КЛАСНА БОРБА, НЕ СОЦИЈАЛЕН ДИЈАЛОГ!
Судирот помеѓу синдикатите и власта во Македонија од ден во ден станува сè потензичен. Но, тоа не треба да нè зачудува. Власта во Македонија е капиталистичка власт, отворено насочена кон олеснување на патот на крупниот капитал за освојување на нови пазари и зголемување на нивниот профит. Тоа, во склоп со светската криза на капитализмот, неминовно води кон тоа судирот да биде сè поотворен.
ВМРО–ДПМНЕ од самиот почеток се постави доста остро кон синдикатите и особено кон синдикалното водство. Започнаа да се водат „црни кампањи“ кон сите синдикални лидери кои се осмелија да истакнат дека инфлацијата растe, дека потрошувачката кошничка е сè понеодржлива, дека треба да растат платите итн. Во цела оваа ситуација беа вклучени и синдикалните бирократии сервилни кон властите кои сметаат дека постои „социјален дијалог“ и на тој начин ја заматуваат состојбата. Покрај тоа, преку притисоци за казни и бркање од работа голем број на работници беа приморани да се отчленуваат од некои синдикати и да се вклучуваат во синдикатите каде синдикалните водачи беа блиски до власта.
И како што минува времето, сите овие притисоци на капиталистичките власти нема да се намалат, напротив, само ќе се зголемуваат. Власта веќе во неколку наврати отворено го нападна Колективниот договор во секторот култура како штетен, само затоа тоа што во него постои ставка која го регулира порастот на платата во секторот паралено со порастот на минималната плата. Имено, таква ставка, која оди во корист на културните работници, една десно настроена бизнис Влада не може да прифати, бидејќи и сите останати грански синдикати, бараат воведување на иста таква ставка.

Поднесувањето на претставка од страна на Владата до Уставниот суд за прогласување на Колективниот договор за неуставен, е еден од посериозните удари врз целото работничко движење. Тоа значи дека веќе добиеното право кое културните работници по долги години борба го добиле и по долги години борба со претходната власт успеаа да го зачуваат (иако и тогаш беа правени обиди да се укине), оваа власт сака на нелегален, брутален и насилен начин и по секоја цена да го укине, што значи дека испраќа порака до сите работници, од сите сектори, дека не смеат ниту да помислат да бараат нешто што за нив е погодно. За оваа цел гледаме дека власта е спремна да оди до крај.
Но, синдикатите и особено нивното водство, во никој случај не смеат да попуштат ниту милиметар од својата позиција, бидејќи правењето на ваков преседан ќе биде погубен за сите работници од сите сектори. Напротив, синдикалното водство треба да оди и еден чекор понатаму. Треба да им објасни на своите членови дека порастот на платите е тесно врзан со економијата на државата, која во Македонија е крајно уништена и уназадена. Македонија како држава нема скоро никакво значително домашно производство, а економијата е условена од увоз на многу производи. Најголемите производни капацитети се во сопственост на странски капитал, што придонесува за подредената положба.
Македонија, како мала и периферна земја по реставрацијата на капитализмот во деведесетите години помина низ процес на деиндустријализација. Таквата ситуација е неодржлива на долг рок и поради тоа единствено нешто што во Македонија ќе расте ќе биде само инфлацијата, а со тоа и сиромаштијата на работниците. Синдикатот веќе излезе со податоци кои ја разголуваат бедата во која многу работници живеат денес во Македонија. Имено, една третина од работничката класа прима месечна плата помала од 500 евра, а речиси 75% од работниците примаат плата под просечната плата на ниво на држава која изнесува 43.000 денари (околу 700 евра). Минималната потрошувачката кошница за четиричлено семејство изнесува 65.000 денари (над 1000 евра). Ако знаеме дека минималната плата е нешто над 24.000 денари (околу 400 евра), на семејство со две минимални плати му недостигаат околу 200 евра да ја пополни минималната кошница, а семејство со една просечна и една минимална плата ја има „привилегијата“ да живее на работ на одржливоста.
Синдикалното водство како напреден слој на работничкото движење, чија должност не е само да застапува синдикални барања, туку да ги втурнува работниците и во политичка борба, нужно е да се произнесе и со политички барања. Борбата за зачувување и унапредување на животните услови мора да се поврзи со пошироката политичка слика.

Јасно е дека една прокапиталистичка влада нема да направи ништо што реално ќе ја подобри ситуацијата на работниците, а имајќи го предвид и случајот што го зборуваме со обидот за укинување на колективниот договор, можеме да заклучиме дека е веќе созреана ситуацијата во Македонија за повикување на ГЕНЕРАЛЕН ШТРАЈК.
Работниците мора да се припремат за напад, бидејќи тоа е најдобрата одбрана. Мора уште на самиот почеток, работниците да ја разберат нивната улога во општеството, а тоа е дека тие се темелот на секое развиено и современо општество. Моќта лежи во нив, а синдикалното водство има задача да ја разбуди и канализира таа моќ, кон отворено политички барања за промена на начинот на функционирање што е единствен спас и излез од целата оваа ситуација. Работничката класа го има потребното знаење и историско искуство за да го реорганизира ова општество и да создаде нови институции преку кои демократски ќе ја планира економијата и целокупното живеење.
НЕ за укинување на Колективниот договор!
Напред кон Генерален штрајк!
Политичка власт на трудот!
Евгениј Литовски, Дејан Лутовски