ИнтернационалаОпштоТеорија

Царинската програма на Трамп го зајакнува стремежот кон протекционизам во светската економија

Никлас Албин Свенсон 28 март 2025

Трамп ќе го објави својот нов царински пакет на како што го нарече „денот на слободата“. Коментаторите, политичарите, дипломатите и извршните директори се борат да разберат што доаѓа следно. Трамп, како што е карактеристично за него, ги држеше сите во исчекување. Но, иако деталите не се јасни, насоката на движењето е очигледна. Трамп подготвува бомба со соопштение за 2 април. Неговите царини за автомобили, објавени на 26 март, веќе предизвикаа нервоза на пазарите, особено меѓу европските и азиските автомобилски марки кои силно зависат од американскиот пазар.

Трамп навидум се одлучи на 25 проценти како добра стапка за царини. Тој најави царини на ова ниво за Мексико, за Канада, за челик, алуминиум, а сега и за автомобилската индустрија. Сосема е јасно која е неговата цел: тој сака да ги принуди компаниите да го преселат производството во САД и тоа не само склопувањето на возилата, туку и целокупното производство на сите нивни составни материјали и делови. И не само за автомобилите, иако тоа е особено важен дел од светската економија, туку и за фармацевтските производи итн.

Додека Мексико и Британија се обидоа да се додворат на Трамп за отстранување на царините, Кина, ЕУ, Јапонија и Канада се подготвуваат да одговорат на реципрочен начин, истовремено, Трамп постојано се заканува дека ќе возврати на одговорот со нови царини, вклучително и среде ноќта на 26 март. Ова е рецепт за трговска војна. Се разбира, ова не би била првата трговска војна во која се впушти Трамп. За време на неговиот прв мандат тој влезе во една таква војна со Кина, но, овој пат, не е само Кина во прашање, туку целиот свет.

Што се случи во 1930-тите

Се подвлекуваат непосредни паралели со 1930-тите, бидејќи реално и постојат. После крахот на Волстрит во 1929 година, САД и европските нации прибегнаа кон протекционизам во обид да ја извезат кризата. Соединетите Американски Држави во 1930 година го воведоа Законот за царини на Смут-Холи, зголемувајќи ги царините во просек од 20 проценти. Овој закон, како и контрамерките преземени од другите нации, доведоа до колапс на извозот и увозот на САД. Слично како и сега, Канада беше погодена и возврати. Не е случајно што Трамп сега користи некои заборавени мерки од тој закон за да го наметне овој најнов круг на царини.

Првично, законот ефектуираше заживување на американската економија, но, како што се засили рецесијата во 1931 година по колапсот на банката Кредитаншталт во Австрија, ефектите на кризата станаа уште посилни. Извозот и увозот на САД паднаа за околу две третини, а до 1932 година индустриското производство се намали за 46 проценти.

Може ли да се повтори Великата депресија од 1930тите?

Многу европски земји го следеа примерот. Британија воведе империјално предимство во 1932 година, што го отежна извозот кон Британија на државите вон Британската империја, а другите земји, како Франција, отидоа уште подалеку во нивниот протекционизам.

Но, формалните трговски бариери не беа единствениот дел од новите трговски односи. Една по друга, земјите го напуштаа златниот стандард. Односно, тие го напуштија фиксниот девизен курс помеѓу валутата (фунта, долар, франк итн.) и златото. Напуштањето на златниот стандард значеше колапс на вредностите на валутите, со што земјите во прашање добија конкурентска предност во однос на нивните ривали. Затоа, не е изненадувачки што тие земји кои најдолго се држеа до златниот стандард (Франција, САД) мораа да посегнат кон повеќе протекционистички мерки. Троцки го истакна ова во 1934 година: „Напуштањето на златниот стандард ја распаѓа светската економија далеку поуспешно отколку тарифните ѕидови“.

Севкупно, светската трговија падна за 66 отсто, што беше катастрофален удар за светската економија. Тоа беше пресликано со колапс на индустриското производство во Германија за 41 отсто, во Франција за 24 отсто и во Велика Британија за 23 отсто. Истовремено, поради масовната невработеност и колапсот на економијата, падна и цената на производите, што ја влоши ендемската криза на прекумерното производство – хиперпродукција. Кризата, се разбира, не се должеше на протекционизмот, туку напротив, протекционизмот беше последица на кризата, кој потоа уште повеќе ја влоши самата криза.

