БалканВестиМакедонијаОпшто

Мигрантски или работни кампови?

Во британските медиуми пред неколку дена се појави информацијата дека Владата на Мицковски прифатила Македонија да има прифатилишта за мигрантите кои Британија би ги депортирала од својата земја. Мицковски секако ова го негира, па и Заев негираше дека ќе прифати промена на името, но тоа се случи. На овие политичари, како што покажаа претходните три децении, не може да им се верува; нивното лицемерие нема крај. Сер Кир Стармер во својата изјава отворено призна дека таков договор постои.

Во епоха на продолжена криза на капитализмот, десницата и владите го пренасочуваат вниманието на мигрантите како жртвено јагне за теророт на капитализмот. Потполно игнорирајќи го учеството во создавањето на проблемите во земјите од т.н. Трет свет и нивната улога во бруталната експлоатација што таму ја спроведуваат корумпирајќи ги реакционерните режими. Војните и империјализмот, чија последица е економското уназадување на Блискиот Исток и процесите на миграции за подобар живот, се директна причина за тоа.

Но додека мигрантите можеа да послужат како евтина работна сила со цел зголемување на профитите на паразитската класа капиталисти во Европа и Британија, ЕУ со отворени раце ги пречека бегалците, а Меркел порача дека се добредојдени. Сега кога Европа постепено влегува во рецесија, мигрантите се проблемот. Но вистината е дека мигратните секоташ се претставуваат како проблем баш  кога капитализмот е во криза и овие слоеви од работничката класа се први на удар. Капиталот ги искористува за максимално да ја исцеди нивната пот, но сега кога Британија е во криза и кога Стармер спроведува буџетски резови, некој мора да е крив.

Во периодот на криза, се почесто се појауваат десни движења како Реформ Ју-кеј, кои користејќи го незадоволството на работничката класа демагошки вниманието го насочуваат кон мигрантите. Така е не затоа што мигрантите се проблемот во Британија туку дека проблемот  е длабоката општествена криза. Поради неа капиталистите и нивните слуги во владите сакаат товарот да го префрлат врз грбот на работниците преку мерки за штедење. Во тие услови Реформ  не може ништо друго да понуди освен демагогија зачинета со расизам и ксенофобија.

Кир Стармер, кој претходно беше агент на  капиталистичката класа во Лабуристичката партија и кој спроведе чистка на борбениот слој на активисти на партијата на работници, со цел осигурање на власта на капиталистите, ја доведе Лабуристичката партија на најниско ниво на поддршка од работничката класа. Неговиот рејтинг стрмоглаво падна, а Реформ профитираше токму на неспособноста на Кир Стармер да спроведе програма во интерес на работничката класа.

Сер Кир Стармер во својата изјава отворено призна дека договор за депортација на мигрантите во Македонија постои.

Стармер веќе спроведува антиработнички политики, а неговата влада соучествува во геноцидот во Палестина. Масите во Британија бараат прекин на поддршката на Израел и реформи кои ќе го подобрат далеку влошениот животен стандард. Тоа Стармер не може да го донесе, па под притосокот на Реформ  и самиот прифаќа подлабока антиработничка антимигрантска политика. Мигрантите стануваат жртвено јагне за предавството на работничката класа од Сер Кир Стармер.

ЗОШТО БРИТАНИЈА ДАВА ЗАЕМ НА МАКЕДОНИЈА?

Кризата на капитализмот ги принудува владите да спроведуваат мерки на штедење како би ја зголемиле профитабилноста на капитализмот на штета на работничката класа и нејзиниот животен стандард.

Британија соочена со проблеми кои произлегуваат од економската криза  и протекционистичките мерки кои ги воведува САД и ЕУ, губејќи го европскиот пазар како резултат на БрЕгзит, е принудена да освојува нови пазари и сфери на влијание.

Поради внатрешните економски проблеми, Стармер и неговата влада се обидуваат со извоз на инвестиции да загарантираат профитабилноист на британски компании. Инвестиции во земја како Македонија која има слаба инфраструктура се погодна почва за такви политики.

