Балкан

Хрватскиот демографски колапс и странските работници

Бројот на доселени лица во Хрватска го надмина бројот на иселени во 2022 година, прв пат во последните 15 години. Истата година бројката на иселени се врати на нивото пред пандемијата. Имајќи предвид дека бројката на претходно иселени повратници не е драстично променета, одговорот на овој феномен се наоѓа во сѐ поголем број на странци кои доаѓаат да живеат и работат во Хрватска. Ова не е случаен демографски тренд, туку свесно спроведена мерка на хрватскиот капитализам, којшто преку увозот на странска работна сила се бори против последиците од сопствената слугинска политика, што, примарно во корист на германскиот капитализам, создаде демографски колапс кај домашното работоспособното население.

Демографски колапс

Хрватска, како земја која до средината на 20-тиот век не разви модерна домашна економија, има долга историја на миграција на населението. Но, без разлика на тоа, до 1990-тите, овие миграции никогаш не ја загрозувале демографската стабилност на општеството и скоро низ целата историја населението растело. Југословенската револуција во 1945 година за прв пат на нашиот простор донесе значителен економски развој и изградба на модерна индустриска економија. Така, во следствениот период се забележа историски рекорден пораст на населението. Меѓутоа, со оглед на недовршениот карактер на југословенската револуција, која беше причина за воспоставување на бирократизирано планирана економија со многу ограничено учество на работниците, беа поставени темелите за подоцнежното забавување на економскиот развој, па и конечната стагнација на економијата на СФРЈ. Оваа економска стагнација, прв пат по период од 25 години, го обнови трендот на висока миграција на населението. Во 1971 година е склучен договор со Западна Германија за гости работници (гастарбајтери) со кој се олесни миграцијата на работниците од СФРЈ во Западна Германија. Околу 350.000 Хрвати заминале на работа во странство за време на постоењето на СФРЈ, од кои повеќето во периодот што следел по овој договор. Одреден дел од нив останале трајно во Западна Германија, но во споредба со денешната ситуација, значително е помал бројот на трајно иселени лица. Демографот Тадо Јуриќ тврди дека некогаш во СФРЈ околу 3% од гастарбајтерите рекле дека ќе останат во Германија, додека денес е околу 45%, исто така дека 80% сакале да се вратат во Хрватска, а денес едвај 15%. Во 46-те години од постоењето на СФРЈ, Хрватска ја напуштиле помалку луѓе отколку само во периодот по влезот на Хрватска во ЕУ. Ова говори за многу подобри јавни услуги и економски можности кои постоеле во СФРЈ наспроти оние денес.

Со распадот на Југославија и општиот колапс на сталинизмот во Источна Европа во 1990-тите, се родија нови капиталистички режими. Тие се родија во свет на воспоставени империјалистички сили и нивните монополи, со што, од старт им се оневозможи независен развој на капиталистичка основа, а новопечените тајкуни и политичари, од кои многумина довчерашни бирократи, своето богатство го создадоа преку ликвидацијата и грабежот на домашната индустрија, а подоцна и со служење на странскиот капитал, додека тој навлегуваше во тазе отворени пазари и ги уништуваше или апсорбираше сите остатоци од домашната индустрија што можеа да му бидат конкуренти. Општата приватизација доведе до масовни отпуштања на мажи и жени и уништување на компании кои работниците ги градеа со децении. Дополнително, уништувањето на институциите што до вчера им нудеа квалитетно бесплатно здравство и образование доведе и до општ пад на животниот стандард.

