ДемократијаЕкономијаИнтернационалаТеорија

Каде се движи Кина: назад кон планска економија или јакнење на капитализмот?

На неодамнешниот 19. конгрес на Комунистичката партија на Кина, што се одржа од 18-24 октомври во Пекинг, Шји Џјинпинг (Xi Jinping) ја искористи приликата да му даде до знаење на светот дека Кина е „моќна сила“ која наскоро ќе си го поврати заслуженото место, како Средишното Кралство, т.е. центарот на човештвото. Меѓутоа, зад целата помпа можеше да се забележи нелагодност од изгледот за зголемување на внатрешната нестабилност, којашто произлегува од претстоечката криза на капитализмот.

(потребни се околу 17 минути за целиот текст)

Конгресот беше ретка можност за светските медиуми и политичари да добијат увид во приоритетите и перспективите на кинеската држава. Двете главни обележја на Конгресот беа уводниот говор на Шји Џјинпинг и прогласувањето на новиот состав на Постојаниот комитет на Политбирото на КПК, владејачкото тело во кинеската држава.

Во западните медиуми и двете беа согледани исклучиво низ призмата на нивната либерална преокупација од растечката концентрација на моќ во Шји, којашто ги плаши дека ја оддалечува Кина од капитализмот и ја враќа кон маоизмот. Но, за оние од нас кои не сме заслепени од либералните предрасуди, јасно е дека централизацијата на моќта ќе служи токму на спротивната цел: натамошното зајакнување на капитализмот низ цела Кина.

Уште од преземањето на должноста во 2012, администрацијата на Шји Џјинпинг беше окарактеризирана од  неговото издигнување како истакнат лидер на Кина, неговата антикорупциска кампања против моќни партиски шефови; неговото беспотребно цитирање на Мао; и запирањето на приватизацијата на компаниите во државна сопственост од негова страна. Многу од овие обележја ги наведоа некои од Запад да поверуваат дека Шји има програма за враќање кон Маовата ера на национализирана планска економија под сталинистичка партиска диктатура.

Во балансирачкиот акт на трансформација на Кина во капиталистичка економија, истовремено задржувајќи си ја старата државна моќ, Партијата повремено мораше да удри против индивидуални капиталисти, корпорации и ривалски бирократи кои делувааат надвор од дозволеното и ја загрозуваат стабилноста на системот. Таков е случајот на Гуо Венгуи, одметнат магнат на недвижнини којшто побегна од корупциската истрага во Кина и кој редовно, од неговиот стан во САД, на јутјуб ги раскажува и ги изложува корумпираните кинески функционери, посебно Ванг Кишан (поранешниот вицепремиер).

Антикорупциската војна на Шји можеби е наменета да ги отстрани „одметнатите“ или останатите закани по стабилноста. Меѓутоа, таа самата по себе носи ризик на додавање на растечката нестабилност. Заради оваа причина, таа претставува драматично отстапување од политиката на „зад затворена врата“ којашто ја спроведуваше партиската бирократија после хаосот од Културната револуција. Но, под целата таа претенциозна реторика, од перспективите определени на партискиот Конгрес од страна на самиот Шји Џјинпинг, јасно е дека зголемување на либерализацијата и продлабочување на пазарот се на врвот на неговата агенда.

 

Постојаниот комитет 

Светските капиталистички медиуми и политичари со нетрпение го очекуваа именувањето на новиот состав на Постојаниот комитет на Политбирото. Ова е ретка можност за остатокот од светот да ѕирне „зад завесата“; неговиот составот (на Постојниот комитет) ќе открие колку навистина е моќен Шји и која насока тој најверојатно ќе ја заземе.