Ограниченоста на националната држава 

Причината за ова лежи во самиот развој на економијата. Во многу наврати, марксистите истакнуваат дека како што се развиваат производните сили (машини, наука, технологија, образование итн.), тие доаѓаат во судир со ограниченоста на националната држава. Ленин ја истакна оваа идеја во Империјализам: Највисокиот стадиум на капитализмот. Тој во таа книга објасни како империјализмот се развива кога монополите ги надраснуваат националните пазари. Она што се обидуваа да го направат политичарите, под притисок на кризата, беше да го вратат часовникот назад. Постои јасна паралела со денешницата. Троцки пишуваше за залудниот обид:

„Прогресивната задача – како да се присвои арената на економските и општествените односи со новата технологија е превртена наопаку и се чини дека е проблем како да се ограничат и скратат производните сили за да се прилагодат на старата национална арена и на старите општествени односи. На двете страни на Атлантикот се троши огромна ментална енергија во обид да се реши фантастичниот проблем за тоа како да се врати крокодилот назад во кокошкиното јајце. Ултрамодерниот економски национализам е неповратно осуден на пропаст од сопствениот реакционерен карактер; ги успорува и намалува производните сили на човештвото“.

И токму тоа беше ефектот од различните мерки што ги преземаа владите. Обидувајќи се да го вратат назад развојот на производните сили, затворајќи ги во националната држава, односно националниот пазар, тие успеаја, не да ја оживеат економијата, туку да ја потонат во депресија. На крајот, економијата заживеа – по огромното  уништување на производствени сили за време на Втората светска војна, и со помош на Социјалдемократските и Комунистичките партии во стабилизирањето на капитализмот. На Запад, американскиот империјализам излезе од војната како доминантна сила, а економијата најде нова рамнотежа. САД ги убедија францускиот, германскиот и британскиот империјализам да соработуваат со цел да се обнови Европа по војната. Беше воспоставена нова институција задолжена за отворање на пазарите, т.н. Општа спогодба за царини и трговија (ГАТТ), која постепено се разви во Светска Трговска Организација (СТО). Во Европа беше основана Заедницата за јаглен и челик. Троцки веќе ја истакна оваа економска неопходност во 1923 година:

„Во срцето на [Првата светска] војна лежеше потребата на производните сили за поширока арена на развој, непречена од тарифните ѕидови. Слично на тоа, во окупацијата на Рур, толку смртоносна за Европа и за човештвото, го гледаме искривениот израз за потребата за обединување на јагленот на Рур со железото од Лорен. Европа не може економски да се развива во рамките на државните и царинските граници наметнати во Версај. Европа е принудена или да ги отстрани овие граници или да се соочи со заканата од целосно економско распаѓање. Но, методите усвоени од владејачката буржоазија за надминување на границите што самата ги создаде, само го зголемуваат постоечкиот хаос и го забрзуваат распаѓањето“. (Дали слоганот „Соединетите европски држави“ е навремен?)

Веќе во 1923 година, Троцки ја предвиде економската потреба од ваквото економско единство, кое ги обедини индустријата за јаглен и челик во Франција, Западна Германија, Холандија и Белгија. Тоа беше така затоа што во малите нации во Европа, ограничувањата што националната држава ги поставуваше на развојот на економијата беа уште поголеми.

Како што знаеме, Заедницата за јаглен и челик се покажа недоволна. Со текот на времето, исто како ГАТТ, таа го прошири својот досег и стана прво Европската Заедница, а потоа Европската Унија. На секој чекор, американскиот империјализам беше присутен и ја поддржуваше понатамошната интеграција на Европа, бидејќи тоа им одговараше во тој период. Причината зошто првичниот ограничен опсег на овие организации мораше да се прошири не е тешко да се разбере, ако се тргне од гледна точка дека производните сили, како што се развиваат, на крајот ја надраснуваат националната држава.

Односно, како што се развиваа монополите во Европската Унија, во новите растечки индустрии кои се појавија, како што се производството на автомобили и хемикалиите, тие се напрегаа заради ограниченоста на националната држава и бараа излез на европскиот пазар. Затоа, овие индустрии имаа потреба од отстранување на бариерите една по друга. А бидејќи економијата генерално беше во пораст, постоеше можност за одредена пријателска поделба на профитот. Ова беше особено точно бидејќи САД, со најнапредните и најпродуктивните индустрии, и понатаму притискаа во насока на понатамошна либерализација на трговијата.

