ЕкономијаМакедонија

Работниците на Фени да не бидат инструмент на капиталистите

(статијата е објавена на Антропол на 11 ноември 2017)

Периодов будно ја следам ситуацијата со работниците од Фени Индустри, некогашната гордост на Македонија. На 9 ноември, поголема група работници го блокираа регионалниот пат Прилеп-Градско, а средба со министерот без ресор и познат бизнисмен Кочо Анѓушев побарале градоначалникот од ВМРО-ДПМНЕ и газда на Кожувчанка, Јанчев, пратеникот од ГРОМ и бивш градоначалник на Кавадарци, Минов, и работникот и претседател на синдикатот, Палитов. Работниците на Фени Индустри протестираат и пред филијалите на неколку банки (Стопанска, Комерцијална и Силк Банка), а со тоа го изразуваат револтот од извесниот стечај на комбинатот, кој станува сè појасен со прекинот на редовната работа на печките во септември и назначувањето на стечаен директор.

Фени Индустри е приватна компанија во сопственост на Кунико Рисорсес (активна во Косово и Македонија) во која животите ги имаат поминато голем број на работници, но сега се вработени околу 850. Таа е добиена со распродажба на некогашниот наш имот создаден во времето на СФРЈ. Ориентирана согласно пазарните принципи, методот на функционирање на компанијата зависеше од цените на никелот на светскиот пазар (додека беа високи цените, компанијата работеше профитабилно). Но, цената на никелот вртоглаво падна година дена пред кризата 2008, за да малку порасне во 2010 и повторно да паѓа во изминтативе 5 години, како што може да се забележи на графикот.

Денес, фирмата е западната во големи долгови спрема повеќе банки коишто преносот на сопствеништво кон наводната бугарска енергетска компанија „Енекод“ не сакаат да биде без законски утврдените гаранции. Така барем се пишува во медиумите, но кај жителите на Кавадарци кружи информацијата дека дилот со Енекод е за да се добие време, па стариот сопственик да избегне кривично гонење. Се работи за 40 милиони евра долг, иако тие суми не се официјални. Ситуацијата со сопствеништвото не е јасна и дел од работниците тврдат дека зад кулисите играат швајцарски газди поврзани со грчки (или други) компании и непринципиелно застануваат зад бугарската фирма.

Банките, на кои им се долгува, се исто така алка во синџирот на нефункционалното „пазарното стопанство“. Наместо да преправаат како независно тело, како невино дете што е фрлено кутрото во суровиот свет, треба да ја преземат одговорноста за сопствените грешки. Ако може на обичните луѓе за кредити да поставуваат непристојни гаранции, уште и чевлите да ги задолжиме, а при тоа земаат енормни камати, тогаш како тоа на една странска фирма со сомнително потекло на капитал можат да гарантираат десетици милиони евра. Да се правиме недоветни дека таа странска фирма може да збрише откако ќе ги земе екстрапрофитите и дека тоа банкарите не го знаеле? Зајакот лежи токму тука. Банкарите се сигурни дека штетата ќе им се надомести од парите на обичниот народ. Сепак треба да се напомене дека „Стопанска банка“ е една од банките кои бараат да се опочне стечајната постапка, а во исто време имаат пријавенo нето приходи само од камати во вредност од 15 милиони евра по квартал. Добивката ќе била и значајно поголема ако не биле 4,5 милиони евра кои банката ги впишала во резервации за кредити со неизвесна наплата што веројатно во значајна мерка е резултат на предстечајната позиција во која е големиот клиент „Фени Индустри“. Стопанска банка Скопје за првите девет месеци има добивка од 30 милиони евра односно 1,88 милијарди денари, што претставува минимален раст во споредба со истиот период лани. Просечно по квартал оваа голема македонска банка практично од ветер и магла прави профит од 10 милиони евра на секое тромесечје годинава. Народот пак треба да плаќа за грешките на богаташите. Да напоменеме дека личните примања кај некои банкари се движат до баснословни 50 илјади евра месечно или 120 пати повеќе од некоја средна плата.