Од самиот почеток, империјалистичките сили играа активна улога во уривањето на сите преостанати достигнувања од социјалистичката револуција и интегрирањето на глобалниот пазар, со цел истите да ги преплави со сопствена стока и капитал и да ги претвори во полуколонии. Освен што сакаа да продрат на нови пазари, тие сакаа и да ги отворат вратите за масовен прилив на евтина работна сила од тие земји. Германија ја играше главната улога. Како растечка капиталистичка сила во континентална Европа, таа отсекогаш гледала на Источна Европа како своја сфера на влијание и потенцијален масовен пазар. Додека периодот по Втората светска војна, одбележан со револуции и преврати низ цела Европа, како и економски раст на сталинистичките земји, и конечно, поделбата на Германија, ги стави во мирување амбициите на германскиот капитал, акумулацијата на економските проблеми во сталинистичките земји поради непостоечката работничка демократија и контрола врз планската економија, или постепеното укинување на планирањето во СФРЈ, доведе до конечно распаѓање на тие режими, со што, уште еднаш се отвори патот за проширување на германското влијание на Истокот. Така, на почетокот на 1990-тите, германската држава беше инструментална во поддршка на новопрогласените независни републики на поранешна СФРЈ, Словенија и Хрватска, и иститие активно ги вооружуваше во војната за отцепување. Денес, Германија и другите помали сили, како Австрија, доминираат на пазарите на фрагментираните поранешни републики на СФРЈ и остатокот од Источна Европа и се главната дестинација за иселување на работниците од овие земји кои потоа им служат како евтина работна сила. Поради гореспоменатите причини, кои доведоа до забрзан пад на животниот стандард и спречија каков било значаен развој на домашните економии, имаше и пад на наталитетот и огромен број луѓе кои решија да емигрираат во западните земји.

Додека демографскиот пад се појави веќе на самиот почеток на транзицијата во речиси сите 11 поранешни сталинистички земји кои подоцна се приклучија на ЕУ (т.н. ЕУ-11 држави), падот беше драстично забрзан до точка на колапс по нивниот влез во ЕУ. Политиката на европскиот пат и интеграција, што ја спроведува хрватската владејачка елита, е политика на максимална либерализација, отворање на домашните пазари за странски капитал и уништување на пречките за иселување на населението на западот на Европската Унија. ЕУ-11 земјите имаа 103 милиони жители во 2018 година, што претставува 20% од населението на ЕУ. Во времето на почетокот на транзицијата во 1989 година, тие броеле 111 милиони. Ова претставува пад на населението од 7%. Важно е да се напомене дека постојат пресметки кои укажуваат на уште поголем пад, но овие бројки се широко прифатени. Бугарија, Литванија и Летонија доживеаја најголем пад, над 20% од нивното население. Естонија и Романија имале пад од 16%, Хрватска 11%, Унгарија 8% и Полска 3%. Чешка, Словачка и Словенија се единствените три земји кои забележаа минимален раст од 2-4% од 1989 година. Овој демографски колапс на повеќето земји од ЕУ-11 се случи едновремено со пораст на населението во остатокот од ЕУ од 13%, пред се поради иселувањето на работниците од земјите на ЕУ-11, но и другите посиромашни земји од глобалниот југ.

Освен масовната емиграција, бројката на новородени во една година во земјите на ЕУ-11 се намали за повеќе од една третина помеѓу 1989 и 2016 година, од 1,6 милиони на 1 милион новородени. Освен во земјите кои влегоа во ЕУ, демографски колапс се случи и во останатите т.н. земји во транзиција. Во периодот 2001 – 2022 година Македонија загубила 11% од своите жители, Србија 7,68%, Босна и Херцеговина околу 6,7%. Најлошиот колапс го доживеа Украина, која имаше население од 51,5 милиони во 1991 година, но со просечна годишна загуба од 300.000 жители, падна на околу 37 милиони жители во 2019 година (не вклучувајќи ја територијата што не е под контрола на Киев). Ако се вклучи и населението на регионите Луганск и Доњецк, бројката се зголемува на околу 41,9 милиони жители.

Ова покажува дека демографскиот колапс не е само случај во Хрватска туку општа последица што ја доживуваат речиси сите земји од Источниот блок и СФРЈ. Причината за тоа не е лошиот избор на политичарите во парламентот туку неспособноста на хрватската капиталистичка класа да се изгради на светскиот пазар. Затоа, гледаме дека демографскиот колапс на Хрватска не е случајност или еден од многуте веројатни исходи што можеле да се остварат.

