ПОВИК ДО СИНДИКАТИТЕ ЗА ЗАЕДНИЧКО ДЕЛУВАЊЕ
Марксистичката организација „Црвени“ достави „Повик до синдикатите за заедничко делување“, содржината на повикот ја објавуваме во целост:
Почитувани,
За жал, кризата предизвикана од корона вирусот се разгорува, а таквата динамика нема да запре за бргу. Сведочиме како мерките кои властите ги преземаат се недоволни, а властите се водат од интересот на компаниите, целосно занемарувајќи ги интересите и потребите на работниците. Тоа значи дека се појавува потреба од работничка солидарност и од организирање на работничката класа во една сила како би се изборила за својот опстанок во периодот кој следи. Како што гледаме властите не водат никаква грижа за условите во кои работниците работат со цел спречување на ширењето на вирусот, тие би го жртвувале здравјето и животот на работниците само за да задржат макар и минимален профит на компаниите. Особено се скандалозни најавите за намалување на платата на ниво на минималец на многу работници од јавниот сектор, кои ионака се недоволно платени. Работниците стануваат стока која вреди само затоа што создава профит за газдите.
Од витално значење за работничката класа е како работничките организации ќе се однесувааат во овие времиња, не смееме никого да оставаме назад и треба одлучно да се спротивставиме на оние кои сакаат работничката класа повторно да плати за нешто за кое не сноси никаква одговорност, како што сиве овие тресетина години плаќала. Во овие времиња, треба одлучно и силно заеднички да ги повикаме работниците кои се погодени од оваа криза, да стапат во штрајк и да престанат да ги извршуваат своите работни задачи. Ова треба да биде пропратено со барање за платен прекин на работата кај работниците во неесенцијалните дејности.
Марксистичката организација „Црвени“ е организација на работници и студенти обединети околу одбраната на интересот на работничката класа и во овие тешки времиња за сите нас работници, сметаме дека е неопходно да се избориме за заштита на работниците од последиците кои следуваат.
За таа цел МО „Црвени“ изготви предлог барања кои според нас треба да ги усвојат сите работнички организации и да ги постават како свои барања со цел работниците да ги надминат последиците од кризата во каја живееме. Во прилог ви доставуваме линк од барањата и ве повикуваме да ги усвоите како ваши барања.
(кон нашите мерки)Со штрајк до нашето здравје!
Другарски поздрав,
Марксистичка организација „Црвени“