ВестиИнтернационалаОпшто

Падот на маската на шведскиот капитализам

Ви ја пренесуваме оваа анализа од Револуција – шведската секција на Интернационалната марксистичка тенденција. Текстот третира важни прашања поврзани со шведскиот капитализам и справувањето со кризата предизвикана од коронавирусот. Овој текст е релевантен за читање и дискусија бидејќи ги разоткрива митовите и илузиите за шведското општество.

Линк до текстот

Заклучно со крајот на април, бројот на смртни случаи од ковид-19 во Шведска на 1000 жители е три пати поголема од Данска и Германија и четири пати поголема од Норвешка. Владата ја турка националистичката идеја дека Шведска е некако различна и подобра од остатокот на светот. Но пандемијата ја откри вистинската природа на шведското класно општество.

На 4 февруари, директорот за Јавно здравје, Јохан Карлсон рече „коронавирусот нема да се рашири низ Шведска во сегашните услови“. Властите упорно нагласуваа дека го имаме „еден од најдобрите здравствени системи во светот“, поттикнувајќи ја идејата дека некако ќе бидеме безбедни – дека вакви работи не можат да и се случат на Шведска.

Вистината е дека намалувањата и приватизациите од 1990-тите предизвикаа брзо влошување на здравствената заштита. Бројот на болнички кревети на 1000 жители е намален за повеќе од половина отколку во 90-тите и сега е најнизок од сите земји на ОЕЦД. Кога последното истражување беше направено во 2012 година, Шведска имаше втор најнизок број на легла за интензивна нега во ЕУ и половина од бројот на Италија.

И покрај тоа што тие обично не признаваат јавно, јасно е дека шведската влада презема пристап за „имунитет на стадо“ (колективен имунитет) за борба против вирусот. Државниот епидемиолог Андерс Тегнел ја опиша стратегијата на Шведска во интервјуто на 8 април: „Секој сериозен епидемиолог знае дека само имунитетот на стадото ќе го забави ширењето на вирусот. Ништо друго нема да го забави долгорочно … а далеку сме од вакцина“.

Како што знаеме, Велика Британија го напушти ваквиот пристап кога истражувањата од Кралскиот колеџ во Лондон покажаа дека овој метод би изложил 250 000 луѓе на ризик од смрт. Изложување на населението на вирусот без да се земат предвид недостатокот на легла за интензивна нега, недоволно опремените болници, преморен медицински персонал, медицински неподготвени домови за стари лица и осиромашени здравствени установи заради децении на намалувања и приватизации ги изложува вистинските приоритети на шведската влада.

Како што капитализмот навлегува во сериозна криза на светско ниво, шведската влада се фокусира на одбрана на приватниот капиталистички профит. Дополнителните 2,1 милијарди евра наменети за системот на социјална грижа изгледаат незначајно споредени со намалувањето на даночните приходи поради кризата. И на големите компании им е ветено над 20 пати поголема сума: 58 милијарди евра субвенции.

Одговор без грижа

На почетокот на пандемијата, СЗО вршеше притисок за „агресивно тестирање“, трагање по контакт (лицето на изворот на инфекцијата), изолација и карантин. Шведска не ги следеше овие препораки. Трагањето по контакт беше напуштено на 12 март, при што Тегнел ја опиша практиката дека „сега е безначајна“. Иако никогаш не беше јавно признаено од властите, постоеше голем недостаток на комплети за тестирање, што значеше дека тестирањето беше строго ограничено. Скандалозно, тие дури и не тестирале здравствени работници кои без заштитна опрема негувале пациенти позитивни на ковид-19. Немаше карантин на лица од домаќинства со потврдени случаи, од кои се бараше да продолжат со работа како и обично (доколку немаа симптоми). Ова правило важеше и за луѓето во здравството.

Шведската буржоазија е загрижена дека порешителните мерки ќе им наштетат на нивниот профит. Ова беше повеќе или помалку потврдено од Лиза Бруверс, раководителот на одделот за анализа на Агенцијата за Јавно здравје на Шведска:

„Не можеме да го затвориме општеството, патувања, транспорт и социјални односи неколку години. Не е можно. Мислам дека не е дури и нешто за кое вреди да се стремиме. Економијата ќе пропадне долго пред тоа “.