Така, во периодот по целосната транзиција, помеѓу 2011 и 2022 година, изгубени се 400.000 луѓе. Додека Хрватска е земја која зависи од странски капитал, како и нејзините политичари, таа сепак има мала, иако економски слаба, домашна капиталистичка класа на чии интереси им служат исто така нашите политичари, барем додека тие интереси не се во судир со надворешните интереси. Сервилната политика што се спроведуваше со децении сега дојде на наплата; пред пандемијата на COVID-19, кога економијата конечно излезе од целосната стагнација предизвикана од кризата во 2008 година, хрватските капиталисти сфатија дека состојбата на пазарот на трудот не е адекватно за нивните потреби. Годините на емиграција и нискиот наталитет доведоа до недостиг на работоспособно население кое може да ги задоволи потребите на домашната економија. Одговорот на државата е илустративен за тоа каде лежи нејзината лојалност. Нивниот одговор на демографскиот колапс не е и не може да биде обид за задржување на домашното население преку развој на домашната економија, зголемување на продуктивноста и платите, туку увоз на работници од околните земји и земјите од Југоисточна Азија кои ќе прифатат полоши услови и пониски плати.

На овој начин продолжува масовното иселување, но и носи евтина работна сила, со што истовремено се штитат интересите на западниот и домашниот капитализам, без спротивставени интереси. Додека десетици илјади млади луѓе секоја година заминуваат на Запад, а над 100.000 работоспособни луѓе остануваат невработени, компаниите се обраќаат кон странците кои се спремни да работат за мизерни плати во лоши услови, со што се обезбедува повисока стапка на профит, но и клучно, обезбедување на конкурентност со странски капитал во сектори што уште не се под негова целосна доминација. Компаниите во Хрватска не можат и никогаш нема да можат да понудат плати и животен стандард на ниво на Запад. Не затоа што нашите газди се полакоми од оние на Запад туку затоа што тоа би го направило нивниот опстанок економски невозможен. Не само што демографскиот колапс на Хрватска е предизвикан од капитализмот туку капитализмот и оневозможува тој колапс да запре.

Се повеќе странски работници

Квотите за увоз на странски работници беа укинати во 2020 година, со што официјално се призна дека сегашната демографска ситуација не е одржлива за домашниот капитализам. Никнаа бројни агенции за увоз на работници, а бројот на издадени работни дозволи продолжува да расте – 81.955 се издадени во 2021 година, 124.121 во 2022 година, 172.499 во 2023 година, а се чини дека бројот ќе биде уште поголем во 2024 година. Странските работници најмногу се вработени во секторите со најголем раст; градежништвото и угостителството, каде што странските работници сочинуваа нешто помалку од една третина од работната сила во средината на 2023 година. Во моментов, најголем дел од странските работници сè уште се од земјите од поранешна Југославија (пред сѐ Босна и Херцеговина и Србија), но уделот на азиските работници постојано се зголемува. Првенствено, азиските работници се од Непал, Индија и Филипините, со помал број од некои други азиски земји како Бангладеш, Турција, Узбекистан и Пакистан. Во периодот јануари-ноември 2023 година, нивните плати во занимања како работници во ниска и висока градба, келнери, помошници готвачи, доставувачи итн. биле претежно во опсег од 550 до 700 евра. И покрај тоа што значителен дел од платите на многу домашни работници во Хрватска се исплаќаат на црно, без податоци можеме да заклучиме дека странските работници не заработуваат значително или воопшто над наведените износи на незаконски начин, бидејќи тоа би ги доближило нивните плати до просечната плата на домашните работници.

Бидејќи странските работници се увезени во земјата за да работат за мизерни плати во лоши услови, не требаше да помине долго време пред да излезат приказните за лошиот третман кон нив. Откако ќе пристигнат во Хрватска, работодавците ги сместуваат во преголем број во станбени објекти кои се премали, не им се исплаќаат платите на време, им се плаќа помалку од договореното, работат прекувремено, главно бесплатно, работат без соодветна заштита. на работа во опасни услови итн. Иако неколкумина, преку контактирање со синдикатите и други организации, се обидоа да дознаат за правата што треба да им се гарантираат и како да се изборат за нив преку законската рамка, мнозинството молчи во страв да не ги загубат работните места од кои заработуваат не само за себе, туку во многу случаи и за семејството кое останало дома и зависи од парите што им се испраќаат.

