БалканВестиЕвропаМакедонијаОпшто

ИНТЕРНАЦИОНАЛИСТИЧКО И КОМУНИСТИЧКО „НЕ“ НА ФРАНЦУСКИОТ ПРЕДЛОГ!

Последниот обид да се одблокира “евроинтегративниот” процес за Македонија резултираше во т.н. Француски предлог, кој беше експресно прифатен од земјите членки на ЕУ, вклучително и Бугарија, како рамка за „почеток за преговори“ на Унијата со Македонија. Овој документ во себе содржи членови кои претставуваат обид за идентитетско редефинирање на историјата на македонскиот народ и јазик, имено согласно бугарските национални митови и погледи за нив. Ова го истакна и самиот еврокомесар Вархеј во својата изјава дека „ЕУ ги сфаќа сите бугарски грижи многу сериозно и тие сега се дел од преговарачкиот процес“. Наметнувањето на позициите на бугарскиот национализам како релевантни и суштински дел од преговарачкиот процес на Унијата со Македонија дополнително ја урниса лажната перцепција за принципиелноста на ЕУ. Истовремено имаме ЕУ која енергично се спротивставува на обидот на Русија за дефинирање на историјата на украинскиот народ, јазик и државност и ЕУ која целосно ги прифаќа „грижите“ на Бугарија за тоа како македонскиот народ ја поима историјата и јазикот на којшто зборува и пристапува кон нивна соодветна модификација како услов за зачленување.

Вака скроениот „Француски предлог“ не претставува ништо друго освен легитимирање на една фашизоидна политика на бугарската држава и буржоазија, сега поткрепена од бирократите од Европска унија и во суштина значи потврда на историскиот наратив според кој „македонската нација и јазик е вештачка творба измислена од Тито и Југославија“, а сето тоа со единствена цел – остварување на регионалните аспирации на слабата бугарска буржоазија и нејзино одоброволување за одблокирање на преговорите со Македонија. Секој принципиелен комунист и интернационалист ќе се спротивстави на ваквата империјалистичка и негаторска политика.

Недостигот од масовна комунистичка политичка организација која би можела да наметне алтернатива создаде отворен простор за десницата која го искористи моментумот

Несомнено ова доведе до силна реакција кај граѓаните. Во една ваква генерално негативна општествена ситуација протестите се многу очекувана и предвидлива појава. Луѓето се со право бесни и сакаат да се сопре со целата лакрдија околу пристапувањето кон ЕУ. Затоа евроентузијазмот се повеќе се топи, а на негова сметка се јавува пораст на национализмот. Фрустрациите од економската беда и сиромаштија, вртоглавиот раст на инфлацијата и сеопштиот пад на квалитетот на живеење, надополнети со (нови) национални понижувања од страна на ЕУ создаде отворен простор за десницата која го искористи моментумот да ги канализира и артикулира сите овие разочарувања низ националистичка рамка. Тоа е така поради  недостигот од масовна комунистичка политичка организација која би можела да наметне алтернатива и која нема да ги базира своите политики на евтин национал-романтизам. Предводниците на протестите против Францускуиот предлог, ВМРО-ДПМНЕ, се докажано кооперативни со интересите на „стратешките партнери“, кои иако наводно не се согласуваа со уставните измени за промена на името на државата сепак тоа го дозволија и самите овозможија илегално и насилнички да се протуркаат тие уставни измени. Сепак, не можеме да очекуваме од експозитурата на германскиот империјализам со кадри школувани од Фондацијата Конрад Аденауер да биде предводник на анти-ЕУ политика. Тие ќе продолжат со евентуални преговори со ЕУ и кога власта на СДСМ ќе падне. Другите учесници на протестите – Левица имаат целосно изгубено основна политичка ориентација и ниту самите не знаат јасно за што се. Така истовремено тие не можат да се откинат од ЕУ определбата, но се и за БРИКС, но и за членство во „Неврзаните“ како можна алтернатива. Секако борбата за промена на класните односи и рушење на капитализмот не претставува реална алтернатива за Левица, туку просто сојузување со други неЕУ капиталистички држави. Оваа франкенштајн структура на крајот од денот, се што прави со своето политичко делување е за собирање на изборни поени во ситуација кога падот на оваа власт е извесен. Мора да констатираме дека не постои доволно силна контратежа на постоечките националистички шовинистички структури која би дала надеж за подобро утре. Задача на секој комунист е да придонесе во градење на организација која ќе може да интервенира во овие настани.

Од друга страна, во недостаток на решенија за било кој сериозен внатрешен проблем, домашната владејачка класа продолжува со градење на илузијата за членството во ЕУ како конечно решение за сите наши проблеми. Дури и во најоптимистичен случај, Македонија како периферна капиталистичка земја ја чека српско-црногорско сценарио со преговори за влез во ЕУ. Овие две земји од т.н. Западен Балкан преговараат околу 10 години со унијата и не се ни блиску до завршување на преговорите. Овој регион ќе биде постојано држен во сфера на влијание, но поучени од искуствата со земји како Бугарија/Хрватска/Романија, моќните европски земји нема да ја направат истата грешка. Сите приказни за европскиот пат и за Западен Балкан се само тоа, приказни и бајки. Каков и компромис со Бугарија да прифати власта овде, во крајна линија ќе биде џабе бидејќи членството во ЕУ е практично неотстварливо. 

По распадот на нашата заедничка држава, беше нужно да се држи илузија за некој голем европски идеал кон кој мора да се стремиме, за владејачката класа да може во меѓувреме да си го пере образот и да ги маскира неуспеси на сите полиња. Па дури и при евентуален прием во ЕУ некогаш, периферната природа на македонскиот капитализам нема да се смени и истиот нема да може да се носи со европскиот пазар, што ќе резултира со егзодус на население при отворените граници и потполно уништување на она што преостанало од македонската индустрија.

Светот влегува во изразена и органска криза на капитализмот и ние од тоа не сме одминати, а никаква ЕУ нема да ја сопре таа криза. Во следниот период, ќе останат само фрустрациите и националниот набој, што создава отворен простор за десницата, а „Европската иднина“ ќе стане само мртво слово на хартија.

Ние како доследни комунисти сме против било какви унии кои се создадени да го штитат интересот на крупниот капитал. Истовремено, за развој на планската економија нужна е интеграцијата на балканските и европските стопанства како заедница на рамноправни народи – ослободени од локалните буржоазии и нивните национал-шовинизми.

Д.Л, јули 2022