Над 2000 шведски научници и истражувачи потпишаа петиција на 25 март во која ја повикуваат владата „веднаш да преземе мерки за да ги следи препораките на СЗО во целост, вклучивајќи и интервенции за намалување на подвижноста и контакт меѓу населението и да го зголеми нашиот капацитет за тестирање за инфекции од ковид-19”. И повторно, на 14 април, 22 истражувачи и научници напишаа во буржоаскиот весник Дагенс Нихер:

„Како резултат [на јавните здравствени власти кои ги игнорираат раните знаци на ширење], малку работи се случија во текот на следниот месец. Немаше големо проширување на можностите за тестирање. Не беа преземени напори да се создадат залихи на заштитна опрема. Сето ова продолжи по иста линија. Во најмалку четири наврати, Јавно здравство тврдеше дека ширењето на инфекцијата се израмнило или ќе се намали. Тоа не се случи. Сите лица кои се вратиле без симптоми од италијанските Алпи биле советувани да продолжат со животот како обично – иако знаеле дека северна Италија е погодена силно. Тие сè уште одбиваат да прифатат дека ширењето на инфекција од асимптоматски носители значајно придонесе за смртност кај постарите лица. Тие исто така не се подготвени да ги променат своите препораки дури и сега, кога кривите во Шведска започнаа значително да се разликуваат од соседните земји“.

„Најдобрата здравствена грижа на светот“

Во извештајот од 2012 година на американскиот конзервативен центар „Херитиџ“ се вели дека „ниту една земја не ги приватизирала и дерегулирала јавните услуги толку брзо како Шведска. Шведска се искачи по ранк побрзо од било која развиена економија од 1996 година“. Овој процес започна во осумдесеттите и се забрза за време на економската криза во раните 1990-ти. Десничарската влада во периодот 2006-2014 година изврши сериозни удари, а сегашната наводно социјалдемократска влада презеде малку за да им се спротивстави.

Приватизациите и намалувањата продолжуваат и сега. Болница во Стокхолм беше продадена за 52,6 милиони евра во март на компанија во сопственост на Валенберг, најбогатото семејство во Шведска. Поранешниот шеф на здравството во Стокхолм е член на одборот во таа компанија. Болница во Хелсингборг изврши големи намалувања во вредност од 9,2 милиони евра. Сите региони и градските совети всушност планираа големи намалувања оваа година. Повеќето од нив сега се одложени, а ќе се спроведат откако ќе се смири пандемијата.

На почетокот на 1990-тите години, имало 50 теренски болници со 10 илјада болнички кревети, 900 легла за интензивна нега и 2100 легла за интензивна нега во резерва. Но, за време на 1990-тите години, беше намалена цивилната одбрана, бидејќи војската беше пренасочена кон најновата империјалистичка авантура. Хеликоптерите, амбулантните возила, засолништата, болниците, противпожарните возила, производителите на електрична енергија и резервите на храна беа исфрлени, продадени или уништени – вклучувајќи и 630 респиратори. Во раните 2000-ти беа уништени 7,4 милиони маски за лице, од кои 30 проценти беа во функција, а за 70 проценти беа потребни само нови филтри.

Според Државниот одбор за здравство и социјална заштита Шведска имала 4300 легла за интензивна нега во 1993 година, но во 2018 година бројот паднал на 574. Бројот на центри за итни случаи се намалил во истиот период од 115 на 71.

Минатата година, 500 операции се откажаа затоа што приватната компанија „Апотектјанст“ ги збрка испораките на медицински материјали. Снабдувањето на лекови претходно беше одговорност на државниот фармацевтски монопол, но истиот беше дерегулиран во 2009 година и беа распуштени осумте централни центри. Алчните капиталистички компании како Прокуратор сега се занимаваат со зголемување на цените на личната заштитна опрема до 900 проценти.

Пукнатините излегуваат на виделина

Досега, три од четири домови за стари лица во Стокхолм и еден од три во Гетеборг потврдија случаи на ковид-19, иако реалната бројка е веројатно поголема. Бројот на несигурни работни места во домовите за нега на стари лица е една од главните причини за брзото ширење на вирусот кај старите луѓе. Еден од четири работници во домови за нега на стари лица во јавниот сектор се на привремени договори, а еден на секои пет е на договор на повик. Во Стокхолм 800 медицински сестри и асистенти медицински сестри работеа 48 часа секоја недела во изминатите четири недели.

