БалканВестиИнтернационала

Протестите предводени од Џен Зи ја срушија владата на Бугарија

Текстот на англиски прочитајте го тука

Над 100.000 луѓе излегоа на улиците на бугарската престолнина во масовни младински протести против расипаниот, мафијашки режим. Иако протестите првично беа поттикнати од нацрт-буџетот за 2026 година – кој владата брзо го повлече на 2 декември – тие не запреа. Напротив, добија залет и ја принудија владата да поднесе оставка само девет дена подоцна!

Како еден од најголемите протестни бранови во историјата на земјата, инспиративните мобилизации добија поддршка низ целата држава од страна на студенти, работници во јавниот сектор, а дури се поврзаа и со тековната борба на здравствените работници за повисоки плати. Неодамнешна анкета покажа дека над 70 проценти од Бугарите ги поддржуваат протестите.

Во овие досега невидени протести гледаме навестување за тоа како изгледа вистинската демократија. Таа не се темели на парламентарни „музички столчиња“, туку на методи на масовна борба и мобилизација на младината и работничкото мнозинство во општеството. Младите во Бугарија црпат инспирација од есенските „Џен Зи“ протести, со бројни транспаренти на кои пишува „ја налутивте погрешната генерација“, „Џен Зи против корупцијата“ и „Џен Зи доаѓа“.

Важно е што овој слој од општеството нема сеќавање на распадот на сталинизмот во 1990-тите. Сè што виделе е дека капитализмот во Бугарија е фарса. Длабочината на гневот кај младите и нивната недоверба кон естаблишментот сега целосно излегоа на виделина.

Расипан систем

Буџетот за 2026 година беше обид да се зголемат даноците за финансирање на јавната потрошувачка – со други зборови, делумно да се исцедат малите бизниси за приходи, но главно работничката класа и младите да ја платат цената за социјалната и економската криза на бугарскиот капитализам. Ова доаѓа паралелно со воведувањето на еврото во Бугарија на 1 јануари, што веќе се очекува да ги зголеми цените.

Постои широко разбирање дека економијата одамна е ограбена од паразитски олигарси, при што младите на неодамнешните протести носеа и транспаренти со пораката „Бугарија не им припаѓа на свињи“. Една 24-годишна продавачка им изјави на новинарите дека им се приклучила на протестите бидејќи широко распространетата корупција станала „неподнослива“. Буџетот за 2026 година дополнително ќе ги влошеше условите за работниците и младите, кои жестоко ќе беа погодени од зголемувањето на даноците, а беше очигледно дека буџетот е наместен за да ги наполни џебовите на големите капиталисти, на сметка на работниците и малите бизниси.

Бугарија веќе е една од најсиромашните и најкорумпирани земји во Европа. Гневот на масите оди подлабоко од обичното противење на актуелниот кабинет, тие гледаат системски проблеми вградени во ДНК-та на целиот естаблишмент.

Гневот на масите оди подлабоко од обичното противење на актуелниот кабинет / Слика: фер употреба

Со оглед на тоа што земјата потенцијално се соочува со своите осми парламентарни избори за четири години, оставката на оваа влада не е ништо повеќе од мешање на шпилот со нефункционални карти. Ниту една влада не успеала да ги реши фундаменталните проблеми со кои се соочува општеството и секоја била исто толку корумпирана колку претходната. Оттука, повторно сме сведоци на добро познатиот циклус на поставување неизбрана технократска преодна влада, проследено со нови избори и неспособност на естаблишментот да формира стабилно владејачко мнозинство. Ова најверојатно ќе доведе до пад на идниот кабинет преку гласање недоверба, како што се случувало многупати во последните години.

Владините маневри

Непосредно пред падот на владата, беше изработен „ревидиран“ буџет за 2026 година – кој скандалозно беше поддржан од синдикатите.

Како што се и очекуваше, тој не се разликуваше фундаментално од поразениот буџет и претставуваше циничен маневар на владата да купи време соочена со ескалирачки протести. Наместо да има за цел подигнување на животниот стандард, тој послушно се стремеше да ги исполни условите за влез во еврозоната, диктирани од капиталистичките и империјалистичките интереси на ЕУ. Ова значеше зголемување на државниот долг поврзан со влезот во еврозоната, рекордни воени трошоци во согласност со целите на НАТО и подготовка за штедење што ги тера работниците да го носат товарот на должничката криза во која е заглавена целата ЕУ, сето тоа додека се штитат големиот капитал и олигарсите.

Најголемата буџетска ставка беше планирана да биде воената потрошувачка. Трошоците за одбрана треба да пораснат на 2,7 милијарди евра, со што воените трошоци на Бугарија ќе достигнат 2,25 проценти од БДП, во согласност со барањата на НАТО. Владејачката класа ќе биде под притисок дополнително да ги зголемува воените трошоци во наредните години, при што целта на НАТО е пет проценти од БДП во рок од една деценија. Сето ова ќе биде на сметка на социјалната потрошувачка.

Иако во буџетот за 2026 година имаше отстапка за зголемување на платите во јавниот сектор за 10 проценти, тоа дојде по цена на кратења на други места, како што е намалувањето на средствата за здравствените работници за 75 проценти, што дополнително ги разгоре протестите.