Оваа година, како што бојазливо очекуваа западните либерали, новиот состав на Постојниот комитет претставува скршнување од партиската традиција на повеќе начини. Наместо да биде составен како резултат на фракциско договарање и колективно одлучување, новиот состав е очигледно доминиран од оние коишто се потчинуваат на Шји. Забележително е тоа дека никој од членовите на новиот Постојан комитет не може да се смета за потенцијален иден наследник на Шји, што е уште едно скршнување од неофицијалната партиска традиција, дека секој иден лидер, пред преземање (на власта), најпрво би требало да биде дел од Постојниот комитет. На тој начин, со ова се поставуваат основите за нешто без преседан, Шји да бара и трет мандат на власт. Овој прекин со традицијата може трајно да го измени начинот на кој се формира Постојниот комитет, со оглед на личното одлучувачко влијание на Шји за составот, со коешто се наруши традиционалниот начин на којшто членовите на Политбирото ги бираат членовите (на Постојниот комитет).

Во неговиот прв мандат Шји мораше да го дели местото во Постојаниот комитет со виши челници од различни крила, како што се Џанг Деџјанг, Ју Ченгшенг и Џанг Гаоли, па поради тоа, во неговата антикорупциска кампања против ривалските бирократи, беше принуден цврсто да се потпре на Ванг Кишан. Новиот состав на Постојаниот комитет сега има 5 нови члена (од вкупно шест без Шји Џјинпинг), коишто беа унапредени од Шји или пак се во целосна согласност со неговите погледи.

Ли Џаншу, кој беше близок до Шји затоа што и обајцата беа окружни функционери во покраината Хебеј во 1980-тите, се смета за еден од најсилните помошници на Шји во Секретаријатот на КПК, во изминатиот период. Ванг Хунинг беше Генерален секретар на Канцеларијата за продлабочување на реформите, еден од новите централни органи создадени од Шји со цел да ги туркаат неговите економски реформи. Во последно време, за него често се смета дека е главниот про-пазарен „теоретичар“. Џао Леџи, којшто ќе го наследи заминувачкиот Ванг Кишан како нов антикорупциски цар, го импресионираше Шји со својата силна поддршка на антикорупциската кампања на Ванг, додека беше челник на партискиот Организационен оддел, особено со неговата истакната улога во справувањето со неконтролираниот неуспех на наплаќање на членарината од партиските членови. На него,ќе му биде доверено основањето на, како што го претставија Шји и Ванг Кишан,  Националниот комитет за контрола, нов орган за справување со корупцијата. Ванг Јанг е гласен „реформатор“ којшто ја спроведе маркетизацијата на клучната покраина Гуанџонг и тесно соработуваше со Ли Кечјанг (сегашниот премиер). Странецот (во новиот состав на Постојниот комитет) е очигледно Хан Џенг, партискиот секретар за Шангај, кој се смета дека е дел од фракцијата на Џjанг Земин, т.н. Шангајска клика.

Исто така, треба да се напомене дека Лиу Хе, економист образован на Харвард и еден од најблиските  советници на Шји за економската либерализација, исто така беше унапреден во Политбиротото, што претставува уште еден влијателен глас за либерализацијата и сојузник на Шји.

Но, политичката консолидација на Шји не е дотолку приказ на надчовечки државнички способности, туку повеќе претставува недостаток од алтернатива, со која се соочува целата партиска бирократија. По неколкудеценискиот рапиден раст, кинеското општество е напрегнато до своите максимални граници. Големата нееднаквост и неправда, загадувањето, стресот, и огромните економски противречности и задолженоста го носат општеството во неколку различни правци и го загрозуваат севкупниот систем. Бирократијата се стреми да воспостави монолитна и целосно надмоќна политичка контрола со која би го задушила секое несогласување или штрајк, додека ги спроведува лажливите пропазарни реформи. За таа цел, тим од технократи и спроведувачи, целосно потчинети на агендата на Шји за постепена маркетизација, беше безобѕирно поставен од самиот Шји, наспроти сите останати фракции.

Комунистичката партија на Кина се менува во буржоаска

Со оглед на тоа дека кинеската капиталистичка класа произлезе од закрилата на сталинистичкиот државен апарат, нема друг избор освен да ја прилагоди Комунистичката партија на своите потреби, а кон таа задача се поттикна и се вклучи самото раководство на КПК. Со секоја измината година, класниот состав во Комунистичката партија на Кина станува се повеќе буржоаски.