Со општа свест дека хрватските работници се бркааат од земјата со свесно водена политика и дека во време на сè пожестока класна борба, странските работници можат да послужат како пиони за газдите, за намалување на платите и дејствување како резервна работна сила во случај на (сè почести) штрајкови, за што веќе се заканија од страна на владата и газдите, реакцијата на домашните работници на силниот прилив на странски работници е главно негативна, иако карактеризирана со разбирање за нивната состојба.

Истражувањето спроведено од Зиро квадрант (Zero Quadrant) покажа дека само 23,6% од испитаниците го поддржуваат доаѓањето на странски работници. Без разлика, мнозинството луѓе се згрозени од зголемениот број насилни напади врз странци, кои се случуваат претежно во Загреб. Уште од првите миграциски бранови во Европа, слушаме како екстремната десница паничи за наводното дивјаштво што го донеле мигрантите од Азија и Африка, но во Хрватска сега можеме да видиме вистинско дивјаштво од страна на бедни лумпенпролетерски слоеви на хрватското општество кои ограбуваат и тепаат странски работници слично како во остатокот од Европа. Со проекции и поддршката на хрватската буржоазија и државата дека до 2030 година во Хрватска ќе работат околу 400.000 странски работници да се замени домашната работна сила која заминува, повеќето сфаќаат дека на демографскиот одлив не му се гледа крајот

Што за комунистите значи тоа дека се случува демографски колапс?

Сите општествено-економски системи имаат свои закони според кои мора да се разберат движењата на населението, како и сè друго под тој систем. Она што е економски дестабилизирачки демографски колапс во еден систем може да биде нормална појава во друг.

Да ги змемеме за пример високите бројки на миграција и падот на стапката на плодност. Комунистите се борат за општество кое ќе се заснова на светска социјалистичка федерација на земји. Тоа значи централно, заедничко и демократско планирање на целата светска економија. Ова значи крај на територијалните граници. Во такво општество, миграциите на населението, како на нивоото на миграции на хрватскиот народ во последните 30 години, не би добиле карактер на демографски колапс. Луѓето не би биле принудени од економски, климатски, безбедносни или други причини да го напуштат местото каде што се родени. Ако го сторат тоа, тоа би било само затоа што претпочитаат живот во друг дел од земјата. Можеме да претпоставиме доколку, под светскиот социјалистички поредок, некоја природна катастрофа принуди голем број луѓе да мигрираат од нивната родна земја во друга, истото не би претставувало демографски колапс бидејќи централниот план би насочил повеќе ресурси кон областа што сега ќе биде дом на поголем број луѓе и кон оние области оптоварени со последиците од тие катастрофи, што по себе изискува повеќе ресурси. Истиот животен стандард би бил достапен во нивната татковина и каде и да одлучат да мигрираат.

На ист начин можеме да го разбереме демографскиот колапс на руралните средини. Развојот на капитализмот низ вековите иницираше процес на масовна урбанизација и миграција од руралните области во градовите. Ова добива карактер на демографски колапс бидејќи ова е присилна миграција што ги тера руралното население во градовите поради недостаток на економски можности. Истиот процес денес ги осиромашува Славонија и Лика. Социјализмот ќе се обиде да го уништи непропорционалниот развој на градот и селата. Масивен развој и раст на продуктивноста, технологијата и науката би донеле економски развој на Вировитица како и на Загреб.

Капитализмот, низ историјата,  а особено во 20 век, воспостави уште еден демографски тренд, пад на стапките на плодност. Важно е да се забележат два аспекта на овој пад. Едниот како очекувана последица на економскиот развој, а другиот како последица на историската криза на капитализмот.

