Последиците од неуспешниот обид на Израел да ја уништи Газа

Во Газа засега пушките замолкнаа. По петнаесет месеци, договорот за прекин на огнот донесе пауза во немилосрдното геноцидно убивање на десетици илјади Палестинци и речиси целосното уништување на палестинската енклава од страна на државата Израел.
Првото нешто што треба да се забележи е ова: Палестинците не се поклонија ниту се предадоа дури и додека стоеја таму, практично без одбрана, под непрестајниот напад на една од најсмртоносните воени машини во светот. Израел, од друга страна, со своите авиони, бомбардери, проектили, тенкови, беспилотни летала и поддршката на американската војска и другите западни војски, не успеа да спроведе ниту една од наведените воени цели. Така, да ги парафразирамe зборовите на Хенри Кисинџер, тие ја загубија војната затоа што не успеаја да ја добијат. Ова има важни последици кои мора да се анализираат.
За почеток, застојот несомнено ќе внесе чувство на олеснување помеѓу Палестинците и милиони работници и млади кои застанаа во солидарност со нив. Исто така, многу Израелци ќе го слават крајот на непријателствата и нестабилноста што тие ја носат, заедно со враќањето на заложниците. Сепак, олеснувањето нема да спречи да се постави критичкото прашање: за што беше сето тоа? И, дали го носи крајот на повеќедецениското угнетување на Палестинците?
Уништување
Откако поминаа 15 месеци поддржувајќи ја, финансирајќи и вооружувајќи ја израелската воена машина, Џо Бајден и другите европски лидери брзо си честитаа и цинично се радуваа на изгледите за мир. Но, каков точно мир помогнаа овие луѓе да се подготви за Палестинците?
По една година немилосрдно бомбардирање, размерите на уништување во Газа не се ништо помалку од катастрофални. Официјалниот број на загинати е над 46 илјади, од кои 13 илјади се деца. Сепак, овие бројки се потценување на вистинскиот обем на масакрот. Студијата објавена во Лансет, угледно медицинско списание, проценува дека до октомври 2024 година, вистинската директна и индиректна смртност веројатно надминала 70.000 и, како што не информира и Лансет, веројатно би можела да биде поголема од 186 илјади.
Покрај непосредната загуба на животи, војната нанесе длабоки рани на општественото ткиво на Газа. Над 90 отсто од населението, неверојатни 1,9 милиони луѓе, се раселени од своите домови. Здравствените установи беа постојано цел на напади, со документирани над 650 напади, што резултираше со смрт на повеќе од 1000 здравствени работници. Образовниот систем е во урнатини, при што 95 отсто од сите училишта и сите универзитети се оштетени или уништени, оставајќи 660 илјади деца без пристап до формално образование.
Според ОН, во јануари 96 отсто од децата под две години не ги добивале потребните хранливи материи. Вкупно, 345.000 жители на Газа се соочија со катастрофален недостиг на храна, а 876.000 се соочија со вонредни нивоа на несигурност на храна.
Неодамнешната програма на БиБиСи прикажа застрашувачка слика за секојдневниот живот во Газа, каде што семејствата бараат отпадоци за да ги продадат за храна, а децата се принидени да се изложат на отворено, ранливи на напади од диви кучиња.
Кумулативното влијание на војната се протега многу подалеку од физичкото уништување. Распространетата неухранетост, колапсот на санитарните системи и психолошката траума нанесена врз населението ќе имаат трајни последици за генерациите што доаѓаат.
Договорот
Следејќи ја црвената нишка низ овој конфликт, самиот договор за прекин на огнот и начинот до кој дојде, го илустрира ладнокрвниот цинизам на израелскиот империјализам и неговите поддржувачи на Запад.
Договорот опишува процес во три фази чија цел е решавање на клучните прашања и враќање на стабилноста. Првата фаза се фокусира на размена на затвореници, при што 33 израелски заробеници беа ослободени во замена за околу 1.700 Палестинци. Меѓу оние што ќе бидат ослободени има над 1.000 приведени без обвинение или судење по 7 октомври 2023 година. А сепак оние што ги држеше Хамас се нарекуваат „заложници“, а израелските заробеници западниот печат ги нарекува „затвореници“, но и тие беа заложници. Израел, исто така, ќе започне со повлекување на војниците од населените области во Газа, а преминот Рафа со Египет повторно ќе биде отворен за хуманитарна помош.