Конгресот на КПК, кој се одржува еднаш на секои пет години, дава добар увид за мерење на овие примени. Настрана од тоа дека стотици делегати се бизнисмени, имаше и 27 делегати коишто формално ги претставуваа приватните фирми. Меѓу нив не беа само извршните директори или претседатели на големите кинески компании, туку, исто така и претставници од мултинационалните корпорации, како што се Самсунг и КПМГ. И самиот „Народен дневник“ People.com.cn (официјалниот гласник на КПК) признава дека приватните претпријатија придонесуваат повеќе од 60% од БДП на Кина и учествуваат со 90% во создавањето на нови работни места, се со цел да ја оправда нивната застапеност и да заклучи дека ставовите на тие 27 делегати добиваат се повеќе на значење.

Истовремено, најбогатите 100 члена на Националното народно собрание (кинескиот парламент кој се состанува секоја година на пролет) забележаа зголемување на нивното богатство за 64 проценти, за време на првиот мандат на Шји, со вкупно богатство од $507 милијарди американски долари, приближно на БДП на Белгија  и засенувајќи го богатството на Конгресот на САД (самиот прочуен по не баш спартанските и антикапиталистичките квалитети). Неодамнешното прифаќање на партиските организации од страна на големите приватни претпријатија е уште еден доказ дека кинеската буржоазија целосно продре и ја прилагоди КПК за своите цели. Конгресот од 2017 на КПК укажува дека партијата уште повеќе ќе се отвора на капиталистичките елементи како што се продлабочува маркетизацијата.

Официјалните медиуми отворено и постојано го нагласуваат фактот дека делегатите на овогодишниот конгрес беа од попрофесионален и од повисоко образовен „бекграунд“, што е еуфемистички начин да се каже дека се побогати и, неизбежно, повеќе прокапиталисти. Влегувањето на приватните капиталисти во партиските и државните структури не е нов и изненадувачки феномен, туку датира од крајот на 1990-тите, кога капиталистичката реставрација се приближуваше кон финализација, како што студијата од 2010 година „Изворите на општествената поддршка за актуелниот политички поредок во Кина: „Цврстата вграденост на сопствениците на приватниот капитал“ од Кристофер МекНали и Тереза Рајт, веќе покажа:

„Всушност, студија спроведена на национално ниво во 2000 година, покажа дека 20 проценти од сите приватни претприемачи биле членови на КПК (Li, 2001, p.26), за до 2003 година бројот на партиските членови да се искачи до скоро 34 проценти (Tsai, 2005, p.1140). Партиски членови особено преовладуваат меѓу сопствениците на средните и големите приватни претпријатија: во анкетите од доцните деведесети,  40 проценти веќе биле партиски членови, и повеќе од 25 проценти од останатите биле таргетирани од КПК и сакале да се приклучат (Dickson, 2003, p.111). За споредба, до 2007 година, само 5.5 проценти од вкупното население биле членови на КПК (Xinhua, 2007).“

„Според ова, се смета дека приватните претприемачи, ‘per capita’ од било кој општествен сталеж, сочинуваат наjголем процент од членството КПК“

Растечкото влијание на капиталистичката класа внатре во партијата, каква што ја гледаме денес под Шји, е утврден и неоспорен факт. Тој е составен дел од она во што се претвори партијата и државата. КПК не само што е во неможоност да се спротивстави на ова, туку и го поддржува, додека пазарното влијание врз општеството станува сеопшто прифатено.

Засега, бирократијата, особено оние на врвот, задржува до одреден степен независност во однос на буржоазијата, а која, безоглед на тоа го нагласува своето влијание во партијата. Но, исто како што моќта и влијанието на капиталистите расте, кризата на капитализмот ги создава условите, за, исто така, се помоќната работничка класа да се усмери кон помилитанта борба против капитализмот. Од овие причини, Шји е приморан да преземе бонапартистички мерки за да ја балансира партијата меѓу работничката класа и капиталистичката класа, во обид да се справи со противречностите.