Од една страна, преку економскиот развој и политичката борба, жените почнаа масовно да се приклучуваат во редовите на работничката класа, добија полесен пристап до контрацепција, а развојот на медицината, овозможи да не мораа да се раѓаат голем број деца, бидејќи сега повеќето од нив го преживуваат детството. За многу реакционери, ова се смета за проблематично и една од главните причини за демографските проблеми на современото општество. За комунистите, ова се несомнено крајно прогресивни чекори кон целосното ослободување на жената. Но, од друга страна, она што не е прогресивно е уништувањето на јавните услуги, намалувањето на платите и општото влошување на економските можности на работничките (и работниците), со што им се одзема можноста да имаат и да можат финансиски да го издржат одгледувањето на онолкав бројот на деца за кои тие самите одлучуваат дека сакаат да имаат.

Стапката на фертилитет во Хрватска постојано опаѓа, во 1950-тите изнесуваше околу 3 живородени деца на една жена. Ова беше производ од модернизацијата на земјата и напредокот на положбата на хрватските работнички. Но, тоа се претвори во демографски колапс дури во 1990-тите, откога огромен број луѓе, во нивната репродуктивна доб, почнаа да ја напуштаат земјата спротивно на нивните желби и кога јавните услуги и пошироката економија започна да се распаѓа.

Така, гледаме дека падот на стапката на фертилитет е производ на историскиот цивилизациски развој во капитализмот, но станува демографски колапс со појавата на стагнација во таквиот развој и влегувањето на капиталистичкиот систем во историската криза. Според анкетите спроведени во западните земји, голем број жени идеално би сакале да имаат околу 2 деца, споредбено со реалноста од во просек од 1,5 дете. Овде јасно гледаме како границите на капиталистичкиот поредок јасно поставуваат ограничувања на населението наспроти самите желби на семејствата. Според ова, можеме да бидеме сигурни дека стапката на фертилитет никогаш нема да се врати на нивото како што беше пред средината на 20 век, но, преку развојот на економијата во социјализам, изумирањето на сегашните родови улоги и општо подобрите можности за поддршка повеќе деца, стапката на плодност многу лесно би можела повторно малку да се зголеми на околу 2 деца на една жена.

Значи, можеме да кажеме дека, за комунистите, демографски колапс претставува ова – висок и непожелен пад на домашното население, само доколку стотици илјади Хрвати се принудени да мигрираат од својата земја за да изградат подобар живот. Само доколку жените имаат помалку деца отколку што сакаат затоа што страдаат од лоши економски услови. За капиталистите, ова е демографски колапс од сосема различни причини. Не им е грижа за условите во кои живеат работниците, ниту дали можат да изградат пристоен живот и да издржуваат семејство во родниот крај. За нив ова е демографски колапс поради економските последици што им штетат на нивниот профит и на политичката стабилност на системот што ги збогатува – односно, затоа што почнува да им недостасуваат работници што можат евтино да ги искористат, бидејќи работниците почнуваат да се жалат на нивните услови. Затоа денес многу се зборува за економските последици од овој колапс, како што е неможноста да се одржи пензискиот систем или за другите институции кои зависат од младите, а кои сега ја напуштаат државата.

Ние мора да бидеме јасни дека индустријата и технологијата кои би овозможиле масовен раст на продуктивноста по работник постојат. Технологија чија широка имплементација би овозможила поддршка на огромен број пензионери со значително помал број работници. Онаму каде што не постои, има повеќе од доволно ресурси за инвестирање во изнаоѓање решение. Овие инвестиции не се случуваат затоа што не можат да се усогласат со интересите на грст капиталисти и нивните профити. За комунистите ова не е колапс поради овие економски последици, бидејќи тие се присутни само во рамките на капиталистичкиот систем. Односно, затоа што социјалистичката револуција ќе ги испрати во историјата, заедно со другите вештачки проблеми создадени од кризата на капитализмот, којшто ги исцрпе сопствените можности да го води човештвото напред.

