ВестиИнтернационалаОпшто

Боливија: убедлива победа на МАС – што е „пренасочувањето на процесот“ од страна на Арсе?

МАС (Движењето за социјализам) се врати на власт во Боливија по убедливата победа на неодамнешните парламентарни избори. Наместо програма за компромис и национално единство, неопходни се смели социјалистички мерки за да се надмине овој период на огромна криза и општеството да продолжи да се движи напред.

Оргинално објавено на Bolivia: a resounding victory for MAS – what is Arce’s “redirection of the process”?

автор: Хозе Переира, Класна борба, Боливија, 22 октомври 2020

Дека кандидатот на МАС, Луис Арсе Катакора беше фаворит на боливиските избори на 18 октомври, никогаш не беше мистерија. Но, ниту опозицијата, ниту меѓународната заедница, ниту самата МАС не очекуваа победа за Арсе со повеќе гласови отколку што доби Ево Моралес во 2019 година, кога Арсе беше министер за финансии.

Убедлива победа на Луис Арсе и МАС на изборите во Боливија

Најверодостојно предвидување беше оспорување на секој можен глас за да се утврди потребата за втор круг. Според боливиските изборни правила, победата во првиот круг се прогласува кога кандидатот ќе добие 50 проценти плус еден од гласовите или кога победникот ќе добие 10 процентни поени повеќе од второпласираниот. Од оваа причина и за да се избегне избрзување кон заклучоци од страна на кандидатите, меѓународните набљудувачки мисии, особено оние на МЕРКОСУР и ООН, му предложија на Врховниот изборен трибунал да не ги објавува податоците за системот за брзо броење. Системот за брзо броење ги собира резултатите од секоја гласачка кутија пред да се објават вистинските официјални записи. Тие сакаа да ги избегнат можните судири за кои стравуваше дел од населението, особено во градовите како Ла Паз, каде што долги редици се собираа на бензинските пумпи во пресрет на гласањето за да се снабдат со бензин.

За резултатите од неофицијалното брзо пребројување дознавме дури на полноќ, во неделата, откако портпаролот на кампањата на МАС, Себастијан Микел, интервенираше за јавно да побара јавно објавување на победата на Арсе. Ова е затоа што веќе имало повици на социјалните мрежи за мобилизација против можна измама. Сепак, како што постојано беше појаснувано, одлуката да не се предвидува официјалниот резултат на гласањето беше донесена како договор помеѓу меѓународните набљудувачки мисии со самиот Арсе и со поранешниот претседател Карлос Меса од Комунидад Сиудаданаса, најблискиот противник на Арсе.

Забележително е дека, дури и при појавувањето пред медиумите половина час откако беше познат обемот на триумфот на Арсе, Микел ги наведе истите 45 проценти од гласовите што ги предвидуваше МАС во текот на последните месеци од кампањата. Но, според податоците од неофицијалното брзо пребројување, кандидатурата на МАС, составена од Арсе и Давид Чокехуанка (најистакната фигура на домородното крило на партијата) освои меѓу 52 и 53 проценти. Оваа неприкосновена победа ја признаа сите противници на МАС на овие избори, преодната влада, меѓународните набљудувачки мисии и светската дипломатија, вклучувајќи го Стејт департментот на САД.

Ваквото широко признавање на триумфот на Арсе ги намалува заканите за мобилизација кои беа најавени во Санта Круз, Кочабамба и Сукре. Овие протести нема да можат да го повторат она што се случи пред една година, во кое тесната победа на Ево во првиот круг ја доведе десничарската опозиција да тврди дека се работи за измама и да ги мобилизира своите поддржувачи да излезат на улиците. Но, сепак, за дел од опозицијата (крајната десница организирана околу конзервативниот католички кандидат Луис Фернандо Камачо, особено во Санта Круз), политичката криза не заврши. Се чини дека Камачо би сакал да оживее сцени од раните години на борбата на Ево против „Полумесечина“: блокот на источни управувани од реакционерна буржоазија, кои беа подготвени да ја уништат земјата за да ја задржат моќта. Ова е предупредување за социјалната клима во која ќе владее Арсе.