Што значи автократскиот режим на Шји? Бонапартизам

Како што беше нашироко известувано, на завршната церемонија на Конгресот се презентираше и беше изгласа во партискиот устав, „теоријата“ на Шји Џјинпинг за „Социјализамот со кинески карактеристики во новата ера“, наречена и како „Мислата на Шји Џјинпинг“. Ова него го прави втор партиски лидер којшто ги имал запишано своите „мисли“ во уставот, додека е сѐ уште жив и служи како претседател, првиот е самиот Мао Цетунг. Сето ова, кога ќе се поврзе со елиминацијата на истакнати и видни партиски бирократи („ловење на тигри“ идиом со кој се означува борбата против корупцијата на високите функционери), укажува на тоа дека нешто се случува во Кина.

Што значат ове драматични промени и маневрирања? Многу сталинисти на западот заклучуваат надежно дека Шји е реинкарнација на Мао, и дека тој целосно ќе го обрне свртувањето на Кина во капитализмот и ќе ги врати славните денови на национализирана планска економија, но ова е очигледно фантазирање, како што горенаведените бројки на партискиот состав покажуваат. Според тоа, што стои зад сплеткарењето и зошто мислата на Шји е впишана во уставот?

Не е ништо друго сем зајакнување и концентрација на бонапартизмот на кинеската држава. Бонапартизмот е кога државата добива висок степен на автономија, дури и од владејачката економска класа. Ова вообичаено се нарекува диктаторство, но значењето е поегзактно и понаучно од тоа, затоа што специфицира дека диктатурата се постигнува со балансирање и наведување на меѓусебен судир на двете главни клаШји. Конечно, иако ова ја лишува буржоазијата од директна политичка моќ, репресивната моќ на државата се користи за одбрана на капиталистичкиот економски систем. Бонапартизмот го спасува капитализмот од самите капиталисти.

Токму ова се случува во Кина. Во изминатиот период видовме многу од големите кинески компании како, под притисок на државата, воспоставуваат комунистички партиски ќелии, што наведе многумина да поверуваат дека ова претставува зголемено мешање на државата, па дури и непријателство, во функционирањето на капитализмот. Некои шпекулираа дека ова е доказ за постоење на план за ренационализација. И навистина, само во 2016 година, соодносот на приватни претпријатија со партиска ќелија, порасна за 16,1 проценти.

Додека партиските ќелии во компаниите навистина го ставаат менаџментот под одредена политичка контрола, тие во многу поголема мера се органи на директна контрола над синдикатите во компаниите (доколку има такви), бидејќи, како по закон, сите синдикати во компаниите се ставени под водството на партиските ќелии во компаниите.
Рапидното распространување на партиските ќелии, исто така, му нуди на менаџментот канал да учествува во партискиот политички живот, што му овозможи и влијание и одреден степен на политичка заштита од, да кажеме, судски процес за корупција.

Партијата реагира на поплаките од работничката класа, но многу силно го задушува секој обид за разрешување на работничките спорови надвор од дозволената рамка. Она што најмалку може да го толерира од се е независна и координирана милитантна активност на работничката класа. Системот „Шенгфенг“ или жалбеното обраќање до власта, е проширен и мониториран од  Државното биро за писма и јавувања. Во последните 5 години само покраината Сечуан тврди дека има обработено 3,8 милиони поднесоци, што може да резултира со разрешување на пријавените локални службеници или да ги притисне приватните компании да ги платат своите работници.

Од друга страна, независните работнички активисти, како оние активни во фабричките штрајкови во Гуангдонг на крајот на 2015 година, веднаш се апсат. Националниот штрајк на работниците од Волмарт во 2016 година, исто така, доби премолчено одобрување од официјалниот синдикат во компанијата, којшто истовремено го обвини водството на штрајкот дека е под влијание од странство. Државата се потпира на гневот на работничката класа во обид да се справи со противречностите на капитализмот, особено затоа што сака работниците да добиваат повисоки плати, со цел да ја зголемат домашната побарувачка во економијата. Исто така треба да покаже дека одговара на нивните поплаки, поради тврдењето со кое го легитимира изградувањето на капитализмот, а тоа е дека ги зголемува животниот стандард и ги подобрува животите на масите. Но нема да толерира никаква независна активност на работничката класа.