Македонската економија е исклучително зависна од надворешни инвестиции на финансиски капитал, а под притисокот на светската криза и надоаѓачката рецесија во Германија, ризикот за банкрот станува реален проблем. Како и владата на Груевски, која во 2008 во налетот на економската гриза се обиде да го амортизира ударот преку зголемување на долгот и инвестиции во изградба на Скопје 2014, владата на Мицковски се обидува да го примени веќе познатиот модел за амортизација на ударот.

Но денеска за разлика од 2008, светската економска криза е во друга фаза. Протекционистичките мерки на владите својот интерес го свртуваат кон обид да стимулираат производство во нивните земји. Македонија денес е исто во потполно друга ситуација, долгот на земјата е пораснат, а веќе и се заканува неликвидност. Со тоа владата на Мицковски е принудена да прифати очајни услови за добивање инвестиции со цел преку изградба на инфраструктура колку толку да го амортизира ударот на кризата која следи и да ја спаси својата кожа.

Од друга страна, владата на Мицковски, за разлика од таа на Груевски, е принудена да спроведува мерки на штедење како би ја гарантирала ликвидноста. Токму тоа се одразува во борбата на владата со синдикатите и обидот преку срамно носење на измени за законот на работни односи да се отвори простор за заобиколување на колективните договори. Сето ова е со цел да се отвори простор за заобиколување на синдикатите во процесот на воведување мерки на штедење.

Мицковски нема луксуз да преговара за услови, мора да слуша што неговите господари му наредуваат.

Во тој контекст интересот на Британија за извезување на инвестициски капитал и очајната потреба на владата на Мицковски за токму такви инвестиции се поклопуваат. Не постои услов кои Мицковски не би го прифатил во оваа ситуација бидејќи тоа е единствен спас за неговата политичка кариера пред избувнување на класниот револт на работниците која доаѓа со рецесијата. Приказните за неприфаќање и „национални интереси“ стануваат само смешно лицемерие, Мицковски нема луксуз да преговара за услови, Мицковски мора да слуша што неговите господари му наредуваат.

Но прашањето е кој навистина добива со овој договор? За инвестициите Македонија ќе плаќа камати, кои на крајот се префрлаат на грбот на работничката класа преку мерки на штедење и влошување на животниот стандар токму на тие работници, а не на паразитите во Владата или капиталистите. Од друга страна, договорот подразбира нужно вклучување на британски компании во изградбата на инфраструктурата. Или да биде појасно, Британија дава кредит со камати за британски компании да градат и профитираат, а профитот ќе се врати во Британија.

Прекрасните прикаски за стратешки партнерства, пријателство и сојузништва стануваат смешна камуфлажа кога вистината излегува на виделина. Македонија со овој договор станува колонија на британскиот империјализам, веќе и де факто. Британија во сојузништво со владата на Мицковски станува колонијален господар кој ќе ја пљачка работничката класа. Оној кој сигурно губи со договорот е чесната и трудољубива работничка класа.

ПОТРЕБНА ЛИ Е ЕВТИНА РАБОТНА СИЛА?

Со процесот на интеграција на Балканот во европската економија и искористувањето како базен за евтина работна сила, на нашите простори во изминатиот период се појави недостаток на работна сила. Тоа го гледаме во сите земји од Југославија на различно ниво. Но токму тоа ја става работничката класа денеска во далеку поповолна положба од таа во деведесетите за класниот судир кој неминовно следи.

Нашите економии се слаби, па со тоа, производните капацитети се неспособни да се сносат со порастот на стандардот и преговарачката моќ на дури и неорганизираната работничка класа и да бидат профитабилни. Поради тоа кај нас за прв пат сведочиме појава на мигрантска работна сила. Оваа работна сила користи за амортизација на притисокот на производството и услугите да бидат профитабилни.

Мигрантите соочени со постојана нестабилност и несигурност, без гарантирани права на синдикално организирање како услов за било каква преговарачка моќ, стануваат лесен плен на капиталот. Често работат нереални работни часови (законот за работни односи беше променат и беше воведена можност за 60 часовно работно време наместо 40 токму за проектите од инфраструктурата од стратешко значење, ефективно воведување на 12 часовно работно време), со ниски дневници на работ на праживување и без загарантирани права кои се достапни за останатите работници. Не е ни чудо зошто владите спроведуваат политики на увоз на мигрантска работна сила, за тоа постои не само економска исплатливост туку и потреба.

