го цитира следниов опис на британскиот империјализам од тоа време:

„Секое ново претпријатие што сака да држи чекор со гигантските компании создадени преку концентрација, би произведувало толкаво количество на вишок стоки што би можело да ги продаде профитабилно само доколку дојде до огромно зголемување на побарувачката; во спротивно, овој вишок би ги принудил цените да паднат на ниво кое не би било профитабилно ниту за новото претпријатие, ниту за монополските здруженија.“

Овие зборови подеднакво добро важат и за капиталистичка Кина денес. На крајот на краиштата, сè додека економскиот систем останува заснован врз анархичниот пазар, производството за профит, националната држава и приватната сопственост, ниеден степен на државна регулација не може да го спречи неминовниот резултат – кризата на прекумерно производство, која сега е повеќе од очигледна во Кина. Комунистичката партија на Кина нема решение ниту план за оваа суштинска противречност.

Границите на капитализмот

И покрај забележителниот раст како резултат на државното насочување, Кина – како и многу напредни капиталистички економии – денес се соочува со забавување на економскиот раст. Кризата со Евергранд што тежи врз кинеската економија – каде што секторот за недвижности игра огромна улога – значително придонесе за ова забавување. Иако државната интервенција спречи колапс со размери слични на финансиската криза од 2008 година, проблемот со стечајот на Евергранд и понатаму опстојува и може да потрае со години, ако воопшто може да се реши.

Слично на тоа, иако државата може да се обиде да ги ограничи ценовните војни, приватните компании и нивните регионални владини покровители продолжуваат да ги заобиколуваат политиките со цел да ги заштитат краткорочните интереси и профити. Без планска економија, нема едноставни или брзи решенија за проблемите кои произлегуваат од анархичната динамика на пазарот.

Без планска економија, нема едноствани и брзи решенија на проблемите кои ги создава анархичната динамика на слободниот пазар/ Слика: government.ru, Викимедиа Комонс

Исто така, како и во сите капиталистички економии во светот, во Кина се натрупа огромно количество на приватен и јавен долг. Особено кон крајот на 2024 година, кинеската држава беше принудена да воведе огромен фискален стимулативен пакет да го поттикне трошењето и да го стабилизира финансискиот пазар, што дополнително го зголеми државниот долг. За масите, трошоците за живот и невработеноста (особено меѓу новите дипломци) постојано растат. Притисокот врз младите е особено силен, бидејќи стареењето на населението ја зголемува обврската на помладите генерации да се грижат за постарите. Социјалните програми, како што се социјалното осигурување (社保) и здравственото осигурување (医保), се под силен притисок, бидејќи сè повеќе луѓе не можат да си дозволат да ги плаќаат придонесите. Типични мерки на штедење, како зголемување на старосната граница за пензионирање, се воведуваат постепено, но сигурно.

Би било грешка сегашниот обем на мерки за штедење во Кина да се изедначи со оној на Западот. Кина е само на почетокот на овој процес, додека западните владејачки класи веќе повеќе од две децении водат вакви напади врз работниците, без никакви знаци на повлекување. Сепак, Кина оди по истиот пат – неизбежен исход на капитализмот, од кој ниедна држава, колку и да е моќна, не може да избега.

Во основата на сето ова лежи постојаниот проблем на прекумерно производство. Општата стапка на искористеност на индустрискиот капацитет сега изнесува околу 74 проценти – најниско ниво од 2020 година. Во индустријата за електрични возила, каде што проблемот е особено изразен, во 2024 година беа искористени само 49,5 проценти од капацитетот. Како резултат на тоа, профитабилноста опадна. Делот на индустриски претпријатија што работат со загуби порасна од околу 10 проценти во 2016 година на околу 20 проценти во 2024 година. Како што беше спомнато погоре, домашното прекумерно производство предизвикува постојана дефлација и опаѓање на профитабилноста. На крајот, Кина ќе мора или да го преплави светскиот пазар со своите производи – тренд кој веќе е во тек – или да се соочи со колапс на бројни компании вклучени во ценовните војни, што би можело да загрози милиони работни места.