Очигледно е дека вирусот влијае полошо врз луѓето од работничката класа отколку врз богатите. Многу работници немаат можност да останат дома поради страв од губење на работата или едноставно не можат да си дозволат да загубат приход. Тие исто така живеат во помали домови со повеќе лица за разлика од богатите во нивните палати.

Три од четири домови за стари лица во Стокхолм и еден од три во Гетеборг потврдија случаи на ковид-19.

Во Гетеборг, работниците во дом за нега на стари лица направија свои маски за лице од пелени. Еден од здравствените работници во дом за нега на стари лица во Стокхолм, Јесика, за весникот „Експресен“ на 8 април изјави дека нивниот шеф им кажал дека користат ракавици премногу често и треба да ги користат своите голи раце кога местат кревети или се грижат за старите лица. И со заразените стари лица требаше да се постапува на овој начин затоа што според шефот „тоа е помалку опасно од тоа да се оди во супермаркет“.

Поради недостаток на опрема за лична заштита, надлежните тврдеа на 27 март дека нема потреба да се користи маска за лице и дека наметките без ракави се во ред доколку работниците користеле гел за дезинфекција. Ова ги разбесна здравствените работници, кои започнаа група на Фејсбук наречена „#Vägrasänkahygienkraven covid-19“ (одбиваме ниски хигиенски стандарди) која порасна на повеќе од 60 илјади членови во рок од една недела. Во групата преовладуваа лути коментари како: „Овие политичари ќе шетаат по трупови ако треба за да останат на власт“. Возач на брза помош го кажа следново:

„Благодарност до SKR [Шведската асоцијација на локални власти и региони] што си поигрувате со нашите животи со тоа што ги спуштивте сигурносните стандарди против ковид-19, ние кои треба да го спасиме вашиот образ по години на намалувања и бедни плати. Вие ги загрозувате животите на моите деца и родители, без советување и против упатствата од Агенцијата за јавно здравје. Јас нема да го дозволам тоа! Сега треба да се бориме против ковид-19 во хируршки маски што се ефективни колку филтри за кафе во војна“.

Неодамна беа тестирани околу 50 вработени во болницата во Линкопинг и се покажа дека половина од нив се заразени – многумина без симптоми. Сепак, Јохана Сендвол, задолжена за одговор при итни случаи во Националниот одбор за здравство и благосостојба, рече дека здравствените работници „немаат ризик од зараза“ доколку ги следат препораките, имаат соодветно образование и соодветни вештини за користење на опремата. Со други зборови, ваша грешка е ако се заразите.

Откако првично молчеа, притисокот одоздола сега го натера синдикатот „Комунал“, еден од најголемите синдикати што ги организира најголемиот дел од работниците во јавниот сектор, да го кренат својот глас. На 17 април, Комунал побара сите нивни членови да имаат пристап до соодветна заштитна опрема, вклучувајќи маски за лице, визири, ракавици и наметки со долги ракави. Доколку ова не се обезбеди, Комунал рече дека тие ќе спроведат стопирање од безбедносни причини на секое работно место што одби да ги исполни тие барања. За жал, тие допрва треба да ја докажат оваа борбеност во која било конкретна акција. Сите стопирањата од безбедносни причини досега, во две големи болници и шест домови за нега на стари лица, се спроведени одоздола.

Економска криза

Шведска се соочува со далеку посилна рецесија отколку во 2008-2009 година. Над 100 000 луѓе ги загубија своите работни места од почетокот на март, најмногу во услужниот сектор (хотели, ресторани и барови), каде што многу работници имаат прекарни договори. Многу компании, вклучувајќи и гиганти како Волво и Сканија, го пуштија најголемиот дел од своите работници на принуден одмор затоа што не ги добија потребните делови за работа од други земји, а нивните плати сега ги плаќа државата. Некои економисти проценуваат дека шведскиот БДП може да се намали и до 10 проценти и дека невработеноста може да достигне 13,5 проценти само во првата година од кризата.

Владата воведе некои мали отстапки за работниците, како на пример исплата на плати за нивниот прв ден од отсуство поради боледување, но тоа не е доволно за да се надомести загубата на платите. Владата исто така ги намали условите за добивање надоместок за невработеност, но повеќето млади работници на привремени договори на повик сè уште не ги исполнуваат барањата и не можат да ги добијат истите.