Во услови кога општествениот бес се создава на основа на влошувањето на животниот стандард, а не постои можност за да се канализира исправно, слугите на капиталот и нивните редовни лицемерни демагози, него го пренасочуваат од реалните проблеми на работничката класа. Поради релативно новата појава, нивната несигурност и немање на работничка алтернатива, мигрантските работници често стануваат издуваен вентил за општествениот бес, станувајќи жртви за спас на општествените паразити, капиталистичката класа и лицемерните политичари.

Токму тоа го сведочиме не само во светот, него и на нашите простори, со нападите на мигранти во Сплит, Крагуевац или анти-имигрантската хистерија на СДСМ и десницата во Македонија. Сведочевме и божемен напад на калуѓерка во Загреб од страна на „злите мигранти кои доаѓаат како замена на населението“, за полициската истрага да покаже дека калуѓерката сама го купила ножот и сама си ги нанела повредите.

Ваквото срамно делување и ширење на хистерија на реакционерните сили во општестовото има за цел единствено пренасочување на бесот од вистинскиот проблем. Одговорноста за уништувањето на илјадници животи на Балканот и во Македонија е единствено на паразитите кои владеат веќе 35 години на нашиот простор. Истите тие кои овој народ го опљачкаа со приватизацијата. Истите тие кои ги хушкаа работниците во кланицата на војните од деведесетите се одговорни за мизеријата на овие простори.

Реакционерите со нивните срамни расистички и ксенофобни хистерии се обидуваат да ги спасат токму нив, бидејќи токму тие се финансиери на нивните кампањи и проекти. Ваквата хистерија доведува до ситуации како во Крагуевац каде се случуваат серија на протести против мигрантите доведувајќи ги самите мигранти во опасност.

Во информациите достапни за јавноста во Македонија се зборува за прифатни кампови за мигранти во Макеодинија. Но условите од договорот не ни даваат никаква сигурност дека се работи за хуманитарен проект. Британиски компании ќе добијат проекти за изградба на стратешка инфраструктура во Македонија. Очигледно Британија и Стармер се под притисок на мерките за штедење и нужно мораат да најдат издувен вентил за олеснување на товарот на државата поради тоа, а социјалните програми се под огромен притисок посебно во време на криза.

Очигледно Македонија има проблем со недостаток на работна сила. Британија создава простор за најранливите категории на работничката класа од Британија да ги депортира во кампови во земја во која има недостаток на работна сила и во која добива проекти за свои компании. Тоа никако не нѐ охрабрува дека овие т.н. прифатилишта нема да прераснат во работни кампови на колонијалниот господар кои и македонски компании би ги користеле за евтина работна сила.

Слојот на работници кој би бил депортиран е слој кој во потрагата за подобар живот веројатно се задолжил за да стигне во Британија, таму е принуден да работи во нехумани услови, често и нелегално за пред се да го врати долгот и да прати некој денар дома. Овие работници реално го немаат луксузот да се вратат во своите земји. Токму тој слој Британија би го депортирала во Македонија во т.н. прифатни кампови. Слој кој нема никаков излез освен да прифати нечовечки услови на експлоатација.

Овој слој би бил принуден да работи до раб на исцрпување за недостојни дневници само да може да врати бар дел од долгот кој го зел со цел да обезбеди подобра иднина за своите деца. И тоа е вистината бидејќи огромен дел од мигрантски работници патуваат на печалба од истите причини како и нашите претци патувале на печалба во Америка, Европа или Австралија, како и луѓето со кои заедно сме седеле во училишните клупи и заминале во Австрија или Германија.

Како марксисти не се потпираме на шпекулации или теории на заговор, па со сигурност не можеме да тврдиме што е договорено зад затворени врати меѓу владите на Стармер и Мицковски. Но она што можеме да тврдиме со сигурност е дека материјалните услови за т.н. прифатни центри да постанат работни кампови и тоа како постојат, а историјата на британскиот империјализам и сервилноста на капиталистите на Балканот, не не охрабруваат да веруваме во нивната филантропија и хуманост.

СДСМ И ИЗЛИВОТ НА РАСИЗАМ

Венко Филипче само хушка хистерија за да го прикрие својот историски неуспех.