 

Основна движечка сила во капитализмот е профитот, а не животите на работниците. Во потрага по брза заработувачка, во држава со децениска стратегија за сервилност кон капиталот, странските газди ги цедат нашите работници и нашите природни богатства и она што е поважно е дека немаат долгорочна намера за развој и работа. Странските капиталисти, веројатно се свесни за ограниченоста на системот на профити, па не инвестираат во образование и зголемување на продуктивноста на трудот, ниту пак во резервни фондови. Сега, работниците, преку синдикалното раководство, бараат помош од истата држава што им овозможува на газдите да работат вон елементарната економска логика. Неминовно се наметнува прашањето дали спрегата помеѓу власта и бизнисмените функционираше сè додека Фени Индустри генерираше високи профити, а сега, кога нужно поради економската логика на капитализмот дојдоа загубите, остана цехот да биде платен од оние кои најмалку имале корист од досегашнот работење на Фени индустри – работниците!? Работниците не ги изедоа профитите на фирмата. Профитите исклучиво отидоа на Кунико Рисорсес. Кога имаше профити, единствено исправно управување беше да се акумулираат средства кои како заштедени ќе се користат во време на пад и загуби. Но, спротивно на тоа, капиталистите го собраа кајмакот на профити и сега кога нивната фирма е во загуба, се повикуваат на помош од народните пари и при тоа ги употребуваат работниците за исклучиво нивни цели. Таквата политика на финансирање на загубите на богаташите мора да престане.

 

Во сегашната политичка конјуктура, работниците и синдикатот се под силно влијание на локалните газди (како што е актуелниот и бившиот градоначалник). Ни грам доверба не смеат да покажат работниците кон нив. Локалните газди носат вина за ситуацијата во која Фени Индустри се наоѓа и не познаваат друго решение освен трупање на пари во сопствениот џеб, а актуелниот градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ дополнително е во можност да го инструментализира протестот против СДСМ, а не во корист на работниците.

 

Работниците од Фени, т.е. малкуте кои останаа, не треба да се залажуваат со трошките на социјална помош во вид на некаква државна интервенција во која банките ќе бидат задоволени со финансии. Во духот на нашата најдобра традиција, работниците, од портир до технолог, од сметководител до техничар, мораат да формираат работнички совет. Ова собрание, како степен на организираност над синдикалната, ќе мора да носи одлуки со кои Фени Индустри нема да се препродава на нови странски експлоататори, туку ќе стане имот на работниците, кои заедно ќе го земат производството и дистрибуцијата во свои раце. Новата работничка управа ќе работи со долгорочна стратегија затоа што ќе биде составена од вработени кои целиот живот го поминале и планираат да го поминат во нивната фирма и фирмата оставена како наследство од нивните родители. Само на тој начин може одговорно, чесно и исправно да се раководи својата фирма. Ова е најголем дострел на економската демократија. Државата, пак, ако сака да помогне, доволно е да не праќа судски или полициски сили против својот народ, доколку нешто вакво се случи.

 

Но, немањето на политичко водство работниците ќе го платат како и до сега – со одложување на агонијата на импотентиот капитализам. Решението најверојатно ќе го пронајдат во затворање на стечајната постапка со прогласување на стечај на фирмата. Веднаш потоа, некој нов странски „стратешки инвеститор“ ќе продолжи да хара во „поволната бизнис клима“, преку суперпрофити врз основа на поинтензивниот труд и ниските надници на работниците. Овие стратешки инвеститори со сомнително потекло ќе бидат поврзани со домашната капиталистичка класа, која е преслаба да ги заштити работниците од странските интереси. Во таа игра, повторно ќе дојде време на нова стечајна постапка и се така ќе се врти во круг. Овој маѓепсан круг може да го скрши само работничката класа преку своите органи – синдикати и политички организации. Само тие, освестени дека ги искористуваат и свесни дека без нив Фени Индустри не може да функционира, можат да понудат вистинско решение и истото да го извршат на дело.

Автор: А. Атевиќ