Во текот на 1950-тите и 60-тите години, продуктивноста и платите растеја. На работниците на Запад можеше да им се овозможи животен стандард каков што не виделе дотогаш. Но, сето ова беше токму затоа што производните сили можеа да продолжат да се развиваат под режим на зголемена специјализација, зголемена слободна трговија, итн. Светската поделба на трудот беше од суштинско значење за континуираниот развој на производните сили / Слика: Јавен домен

Капиталистичката класа во најголем дел имаше корист од овој нов режим. Тоа беше режим на релативна политичка и социјална стабилност. Профитот беше доволно висок за да може да им се дадат значителни отстапки на работниците. А исто така, Советскиот Сојуз постоеше како сеприсутна закана.

Нов подем на економијата беше можен во овие услови и во овој режим. Продуктивноста на трудот масовно се зголеми по сите параметри. Во текот на 1950-тите и 1960-тите години, ова беше придружено со соодветен реален пораст на платите. Бидејќи продуктивноста се зголеми, на работниците на Запад можеше да им се овозможи животен стандард каков што немале видено дотогаш: куќи, автомобили, телевизори, образование, здравство, пензии итн. Но, сето ова беше бидејќи производните сили можеа да продолжат да се развиваат под режим на зголемена специјализација, зголемена либерализација на трговијата, итн. Светската поделба на трудот беше од суштинско значење за континуираниот развој на производните сили.

Заедно со овој развој природно дојде до развојот на огромни монополи кои доминираа на светскиот пазар. Најнепродуктивните компании – кои беа неефикасни и без најнапредните машини – банкротираа или беа откупени од нивните поголеми ривали. Овде нема детално да се занимаваме со ова прашање, но доколку погледнеме во која било значајна индустрија – било да е тоа суровини, компоненти или готови производи – денес се останати само неколку од тие компании. Но, спротивно на соништата на застапниците на слободниот пазар, токму слободната конкуренција ги раѓа овие монополи.

Протекционизмот денес

По однос на денешното прашање, живееме во свет далеку поразвиен и повеќе економски интегриран отколку во времето на Троцки. Од 1960 година па наваму, светската економија реално порасна за приближно осум пати. Обемот на светската трговија, пак, порасна за околу 20 пати, а вредносно уште повеќе.

Кога САД ја започнаа својата протекционистичка политика во 1930 година, односот на трговијата кон БДП беше околу 9 отсто, а сега е поблиску до 25 отсто. За производството е уште поистакнато. Вредноста на индустриското производство во САД е 2,3 илјади милијарди долари, но вредноста на извозот на американските производи е 1,6 илјади милијарди долари. Тоа не значи дека 70 отсто од произведените стоки се извезуваат  (некои компоненти можат повеќе пати да ја преминат границата пред да завршат во конечниот производ), туку тоа го покажува степенот на интеграција на производството со светскиот пазар. Според ова, кога САД и остатокот од светот повторно се впуштаат во нови протекционистички авантури, тоа го прават од поразлична почетна точка. Ако тие сакаат, како што рече Троцки, „да се врати крокодилот назад во кокошкиното јајце“, тогаш со себе ќе повлечат огромно уништување на производните сили и невидена беда.

Буржоаските економисти добро го знаат овој факт, поради што се изјаснија „никогаш повеќе“ за протекционизам. Но, како и многу други од нивните „никогаш повеќе“, како на пример печатењето пари, мораа да отстапат пред развојот на меѓународните и класните антагонизми. Трамп не го измисли протекционизмот. Денес има 4.650 увозни ограничувања помеѓу земјите од Г20, според Глобал Трејд Алерт, што е 10 пати повеќе од 2008 година. САД се обидуваат да ги скратат крилјата на кинеската економија, нешто што се обидуваат да го направат уште од 2018 година. Во САД и ЕУ има царини за електрични возила од Кина. Тука е и Законот за намалување на инфлацијата на Бајден, разни обиди за субвенционирање на домашното производство на чипови итн. Сето ова му претходеше на вториот мандат на Трамп. Додека во еден историски период светската трговија растеше побрзо од светската економија, сега веќе не е така.

Трговската војна на Трамп е секако забрзување во оваа насока. Никој не знае до каде ќе оди оваа војна, но агенцијата Фич Рејтингс шпекулира дека американските царини во просек може да достигнат до 18 отсто, од досегашните 8 отсто, што би било највисоко ниво од 1934 година. Плановите на Трамп создаваат специфични потешкотии за светската економија, чија логика не е само да се наметнуваат царини на крајниот производ (како автомобилите), туку сеопфатно на сите компоненти на производот. Ова ја зголемува можноста да се биде погоден, не само од еднократна царина од 25 отсто, туку да мора да се плати повеќекратно, во различните етапи на производниот процес.