Како реакција на информациите кои излегоа во јавноста, следуваше изјавата на Венко Филипче во која тој повторно го постави СДСМ на браникот на државата, обвинувајќи го Мицковски за предавство на националните интереси. Низ тоа, претседателот на социјалдемократите (како и својот „соборец“ од истата меѓународна коалиција на социјалдемократски партии, Сер Кир Стармер) се впушти во срамен расизам и ксенофобија. 

Прво да расчистиме една работа, поголема закана за работниците во Македонија од британските и белосветските империјалисти (здружени во НАТО, каде Македонија стана членка баш под покровителство на неговата партија) и нивните слуги, СДСМ и ВМРО, нема. Филипче само хушка хистерија за да го прикрие својот историски неуспех.

СДСМ како партија беше неприкосновена власт во Македонија во деведесетите. Под нејзина палка беше спроведена приватизацијата и пљачката на работничката класа и општественото богатство. Низ тој процес таа партија стана ефективно партија на капиталот каде бившите бирократи станаа капиталисти. Токму затоа во 1998 година ја изгуби власта и ја турна работничката класа во прегратките на национализмот на ВМРО, со што заедно со ВМРО го спроведоа поразот на работничката класа и го реставрираа капитализмот.

По конфликтот во 2001, СДСМ доби уште една шанса, спроведувајќи низа на антиработнички политики и мерки на штедење, СДСМ повторно ја изгуби поддршката на работничката класа. Тоа го донесе ВМРО на власт и во позиција, како агент на германскиот империјализам, да донесе странски инвестции кои ја експлоатираат работничката класа во нехумани услови.

Но притисокот и бесот во Македонија растеше, а СДСМ во 2012 на чело го постави Зоран Заев. Претставувајќи се како левичар, Заев донесе некава надеж кај еден дел од масите, мислејќи дека тоа е прекин со олигархијата на СДСМ. Но Заев, и самиот крупен капиталист, никогаш не ги штитеше интересите на работничката класа иако се повикуваше на некакви социјални реформи.

Гневот во Македонија зовре со протестите и окупациите на факултетите, за во 2016 да прерасне во масовно движење против корупцијата и пљачката на режимот на Груевски. СДСМ, узурпирајќи го движењето и балансирајќи со империјалистичките сили, ветуваше реформи, борба против корупцијата и конфискација на богатството коешто криминално Груевски и неговата банда го стекнаа.

На изборите СДСМ претстави програма на реформи, прогресивен данок, зголемување на социјалните програми, како и главно, одговорност и конфискација на целиот нелегален имот стекната во времето на Груевски. Поради тие ветувања доби историска прилика да покаже дека бар нешто може да промени во Макеоднија.

Наместо да ги спроведе ветувањеата, СДСМ дозволи прво Груевски со целиот свој капитал да замине од државата. Потоа дозволи Мијалков, олигарх, да биде рехабилитиран, за на крај потполно да го закопа Специјалното јавно обвинителство и сите случаи за криминалот и корупцијата на режимот на Груевски. Токму СДСМ ги помилува неисполнувајќи го своето ветување. Место да воведе прогресвен данок кој го ветуваше, СДСМ одлучи да балансира со интересот на капиталот и да игра провидни игри поставувајќи го Кочо Анѓушев за министер.

Масите во Македонија никогаш не ја заборавија улогата на СДСМ во приватизацијата, поддршката која СДСМ ја доби беше условена од спроведувањето на социјални реформи во Македонија. Дури и поддршката која ја доби и по промената на името беше со надеж дека некакви реформи ќе се спроведат.

Но СДСМ место да ги спроведе своите ветувања, одлучи да се вплетка во корупција како и ВМРО служејќи на интересите на нејзините финансиери, капиталистите. Притоа шуруваше со истите омразени личности како Камчев и Мијалков од масите. Тоа се крие позади катастрофалниот пораз на СДСМ на локалните избори. СДСМ моментално се наоѓа на работ на буништето на историјата.