Неспорна победа

Неоспорна победа на Арсе

Од вкупниот број на гласови Арсе освои околу 20 процентни поени повеќе од Меса. Третата партија, Креемос, за која беше кандидат поранешниот претседател на Граѓанскиот комитет на Санта Круз, Камачо, доби огромно мнозинство во Санта Круз, но остана на 14 проценти на национално ниво. Арсе ги освои областите Ла Паз, Оруро и Кочабамба со 65 проценти од гласовите, а победи и во Чуквисака со 49 проценти, во Потоси со 57 проценти и во Пандо со 47 проценти. Меса победи во Бени и Тариха.

Во Боливија, сенатот е дом на регионална репрезентација чии избори се крајно недемократски. Секој од деветте области без оглед на нивниот број на население, избира четворица од 36-те заменици сразмерно на гласовите за претседателските кандидати. Сценариото што се предвидува е тоа на изедначување или тесно мнозинство за МАС во сенатот, каде што опозицијата на Меса и Камачо веројатно ќе има право на вето за сите одлуки за кои е потребно двотретинско мнозинство, почнувајќи од назначувањето на високи функционери на државата (адвокати, обвинители, народен правобранител, судии, итн.) до одобрување на одредени закони, цензура или гласање на недоверба за министрите. Дури и за да се одобри судењето на поранешната привремена претседателка Џенаин Ањез, кое голем дел од гласачкото тело со право го бараат, ќе биде потребно двотретинско мнозинство.

Во 2007/2008 година, во истата ситуација, Ево мораше да апелира до работничката класа во селата и урбаните области со цел да се надминат парламентарните пречки. Арсе ќе ја имаше секоја шанса да се потпре на масовните мобилизации кои се спротивставија и се бореа против владата на Ањез во последните месеци. Сепак, перспективата што тој и ја претстави на партијата и на земјата е перспективата на „влада на национално единство“. Ова ќе има многу последици врз односот помеѓу МАС, работничката класа и синдикатите и општо врз класната борба во земјата.

Катастрофата на „транзицијата“

Несомнено е дека драматичната ситуација предизвикана од преодната влада на Ањез беше клучен фактор за делот од електоратот – кој во минатото гласаше за МАС, а во 2019 година го поддржуваше Меса – да ги врати кон својата оригинална позиција. Нашата земја доживеа кризи кои продолжуваат да служат како школски примери за светски економисти, како што е хиперинфлацијата од средината на 80-тите години на минатиот век. Како и да е, секој мрачен период во нашата историја бледи пред катастрофалната ситуација во која сега сме потонати.

За само неколку месеци, повеќе од 100.000 работни места се уништени, а стапките на сиромаштија вртоглаво пораснаа. Колапсот на националната економија, што беше предвиден на минус 7 проценти за 2020 година, веќе е минус 11 проценти. Според официјалната статистика, имаме трета највисока стапка на смртност во светот од КОВИД-19 на 100.000 жители, со вкупно 8.500 смртни случаи, што е еквивалентно на 75 на 100.000. Сепак, Службата за граѓански регистар објави дека само во периодот од април до јуни, починале 30 000 луѓе повеќе отколку во истиот период во 2019 година. Ова е четири пати повеќе од смртните случаи официјално припишани на пандемијата.

Пучистите разоткрија пред илјадници работници во нашата земја дека буржоаската демократија не е наменета за нив. Додека домаќинствата од работничката класа без приходи бараа начини да ја одложат исплатата на неодржливите кирии, Ањез го бранеше правото на сопствениците да добиваат кирија или да ги иселат станарите. Додека фабричките работници и рударите се бореа да ги одбранат нашите извори на вработување, Ањез даде оскудна еднократна исплата на финансиска помош, која ја покри со задолжување на државата кон ММФ. Додека здравствените работници ги ризикуваа своите животи во битката против пандемијата се бореа за да ја добијат неопходната опрема и средства за лична заштита, Ањез и нејзината влада се обидоа да го одвлечат вниманието напаѓајќи ги репутацијата на МАС и профитирајќи од набавка на итни здравствени материјали.

Неуспехот на Меса и феноменот Камачо

Промената на приоритетите на дел од гласачкото тело што се покажа како одлучувачка сега како и пред една година, останаа непризнаени од бизнисмените Меса и Камачо. Наместо тоа, подемот на Камачо предизвика целата предизборна кампања на Меса да се фокусира на повикот за „корисен глас“ против МАС: т.е. да се бара поддршка од десницата и со тоа да се открие измамата на таканаречената „транзиција“ на Меса. Така, тој изгуби гласови и кон Камачо, но особено кон Арсе.

