БалканВестиИнтернационалаМакедонија

Основачки конгрес на Револуционерниот комунистички сојуз

Викендот на 11 и 12 мај беше одржан Петтиот конгрес на Марксистичката организација „Црвени“, а воедно и основачкиот конгрес на Револуционерниот комунистички сојуз, на југословенската секција на ИМТ, која и самата наскоро ќе се преименува во Револуционерна комунистичка интернационала. Во Скопје се состанаа другари и другарки од разни делови на Југославија, од сите места каде што сме организирани. Беа присутни делегати од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Хрватска. Беа присутни делегати од Полска, Австрија, Унгарија, Бугарија и претставник на Интернационалниот секретаријат.

Ова беше историски конгрес од повеќе различни причини. Освен што е основан РКС, членовите покажаа особена решителност и желба за изградба на нашата југословенска секција и се порешителни од било кога за изградба на силите на комунизмот во земјите од бивша Југославија, но и во светот. Конгресот е отворен со паролата „Напред кон 100 членови“, бидејќи не постои подобро време за изградба на револуционерна комунистичка организација на Балканот отколку сега.

Капитализмот во земјите од Југославија

Конгресот помогна да се подигне политичкото ниво на целата организација, која во последната година забележа забрзан раст. Првиот ден, со обработка на точката за југословенските перспективи се пробуди нашето разбирање за кризите на капитализмот во земјите од Југославија. Се покажа дека таа се прошири и на Балканот, кој како периферен регион трпи и поостри последици од капиталистичката криза отколку самиот центар. Каде и да погледнеме, присутен е само очај и неспособност на слабата локална буржоазија да понуди било каква иднина на работниците и младината. Во најразвиените земји од бивша Југославија, Словенија и Хрватска, очигледна е девастацијата на здравствениот систем и основната инфраструктура. Железницата како и јавниот превоз се уништува, Во послабо развиените замји како Македонија, транспортниот систем, веќе потполно е срушен. Капитализмот на Балканот се покажува како неспособен да ги пружи основните услови за живот на работничката класа, а не пак да понуди било каков понатамошен развој. По повеќе од 30 години, капитализмот ја покажува својата импотентност. Реченицата на Димитрие Туцовиќ стара повеќе од 100 години „Балканот страда од премногу честите граници“ се покажува точна денес исто како и тогаш.

Специфичните околности на балканските национални конфликти и немоќта на капиталистичкиот развој овозможуваат плодни услови за изградба на нашата организација. До толку и задачата за нејзина изградба се поставува како историска неопходност. Условите за социјалистичка револуција на Балканот не се зрели туку одамна презреани. Најголема моментална опасност е продолжување на агонијата на капитализмот, односно на продолжената криза. Единствен недостаток моментално е субјективниот фактор, комунистичка партија на работничката класа којашто ние имаме задача да ја изградиме.

По војната од 1990-тите и катастрофалниот ефект од распадот на Југославија, односно реставрацијата на капитализмот на нашите простори, работничката класа почнува да се буди и се интензивира класната борба. Бран од штрајкови ги зафати земјите од бивша Југославија, посебно Хрватска. Од таа причина радикализацијата на помладите слоеви на работници и студентите е присутна и на Балканот. Приврзаноста на младите кон комунистичките идеи и интензификацијата на класната борба е само зрак на предвидување што ќе се случи во иднина. За разлика од постарите генерации, денешната младина нема националистички стремежи кон другите народи, та оваа работничка класа ништо не ја спречува за обединување со останатите балкански земји. Тоа се генерации кои ќе ги изградат силите на комунизмот на Балканот.

Револуционерен комунистички сојуз

Капитализмот не ја црпи толку својата сила од силата на репресивниот апарат на државата колку од недоволната организираност на експлоатираните и недостатокот од адекватна програма за социјалистичка трансформација на општеството. Токму од таа причина наша задача е да изградиме револуционерна организација, што ќе брои илјадници комунисти, кои се наоѓаат секаде на Балканот, организација која ќе има акции и методи за поврзување со пошироките слоеви во работничката класа.

За да го постигнеме тоа потребно е целосно да ги прифатиме болшевичките методи на работа и ја трансформираме нашата организација. Работата во одделни републики носи со себе свои предизвици, но болшевичкиот менталитет налага да пронајдеме пат преку секоја пречка која ќе ни се најде на патот. Одлучноста на другарите и другарките во изградбата на југословенска секција се покажа и во финансиите. На конгресот од донации е собрано над 5000 евра, така да дебело ја преминавме својата цел од 3000 што нѐ доведе поблиску до нашата цел за вработување на фултајмер до следниот конгрес.

Нашата работа во текот на минатата година покажа дека постои значаен број на луѓе на кои им е доста од капитализмот и кои ги разбираат неговите ефекти на општа заостанатост на Балканот во споредба со земјите од капиталистичкиот центар. Постојат широки слоеви на млади кои сакаат за себе да остварат подобра иднина. Забрзаната криза на Западот не остава како некогаш надеж на нашите народи дека таму ќе изградат подобар живот. Токму затоа на последниот ден од конгресот одлучивме да ја преименуваме нашата организација со ова ново и посмело име.

Другарите и другарките преполни со ентузијазам покажаа разбирање дека ова не е само промена на името во Револуционерен Комунистички Сојуз туку обнова на нашите сили и тестамент на нашата издржливост и одлучност под никогаш посјаен комунистички бајрак. Ова ќе биде важен чекор на кој треба да бидеме горди. Се потпираме на гордата историја на успешната револуционерна борба на југословенската работничка класа!

Победивме еднаш, ќе победиме пак!

Според тоа, другарите и другарките се подготвени да работат на сите полиња за да изградат Револуционерна комунистичка интернационала и до следниот конгрес ја достигнат целта од 100 членови на југословенската секција и конечно тргнаа во подготовка за основање на револуционерна комунистичка партија на Југославија. Наш следен чекор во таа насока е почнување на ново списание „Комунистичка револуција“, со кое ќе го најавиме основањето на РКИ. Како некогаш, на Балканот од пепелта ќе се родат нови и уште посилни комунистички сили.

Од таа причина ги повикуваме сите кои сакаат да се борат за подобра комунистичка иднина како дел од светското интернационално пролетерско движење да се вклучат во изградбата на нашиот Револуционерен комунистички сојуз!

Придружете ни се веќе денес.

За Балкан слободен од братски војни!

За Балкан на висок степен на технолошка развиеност!

За Балкан без вештачки граници!

За Балканска Социјалистичка Федерација!