Втората фаза има за цел целосно израелско повлекување од Газа и ослободување на сите преостанати израелски заробеници. И конечно – ако некогаш стигнеме толку далеку! – ќе има трета фаза каде ќе бидат вратени телата на израелските заробеници кои загинале и ќе се спроведе долгорочен план за реконструкција на Газа.
Но, ова покренува некои важни прашања. Договорот во сите негови клучни елементи е токму истиот договор што Хамас се согласи да го поддржи во мај 2024 година! Додека Израел одолговлекуваше, ова беше договорено од двете страни минатото лето, но не успеа поради Нетанјаху кој инсистираше на тоа дека Израел не може да се повлече од коридорот Филаделфи на границата меѓу Газа и Египет.
Нетанјаху тврдеше дека ова е критично за националната безбедност на Израел. Но, договорот што беше постигнат овој викенд навистина вклучуваше повлекување од коридорот во Филаделфи. Тоа секогаш беше ништо повеќе од изговор. Ова ги разоткри циничните пресметки на израелскиот премиер, бесчувствително мотивирани од причини за личен и политички опстанок, нешто што не беше изгубено кај семејствата на израелските заложници.
На прес-конференцијата во Белата куќа за да се објави договорот, Џо Бајден одби да ја признае улогата на Доналд Трамп во обезбедувањето на договорот – „дали е тоа шега? рече тој. Сепак, факт е дека Бајден немаше никаква врска со договорот конечно да се склопи. Тоа беше обезбедено исклучиво со интервенција на Доналд Трамп – уште пред да стапи на функција!
Во име на Трамп дејствуваше неговиот претставник Стивен Виткоф, милијардер агент за недвижнини и негов близок сојузник. Виткоф немаше официјална позиција, но тој не само што го истурка финализирањето на договорот во Катар, каде што се водеа преговорите, туку и на груб начин го принуди израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да го потпише без одлагање.
Да ги повториме основните факти досега: Доналд Трамп обезбеди, за неколку дена, договор што администрацијата на Бајден не можеше да го обезбеди повеќе од осум месеци. Од ова е јасно дека Бајден немал намера или специфична желба да вложи вистински напор да го натера Израел да ја прекине неговата војна.
Тие зборуваа за мир, а во исто време го вооружуваа Израел до заби и му даваа било каква поддршка што ќе ја побара. Севкупно, Соединетите Американски Држави потрошија 17,9 милијарди долари на воена помош за Израел од октомври 2023 до октомври 2024 година. Американските и британските сили, исто така, го поддржаа Израел со собирање разузнавачки информации и обезбедување на цели. Западните влади формираа и политички обединет фронт во одбрана на Израел.
Затоа, со сè освен со зборови, Вашингтон и неговите европски лакеи беа дел од воената коалиција на Израел и немаа намера да го принудат Нетанјаху да склучи договор. Ова беше дел од основната надворешна политика на Бајден, која диктира дека САД мора насилно да се бранат од секој предизвик на нивната доминација или доминацијата на нивните сојузници каде било во светот.
Според тоа, што и да се случи, не смее да се види дека САД се повлекуваат и, доколку во кое било време се под притисок, тие мора само да удвојат со покажување на сила. Но, удвојувањето да се покаже моќта на американскиот империјализам само доведе до прикажување на неговите ограничувања.
Победа или пораз
И покрај огромната воена сила распоредена против Газа, Израел не успеа да ги постигне своите клучни воени цели, кои беа уништување на Хамас и враќање на заложниците. Хамас до ден-денес останува моќна сила, способна да им нанесе жртви на израелските војници и да изврши ракетни напади. Во меѓувреме, војната енормно ја радикализираше палестинската младина која е подготвена да ги надополни редовите на организацијата.
„Ние сме во ситуација кога темпото со кое Хамас се обновува е поголемо од темпото со кое ИДФ ги искоренува“, изјави Амир Авиви, пензиониран израелски бригаден генерал, за Вол Стрит Журнал.