Секогаш кога доаѓале на власт од 1980 година па наваму, социјалдемократите вршеле кратења, приватизации и дерегулации. Лидерите на синдикатите не се мобилизираа сериозно против ова, со што бројот на штрајкови всушност опаѓа додека состојбата на работниците се влошува – особено во јавниот сектор и во прекарни работни места. Подемот на расистичката десничарска Шведски Демократи – моментално се наоѓаат на околу 20 проценти во анкетите – се јасен знак дека многу работници бараат алтернатива. Како што многупати објаснивме, ова се одвива единствено поради недостаток на сериозна алтернатива за работничката класа во левицата. Но, ова не може да трае вечно.

Социјалдемократите вршеле кратења, приватизации и дерегулации

Покрај тоа што владата им даде 58 милијарди евра на компаниите, централната банка им вети на банките поддршка за ликвидност во износ до 129 милијарди евра. Работниците ги губат работните места, се соочуваат со ризик да се разболат и да не можат да се лекуваат – сè додека државата прави се од себе за да им помогне на газдите да си ги полнат џеповите.

Владата и капиталистите се надеваат дека ќе се извлечат од сето ова, надевајќи се дека лидерите на работничкото движење ќе ја стишат класната борба. Но, тие не треба да бидат толку сигурни во овој план. Несовесноста и цинизмот на владата ќе бидат искористени против нив, бидејќи се зголемуваат бројот на загинатите и се зголемува невработеноста. Многу работници се надеваат дека ова е привремен период и дека работите ќе се вратат во нормала по пандемијата. Но, новиот бран на кратења ќе биде спроведен за да се избалансира буџетот на државата, регионите и градските совети, за да може да се исплатат субвенциите кон капиталистите. Ова ја поставува основата за масовна класна борба, што лидерите на работниците нема да можат лесно да ја стишат.

Јакоб Валенберг, главата на најбогатото капиталистичко семејство во Шведска, во интервју за „Фајненшал тајмс“ под наслов „’Лекот’ за коронавирус може да предизвика социјален колапс“, изјави дека е „преплашен од последиците за општеството“. Тој предвиде дека доколку кризата се продолжи, тоа би можело да значи стапка на невработеност од 20-30 проценти и контракција на економијата за истиот износ. Тој изјави дека во таков случај: „Нема да има закрепнување. Ќе има социјални немири. Ќе има насилство. Ќе има социо-економски последици: драматична невработеност“. Со други зборови, тој е исплашен до смрт од класната борба. Би сакале да додадеме дека сценариото што тој го прикажува има јасни револуционерни импликации.

Пасивноста на работничкото движење

Синдикатите ги поддржаа мерките преземени од владата. Претседавачот на Конфедерацијата на Синдикати ЛО, Карл-Петер Торвалдсон дури рече дека „ништо не недостасува“ од безначајните привремени мерки.

Сите иницијативи за заштита на работниците потекнуваат од самите работници. Локалните синдикати бараа безбедносни мерки во јавниот превоз, да се престане со проверка на билети на возовите, затворање на предните врати на автобусите и да не се намали бројот на линии на возови, бидејќи вирусот побрзо би се ширел во услови на преполни возови и автобуси.

Во изминатите неколку години беа организирани голем број на иницијативи од страна на социјалните работници, кои беа нарекувани „бунтови“ – од наставниците, до медицинските сестри, негувателите на стари лица, наставниците во предучилишните установи и многу повеќе низ целата земја, организирајќи демонстрации и други протести. Но, ова не е ништо во споредба со она што ќе го видиме по пандемијата.

Во меѓувреме, Левичарската партија ги поддржа милијардите евра донирани на банките и големите бизниси без никаква критика. Тие побараа повеќе пари за социјални грижи, но далеку од она што е потребно за да се покријат дури и даночните приходи што сега се изгубени со растечката невработеност. Раководството јасно е погодено од притисокот за националното единство, каде капиталистите, десничарските партии, дури и Шведските Демократи и синдикатите заедно ја поддржуваат владата преку оваа криза.

Со години Левичарската партија постепено се прилагодуваше на Социјалдемократите и ги минимизираше нивните претходни, порадикални барања како шестчасовен работен ден и 200 000 нови работни места во јавниот сектор. Раководството дури предложи на (сега одложениот) Конгрес на партијата да се укине делот во партиската програма, каде се зборува за потребата од укинување на капитализмот.