Целокупната кампања на Меса се фокусираше на „корисниот глас“ против МАС, т.е. по барање за поддршка од десницата. Затоа тој ги изгуби гласовите кон Камачо, а посебно кон Арсе.

Широката победа на Арсе потврдува дека Камачо не го расцепи гласот на опозицијата. Сепак, она што навистина го интересираше Камачо беше консолидирање на гласовите во Санта Круз, во кое тој успеа. Камачо ја претставува одмаздата на длабоко реакционерната и колонијална агро-индустриска буржоазија, којашто не е навикната на политичка медијација и повеќе сакаат да владејат како гамонални (селски, маалски) политички газди, кои ја држат економската моќ во земјата без да можат да најдат начин да добијат политичка моќ. Нападите на Камачо врз лидерите на деловните организации коишто направија компромис со владата на Ево, како и неговата идеја за извоз на моделот на Санта Круз за економски ултралиберализам и религиозно мракобесие, се родени во оваа бурна почва.

Огромната поддршка која ја постигна личноста како Камачо единствено може да значи дека буржоазијата во Санта Круз постигна хегемонија преку загадување на социјалните проблеми на областа со најголема концентрација на работници во земјата, со тесен регионализам. Арсе и МАС можеа да ја поделат регионалната поддршка на Камачо по класни линии, но само ако се потпираа на борбата на работничката класа против олигархијата во Санта Круз. Меѓутоа, во минатото и во плановите на Арсе за иднината, нема докази за тоа.

Минатата година Меса околу него собра голем дел од незадоволството кон Ево и МАС. Дури и многу негови кандидати или лидери на неговата листа беа избрани за функционери на партијата МАС, вклучувајќи го и самиот Меса, кој беше поранешен боливиски гласник за барањето на Боливија за морски пристап, што го загуби во војната со Чиле. Не е претерување да се каже дека Комунидад Сиудадана може да се смета за десничарска поделба од МАС. Наведената цел на оваа групација беше да спречи Ево да биде реизбиран трајно по резултатот од референдумот од 21 февруари 2016 година.

Меса се претстави како продолжение на добрите аспекти на „процесот на промена“ на МАС, без нејзини авторитарни и бирократски дегенерации. Неговото мото: „ниту приватизации ни нови национализации“ е буржоаски начин за изразување на целта на „пренасочување“ на ова процес на промена, според зборовите на многумина од оние што ја напуштија МАС. Очигледно е „пренасочување кон десно“, како што рековме минатата година, но тогаш тоа беше помалку видливо за електоратот. Меса продолжи да се претставува како главниот противник на МАС кога масите бараа алатка за борба против Ањез и корупцијата, репресијата и неспособноста на нејзината влада.

Повторно за падот на Ево

Самиот Арсе зборуваше за „пренасочување на нашиот процес преку учење од нашите грешки“. Чокехуанка, уште појасно, призна дека вишокот на моќ и вмешувањето од страна на стариот кабинет на Ево го расипал процесот на промена и објави дека никој од соработниците на поранешниот претседател нема да се врати на власт. Голем дел од раководството на МАС и водството на синдикатите се изразија во иста насока. Самиот Ево, кој најави дека ќе се врати во Боливија следниот ден по изборната победа, е се уште во Аргентина и слично како Арцe ги повикува „сите партии, бизнисмени и работници да одржат голем собир, пакт за помирување“. Ова е заклучокот до кој дојде МАС по падот на Ево, кој е многу сличен, дури и во реторика, до оној на Меса и со кој не се согласуваме.

Коментаторите на левицата на МАС неуспешно го толкуваат падот на Ево Моралес, што беше поради политиката на класна соработка и бирократски маневри

Од левото крило на партијата, поранешниот министер Уго Молдиз, застапник на боливиското Геваристичко движење, објави книга со многу јасен наслов и поднаслов: „Државниот удар во Боливија: осаменоста на Ево Моралес“. Во книгата, Молдиз, со сведочењето на аргентинскиот социолог Атилио Борон, кој беше во Ла Паз во деновите по оставката на Ево, го покренува прашањето зошто немало мобилизација во одбрана на владата на МАС, и зошто дури и оние што излегоа не бараа враќање на Ево.