Владата во заминување сега најави итен „продолжен буџет“ кој ќе обезбеди „критичните функции на државата“ да продолжат без прекин до изборите.

Судејќи според нивниот пристап кон „ревидираниот“ буџет, „продолжениот буџет“ ќе понуди исто толку малку за работниците и младите што ги предводат протестите. Протестното движење мора да биде вооружено со перспектива дека, без понатамошна ескалација и проширување на движењето кон нови слоеви од работничката класа – класата што има моќ да го парализира функционирањето на општеството и да изнуди отстапки од капиталистите – владејачката класа повторно ќе ја преземе контролата и ќе протурка буџет на еден или друг начин.

Следниот масовен протест е планиран за оваа недела – овој пат против влезот на Бугарија во еврозоната, што повеќе од половина Бугари не го поддржуваат, чувствувајќи дека тоа не е во нивен интерес.

Бугарскиот капитализам е во криза и не може да најде стабилна влада што ќе го претставува. Секоја нова влада се обидува да ја подобри економската состојба со наметнување мерки на штедење, но тоа не може да го стори без да предизвика отпор. Ова е проблем низ целата ЕУ, од земји во јадрото како Франција, до периферните економии, каде ударите се чувствуваат најсилно. Со подлабока интеграција во еврозоната, наместо да најде засолниште на демократија и стабилност, Бугарија ќе биде вовлечена уште подлабоко во општата криза на европскиот капитализам.

Тешка политичка криза

Широко омразениот режим, доминиран од корумпираните фигури Борисов (поранешен долгогодишен премиер во мафијашки стил) и Пеевски (медиумски магнат поврзан со партијата ДПС, моментално санкциониран според американските и британските Магнитски закони), е на власт поголемиот дел од периодот од 2009 година наваму – опфаќајќи ги целите политички животи на помладиот слој демонстранти.

Партијата на Борисов беше повеќепати предизвикана, најзначајно во последниот бран протести пред пет години. Тоа движење доведе до појава на низа таканаречени „протестни партии“, кои суштински не се разликуваа од остатокот на естаблишментот – вклучувајќи ја и „Продолжуваме со промената – Демократска Бугарија“ (ПП-ДБ), која е актуелната водечка опозиција.

ПП-ДБ опортунистички се постави на чело на протестите. Под ултралицемерниот слоган „антикорупција“, тие првенствено мобилизираа поддржувачи од средна класа против зголемувањето на данокот на дивиденда и придонесите за социјално осигурување предложени во буџетот. Со помош на медиумите, овие мерки дури беа претставени како „социјални“ или „левичарски“, и како причина за економската нестабилност и инфлацијата што ќе го придружуваат воведувањето на еврото.

Иако накратко беа дел од владејачка коалиција во 2023-2024 година (со партијата на Борисов, ГЕРБ!), ПП-ДБ ги користеше безбедносните служби како оружје против своите ривали, на ист начин како што тоа го прават личности како Пеевски. Сега тие се вплеткани во сопствени корупциски скандали: каде и да успеаја да ги истиснат корупциските мрежи на Борисов, едноставно поставија свои луѓе!

Бугарскиот капитализам е во криза и не може да најде стабилна влада што ќе го претставува / Слика: Houses of the Oireachtas, Викимедиа Комонс

Ова директно произлегува од нивната класна основа и социјален поглед. За разлика од ГЕРБ и ДПС, кои функционираат првенствено како мафијашки бизнис машини втемелени во клиентелизам и олигархиска контрола, ПП-ДБ ја изразува идеологијата и интересите на урбаната либерална буржоазија, односно горната средна класа, менаџерските слоеви и НВО мрежите.

Нивните политики се обликувани од непријателство кон работничките организации и од технократското убедување дека општеството треба да се управува „од експертите“, школувани на Харвард и на Вол Стрит, против мнозинството.

Иако се претставуваат како „модерни либерали“, во реалноста тие се идеолошки крути десничари, цврсти поддржувачи на ЕУ и НАТО, кои во пракса агресивно дејствуваат против работниците и сиромашните. Само пред неколку месеци, нивната база на поддржувачи мобилизираше луѓе во Софија против работниците во јавниот превоз, дури организирајќи протест под слоганот „Не на приоритетот на нискоквалификуваната работа над знаењето“, при што бараа „нискоквалификуваните“ вработени во превоз да не бидат платени повеќе од докторите и другите професионалци!

Додека ПП-ДБ има цел да изнуди нови избори и да се наметне како „доволно компетентна“ да ја води Бугарија низ процесот на воведување на еврото, протестите се развија надвор од нивната ограничена програма, вклучително и против влезот на Бугарија во еврозоната. Ова покажува дека ПП-ДБ тешко ќе стекне значителна контрола врз расположението на работниците и младите.

Задачата на комунистите не е да поддржуваат едно крило од владејачката класа или да ги полагаат надежите во „протестни партии“, туку да изградат независна, организирана и политички свесна сила на работничката класа.

Само таква организација, вооружена со јасна социјалистичка програма, може да го претвори спонтаниот гнев во трајна борба што ќе го предизвика целиот систем воопшто што го создаде овој буџет и корупцијата.

Емили Вол и Манон Поури – 16 декември 2025