Левица - партијаМакедонија

Левица(та) мора да расчисти со национализмот и врховизмот во своите редови

Ова е нова шанса за рефлексија на политичкото здружување на силите кои ја создадоа партијата Левица. Шансата се роди со отцепувањето на групата „врховисти“ и сталинисти, кои со своите брутални дејства и фалсификати ги срушија мостовите за каква било соработка. Покрај правната битка, МО „Црвени“ се детерминирани да ја водат политичката битка за поразување на националистичките сили кои го загадуваат просторот на левицата, но и генерално во општеството растоено од имплозивниот удар на капитализмот на Балканот.

Кратка хронологија на настаните од претходната година

Potius sero quam numquam (Подобро доцна отколку никогаш) Тит Ливиј

Веруваме дека првиот механизам за справување со внатрешните проблеми е преку внатрешна, конструктивна полемика и акција. Марксистичката организација „Црвени“ има право да истапи во јавност како признаена (засега и единствена формализирана) фракција на Левица. Во целиот свој период повикуваме на поддршка на Левица и зачленување на марксистите со цел градење партија со широка мрежа и демократската база на членство, како и борба за спроведување на напредните идеи на социјализмот.

Слика 1. „Црвени“ учествуваат и на локалните избори

МО „Црвени“ во 2018 г. не само што дадоа поддршка во кампањата против формално приклучување на Македонија кон НАТО пактот, туку токму координаторот на секторот за надворешната политика на Левица беше член на нашата тенденција. Во таа насока, контактиравме со нашата сестринска организација од Грција и го објавивме ставот по фамозниот Преспански договор на 15 јуни 2018 г.  (види Договор за „Македонија“: реакционерен по природа – НЕ за патриотскиот отров на буржоазијата и другите бранители или критичари)

Слика 2. Трибина „Товарот на името“. Организаторот, говорникот и модераторот на трибината – сите членови на МО „Црвени“.

На 5 март 2018 г. се одржа трибина под наслов „Товарот на името“ во организација на Левица, која испрати сигнал дека комунистичките движења и партии во Грција се против политиката на Ципрас и Заев во врска со македонското прашање. Во самата организација на оваа трибина, организаторот и говорникот, како и модераторот се членови на „Црвени“. По трибината „Товарот на името“,  која беше повеќе од успешна за македонски стандарди, следуваше подготовка на Првомајскиот марш. Авторот на прогласот беше друг член на нашата политичка тенденција, а текстот беше одобрен од раководството на партијата (види  Првомајскиот проглас 2018). Во подготовката на маршот се појави струја (редакцијата на е-гласилото Антропол) која дефакто го опструираше овој марш (од необјавување на партискиот проглас до одбивање да земе учество во пропагандата и изработката на потребните материјали, саботираше купување на дрвени летви со алуминиумски профили, не ги зедоа батериите на мегафоните, забораваа дека имавме сите договорено работни состаноци, а најважно ниту еден од таа група ниту изрази желба ниту пак говореше на маршот за договорените одлуки). Токму оваа група на редакцијата на Антропол, која никогаш не беше избрана и верификувана од партиските тела, сега се најде на листата на членови поддржувачи на ликот и делото на „другарот“ Апасиев. И ова не е случајно. Политичката философија кои тие ја имаат е мешавина на сталинизам, маоизам, макијавелизам, омраза кон поинаквите левичари и, најважно, идеја дека политичките заложби треба да се кријат од јавноста поради некоја сила која ги следи и искористува.

Не сакаме да навлегуваме во секој ситен детаљ на конфликтот кој траеше предолго и кој ја црпеше енергијата за развој на Левица. Наместо политичка дискусија често пати доживуваме етикети дека „Левица не смее да има фракции“ што практично значеше дека партијата не смее да има разноликости и треба верно да се иде по некој неусвоен план и програма. Барањето да се ставиме под нечија капа и само така да ја продолжиме политичката активност, се покажа како уназадување. Клеветите, пак, не беа насочени само кон нашата организација, а партијата од самото создавање имаше проблеми со одредени личности, кои и покрај добиените дисциплински мерки, продолжуваа со навредите и успеваа помеките и покротките да ги отргнат. При тоа, избеганите или избрканите, како некој одбранбен механизам почнаа да се сомневаат во своите поранешни ставови и често се противеа на се што е од Левица.