Во неодамнешниот пренос во живо, лидерот на партијата Јонас Шостет го понуди овој совет:

„Купете храна за носење за да ги поддржувате малите бизниси, слушајте ги надлежните, одложете ја посетата на вашата баба, водете сметка едни со други, мијте ги рацете, одржувајте растојание, мислете на постарите, контактирајте со старите пријатели, направете го вашиот дом да изгледа убав, посејте семиња во саксии за да можете да соберете краставици и домати во текот на летото кога ќе заврши кризата.“

Со вакво „водство“ одозгора, борбата против кризата ќе треба да се спроведува одоздола: од страна на радикални членови на синдикатот, членови на Левицата и Социјалдемократи и до сега пасивните слоеви на работничката класа, кои ќе бидат присилени да се вклучат во настаните.

За работничка офанзива

Во 1980 година, Шведска беше една од држави во светот со најголема еднаквост. Оттогаш се случи масовна прераспределба на богатството од работниците кон капиталистите. Шведска е земја на ОЕЦД каде нееднаквоста се зголеми најбрзо во изминатите децении. Не треба да им се дозволи на капиталистите да ја искористат оваа криза за дополнително да ја ограбат работничката класа за да ги заштитат своите профити. Потребна ни е офанзива на работничката класа со цел да одговориме на нападот од страна на газдите.

Револуција, шведскиот огранок на ИМТ, ги повикува сите оние кои сакаат да се спротивстават, кои сакаат да ја решат кризата во здравството, да ги спасат луѓето од ужасите на ковид-19 и да ги натераат газдите да платат за економската криза, да се борат за следното:

   – Прекин на сите намалувања, отпуштања и приватизации.

   – Масовна кампања за вработување на здравствени работници. Да им се даде на работниците поттик да се вратат на здравствената заштита преку долгогодишно зголемување на платите. Експропријација на сите потребни објекти за да се обезбедат болнички кревети.

   – Национализација на фармацевтската индустрија, деловните субјекти кои обезбедуваат заштитна опрема и сите приватни здравствени установи за истите да бидат вклучени во националниот план за здравствена заштита.

   – Воведување на забрзано образование со гарантирано вработување за сите кои сакаат да придонесат кон јавното здравје. Прекин на отпуштањата на административниот персонал, домарите, чистачите и сл, со цел здравствените работници да можат да се фокусираат на пациентите.

   – Национализација на други фабрики за пренасочување кон производство на заштитна опрема. Формирајте работни комитети во индустријата, здравството и универзитетите кои ќе се координираат и ќе одлучат што треба да се произведе и како да се стори тоа.

   – Организирајте бесплатна достава на храна за сите оние кои не можат да ги напуштат своите домови и бесплатна храна за оние кои не можат да си дозволат да купат храна. Контрола на цените на храна, лекови, медицинска опрема и сл.

   – Забрана за отпуштања од работа и намалување на платите поради кризата. За сите принудни одмори треба да плаќаат големите бизниси, а не државата. Компаниите кои тврдат дека не можат да си го дозволат тоа, треба да ги отворат своите книги за истрага од избрани работнички комитети. Ако навистина не можат да си го дозволат тоа, треба да се национализираат за да ги заштитат работните места. Сите големи бизниси кои се соочуваат со банкрот треба да бидат национализирани, а не затворени.

   – Запирање на целото неесенцијално производство за да се намали ширењето на вирусот и да им се даде на работниците целосна плата што ќе ја плаќа компанијата, а не државата. Дозволете им на работниците и синдикатите да одлучат кое производство е суштинско, а кое не. На работните места што треба да останат отворени, работниците и синдикатите мораат да преземат контрола врз производството и да донесат одлуки за работното време, ангажирање нови работници и сите мерки што сметаат дека се неопходни за заштита на здравјето на работниците.

   – Ако газдите одбиваат да го затворат неесенцијалното производство, синдикатите треба да организираат штрајкови за да извршат прекини.

   – Забрана за присилни иселувања и прекин на наплата на закупнината за оние кои ги изгубиле своите приходи и поништување на делови од хипотеки за работниците кои не можат да ги платат долговите. Експропријација на сите празни згради со цел сместување на бездомните лица. Национализација на сите компании за недвижнини кои ќе одбијат.

   – Овозможете им на сите работници да добијат надоместоци за невработеност и да се престане со лудите барања што им се наметнуваат на болните луѓе да ги добијат своите надоместоци. На никој кој е болен не смее да му биде одземено осигурувањето.