Перспективи за класната борба

Динамиката на кинеската економија, особено во индустрискиот сектор, остро се разликува од онаа на американската економија, што хаотично се обидува да ја одбрани својата светска доминација, или пак од европската економија, што очигледно е во опаѓање. Овој забрзан развој на кинеските производствени сили неизбежно создава впечаток кај масите дека нивните животи постепено можат да се подобрат под водството на Комунистичката партија на Кина. Државните медиуми го засилуваат тој впечаток, прикажувајќи го влошувањето на животниот стандард на работничката класа на Запад, за што не им е потребно многу преувеличување или искривување.

Во исто време, агресивниот став на САД кон Кина, што се засили и под администрацијата на Бајден и под оваа на Трамп, ги потсети кинеските маси на срамното поглавје од нивната историја, кога земјата беше поделена и потчинета од западните империјалисти. Како природен резултат, се појави антиимперијалистичко и антизападно расположение. Ова ѝ овозможува на Комунистичката партија цинично да го зајакне своето влијание преку поттикнување националистичка пропаганда.

Како сето ова влијае на класната свест во Кина? Во последните триесет години, Кина претрпе длабока трансформација, а со тоа и животите на стотици милиони луѓе. Во рамките на само една генерација, многумина преминаа од сиромашни селани во модерни индустриски работници со значително повисок животен стандард и со надеж дека нивните деца ќе живеат уште подобро. Дополнително, земјата денес е силна на меѓународната сцена и самоуверено ја проектира својата моќ во однос на своите ривали.

Иако дел од населението може да негодува или да ја критикува Комунистичката партија, континуираниот економски раст и перцепцијата на западната непријателска политика може да ги потиснат револуционерните импулси / Слика: Kremlin.ru, Викимедија Комонс

Иако дел од населението може да негодува или да ја критикува Комунистичката партија, континуираниот економски раст и перцепцијата на западната непријателска политика може да ги потиснат револуционерните импулси, барем сè додека системот изгледа дека дава резултати. Но класната борба никогаш не се развива по права линија, ниту пак стои во едноставна спротивна зависност со економскиот раст. Напротив, економскиот напредок често ја зајакнува самодовербата на работничката класа во борбата за сопствените интереси. Како што беше наведено, кинеското капиталистичко општество е исполнето со противречности кои повремено мора да избијат на површина. Почетокот на оваа година покажа такви примери: кога БЈД ја зацврсти својата доминација на светскиот пазар на електрични автомобили, илјадници работници на БЈД во Кина започнаа остри протести против намалувањето на платите. Други настани – како масовните протести во Пученг, Шанси во јануари и во Џиангју, Сечуан во август, каде илјадници луѓе протестираа против бирократското прикривање на случај на малтретирање во училиште, што прерасна во поширока демонстрација за демократски права – покажуваат дека во општеството сè уште врие одоздола, изразувајќи ја желбата на масите да ја преземат контролата врз сопствената судбина и да ѝ се спротивстават на бирократската диктатура.

Подем во свет што тоне

Кина очигледно напредува на многу полиња, потиснувајќи ја доминацијата на САД во една област по друга, во борбата за светските пазари. Иако засега е далеку од тоа целосно да ги замени САД, Кина во многу аспекти научи како подобро да го управува капитализмот отколку западните земји.

Сепак, и покрај тоа што се снаоѓа подобро од своите ривали, кинескиот капитализам се издига во време кога светскиот капитализам се наоѓа во својата најдлабока криза во историјата. Кина можеби успева до одреден степен да се заштити од глобалните потреси или од конкуренцијата на американскиот империјализам, но не може целосно да се извлече од општата криза на светскиот капитализам. Падот на економиите надвор од нејзините граници неизбежно ќе има значително влијание и врз самата Кина. Ниту пак Кина може бескрајно да ја избегнува кризата на прекумерно производство што се развива во нејзината внатрешност.

Над сè, кинескиот пролетаријат – кој драматично се зајакна паралелно со економскиот раст – зазема неспоредлива позиција на светската сцена. Порано или подоцна, светот ќе биде уште повеќе воодушевен од движењето на кинеската работничка класа, отколку што денес е од технолошките достигнувања на Кина.

Кени Волас, 23 октомври 2025

https://marxist.com/the-meaning-of-the-rise-of-china.htm