Но, настаните продолжија и во текот на кампањата за бојкотирање на референдумот, агресивната група под инспирација на Апасиев, дрско ги нападна сите левичари кои мислеа поинаку. Најчесто лепеа етикети либерал, лев либерал, сороспија, комуњар и слични плуканици, оти и не можат да се борат поинаку, со аргументација и материјалистичка анализа. Сега гледаме, од нафталин извадија и „троцкисти“, „странски центри на моќ“, „секташи“. Човек може само да позавиде дека е етикетиран од овие шалабајзери, затоа што тоа значи дека е различен од овие самопрогласени паролашки „револуционери“. Во овој занес дека „победуваат“ и дека креваат „црвена револуција“ (sic!) ние секогаш политички коментиравме – се противевме на правничкото парадирање и барање правда до Уставниот суд, повикуваме на прекин на ова бирократска зависност од поредокот на Законот и правото, знаевме дека претставките се тоалет хартија за режимот. Зошто? Затоа што правниот поредок и во земјите на развиениот капитализам, но посебно во земјите од периферијата на капитализмот каква е Македонија е во отворена соработка со законодавната и извршната власт. Веруваме дека не постои независно судство, ни во претходниот лажен социјалистички систем, но помалку во овој политички плурализам.

Слика 3. Дел од тн соопштение на врховистот, објавено за прв пат во списанието Нетпрес

Ние треба да градиме мостови на доверба со работниците, а довербата мора да се базира на кажување на вистината, макар и таа не е прифатена од работничкото мнозинство. Цврсто стоиме како марксисти дека нашата визија и програма треба да бидат јавно објавени и нема зошто да се криеме. Овој став мора да биде conditio sine qua non на секој левичар! Токму овде имаме најголемо политичко разидиување со групата на „сталинисти“, која е убедена дека треба да се искористи оваа националистичка хистерија, да се преземат масите што инаку се обземени од капиталистичката хегемонија, и кога ќе се дојде до позиција на моќ, само тогаш да се истапи со програмата. Ваквата завереничка стратегија е туѓа на нашата организација и ние одбиваме да делуваме во иста партија со нив. Патем, масите односно работничката класа воопшто не е зафатена со бранот на национализам, па сега да се јавало на него. Работниците од сите етнички групи, но пред се оние од прекарната работа и послабо платените, се резигнирани на (буржоаската) политика и одбиваат да и дадат легитимитет. Во овие услови не постојат независни синдикати и масовна партија која би ги застапувала и би ја зела власта, во крајна линија.

Реалниот пораз на партијата во борбата со бојкотот на референдумот од 30 септември 2018 година – да не привлечат нови членови од една страна, а од друга да не влијае врз политичките текови на државата – како и уставните промени од страна на режимот, под диктат на империјализмот, требаше само да ја зацврстат позицијата на марксистичката практика во левицата и партијата да продолжи со активностите темелени на практиката на здрава левичарска или социјалистичка програма, со главна стратегија на поврзување кон работниците без разлика на етничката или религиозната припадност на теми што ја разгоруваат класната борба. Со тоа се заостри политичката борба внатре во Левица, на два табора, едниот на сталинистите, а другиот табор сите останати, меѓу кои и на марксистите од Црвени. Реално под терминот сталинисти во овој случај подразбираме политики на декларативно залагање за социјализам, но суштинско негирање на демократијата во партиските тела, негирање на потребата за изградба на масовна база на политички свесни борци наспроти малата група водачи опкружена со лојални послушници – ситуација пристутна кај сите буржоаски партии. Социјализмот без демократија е само најголема тиранија врз работниот народ. Повеќето за жал не ја сфатија сериозноста на идеолошката схизма и останаа неутрални.

Најголем испад и удар врз Левица, кој успеавме да го превенираме е фамозното приклучување на Левица кон протестот но и самото движење Бојкотирам на Жидас Даскаловски, Тодор Петров, Ивица Тодоров, низа задгранични црковни општини, и други експоненти на национализмот и клерикализмот. И покрај отвореното противење на мнозинството од Президиумот (4 члена беа против, 2 за, 1 воздржан) членот на Президиумот, Димитар Апасиев се приклучи како себе, така и „својата“ присвоена невладина организација „Ленка“. Овој акт на дрскост пред раководството и членството не беше новост, но овој пат беше причина за наше конечно расчистување со отпадоците од левичарството.

Циркуларното писмо

Овој „лов на вештерки“ својот максимум го достигна во ноември прошлата година. Тогаш Црвени излегоа со Циркуларно писмо, чијашто содржина требаше да се пренесе во локалните ограноци. За жал такво нешто не се направи, а наместо тоа некои локални ограноци се дрзнаа дури да даваат и мислење на невидено писмо (ситуацијата со огранокот во Карпош на пример). Пренесуваме делови од писмото

„во текот на изминататите неколку недели на сметка на вашите другари сопартијци од Марксистичка организација „Црвени“ беа искажани секакви навреди, лаги и манипулации  со што се поткопа широкоградата левичарска партија, изградена од и врз база на повеќе политички струи (де факто фракции). Причината за таквото деградирање ја гледаме во ирационалното кочење на личности кои сакаат сингуларно лидерство, авторитарно поставено. Идејата за фракции во Левица е истите да бидат инкубатори на идеи, кои го креираат и исполнуваат со содржина внатрешниот партиски живот и во кои членовите на партијата кои имаат истоветни принципи и светогледи би можеле идеолошки да се надградуваат и дообразуваат.