Партијата успеа да ја задржи својата доминантна положба внатре во општеството, воглавном поради тоа што кинескиот капитализам е целосно неспособен да се развие себеси без негувањето на силна држава, држава која всушност е одговорна за самото постоење на капитализмот во Кина. Заради тоа, во отсуство на тешка економска криза, КПК се уште може да се урамнотежи помеѓу класите , додека истовремено го развива кинескиот капитализам.

Меѓутоа, сериозна економска криза е токму она што ја очекува Кина после децении раст. Шји Џјинпинг и кинеската владејачка класа знаат дека ова претстои. Колку и да се обидуваат да го одложат лошиот ден, длабоко во себе знаат дека ова е неизбежно. Тие се свесни за наглиот пораст на долгот. Првенствено овие длабоко вкоренети економски проблеми, и заострувањето на класната борба која ќе ја предизвикаат, ја поттикнаа концентрацијата на моќта во Си: отстранување на ривалските фракции преку антикорупциската кампања, интензивирањето на т.н. „марксистичка“ пропаганда која ги претставува Шји и КПК како прваци на работничките маШји, како и огромното проширување на безбедносниот апарат до беспримерни нивоа.

Вистинското значење на антикорупциската кампања

Во изминатите четири години Шји ја потресе до срж севкупната партиска бирократија со неговата антикорупциска кампања, која создаде впечаток дека никој во партијата, без разлика колку моќен, не е ослободен од партиска дисциплина. Антикорупциската кампања против видни личности навистина отстрани многу моќни партиски и воени челници, највпечатливи се поранешниот член на Постојниот комитет, Чоу Јунгканг, којшто имаше огромна контрола над државните нафтени компании и високо позиционираниот генерал Су Цаихоу. Пред 19. конгрес, исто така, го посведочивме најголемото протерување на членови од Централниот комитет, најистакнатиот меѓу нив беше Сун Женгцаи, надежен член за во Постојниот комитет. Исто така, армискиот начелник на Генералштабот Фанг Фенгхуи, наводно бил ставен под истрага.

Мора да разбереме дека протерувањето на одредени бирократи не претставува фундаментална промена во политиката на државата, освен што ги  отстрани оние коишто можеа да ја попречат можноста за Шји да ги спроведе своите политики. Шји се плаши дека во претстојната криза, постоењето на било каква фракција внатре во бирократијата може да доведе до поделби или до поткопување на партискиот централен авторитет, во ситуација кога веќе и ќе биде загрозен. Економска или социјална криза ќе го постави на тест стариот режим, до крајни граници, па затоа не може да си дозволи било какви несигурни елементи.

Како претходен гувернер на Чонгкинг, Сун Џенгцаи беше вистински пример за истакнат бирократ чијашто корупција корупција беше толку необуздана и широко распространета, што претставуваше закана за партијата и нејзината капиталистичка програма. Непосредно пред да биде ставен под истрага, пред партискиот Конгрес, беше откриено дека Сун и има осигурано на незначителна ИТ компанија капитал и конекции, да се претставува себеси во името на иницијативата „Еден појас – еден пат“, во Литванија и кај челниците на Централната банка на Казахстан, надевајќи се дека ќе го прибере огромниот профит преку ова.

Неконтролираната корупција е инхерентна слабост во тоталитарни државни бирократии, како што е кинеската. Исто така, не постојат демократски „сигурносни вентили“ да го намалат притисокот на енормните контрадикции во општеството. Конкурентни капиталистички интереси  имаат потреба да се стекнат со влијание во било која држава, а камо ли со моќна држава како кинеската. Фикцијата за едногласност и хармонија во државниот апарат е постојано загрозена од овие фактори. Шји го увиде ова и се обидува да го сузбие во голема, и во крајна линија непобедлива, игра.

Ова не се однесува само на врвот на бирократијата, туку на севкупната партија. КПК како единствена партија, соединета со државата, содржи во себе низа разновидни општествени сили. Секој којшто сака да напредува во кариерата се приклучува на партијата, па така една од функциите на партијата е да служи како разработена организација за вмрежување. Поради оваа причина, во последната година, КПК почна да поставува построги критериуми за зачленување во обид да го запре гниењето.