Заедно во борбата за социјализам

Капиталистичките медиуми велат дека главната цел на газдите и државата е воведување на мерки за заштита од злоупотреба на трудот и да ги интегрираат странските работници, односно да го олеснат учењето на нашиот јазик преку квалитетни образовни програми, пристап до евтини и квалитетни станови, изедначување на животниот стандард. со просек за домашни работници и сл., а сето тоа како би се спречила гетоизацијата на странците. Дали приватните компании ќе ги финансираат овие програми и дали ќе ги покачат платите на странците што ги вработуваат, ако е целта токму тоа да ги плаќаат мизерно? Дали државата што спроведува политики на штедење ќе ги финансира јавните служби кои ќе се грижат за интеграцијата на странците? Тоа нема да го направат ниту газдите, ниту државата. Ниту можат, ниту пак сакаат да понудат повисоки плати на домашните работници, а камоли на странците кои ги донесоа за да не се грижат за проблемот со нискиот стандард на трудот. Но, постои проблем што капиталистите не можат да го игнорираат, а тоа е дека домашните работници нема да продолжат да прифаќаат понатамошен демографски колапс и мизерен животен стандард.

Сегашната светско-историска криза на капитализмот води до пад на животниот стандард во земјите во кои досега емигрирале домашните работници (Германија, Австрија, Ирска итн.). Ова иселување послужи како сигурносен вентил кој го ослободи притисокот на незадоволството поради неразвиеноста на домашната економија. Сега, во услови на сè полоша емигрантска перспектива и предвидувања за економиите на Западот, од чии инвестиции зависи Хрватска, прашањата за ниските плати, лошите јавни услуги и севкупниот низок животен стандард се исто така ставени на дневен ред. Ова не ја менува економската стратегија на владејачката класа, тие немаат друг избор освен да донесат странски работници, но разбираат дека доведувањето странски работници, што за нив ја става економската ситуација под контрола, неминовно создава политичка нестабилност за иднината. Континуираното занемарување на нискиот стандард на домашните работници, поврзано со истовремениот увоз на странски работници, мора и ќе предизвика социјални експлозии. Затоа гледаме раширено незадоволство кај домашните работници од увозот на странска работна сила, која различни слоеви на буржоазијата ја користат за да продолжат да ги изолираат странските работници од домашните, овозможувајќи натамошна максимална експлоатација и на странските и на домашните работници.

Без разлика на моменталниот став на мнозинството, кое оди во корист на газдите, ние мора да објаснуваме дека единствен начин, домашните и странските работници, да ја прекинат експлоатацијата на која се подложени е обединета класна борба. Обединета борба преку штрајк, окупација на работно место; со престанок на работа, а со тоа и да престане да генерира профит за газдите. Тие можат да успеат во тоа само доколку се борат рамо до рамо за подобри и еднакви плати и услови за работа, без да им дадат можност на газдите да им се закануваат на домашните работници дека ќе бидат заменети со странски работници или да ги заплашуваат странските работници од класната борба преку мобилизација на јавна омраза против нив.

Мора да укажеме дека токму капиталистичкиот начин на производство и класното општество се причинители за нерамномерниот развој на ниво на цели региони. Работниците од неразвиените земји, приморани од лошите услови, немаат друг избор освен да се преселат. Истиот процес, како што споменавме на почетокот, доведе до доминација на странскиот капитал над Хрватска, со што се спречува развојот на домашната економија и ги принудува младите да ја напуштаат земјата, што пак е причина за сегашната потреба од масовен увоз на странски работници.

Засега трендот на миграција на домашни работници надвор од државата и странски работници во неа не се менува драстично. Демографите, кои немаат сеопфатно марксистичко разбирање за општеството, надвор од промените на населението, заклучуваат дека миграциските трендови ќе останат исти во наредните децении и дека ќе имаме Хрватска која ќе станува сè поуништена и со зголемен релативен и апсолутен удел на странски работници. Спротивно на тоа, нашите предвидувања се значително различни. Во моментов, во Германија се затвораат огромни индустриски погони, а десетици илјади работници се соочуваат со отпуштања. Во заднина, кризата во светската економија и односите меѓу империјалистичките сили постојано се влошуваат. Постои сериозна можност во блиска иднина десетици илјади млади луѓе да одлучат да останат во земјата, па дури и дека десетици илјади, ако не и стотици илјади, од оние кои не успеале да изградат подобар живот во странство да се вратат. Тие млади работници сега ќе мора да прифатат дека ова општество не им нуди можност за подобар живот. Истото ќе го сфатат и работниците ширум светот, кои секој ден стануваат се порадикализирани поради падот на животниот стандард насекаде. Без разлика дали демографскиот тренд ќе продолжи или не, сето ова подготвува огромни општествени експлозии и револуции. Револуции кои повторно ќе го доведат во прашање капиталистичкиот систем и ќе овозможат решение на демографскиот проблем на Хрватска.