Наместо фракционерството да биде општо прифатено место и нешто преку кое во пракса се исполнува демократската (прет)поставеност на Левица, во реалноста фракционерството во Левица се стигматизира, а единствената официјална фракцијата, МО „Црвени“, која не се крие и не ги лаже членовите дека не е фракција, ниту има задни намери кон партијата, која јасно истапи со обзнаната веднаш по носењето на „Правилникот за фракции“, и со тоа целосно почитувајќи го Статутот, правилниците и пред се довербата на партиските членови, секогаш е мета на етикетирање и неоправдано се користи како средство за заплашување на членовите на партијата при секој внатрешен политички судир.

Затоа заклучуваме:

  1. Левица мора да ја разбираме како никулец на работничка партија со изразито социјалистичка идеологија и секогаш да повикуваме приклучување кон нејзините редови. Изјавите за пасивизирање или оддалечување ги сметаме за неоправдани доколку немаат политичка основа.
  2. Партијата се темели и врз принципите на интернационализам и антиклерикализам, како нераскинлив дел од социјалистичката традиција.
  3. „Црвени“ ја предводеа политичката дискусија против десничарските тенденции во партијата и затоа ја поздравуваме одлуката на мнозинството на ЦК да застане доследна на своите работнички интернационалистички принципи и да гласа против сојуз со движењето „Бојкотирам“, кое, според раководството, е десничарска коалиција со широко отворена врата за ВМРО-ДПМНЕ.
  4. Ставот на Левица против грчкиот национализам, против Преспанскиот договор, против промената на името и влезот во НАТО пактот доби огромна поддршка која мора да ја продолжиме само со спојување на овие заложби со потребата од обединување на работниот народ во Македонија без разлика на етничката и верска припадност. Преку овие ставови, кои остануваат непроменети, партијата се докажа дека не е антинародна и антимакедонска, со што ни се создадоа условите македонското прашање да го конципираме низ интернационалистичка, антиимперијалистичка и во крајна линија работничка перспектива. Ова значи дека не требаше ние да се приклонуваме и поврзуваме со некои тесногради десничарски и националистички партии и организации, туку дека народот треба(ше) да го поврземе со нас и на нашите принципи и идеи, како антинационализам, интернационализам, антимилитаризам и борба против капитализмот.   
  5. Левица треба да развие мост кон работничката класа со теми од доменот на изградбата на класна свест, со осуда на секое секташење како поделба на класата по национална, религиозна и друга основа. Во таа насока за фокус во општеството е одлучно вртењe во лев правец, особено кон албанскиот работник и младинец. Левица мора да се врати кон стекнување на изгубената доверба меѓу Албанците и да застане во први редови во борбата против секаков облик на растечки македонски шовинизам. Албанското прашање наместо игнорирање Левица треба да го третира како круцијално, исто како и македонското прашање.
  6. Поддржуваме стратегија на долгорочно градење партија врз темелите на марксизмот, но сме против ставањето под килим на потребата од политичка изградба и кадровско опремување за преземање на власта. Сметаме дека приоритет мора да биде јакнењето на капацитетите на членовите на Партијата, а не кревањето на пиедестал на поединци….
  7. Покрај политичките ставови и  се` друго наведено, во однос на внатрешната изградба на партијата, бараме од неформалните фракции да се обзнанат и да дејствуваат во согласност со Статутот на Левица….Криењето зад општоста на Левица нема да придонесе да зајакне и да се изгради Левица, таа може да расте единствено преку борба на политички идеи. Статутот, правилниците и одлуките на ЦК на Левица мора да се почитуваат, формата во овој случај е еднаква на суштината и таа ја претставува нашата сериозност и посветеност кон партијата која ја градиме…
  8.  Истовремено бараме Президиумот да биде стабилен како програмско политички орган, и да се знае точно зад која програма и општ план стои, таа програма, тој план и персоналниот состав да бидат бирани во целина од ЦК на партијата, со можност за понатамошни измени кои исто така треба да бидат образложени пред и избрани од ЦК. Во таа насока, МО „Црвени“, се залага за гласање на нов и ваков Президиум, по овие критериуми, за чиј персонален состав не е пресудно на која фракција членовите и припаѓаат туку кој програм го застапуваат и во која насока ја водат Левица. Само така Президиумот ќе биде ефикасен извршен орган, а не парализирана комора на различни тенденции и визии. 