Одговорот што го дава Молдиз може да се сумира на овој начин: откако ја замени перспективата на социјална трансформација со перспективата на „андиски амазонски капитализам“, односно капитализам со национална основа, МАС остана без идеологија, дури и неспособна да го препознае непријателот кој се ближи. Во оваа анализа, има елементи на вистината и многу пропусти. Молдиз, во согласност со својата визија, го сфаќа општеството како бојно поле во кое масите се трева, газена од вистинските борци.

Дури и без јасна визија „за она што го сакаа, а уште помалку… за свесно придржување кон алтернатива на капитализмот “, како што многу површно пишува, народот се спротивстави на идејата за „андиски амазонски капитализам“ преку борби за земја, работнички права, национализација на компании итн. Сите овие борби Молдиз нејасно ги класифицира како „дестабилизација“, со резултат дека уличниот продавач на пазарот во Потоси кој исто така ги окупираше рудниците кои беа експлоатирани од мултинационални компании, да биде прогласен за таен агент на ЦИА. Оваа лажна анализа објаснува зошто МАС левицата е декласирана во сè помаргинална улога.

Гарсија Линера исто така се наврати на прашањето околу падот на Ево за да ја повтори својата анализа заснована на „средната класа“. За него, ерозијата на гласот за МАС се должи на одржувањето на дискусијата поврзана со материјалните и политичките барања на оние од „многу ниските слоеви“, без да се спомне средната класа. Ова се убави, празни аргументи, бидејќи средната класа претставува „голема празнина“ што реформаторите можат да ја пополнат како што сакаат.

Ова ќе го објасниме со едноставен пример. Во Боливија, имаме даночен систем: неолиберално наследство што МАС не го реформираше, што е сон на десницата низ целиот свет. Имено, постои „рамна стапка“ од 25 проценти на профитот на компанијата, без разлика дали се работи за гасната мултинационална РЕПСОЛ или мала продавница за играчки. Тоа е во спротивност со кој било принцип на прогресивност: оние што имаат повеќе треба да плаќаат повеќе. Со зголемување на овој данок на најголемите 100 компании (особено во рударскиот и финансискиот сектор, кои претставуваат 60 проценти од фискалниот приход на земјата) за неколку процентни поени, ќе биде можно да се намали ДДВ-то што паѓа на товар на сите, дозволувајќи „многу ниските слоеви“ да купат повеќе и сопственикот на продавницата за играчки да има подобар живот.

Без да се преземе таква мерка, сопственикот на продавницата за играчки ќе го види само оној кој не плаќа данок: било да се тоа селани кои одгледуваат кока или работници во неформалниот сектор. Ова е тоа што се случи, што продолжува да се случува и што Гарсија Линера не го разбира. Тоа што е кажано за средната класа или како да се „интегрира“ во проект на социјална трансформација нема смисла ако не започне од еден основен постулат: средната класа не постои како независен политички субјект. Или ја следи РЕПСОЛ, против работничката класа, или ја следи работничката класа спротивно на интересите на РЕПСОЛ. Гарсија Линера сакаше тие да го следат Ево по патот на РЕПСОЛ: ова е тоа што доведе до пораз на МАС.

Пренасочувањето на Арсе

Според нас, работата е јасна. Работничката класа во селата и градовите ја доведоа МАС на власт, сметајќи ја за алатка во борбата против буржоазијата и нејзината моќ, која исто така има расистичка структура во нашата земја. Економскиот бум, производ на активни државни политики во поволен меѓународен контекст, му овозможи на МАС да се консолидира на власт како алатка за соработка меѓу класите, што секогаш завршува како соработка на работничката класа со нејзините џелати. Работничката класа не најде во оваа партија, вертикално организирана и поврзана со нејзиниот харизматичен лидер, канал преку кој ќе се спротивстават. Така, Меса, помогнат од самото МАС, се приврза кон незадоволството од МАС, а ги знаеме последиците: насилното отстранување на Моралес од власт пред една година.

Како и секогаш, говорите на Гарсија Линера се како кога се тресела гората, па се родил глушец, парафраза на Маркс. Но, полесно е да се преведат политички, отколку вообичаените заплеткувања во врска со „свеста“ што ги даваат луѓе како Молдиз. Всушност, целата оваа анализа на Линера доведува до јасна политичка линија: програмска умереност и класна соработка. Ова е она што Арсе и Чокехуанка и го предлагаат на Боливија и на обновената МАС, жртвувајќи го Ево, чија идна улога е доведена во прашање.