Преку капиталистичката рамка на производство, не постои можност за одржлив, мирен и еднаков развој на сите региони во светот што би овозможил цивилизациски напредок потребен во земји како Непал, Индија, Бангладеш, па дури и Хрватска. Затоа не можеме да ги осудиме и запреме работниците од економски заостанатите земји чија потреба да емигрираат на Запад е логична последица на нееднаквиот развој на светот во капитализмот, а можеме уште помалку да ги осудиме со оглед на личното искуство на работните луѓе од Хрватска кои бегаат од земјата во потрага по подобар живот. Гледаме и дека само економската класна борба не е доволна затоа што, во рамките на капиталистичката економска логика, зголемувањето на платите на хрватските и странските работници не е трајна опција што се однесува до газдите. Сè додека ја имаме социјалистичката трансформација на општеството за наша крајна цел, ние не се противиме на реформите, само укажуваме на нивниот неодржлив карактер во рамките на капитализмот.

Целосно ги поддржуваме странските и домашните работници кои заедно се борат за повисоки плати и подобри услови преку синдикатите на работното место и се залагаме преку таква борба да обезбедме законски мерки кои ќе ги подобрат јавните услуги за домашните и странските работници; законски мерки кои ќе бараат достоинствен третман на сите работници. Затоа милитантните синдикати треба да стапат во контакт со што е можно повеќе странски работници и да ги организираат заедно со домашните работници, да иницираат борби на секое работно место каде што се прекршуваат работничките права и во тие борби да учествуваат, покрај домашните, и странските работници. Пред сè, потпишувањето на гранските колективни договори, кои важат сите, во кои ќе бидат јасно дефинирани сите работнички права и саатнини, кои веќе нема да дозволуваат странските работници да се користат за намалување на цената на трудот и дополнително да бидат експлоатирани. Моќта на организираниот труд треба да се канализира во борби за реформи кои бараат подобрување на условите за сите работници. Само така, преку секојдневната борба за подобри услови и реформи, нужно ќе се покаже дека револуционерната борба е единствениот начин работниците да ги одржат досегашните отстапки. Наспроти ова, повикот за враќање на имигрантските квоти гради непремостливи бариери меѓу странските и домашните работници, во очите на работникот создава непријател од пријател и со тоа го одвлекува вниманието од основниот проблем: капитализмот.

Единствената вредна, трајна и разумна перспектива кон која може да се сврти работничката класа е перспективата на социјалистичката трансформација на општеството; доведување на целиот свет под заеднички, демократски, хармоничен план на производство и на тој начин изедначување на нивото на цивилизациски и економски развој низ целата планета. Единственото решение за работниците од Непал, Хрватска и секаде каде што постои неопходност да се напуши својот дом во потрага по работа и пристоен живот е меѓународната класна борба со крајна цел социјалистичка трансформација на општеството преку меѓународно организирана револуционерна комунистичка партија, односно Интернационала.

Комунистите од РКС се дел од оваа Интернационала која се создава и има присуство во повеќе од 60 земји. Затоа, бидете дел од оваа борба на нашите простори, бидете дел од борбата за ослободување на човештвото и негово преминување во комунистичка иднина.

Приклучи се на Револуционерната комунистичка интернационала.

За борбени синдикати и организирање странски работници заедно со домашните!

За изградба на Револуционерната комунистичка партија!

За социјализмот од Непал до Хрватска!

Автор: Лука Бурсаќ датум: 30/12/2024

оригинал Hrvatski demografski kolaps i strani radnici