Детроит Фри Прес ја пренесува следната анализа:

„Секогаш кога некој дел ќе премине граница, ќе се оданочува, рече тој. Примерот кој го даде Абуелсамид е за производител на автомобили кој одби да го именува. Тој му кажал дека материјалите за правење жичани појаси ги добива од Јапонија. Тие материјали одат во Мексико за да се направат во жици, а потоа тие појаси се испраќаат во Тексас за да се прикачат на воздушно перниче. Дури потоа возилото се испраќа назад во САД“.

Кога автомобилската индустрија проценува дека на крајот може да се додаде нешто помеѓу 4000 и 12000 долари на цената на автомобилот, ова е она на што тоа се однесува. Всушност станува збор дека ефективно се оданочува двапати. Ова исто така ќе значи дека американските извозници ја губат способноста да се натпреваруваат на светскиот пазар, бидејќи мора да ги оданочуваат нивните компоненти повеќекратно пред да ги извезат.

Она што го прават овие царини, а што е веројатно сосема намерно од гледна точка на Трамп, е да ги размотува глобалните синџири на снабдување. Но, ова е исклучително скапо да се направи. БМВ, на пример, има три главни фабрики во Европа кои произведуваат мотори, а секоја од нив е специјализирана за одредени мотори за одредени модели на автомобили. Изградбата на друга фабрика за производство на мотори само за американскиот пазар би била исклучително скапа. Истото важи и за кој било друг дел од автомобилот, кој веќе не е произведен во САД. Било какви контрамерки од ЕУ, Кина и Јапонија кои ќе влијаат на компонентите произведени во САД неизбежно ќе ја влошат ситуацијата уште повеќе. Долгорочниот ефект од ова ќе биде туркање на инфлацијата нагоре, предизвикувајќи уште поголема беда за работничката класа.

Пролетерската позиција

Кои се интересите на работничката класа во сето ова? Водачот на американскиот синдикат на автомобилски работници УАВ, Шон Фејн, го поздрави Трамп „што се реши да стави крај на катастрофата со слободната трговија која со децении ги уништува заедниците на работничката класа“. Секако дека тој е донекаде во право. Растурањето на индустриската база на Мичиген имаше разурнувачки ефект врз целиот регион. Но не може духот да се врати во шишето, а обидот на Трамп да го стори тоа ќе има катастрофални последици.

Исто така не можеме да браниме политиката на слободна трговија затоа што таа нè доведе до сето ова. Политиката на слободна трговија е политика на затворање фабрики, уништување на заедници, со ветување дека на крајот сѐ  ќе биде подобро. Германските социјалдемократи, во пресрет на победата на Хитлер, изнесоа токму таква луда политика. Кризата нека ја разора работничката класа – на крајот се ќе биде подобро. Само, патот до економската рамнотежа помина низ фашизмот и светската војна. Денес тоа не е на повидок во блиска иднина, но мизеријата што ја носи капитализмот со слободната трговија можат да ја видат сите.

Троцки точно укажува како крајот на слободната трговија е поврзан со самата криза: „Слободата на трговијата, како слободата на конкуренцијата, како и просперитетот на средната класа, припаѓа на неповратното минато. Враќање на минатото, е сега единствената тактика на демократските реформатори на капитализмот“.

И двете страни на оваа дебата – застапниците на слободниот пазар и протекционистите – сакаат да го вратат општеството во неговата преткризна состојба, но ниту една од нив не може да го оствари тоа. Ниту враќањето на слободната трговија, ниту поставувањето нови царински бариери нема да ја решат кризата. Вистината е дека токму развојот на производствените сили и светскиот пазар го направија националниот капитализам невозможен и ја создадоа најобемната економска криза што светот некогаш ја доживеал. Состојбата е таква каде производствените сили се во бунт против националната држава и приватната сопственост. Завршниот збор му го даваме на Троцки:

„Затоа, за да се спаси општеството, не е неопходно ниту да се ограничува развојот на техниката, да се затвораат фабрики, да се доделуваат премии на земјоделците за саботирање на земјоделството, да се претвори третина од работниците во просјаци, ниту да се повикуваат манијаците да бидат диктатори. Ниту една од овие мерки, кои се шокантно исмејување на интересите на општеството, не се неопходни. Она што е неопходно и итно е да се одделат средствата за производство од нивните сегашни паразитски сопственици и општеството да се организира во согласност со рационален план. Тогаш навистина би било можно општеството да се излечи од неговите болести. Сите кои можат да работат би нашле работа. Работниот ден постепено би се намалувал. Желбите на сите членови на општеството би обезбедиле поголемо задоволство. Зборовите „имот“, „криза“, „експлоатација“ би испаднале од употреба. Човековиот род конечно би го преминал прагот во вистинско човештво“.