Арсе веќе објави дека првиот чин на неговата влада ќе биде да исплати по 1.000 боливианоса [144 УСД] финансиска помош на сите граѓани и да го промовира внатрешниот пазар. Тој ќе го стори тоа (како што можеби ќе стори нешто против бранот отпуштања што продолжуваат во земјата) веројатно според истата линија на законот што пратеничката група на МАСИСТА во парламентот го одобри пред неколку месеци. Тоа е привремено прекинување на отпуштањата: еден вид примирје. Но, со иста јасност, тој најави дека нè очекуваат барем неколку години во кои ќе има жртви. На првиот говор што го спомнавме, тој им пристапи на бизнисмените и ги замоли, наместо Меса или Камачо, да бидат дел од владата на националното единство.

Детална анализа на програмата на Арсе повеќе не е потребна за да се разберат противречностите со кои ќе се соочи неговата влада. Доволно е да се повтори она што тој го вели. Арсе се претстави пред гласачкото тело со оваа порака, речиси од збор до збор, „со национализациите што те извадив од кризите во 2008 и 2015 година“. Тие не беа вистински национализации, но во правилните услови, тоа беше доволно. Но, што тој предлага да се национализира сега? Ништо. Оваа криза мора да се реши на поинаков начин, сугерира тој, а портпаролот на МАС, Микел, нè уверува дека Арсе ќе ја „промени промената“. Оваа порака упатена кон бизнисмените, а не против нив, значи дека работничката класа не го очекува ваквото решение за кризата осмислено од Арсе.

Само работничката класа може да ја реши кризата

Линијата на класна соработка, на големиот национален договор што го предлага Арсе, е чекор назад дури и во однос на другите што ги направи Ево во минатото. Ево прво агитираше за национализација на гасот, а потоа ги договори условите со мултинационалните компании, за тоа да биде добра зделка и за нив. Од друга страна, мисијата на Арсе е повторно воспоставување на коегзистенција и закрепнување на економијата; т.е. да се спаси трулиот боливиски капитализам. Но, кризата ги отвора клучните социјални и економски прашања толку итно, што работничката класа нема да му даде на Арсе долго да ги постигне своите цели.

Само мобилизираната работничка класа, младина и домородното население можат поволно да ја решат ситуацијата во Боливија

Во изминатите месеци, видовме како расте и радикализира едно од најважните движења на фабрички штрајкови во историјата на нашата земја. Ако генералниот штрајк прогласен во август не успеа целосно да ги вклучи овие работници во борбата, тоа беше само затоа што штрајкот беше организиран околу политичката агенда, онаа на МАС, која не претставуваше решение за ниту еден од проблемите околу кои беше организирано движењето и поради целосната дискредитација на бирократијата на синдикатот на МАСистите. Мнозинството од работничката класа одлучи да го поддржи Арсе, бидејќи на сопствена кожа искуси како функционира влада која органски е во служба на буржоазијата. Но, исто како во август, нема да чека Арсе да ги убеди капиталистите. Тие пак нема да прифатат МАС повторно да се обиде да им каже како да ја вршат својата работа, а тоа е да живеат од трудот на другите.

Како марксисти, ние, со сите сиромашни и работници, придонесовме за поразот на Ањез, Меса и Камачо и тоа го славиме. Но, како и работниците, ние не му ги одврзуваме целосно рацете на Арсе. Наместо тоа, ние отворено го критикуваме неговите политички погледи околу избледениот реформизам. „Пренасочувањето“ што тој го предлага очигледно не е демократизација на МАС, туку е појасна и невозможна соработка помеѓу оние што отпуштаат и оние кои се отпуштени од работа, бранејќи ја таа соработка како единствена алтернатива за да се спречи враќањето на власт на оние што отпуштаат.

Ова не е во интерес на било кој од работниците кои се бореле во последните неколку месеци. Наша задача е да и помогнеме на работничката класа да најде своја перспектива во борбата за синдикална демократија и за синдикално раководство што е вистински израз на работничкото движење. Ова ќе се развие за време на неизбежните судири и несогласувања што ќе се појават помеѓу работничкото движење и владата на Арсе. Новиот период што се отвора, во сенка на масовна криза, може да заврши на еден од само неколку различни начини. Работничката класа ќе се обиде да ја реши кризата на свој начин, непомирливо спротивставена на интересите и предлозите на буржоазијата. Ова е единствената можна опција за трансформација на општеството.