   – Без договори помеѓу лидерите на синдикатите и газдите зад грбот на членовите. Повторно воспоставување на демократијата на работничката класа во синдикалното движење. Членовите мора да гласаат за сите договори – лидерите нема да потпишуваат договори без истите да бидат одобрени од членовите!

   – Оваа програма не треба да се финансира преку заеми, кои работниците ќе ги плаќаат понатаму преку кратења и инфлација. Национализирајте ги банките за да плаќаат за потребните инвестиции и мерки. Со национализирање на банките, на малите бизниси може да им се понуди државна поддршка за заштита на работните места. Сите национализации на банките и големите компании да се спроведат без надомест на претходните сопственици.

Овие барања може да изгледаат како екстремни за многу шведски работници кои сè уште не разбираат колку длабока ќе биде оваа криза и колку тешко ќе влијае на нив. Но, во реалноста, она што е екстремно е да се дозволи континуирано постоење на овој систем. Денес, капитализмот е изложен како систем каде приватниот профит на малкумина е буквално поважен од нашите животи.

Ако сакаме да избегнеме смртни случаи, да им олеснеме на здравствените работници кои се кршат под товарот на којшто се изложени и да не им се дозволи на капиталистите со помош на државата да ги одземат сите оние реформи за кои шведските работници тешко се бореле, тогаш мора да се преземат овие вонредни мерки. Кризата треба да ја платат капиталистите кои си ги полнат џебовите и со години бележат рекордни профити. Ние сме апсолутно го поддржуваме социјализмот како единствена рационална алтернатива, како и револуционерното соборување на владејачката класа и нивниот расипан систем.

Потребата за социјалистичка планска економија

Низ целата земја преземени се иницијативи од обични работници и млади за да им се помогне на оние што имаат потреба. Луѓето понудија да им земат храна и лекови на соседите кои не можат да ги напуштат своите домови. Луѓето купуваат храна за болнички работници, затоа што честопати немаат време сами да си набават. Хемискиот оддел на универзитетот во Стокхолм произведе средства за дезинфекција на здравствените работници, а костимографите во Градскиот театар во Стокхолм шијат заштитни наметки.

Ова треба да го споредиме со алчноста на газдите што сега се обидуваат да ги избегнат мерките за безбедност, или цинизмот на владата што смета дека смртта на илјадници е цена што вреди да се плати за да се одржи „економијата“ во живот (т.е. да ги заштити капиталистичките профити).

Шведските марксисти повикуваат: „Придружете се на ИМТ и помогнете да се изградат силите на марксизмот!“

Пандемија може да се случи во секое општество. Но, капиталистичкиот систем овозможи сегашната пандемија да направи ваков хаос и да предизвика економска криза со ваква големина. Во системот каде производството се користи за добивка на неколку капиталисти кои ги поседуваат големите банки и монополи, профитот секогаш ќе доаѓа пред луѓето. Во национализирана планска економија би можеле брзо да го реорганизираме производството за да обезбедиме сè што му треба на здравството. И во социјалистички свет без нации, државите би соработувале да си помагаат едни на други во решавањето на секоја криза – наместо да се натпреваруваат едни против други и да подгреваат национализам.

Со вистинско социјалистичко општество би управувале самите работници, а не политичарите и газдите кои се слободни да воведат мерки со кои тие самите нема да бидат засегнати, а со кои се загрозува животот и здравјето на обичните работници. Работниците се тие кои најдобро знаат што треба да се произведе, кои работни места се најпотребни и како треба да се произведуваат добрата.

Не ни требаат капиталистите нам – ние им требаме ним. Работничката класа има моќ да престане со производство од едно работно место до целото општество што значи дека има моќ да го трансформира општеството, со револуционерно преземање на власта од капиталистичката класа и нејзината буржоаска држава. Социјалистички свет, ослободен од национални граници, со национализирана планска економија управувана со работничка демократија – тоа е она за што се бориме.

За сите оние кои сакаат да се борат за социјалистичка револуција во Шведска, како дел од светската револуција, да го соборат капитализмот: придружете ни се и помогнете ни да ги градиме силите на марксизмот. Изброени се деновите на капитализмот. Да се избориме за социјализам во наше доба.

1 мај 2020, Револуција (ИМТ Шведска)