Царините на Трамп означуваат нова турбулентна ера

Финансиските пазари беа потресени од вчерашната објава на Трамп за царини (текстот е објавен на 3 април 2025 година). Самодовербата на колективната капиталистичка класа доби голем удар бидејќи Трамп ги наметна највисоките царини од 19 век. С&П 500 падна за 3%, Насдаг 4%. Акциите на Ејпл паднаа за 8%, Најк за 11%, Ралф Лорен за 12%, Нвидиа за 5%, итн. Сите што увезуваат од Југоисточна Азија беа тешко погодени, почнувајќи од индустријата за облека. Виетнам, Камбоџа, Лаос, Шри Ланка, Бангладеш, Индонезија и Мјанмар беа цел на царини меѓу 35 и 49 проценти. Ова ќе има големо влијание врз целата економија во тој регион. Повеќе од една третина од извозот и на Виетнам и на Камбоџа е наменет за американскиот пазар.

Падот на берзите откри дека царините биле полоши од очекуваното. 10 проценти на целиот увоз, плус селективно повисоки царини за сите големи американски трговски партнери, во зависност од тоа како сметате, ќе остави просечна царинска стапка од 29 проценти ако верувате во Еверкор ИСИ или 18 проценти ако верувате во Голдман Сакс. Во секој случај, како што истакнува Голдман Сакс, веројатно ќе се зголеми бидејќи секторите како бакар, фармацевтски производи, полупроводници и дрва добиваат свои царини. Влијанието врз светската економија ќе биде сериозно, бидејќи повеќето земји имаат значителна трговија со САД. Шест отсто пад на цената на нафтата ја открива загриженоста кај трговците со нафта дека на повидок е рецесија.

Очекувано, американските трговски партнери не се задоволни од царините, но беше јасно дека се плашат од влегување во трговска војна со САД и последиците што ќе ги донесе. Италија и Шпанија повикаа на „конструктивни преговори“. Владата на Обединетото Кралство ги „советува“ извршните директори за одмазда. Јапонија е исто така релативно тивка. Релативно ограничениот моментален одговор ја одразува неподготвеноста на владите да нанесат дополнителна штета на сопствените економии со наметнување дополнителни трговски мерки. Но, како што состојбата продолжува да се влошува, или оваа или следната година, ќе се воведат нови мерки. Во 1930-тите, сите протекционистички мерки не беа воведени одеднаш, туку постепено, од земја во земја, како што кризата се влошуваше, владите се менуваа итн.

Јужнокорејската влада, која се обидува да му се допадне на Трамп, се обидува да го реши проблемот со субвенционирање на своите индустрии, префрлајќи ги трошоците на јужнокорејските работници. Ова е уште една мерка во рацете на буржоазијата на погодените земји. Преку директни субвенции или напади на работните услови, буржоазијата може да се обиде да ги притисне сопствените работници како одговор. Трамп, исто така, ја носи дома „болката“ што ја вети за американската економија. Стелантис најави 900 привремени отпуштања во САД во пет фабрики. Бидејќи цената на производите произведени во САД се зголемува поради царините, американските потрошувачи ќе престанат да трошат, чекајќи подобри времиња. Автомобилската индустрија сега е длабоко загрижена за царините за увозните компоненти што им се потребни за склопување автомобили во САД. Ќе бидат погодени и извозните индустрии, прво од шок на сопствените трошоци, а потоа од одмазднички мерки. Згора на тоа, големите царини се очекува да додадат околу 2,5 отсто на годишната инфлација, намалувајќи ја куповната моќ на американските работници.

Колку далеку и колку длабоки ќе бидат ефектите од ова не е познато. Но, расплетот на 80-годишната трговска интеграција ќе има огромни импликации за светската економија. Загрозени се сите придобивки од светската трговија: поголема продуктивност, поевтини производи итн. Сега ќе има уште пожестока конкуренција на светскиот пазар бидејќи американскиот пазар станува сè потешко пристапен, а потрошувачите загрижени за иднината се воздржуваат од своето трошење. Колку време ќе биде потребно пред болната ЕУ да воведе дополнителни царини, не само за САД, туку и за Кина и другите земји, со цел да се запре „дампингот“?

Нема сомнеж кој ќе ја плати цената на оваа криза: работничката класа. Работничката класа ќе мора цврсто да се бори против претстојниот напад: против затворањето на фабриките, против нападите врз платите и условите, против кратењето на социјалните трошоци итн. Интензивирањето на меѓународниот конфликт ќе се одрази во интензивирањето на класната борба.

оригинал Trump’s tariff programme deepens protectionist tendencies in world economy