Општо

Го протеравме еднаш, ќе го протераме пак! Рио Тинто – мрш од Србија!

Србија повторно ја потресија масовни протести со десетици илјади луѓе на улиците. Овај пат, станува збор за реприза и продолжување на борбата против Рио Тинто од 2021 година, озлогласена мултинационална компанија која се обидува да започне со оперирање во западниот дел на Србија и ова е веќе шести пат во последните 8 години како се организираат масовни протести во Србија насочени против режимот на Александар Вучиќ.

            Поминаа веќе две и пол години откако масите во Србија ја остварија својата прва победа против капиталот. Протестите против Рио Тинто, додатно испровоцирани од страна на режимските тепачи, собраа десетици илјади луѓе на улиците, како и блокади на патиштата. За големината на масовната поддршка што движењето ја имаше говори и тоа што многу познати личности  ја споделија познатата фотографијата од блокадата на Газела во Београд, вклучувајќи го и најголемиот спортист од Србија, Новак Џоковиќ. Алармиран од масовната поддршка за протестите како и за растењето на милитантното расположение на демонстрантите, кои ги протераа тепачите од Српската напредна странка, претседателот Александар Вучиќ и премиерката Ана Брнабиќ, набрзина ја протнаа одлуката на Владата за стопирање на проектот Јадар на Рио Тинто, сè со цел ситуацијата да не излезе од контрола.

            Тоа ги прекина протестите, но иако се извојува победа, помеѓу масите не владееше еуфорија, туку свесност дека се работи само за привремено повлекување на противникот. Не требаше долго време противникот се одважи со повторен обид за офанзива, но само што започна, веднаш мораше да се соочи со уште поголем отпор од претходниот пат.

Меморандум Вучиќ-Шолц

            Уставниот суд на Србија на 11 јули ја поништи одлуката на Владата на Србија за стопирањето на проектот „Јадар“, кој е започнат поради експлоатација на литиум на западниот дел од Србија од страна на компанијата Рио Тинто. Шарадата околу тоа Уставниот суд да ја поништи одлуката на Владата на Србија која таа мораше да ја донесе присилена од стравот од масовно движење, покажува дека независното судство пред сè подразбира независност од волјата на мнозинството граѓани. Уште поважно, покажува дека судовите пред сè се лојални на крупниот капитал, според чии потреби секако се прекројуваат сите закони. Правниот основ за поништување на одлуката на Владата е крајно блед и говори за тоа дека Владата на Србија ги пречекори границите на своите надлежности, што е потполно лудо, бидејќи така излегува дека недемократски избраниот Уставен суд има поголема моќ од начелно демократски избраната Влада.

            Потполната согласност за соработката помеѓу Уставниот суд и Владата на Србија, на која Уставниот суд ѝ ја поништи одлуката, се виде и преку тоа што само осум дена после поништувањето на одлуката Србија имаше дипломатска посета, ни помалку ни повеќе, туку од канцеларот на Германија, Олаф Шолц, кој е лидер на најсилната економија во Европската унија. Шолц и претседателот Вучиќ, кој припаѓа на партија која имаше 199 од 250 парламенарни места во моментот кога е донесена одлуката за стопирање на проектот Јадар, потпишаа документ со бомбастично долг наслов кој гласи „Меморандум за разбирање помеѓу Европската унија и Република Србија за стратешко партнерство на одржливите сировини, вредностите на батериите и електричните возила“ или народски кажано – Меморандум за ископување на литиум и бор.

            Како што на сите во Србија им е јасно, ни меморандумот не крие дека во суштина ископувањето на литиумот нема толку врска со климатските промени, колку со пазарната економија. Самата содржина на меморандумот во фокус го става „зачувувањето на конкурентноста на економијата“, „зголемувањето на отпорноста на стратешките екосистеми“, како би се „проширила соработката во склад со потребите на страните и стандардите на единствениот пазар на ЕУ“, итн. Уште полошо во документот се спомнуваат „зони за слободна трговија“, за која Развојната агенција на Србија известува дека „Со работењето во слободните зони, на инвеститорот му се обезбедуваат специјални олеснувања и повластен даночен режим (ослободување од ДДВ и царини за увоз на сировини и материјали наменети за производство за роба за извоз, машини, опрема и градежен материјал)“. Европската унија со вакви ингеренции во Србија и со својата економска доминација над малите земји, посебно на оние што се вон ЕУ, јасно би била главен добитник според овој меморандум.

            Иако текстот е полн со терминологија за т.н. зелена транзиција и грижа за климата и екологијата, објаснувањето кое недостасува е зошто литиумските батерии се толкав приоритет за борба против климатските промени, кога само 16% емисија од јаглен диоксид доаѓа од транспортот, за што батериите би се користеле за префрлање на електрични мотори и возила. Исто така, текстот е полн со флоскули за грижа за околината, но го игнорира фактот дека Рио Тинто е една од најозлогласените рударски компании за уништување на природата и кршењето на работничките права, особено во сиромашните земји како што се Индонезија, Папуа, Нова Гвинеја и Намибија. Документот исто така се повикува на Договорот за стабилизација и придружување кон Европската унија, алудирајќи на тоа дека ако Србија сака да се приближи кон Европската унија, мора да биде спремна да ѝ ја отстапи и природата поради потребата за економска конкурентност на ЕУ. Не е чудно што во Србија се извлекува заклучок за влез во колонијалн однос со Европската унија.