„Истражувањата укажуваат дека многу од овие млади на членувањето гледаат, не како на повик, туку како скратен пат до обезбедување на сигурно вработување (многу работни места во јавниот сектор и во државните компании се резервирани партиски членови) или просто претставува уште еден начин да ја докажат својата супериорност над соучениците. Во 2015 година, анкета на еден осреден универзитет покажа дека само една шестина од оние кои аплицираат во партијата го прават тоа за „да му служат на народот“, а само една четвртина можат да кажат дека имале „многу силна“ желба да бидат примени.“ (The Economist, 23.11.17).

Централната бирократија е порепрезентативна за деловите на Кина каде капитализмот е поразвиен, наспроти другите регионални бирократи кои повеќе се потпираат на ширење и контролирање на регионалните државни претпријатија. Државниот авторитет постојано има тенденција да се намалува. Партиското раководство стравува дека неконтролираната корупција, особено во регионалните покраини, може да ги открие пукнатините во режимот, што пак масите би можеле да го искористат во нивна корист, иницирајќи масовно движење коешто за бргу би можело да го загрози целиот режим. Заради ова тие, превентивно, направија пример од голем број на корумпирани функционери, и да го дисциплинирааат поширокиот апарат и да создадат илузија дека не сите бирократи се паразити на работничката класа, туку само неколкумината корумпирани. Едновремено, исто така, антикорупцискиот скандал ги отстрани политичките противници на Шји.

Пазарна економија со карактеристики на КПК

Долго очекуваниот говор на Шји траеше три и пол часа, па самата должина на говорот стана точка на фокус за многумина во интернационалните медиуми. Сепак, најмалку три часа од говорот беа исполнети со празни излитени фрази како „нашата партија мора да се бори за подобрување на животот на народот“; „мора да го реализирамо кинескиот сон и големото оживување на кинеската нација“; „мораме да бидеме строги кон себеси и да се бориме против корупцијата“; дополнето и со отворени лаги како што се: „во нашата земја, владеjачката класа е коалиција од работници и селани“; „работевме напорно за да ја проучиме и развиеме марксистичката теорија“.

Всушност, само половина час од говорот имаше некаква суштина, во кои поголемиот дел од времето го помина зборуваќи за продлабочување на маркетизацијата и либерализација на економијата (со повремени укажувања дека е потребно да постојат силни регулаторни механизми, особено на пазарот на недвижнини), истовремено зголемувајќи ги социјалните издатоци“. Исто така, ги претстави плановите за зацврстување на моќта на централната влада преку имплементирање на политики на национално ниво, како начин за афирмирање на „политичкото лидерство“ на партијата врз земјата. Внимателно одбрани исечоци од говорот како „Ние мораме да ја зголемиме глобализацијата, да се подобриме во либерализацијата и понатамошното отворање“ и „Подлабоки трговски реформи, разбивање на административните монополи, спречување на пазарни монополи, усовршување на системот за мониторинг на пазарот“ ја сумираат насоката по која Шји сака да ја поведе Кина.

И покрај утопиското ветување на КПК за изградба на пазарна економија без системски ризици, кинеската капиталистичка економија не може да избега од фундаменталната криза на хиперпродукција, инхерентна на капитализмот. Ова се манифестира со забавување на растот, уште од 2014 година, наглиот пораст на долгот, како и повремените берзански шокови. Партијата неможејќи да ги игнорира овие факти е приморана да признае, преку новинската агенција Синхуа  (националниот телевизиски и радио сервис), дека е свесна за проблемите и ќе изнајде начини да стимулира повеќе приватни инвестиции.

КПК се обидува да го оствари ова, најпрво, преку напуштање на рестрикциите што претходно ги постави кон странските компании кои работат во Кина. Како што вети Синхуа „Сите компании кои се регистрирани во границите на нашата земја ќе бидат перципирани и третирани на ист начин. Ќе инсистираме на нов начин на менаџирање на странските инвестиции, врз основа на новиот систем за водење на евиденција, дополнително зголемувајќи ги погодностите во инвестирањето“. Системот за водење на евиденција, во овој случај се однесува на ревидирање на потребните правни постапки, низ коишто поминуваат странските компании со цел легално да делуваат, а што обично одземаат  од еден до три месеци.