Како што историјава веќе покажа СДСМ нема интерес било што да промени во Макеодонија (како ни ВМРО), единствениот интерес е доаѓањето на власт со цел дополнителна пљачка, а секогаш ќе биде во служба на интересите на капиталот и европските сили. Што може СДСМ, на работ на буништето на историјата да понуди сега? Ништо, затоа Филипче во очаен обид да го подобри својот рејтинг преминува во бесрамен расизам и ксенофобија, користејќи ги мигрантите како како жртвено јагне.

СДСМ нема никаков различен интерес од ВМРО, а и самата би ги спровела истите политики на Мицковски. Само две работи на Светот се бескрајни, вселената и лицемерието на СДСМ.

Очајот на СДСМ нема никакви скруполи и срамно доведува до ширење на одвратен расизам. Во својот говор, Филипче зборуваше за спас на Македонија и државата. Трагично, одѕвонувајќи ја токму онаа реторика на ВМРО која со движењето во 2016 година беше остро отфрлена.

КЛАСНА БОРБА ПРОТИВ РАСИЗМОТ

Мигрантите кои доаѓаат во Македонија од немајкаде  се нашите пријатели по маките и страдањата, а непријателот е во Парламентот и Владата, како и нивните стопани, капиталистичката класа на Македонија.

На глобално ниво светот поминува низ доба на општа декаденција и културно уназадување, но тоа не е резултат на миграциските процеси и мешање на културите. Тоа е последица токму на кризата на капитализмот кој моментално не е способен да понуди било каков развој на општеството. Во ваквите историски периоди често најреакционерните општествени сили бараат вината да ја префрлат на најлсабите слоеви на работничката класа. Од една страна да имаат жртвено јагне, а од друга страна да ја поделат работничката класа.

Работничките организации во Македонија не смеат да наседнат на ваквите манипулации, потребна е работничка интернационалистичка програма.

Мигрантите кои доаѓаат во Македонија од немајкаде  се нашите пријатели по маките и страдањата, а непријателот е во Парламентот и Владата, како и нивните стопани, капиталистичката класа на Македонија. Токму таа слаба капиталистичка класа што ги цица потта и крвта на работниците ќе биде истата којашто ги експлоатира мигрантите. Мигрантите во таа борба не само што не ни се непријатели, тие се наши сојузници, ние сме дел од истата класа.

Независно дали сме во Македонија, Србија или Хрватска, нашата политика кон мигрантите е политика на солидарност, интернационалистичка политика за единството на работничката класа. Тоа е единствениот пат по кој можеме да извојуваме подобро утре.

Единствениот начин да ги гарантираме условите на работничката класа е да истакнеме барања за еднакви услови за мигрантските работници. Тоа би значело дека работничките организации во своите барања треба да содржат барања кои ќе гарантираат:

  • еднакви плати за мигрантите
  • право на синдикално организирање за мигрантите во рамки на постоечките синдикати
  • важност на правата од законот за работни односи за мигрантите

Покрај тоа, да се осигура позицијата за борба на работничката класа, мораме да ги вклучиме и следниве барања:

  • Итно укинување на измените на законот за работни односи кои овозможуваат заобиколување на колективните договори
  • Покачување на минималната плата на ниво на трошоците за потрошувачката кошница пресметани од ССМ
  • Воведување на ограничување на цените за станарина на максимално една третина од просечната плата
  • Итна национализација на ЕВН со цел ставање на дистрибуцијата на електрична енергија под државна контрола и снижување на цените за струја
  • Воведување на остри стапки на прогресивно оданочување на капиталот со цел покривање на буџетскиот дефицит
  • Национализација на сите странски банки и компании
  • Порамнување на најниската пензија со минималната плата

Ова се основните барања што треба да ги содржи секоја работничка програма да се избори со претстојните напади на Владата на Мицковски.. Наместо бесот да се насочува кон мигрантите, потребна е програма за единство на работничката класа. Мигрантите се наши сојузници со кои рамо до рамо ќе се бориме против паразитите на општеството, капиталистичката класа и нејзините слуги.

ПРОТИВ КОЛОНИЈАЛНИОТ ДОГОВОР НА МИЦКОВСКИ!
ПРОТИВ РАСИЗМОТ НА СДСМ И ДЕСНИЦАТА!
СОЛИДАРНОСТ СО МИГРАНТИТЕ!

12 декември 2025, Никола Славевски