Фото: Раде Перлиќ/Tanjug

            Документот споменува дека Србија би морала да го олесни спроведувањето на волјата на надоаѓачките компании, но за возврат ќе се зголеми соработката помеѓу ЕУ и српските индустриски актери – алудирајќи дека српската владеачка класа ќе го добие својот дел од колачот и пазарот во тој процес, во вид на преработка, транспорт или дел од сопствеништвото. Тука лежи избрзаниот обид на Вучиќ повторно да проба да го доведе Рио Тинто.

Зошто рудникот е проблем?

            Едно од главните чувства кај населението е дека во Србија се планира рудник затоа што земјите од Европската унија имаат стандарди кои забрануваат отворање на рудници штетни за животната средина, но и стравуваат од бунт на нивното население.

            Малите земји од секогаш служеле за експлоатација на империјалистичките центри, а Србија им е погодна од неколку причини. Една од најважните секако е ефтина, но квалитетна работна сила, која Вучиќ ја рекламира со тоа што во претходната деценија примами бројни странски инвеститори. Втората причина е локацијата на Србија, која се наоѓа на периферијата на Европската унија, на европските капиталисти им одговара да имаат извор на сировини толку блиску, а сепак тоа да не е земја членка. Покрај тоа, правните рамки за работа во Србија се лабави, па познато е дека странските компании не мораат да ги почитуваат еколошките и другите стандарди. Голем бонус е и тоа што странските инвеститори добиваат привилегии во вид на субвенции и даночни олеснувања, како што е наведено во Меморандумот.

            Проблем претставува секако и во еколошка, а со тоа и во здравствена смисла. Меморандумот е полн со ветувања за почитување на најдобрите еколошки пракси, но кога ќе видеме кој ветува исполнување на тие стандарди, јасно е дека се работи за договор со ѓаволот. Рио Тинто е озлогласен за уништување на животната средина, ужасните услови за работа и кршењето на работничките права, како и постоењето на историја на соработка со фашистички режими. Европската унија, која сака себе да се претстави како најпрогресивната сила на светот, моментално ја поттикнува војната во Украина и геноцидот во Газа, заради своите империјалистички интереси, а исто така беше и дел од НАТО кампањата за бомбардирање на Србија, и тоа од истиот мотив. Притоа, и сама спроведува сурови мерки за штедење врз своите граѓани и на самиот крај во потполност го поддржува режимот на Александар Вучиќ во неговата сервилна политика.

            Режимот на Александар Вучиќ и самиот е познат по исклучителните мерки за штедење, каде се уништени здравството, образованието и културата. Луѓето се условуваат со зачленување во неговата партија за работно место, а исто така, Српската напредна странка неретко користи тепачи, хулигани и организиран криминал за остварување на своите цели. Вучиќ се фали со растот на БДП на Србија, но никаде не ја човечката жртва за тој раст. А нормално, и во тој раст српската владеачка класа беше главниот добитник, додека работните луѓе добија трошки.

            На крајот, овој рудник пред сè има улога да извезува бор и литиум, со интеграција на српската владеачка класа. Тоа значи дека тој евентуален економски раст од рудникот пред сè би зависел од пазарот. Сметајќи на длабоката капиталистичка криза во која се наоѓаме, инфлацијата, војните, растечките протекционистички мерки помеѓу земјите и огромниот светски долг, оптимистичките проекции на Европската унија кон порастот на пазарот за електрични возила тој делува сосема бледо. Во случај пазарот на електрични автомобили да не доживее раст каков што ЕУ проектира, Србија би можела да добие рудник без работници, но со уништена природа. На крајот, во случај на еколошка катастрофа, за санирање на штети Србија не може да обврзе ниту една компанија, ниту еден ентитет, затоа што не постои механизам кој странските компании би ги натерал да платат оштета или едноставно да ја напуштат земјата.

            Сè на сè, прашањето за уништувањето на природата дава чувство од егзистенцијален карактер. На Србија веќе многу ѝ е одземено, како што погоре наведовме и ако се дозволи мултинационалните компании да ни ја одземат и природата, ништо нема да ни остане. Протестите кои се случија се поврзани со природата, но тие исто така претставуваат и одзив на многу други проблеми кои ја измачуваат Србија.

Нема да копаш!

            На масите во Србија не им требаше многу време да реагираат на овие поданички потези на владеачката класа. Уште пред укинувањето на одлуката на Владата за стопирањето на проектот „Јадар“ и Меморандумот, во Лозница на 28 јуни се одржа протест против компанијата Рио Тинто, затоа што станува збор за град кој би бил еден од најпогодените во случај на отворање на рудникот. После Меморандумот на 22 јули организиран е протест и во Шабац, кој до тој момент беше најголем протест во целата година, со преку 7000 присутни. Лозница, Ваљево и Шабац го сочинуваат триаголникот околу реката Јадар и одзивот во овие градови покажува голема одлучност на жителите да се спротистават на проектот кој би им ја уништил околината.