Кина е позната по тоа дека поставува многубројни ограничувања и барања за странските компании, како ова дека мора да влезат во заеднички потфати со кинеските компании, со кои ќе ја споделуваат нивната технологија. Новиот предложен систем драстично ќе го поедностави процесот на регистрација за странските претпријатија и ќе овозможи нивно побрзо влегување на кинескиот пазар. Ова покажува дека КПК има доволно доверба во поголемите кинески компании да се натпреваруваат со странските фирми, без помошта претходно потребната и пружана од државата, но и покажува дека се во нужност од привле странски инвеститори назад во Кина за да ја одржат позитивната стапка на раст.

Покрај оваа внатрешна стратегија, Конгресот изнесе план и за надворешна стратегија, како обид за одложување на кризата на хиперпродукција во кинеската економија: поагресивна империјалистичка политика на инвестирање во другите држави од и за кинеските компании. Иницијативата „ – еден пат“ (која што ја анализиравме претходно во  Filipino president Rodrigo Duterte leaning towards China – why? и во Pakistan: The ever growing power of China) е најголемото случување во економската дипломатија уште од Втората светска војна и очигледен знак за растечките аспирации на кинескиот империјализам, како средство за привремено надминување на претстојната криза на кинескиот капитализам.

Кина сега произведува половина од целото светско производство на челик и алуминиум. Шенжен рапидно се претвора во светскиот центар за технолошка индустрија. На секој начин, огромното растење на кинеската продуктивна сила ги постави темелите за голема криза на хиперпродукција (China and the World Economy in 2016: “Sell Everything”).

Всушнист, кризата во кинеската економија е задоцнета, требаше да се случи уште во 2008 година со светската кризна. Како што знаеме, Кина го спаси светскиот капитализам во таа судбоносна година со огромни фискални стимули – најголеми во светската историја. Но, тоа се постигна со капиталистички средства, односно со задолжување; и како што Маркс и Енгелс објаснуваат во Манифестот на Комунистичката партија, таквите методи само ќе создадат поголеми кризи во иднината. Вкупниот долг на кинеската економија, од 2008 година, се зголеми за четири пати, на 30,000,000,000,000 (триесет билиони) американски долари.

Во соопштение, ММФ посочи дека „долгот во однос на бруто домашниот производ ќе се зголеми од 235 проценти на скоро 300 проценти до 2022 година. Претходно, вашингтонскиот ММФ, којшто објавува годишни извештаи за своите земји-членки, кажа дека долгот ќе го достигне својот врв на 270 проценти од БДП… На Кина и беа потребни трипати повеќе задолжувања во 2016 година за да го оствари истиот раст како во 2008 година… Од 2008 година, долгот на приватниот сектор во однос на БДП се зголеми за 80 процентни поени, на околу 175 проценти – ваквите нагли зголемување во светот се поврзуваат со забавување на брзиот раст и многу често со финансиски кризи…  Кина сега го има еден од најголемите банкарски сектори во светот. На  310 проценти од БДП, кинескиот банкарски сектор е над просекот на напредните економии и за речиси три пати повеќе од просекот на пазарите во развој“ (The Guardian, 15.8.17).

По невероја тниот раст од неколку децении, Кина во целост се промени. Сите контрадикции на капитализмот се исплетеја себеси во ткаенината на Кина, а следствено Кина се стави во центарот на светската економија, исполнета со кризи. Забавувањето на економијата, зголемувањето на незадоволството и милитантноста на работничката класа, избувнувањето на долгот до целосно неодржливо ниво, преземањето на империјалистички потфати, сево ова ја изразува сложеноста на кинеското општество и неизбежноста од огромна криза. Управувањето со Кина на овие основи стана како жонглирањето чинии, а на Шји му се потребни сите можни раце за да се осигура дека чиниите ќе продолжат да се движат во интерес на капитализмот. Тоа е лекцијата од 19. конгрес на Комунистичката партија на Кина и потчинувањето на партијата на волјата на Шји.