Сметаме дека ова се добри основи за надминување на кризата, за натамошно јасно позиционирање на партијата и враќање на довербата на членовите во партијата. (24 ноември 2018)“

Резултатот од ова писмо беше заоострување на реториката и простотијата во кавгата од страна на групата што сега може да се нарече врховисти. Тие членови освен што го спречија протестот на Левица на 29 ноември, успеаја да ја одолговлекуваат подготовката на протестот на група група активисти вон партијата, а и самите не зедоа учество на истиот. Далеку до тоа дека протестот против Заев и капитализмот беше успешен, но тоа беше знак дека левицата (таа вонпартиска) е исто така завлезена во криза, дека има недоверба и дека треба да се работи на јакнење на солидарноста и акциското единство.

Зошто врховизмот е правилен поим

Приказната како од евтини крими-серии започнува со праќање на депеше на Апасиев во Нетпрес (види Левица обвини дека власта се обидела да направи преврат во партијата) и Република во петокот во вечерните часови 15 февруари 2019 година. Демантот испратен до нив не е објавен, не мора да погодуваме зошто. Како што може да се види на Слика 3. „лидерот на Левица“ треска глупости – врбување, доминација, нарушува меѓучовечки односи, пуч, истечен мандат, надворешни центри на моќ. Овие крајно недемократски упади и завери се излив на најцрните сталинистички умови. Веројатно, да имаа гулази и таму ќе не пратеа. Но мислам дека коректниот израз за оваа групација е „врховизам“ што има потекло од нивното расудување дека тие неколкуте се врховиот орган и го имаат печатот и штембилот. Да, звучи смешно, но тие навистина го имаат само печатот. Сличноста на поделбата во македонското револуционено минато од 20 век на врховисти и централисти сега најде и свој пандан во поделбата на левицата во 21 век.

Овие врховистички играчи решиле да создадат нов централен комитет на Левица, велејќи им на „непослушните“ дека се нелегитимни. Сами се избираат за членови на ЦК, а сами и си го избираат претседателството и благајникот. Направени се фалсификати со печат и потпис на „застапникот по закон“ за фиктивни заседанија и состаноци. (в слика 4)

Слика 4. Членови на фиктивниот Централен комитет – скриншот (испод реден број 9 се именувани луѓе кои одбиваат да се дел од овој нелегален состав или кои поднесоа оставка).

 

Сликата 4 е земена како скриншот од украдениот веб сајт на Левица. Лицата со ред број од 1 до 7 се членови на новиот фиктивен Президиум кои никогаш не се избрани од Централниот комитет. Само првите двајца се избрани од основачкиот конгрес. Останатите веројатно не се ни информирани дека се дел од таквиот врховен орган на отцепената група. Четворица од нив поднесоа оставки. Реално 7 член президиум командува со самиот себе наречен „централниот комитет“.

Останатите членови на легитимниот Централен комитет (повеќе од 30 од вкупно 40), кои се избришани на официјалниот веб сајт, но и оние кои врховистите не можеле да ги избришат оти бруката ќе биде поголема, се решени да ја истераат битката во лавиринтите на правниот систем и имаат апсолутно мнозинство.

 

Чекори за иднината

По сите овие случувања и по судските разврски на преден план го поставуваме прашањето за регенерирање на самата партиска организација. Во своето три годишно постоење, партијата два пати се соочува со огромни внатрешни потреси, мотивирани од политички разлики што се ненадминливи. Во однос на поделбата што се случи во февруари 2019 година овие политички разлики се мултиплицираа поради недоволната или површната политичка дискусија во рамки на раководството, во рамки на партијата и надвор од неа. Немањето на јасна партиска резолуција по однос на националното прашање, со која би биле запознати и сите членови, резолуција која би поаѓала од јасни интернационалистички и класни позиции, ги отвора вратите на голиот популизам и реал-политика. Иако мнозинството од членовите на ЦК, во критиката на уставните измени и Преспанскиот договор не поаѓаа од националистички позиции и користеа аргументи и реторика кои се левичарски, сепак медиумите и на власта и оние на вмро создадоа погрешна претстава во јавноста преку издигнување на една личност.

Левица мора да расчисти со овие националистички свртувања и кокетирања и да се ориентира кон градење на класна свест и заострување на класниот судир. Широка дискусија помеѓу целото членство е вистински рецепт за да се превенираат издигнувања на некои нови Наполеони кои поради своја лична корист  ќе го делегитимираат целото левичарско движење.
Ние ќе продолжиме да работиме во организацијата Црвени, а ги повикуваме и сите други да создаваат простори за делување во целата левица, и се разбира во партијата Левица. Само така можат слабите сили да допрат до мнозинството и мнозинството да влијае врз политичките сили со свои претставници.

 

4 март 2019