            Она што исто така го одбележа ова движење е особено големиот број на протести во малите места како што се Аранѓеловац, Мионица, Љиг, Уб, Мали Звоник, Баљина Башта, и многу други градови и села низ Србија. Причина за тој голем одзив се најавите за ископување на литиум кои се појавија во јавноста и жителите брзо реагираа со цел да го покажат несогласување со тие планови за копање во нивната околина. Солидарност покажаа и големите центри како што се Крагуевац, но и Ниш и Нови Сад кои не се наоѓаат на директен удар од овие проекти.

            Кулминацијата на протестите под името „Рудник нема да има“, се одржа на 10 август во Белград со општа мобилизација на масите од цела Србија. Према проценките на протестот учествуваа најмалку 30.000 луѓе. Меѓу демонстрантите владееше особено згрозеност кон колонијалните тенденции на српската владеачка класа, каде странските инвеститори можат со земјата да прават што сакаат. Вучиќ беше претставен како компрадор под контрола на канцеларот Шолц, амбасадорот во Србија, Кристофер Хил, но и на рускиот претседател Владимир Путин, алудирајќи на тоа дека Србија е под доминација на империјализмот и од Исток и од Запад, и да ниту во едниот ниту во другиот српските маси немаат сојузник.

            Помеѓу демонстрантите, па и кај оние кои не беа на протестите, но се противат на Рио Тинто, владееше впечаток дека прошетките и протестите не се доволни за спречување на загрозувањето од капиталот на нашата природа. Протестот заврши со прошетка и на крајот со блокада на Газела и дури блокада на железничката пруга. Идејата позади овие директни акции е исправна затоа што демонстрантите сакаа да удрат врз џеповите на инвеститорите и властодршците. Но, пореметувањето на транспортниот сообраќај многу ограничено може да изврши економски притисок кон владеачката класа која би се притиснала во ќош и повторно повлекување.

Радикализација – но каква?

            Предноста на претходните протести против Рио Тинто беше во тоа што за три месеци требаше да се одржат избори. Вучиќ го насети расположението, дека ако се продолжи, би можело да му се загрози власта, па брзо тргна во поход на промени на министри, забрана за работа на Рио Тинто и отстапки кон барањата на демонстрантите. Но, сега тргна доста тактично во офанзива кога избори не се на агендата во наредниот период.

Фото Ѓорѓе Којадиновиќ, Reuters

            Секако, тоа не значи дека протестите не можат да ја загрозат неговата власт и за тоа се свесни и самите демонстранти, најавувајќи дека вучиќевата власт ќе падне во Јадар. Расположението во Србија покажува дека овој протест во Белград никако не е финале, туку одмерување на силите во случај да се продолжи со проектот Јадар. Нови протести и борби се најавуваат и тоа е исправна насока која треба да се продолжи во идниот период.

            Срцето на борбата секако дека ќе биде во градовите околу реката Јадар – Лозница, Ваљево и Шабац. Не е исклучено и тоа Вучиќ да се обиде да копа и во други делови на Србија, со цел да се тестира расположението на жителите за кога операцијата би почнала. Во тој случај, жителите би требало да ја саботираат работата и развојот на најавените проекти како што тоа се правеше во претходните борби против мини-хидроелектраните.

            Но, ако целта на овие протести е да се удри по џепот на странските инвеститори и домашните властодршци, не постои сила која може тоа подобро да го направи од самата работничка класа. Ова движење мора да се поврзи со синдикатите, особено во околината на Јадар. Работничката класа и самата ќе биде на директен удар на овие проекти, а таа преку методи на штрајк може најдиректно да удри по џепот на владеачката класа. Само замислете каков ефект би имал политички и еколошки, штрајк во Крушик во Ваљево, со кој режимот на Вучиќ е добро поврзан или во некоја од странските, па дури и домашните компании, кој би имал за цел да изврши притисок врз властите да се откажат од проектот. Доволно е да се сетиме на штрајкот во ФИАТ во Крагуевац, кој привлече и инспирира бројни работници ширум Србија да се придружат на штрајкот. Премиерката Ана Брнабиќ мораше директно да оди на преговори со работниците, со цел да се оправда пред странските газди.

            Такво исто сценарио би можело да се повтори и во Лозница, Ваљево и Шабац, што би ја инспирирало работничката класа во Србија да се одважи и да се уклучи во одредувањето на својата судбина. Работничката класа е мнозинство од народот, што значи да мнозинството е способно да учествува во ваков вид на борба. Како што и на протестот беше кажано, Јадар е наш, ние сме оружјето што го брани, ние одлучуваме за неговата судбина.

НЕМА ДА КОПАШ!
СРБИЈА НЕ Е КОЛОНИЈА!
ГО ПРОТЕРАВМЕ ЕДНАШ ЌЕ ГО ПРОТЕРАМЕ ПОВТОРНО!РИО ТИНТО – МРШ ОД СРБИЈА!