БалканВестиМакедонијаОпшто

ИНСПЕКТОРИ НА СИСТЕМОТ ИЛИ ИНСПЕКЦИЈА НА СИСТЕМОТ?

По трагичниот настан во ноќниот клуб во Кочани, во целокупната јавност владее еден голем  сомнеж за (не)функционалноста на низа надлежни институции (агенции, управи и други апарати на законодавната власт) за спроведување на пропишаните стандарди и прописи со цел исполнување на основните пазарни, санитарни, градежни, безбедносни и други стандарди кои самата капиталистичка држава ги поставува. 

Земајќи во предвид дека објектот во кој настана пожарот, уште од 1999 год. бил заведен како индустриски објект, а функционирал како комерцијален објект за одржување на јавни настапи и прослави, укажува на тоталната нефукционалност на градежната инспекција. Речиси 26 години не реагирала за санкционирање на сопственикот на ноќниот клуб. Свесното или несвесното премолчување на инспекциските органи било во интерес за намалување на трошоците на сопственикот, со цел зголемување на профитот. Тоа укажува дека опсесивноста по зголемен профит, кој може полесно да се оствари преку занемарување на пропишаните прописи и нефунционалноста на апаратите на капитализмот, може човек да ги плати со најдрагоценото – животот. 

Дополнителен апсурд на системот на приватната сопственост е тоа што непосредно до постоечкиот објект се доградени дополнителни 50 m2 и легализирани во 2011 год. согласно „Закон за легализирање на дивоградби“, предложен од претставниците на партиите на буржоазијата во законодавниот дом, кои наводно се избрани за борба против неправдите и изградба на попристојна иднина за живеење.

Непосредно по трагедијата, мометалната власт во Северна Македонија, брзоплето предложи законска измена за вршење контрола на важноста на лиценците за обавување на основните дејности во градежништвото (проектирање, изведба, ревизија и надзор). Спомената контрола е предвидена да се определи како основна работна обврска на градежните инспектори распоредени ширум општините во државата.

Но, клучно е тоа што од вкупно 80 општини (според пописот од 2021 год.) речиси 40 немаат градежен инспектор (не постои), а во преостанатите имаат минимално, само еден или два службеници, за општини со население од 30 000 до 90 000 жители. Прашањето е како успева едно општество да се доведе во ситуација да нема кадровски потенцијал за спроведување на пропишаните стандарди и правила, a oдговорот на тоа прашање лежи во самиот систем. 

Факт е дека со развојот и напредокот на информатички технологии, сè повеќе млади луѓе се одлучуваат да го започнат својот професионален пат во тие струки, бидејќи им гарантира “сигурна“ и попросперитетна иднина. Така, масовниот и неконтролиран трансфер на работници од една просечна област кон друга „посигурна“ област доведе до недостаток на низа клучни кадри за одржливост и развој на едно општество. Конректно во нашата ситуација, години наназад е забележан намален интерес за одредени технички факултети, што потврдува дека актуелните проблеми со кои се соочуваме денес и во иднината, се директна последица на немање план за образование на кадри прилагоден на потребите на општеството како резултат на политиките за прилагодување на образованието на слободниот пазар, каде образовните институции се подредени на потребите на капиталот.

Објектот во кој настана пожарот, уште од 1999 год. бил заведен како индустриски објект, а функционирал како комерцијален објект за одржување на јавни настапи и прослави, укажува на тоталната нефукционалност на градежната инспекција. Извор: skopjeinfo.mk

Финансискиот надомест за сработениот труд на службениците во телата за инспекција е мизерен, околу 500 – 600 евра месечно, сума која е под просечната плата во Северна Македонија, недоволна за одговорноста и тежината на нивната професија. Сепак е тоа една осетлива дејност која треба да е соодветно надоместена и контролирана, за да не се премолчуваат прекршувања при изградбата.

Паралелно на тоа, самите ингеренции на функцијата, заедно со ниските примања, доведуваат до лесно корумпирање и подмитување од страна на инвеститорите во градежништвото. Општинските инспектори се назначени од страна на градоначалникот, кој патем доаѓа од редовите на партиите на буржоазијата. Тие одговараат пред него за сработеното наместо да се под контрола на работничката класа. Самото тоа укажува на опасност за интегритетот на инспекторите, што е извор на корупцијата, поаѓајки од фактот дека општините се даватели на услуги и имаат право да вршат инспекциски надзор над истите тие услуги.

Дополнително при увиди на терен, инспекторите се изложени на закани и напади од страна на оние кои се предмет на инспекција, што ги става во немилост на интересот на капиталот. Но и во вакви ситуации на агресивно однесување, инспекторите не добиваат адекватна заштита од страна на надлежните институции како полицијата и обвинителството, кои често се во функција и заштита на сопствениците на крупниот капитал. Така што, на крај, инспекторите наидуваат на еден илузорен круг на делување, во кој има судир на интересите на капиталот, со законите кои наводно се во служба на јавниот интерес. Кофликтот кој тука се појавува е во суштина израз на класниот конфликт каде работничката класа како големо мнозинство има интерес за подобрување на животните услови, додека капиталот е заинтересиран за профит.

Покрај сите наведени факти за нефункционалноста на институциите, кои се директен резултат на капитализмот како економски систем кој се заснова на приватната сопственост на средствата за производство, со единствена цел да создавање на профит, е дегутантно да мислиме дека ќе имаме безбедна, здрава, просперитетна и функционална иднина.

Ние, како комунисти кои се потпираат на марксистичката теорија, знаеме дека изворот на овој проблем е во самото функционирање на капиталистичкиот систем, односно во сржта на производствените односи кои се препуштени на слободниот пазар. Единствен излез е работничка држава во која работничката класа ќе ја има власта во свои раце, а со воведувањето на планска економија ќе може комплетно да се централизира системот на инспекција кој нема да подлежи на интересите на владеачката класа која е здружена во буржоаските партии. Напротив, самиот процес на изградба ќе биде осмислен да служи на интересите на работничката класа, а не на грст профитери, а со тоа и системот на инспекција ќе може совесно и стручно да ја заврши својата работа со што ќе се зголеми безбедноста на човечките животи.

КАПИТАЛОТ Е ОБЕДИНЕТ ПРОТИВ НАС!
ЗА ЕДИНСТВО НА РАБОТНИЧКАТА КЛАСА ПРОТИВ КАПИТАЛОТ!

Христијан Грујоски, 6 април 2025