Вуковар: 30 години од растуреното братство и единство
На денешен ден во 1991 година заврши повеќемесечната воена опсада на Вуковар, проследена со денови на масовни убиства, мачење, силување и грабежи, со злосторството во Овчара како црна кулминација и прв голем воен масакр и навестување на сите оние ѕверства коишто ќе се наредат и изведат од националистите од сите страни на Балканот за време на приватизациските војни во 1990-тите во Хрватска, Босна и Косово. Тоа е трагичен исход на националистичките политики и хушкања што започнаа во Југославија кон крајот на 1980-тите и раните 1990-ти од страна на српските и хрватските политичари и тајкуни, а чии жртви беа првенствено луѓе кои живеат во национално мешани области, особено во градот Вуковар и околните места. Така, на почетокот на мај 1991 година во Вуковар започнаа меѓуетнички вооружени конфликти, закани и провокации, при што во следните месеци беа убиени хрватски и српски цивили, а со доаѓањето на веќе просрпската ЈНА во август и септември, започнаа жесток воени борби при што до ноември 1991 година градот остана целосно срамнет со земја.
Не можеме да ја набљудуваме трагедијата на Вуковар независно од природата на самата криза во Југославија и војната што избувна во 1991 година. Југословенскиот процес на изградба на социјализам доживеа стагнација што во 1980-тите се отчита како зајакнување на пропазарните тенденции на бирократско-техноменаџерските елити што ги држеа клучните позиции. Со отсуство на општа социјалистичка насока под контрола на југословенската работничка класа, во втората половина на 1980-тите полека почнаа да зовриваат и сите национално нерешени прашања поради пазарниот пресврт на СФРЈ со којшто дојдоа националистички одговори. Подемот на национализмот на Милошевиќ во Србија во 1987 година го следи подемот на национализмот на Туѓман во Хрватска во 1989 година, што не значи дека национализмот пред тоа не постои во Хрватска, но сепак тој немал својот одреден политички израз во ниту една организација. Ова се промени со основањето на ХДЗ во 1989 година под раководство на комунистичкиот дисидент Фрањо Туѓман, кој ја презеде власта во пролетта 1990 година, но не за да се направат напори за смирување, туку за дополнително разгорување на меѓуетничките тензии во СР Хрватска, со цел напуштање на социјалистичка Југославија и обнова на капитализмот преку коренита приватизација на општествената сопственост, што беше посакувана од неговите тајкуни. Додека меѓу Србите во Хрватска во 1990 година се засили влијанието на локалните послушници на Милошевиќ, а меѓу Хрватите од Туѓман, немаше силна социјалистичка алтернатива што ќе ја мобилизира работничката класа во одбрана на општествената сопственост и заедничката социјалистичка држава, иако работничките и работниците на Борово од српска и хрватска националност штрајкуваа со сликата на Тито. Избувна војна во која довчерашните соседи и другари од работа пукаа меѓу себе, а тајкуните од двете страни тргнаа да ги ограбуваат и уништуваат нивните претпријатија. Наместо социјалистичка Југославија, беа создадени мали национални држави како периферии на европскиот капитализам и зони на евтина работна сила за странските инвеститори.
Така, ни Вуковар не може да се гледа денес независно од целосно периферната и колонијална положба на Република Хрватска во унијата на капитал наречена ЕУ. По војната, цела Славонија и другите делови на Хрватска поминаа низ процес на слабеење и уништување на домашната индустрија и земјоделство и масовна емиграција, на која не и се гледа крајот во ЕУ, а Вуковар не е исклучок. Ниту државната ХДЗ, ниту локалните власти на чело со десничарскиот градоначалник Иван Пенав од Татковинското движење, секако поранешен член на ХДЗ, немаат стратегија за економски развој, па не им преостанува ништо друго освен демагогија и обвинување на Србите. Денеска децата од Вуковар одат во посебни училишта и градинки, а воведувањето табли на две азбуки во изминатата деценија беше спречено од хрватските националисти. Многу споменуваниот соживот во градот е недостижен во капитализмот бидејќи овој систем на неговата периферија може да генерира само ниски плати, невработеност, корупција и емиграција, без никаква перспектива и план за општествен развој. Затоа денес мораме да бидеме решителни противници на двата национализми, кои не се ништо друго туку идеологии во служба на одржувањето на капитализмот и на корумпирано-тајкунскиот статус кво. Затоа мораме да бидеме за работнички интернационализам и поврзување на работните луѓе и младите од сите народи во обединета борба за социјализам. Ако сакаме подобро утре и заеднички братски живот за денешниот Вуковар и сите други балкански деца, а не нивната егзистенција на минимум и иселување, мора да се бориме за револуционерно обезвластување на капиталот, воспоставување на работничка држава и преземање на власта од работничките тела во Вуковар и другите градови и села на овие простори со цел да се ревитализираат на едрата на општествениот план и социјалистичката акумулација.
објавено 18 ноември 2021 Vukovar: 30 godina od razbijenog bratstva i jedinstva
автор Лука Ресановиќ