Хамас не само што не е уништен, туку е целосно задолжен за Газа од која Израел се согласи на целосно повлекување. Со повлекувањето од коридорот Филаделфи и обновувањето на трговијата и помошта, ситуацијата, од гледна точка на тоа кој владее со Газа, се враќа точно онаква каква што беше на 6 октомври 2023 година. Со други зборови, тотален неуспех на израелската мисија и понижување на израелската држава. Во одреден момент, ова мора да доведе до поставување критични прашања во Израел.
Официјално, Нетанјаху тврдеше дека војната е неопходна за да се вратат заложниците, а сепак можеме да видиме дека војната воопшто не ги вратила заложниците. Јасно е дека во голема мера оваа војна се водеше и континуирано се прошируваше како средство за Нетанјаху да ја задржи сопствената контрола врз власта и да ги избегне случаите на корупција што беа покренати против него.
Во меѓувреме, Израел плати цена. Официјално, најмалку 400 израелски војници загинаа, а околу 6.000 беа ранети. Вистинските бројки се многу повисоки и во нив не вклучени ПТСН и други ментални трауми што се појавија меѓу војниците вклучени во војната. Во меѓувреме, јасно е дека многу заложници загинаа додека Нетанјаху беше зафатен со попречување на било какви договори.
Пукнатини во оклопот
Јасно е дека, иако Трамп ги принуди, уморот од војната што се протегаше во самите израелски одбранбени сили исто така одигра улога. Додека поддршката за војната остана висока, првичното расположение на воена хистерија почна да опаѓа. Ова беше јасно бидејќи бројот на резервисти кои се појавија откако беа повикани падна од речиси 100 отсто на почетокот на војната на 75-85 отсто во ноември минатата година.
Хаарец објави остра извештај за зголемената нелагодност помеѓу резервистите. Според едно истражување, тие откриле дека „само 56 отсто од Евреите би го охрабриле членот на семејството кој веќе служел како резервист да се врати назад“. Всушност, според истото истражување од август, само „57 отсто од еврејските Израелци би ги охрабриле своите деца воопшто да се пријават“ и дополнително, „од јуни до ноември, делот што рече дека нема да ги охрабри речиси се удвои (од 7,5 на 13 проценти).
Еден повисок рангиран офицер, интервјуиран од весникот, ги повтори тешкотиите да се натераат војниците да одат во Газа, велејќи дека „се полошо е – има се помалку смисла за крајна точка“.
Еден трикратен резервист даде низа неверојатно откривачки коментари:
„Постои општо чувство дека структурата не издржува. Дисциплината не е она што треба да биде. Чувствуваме дека нема план за денот потоа и за следниот ден. Не е многу јасно што правиме – има чувство дека секој командант на дивизија го прави она што го мисли, бидејќи има некаков вакуум. Ако прашаат војниците, тие велат „Комплицирано е, не разбираш“.
Ова се сериозни зборови кои доаѓаат од војниците кои би биле под огромни притисоци да одржат обединет фронт околу армијата. Официјално, војната се водеше за да се искорени Хамас и да се ослободат заложниците, но војниците на теренот гледаа поинаква реалност:
„До летото, војниците имаа многу помалку верба во главните воени цели и немаше напредок со заложниците“.
Всушност, заложниците умираа поради дејствијата на ИДФ: „Имаме чувство дека не правиме ништо добро. Потоа имавме операции [чија цел] не ја разбравме, […] луѓе беа убиени во овие операции, а ние не ја разбиравме тактиката или стратегијата“.

Ова се сериозни предупредувачки знаци за израелската владејачка класа, која се потпира на митот за својата држава, а особено на нејзината војска како семоќен бранител на еврејскиот народ. И двете овие тврдења беа сериозно протресени од последните 15 месеци конфликт.
ИДФ не само што не беше во можност да го победи Хамас во Газа, нејзината агресија ги отвори вратите за одмазда од Хезболах во Либан, Хутите во Јемен, како и од Иран кој ја совлада ракетната одбрана на Израел во убедлива демонстрација на сила во октомври. Всушност, израелската одбрана не можеше ниту да ги спречи ракетните напади на Хамас кои продолжија во текот на целиот конфликт.
Во меѓувреме, израелската економија беше сериозно погодена. Според Банката на Израел, израелските трошоци поврзани со војната од 2023 до 2025 година би можеле да завршат во износ од 55,6 милијарди долари, што е трошок од 10 отсто од БДП. Долгорочните изгледи на високотехнолошката економија на Израел во состојба на зголемена нестабилност не изгледаат добро. Секторот се потпира на образована млада работна сила на возраст за мобилизација, која е особено погодена од војната. Сето ова ќе го турне Израел низ спиралата на последователно продлабочени кризи кои постепено ќе ја поткопаат кохезијата на израелското општество.
Така, ништо не е решено. Далеку од тоа. Израел е поекспониран и покревок отколку пред војната. Всушност, ова е пораз. Но, штетата не е само материјална. Она што претрпе пораз е реакционерната идеја дека само високо милитаризирана држава може да ја гарантира безбедноста и благосостојбата на израелските Евреи. Без оваа лага, израелската владејачка класа не можеше да се одржи осум децении.
Но, како што ни докажува реалноста, се чини дека е точно спротивното. Агресивниот став на Израел се повеќе предизвикува агресија и неред во самиот Израел. Како што злокобно изјави Хаарец:
„Спротивните ветришта на војната работат против моралот на долг рок. Ако војната заврши утре, на Израел ќе му требаат години да го обнови сопствениот социјален и очигледно воен договор. Ако војната повторно започне следниот ден, падот на моралот ќе се прошири“.
Криза на режимот
Нетанјаху и неговото крило на израелската владејачка класа несомнено доживеаја пораз во сопствен режија. Неговиот проект беше отфрлен и тој беше понижен од Доналд Трамп, за кого тврдеше дека е цврст сојузник.
Можеби беше така, но Доналд Трамп е сопствен сојузник и на американскиот империјализам пред било кој друг, а бескрајната континуирана војна на Блискиот Исток не одговара на неговите цели. Колку и да се прпелкаше Нетанјаху, Трамп му покажа кој е вистинскиот господар во оваа врска. Без американската воена и економска поддршка, израелската држава брзо ќе се распадне.
Трамп несомнено вети серија отстапки во замена за Нетанјаху да го проголта договорот за прекин на огнот, но тоа не го менува фактот дека тоа е понижувачко лизнување за израелскиот империјализам.

Се разбира, нема гаранција дека Израелците ќе се држат до нивните зборови. Несомнено, реакционерното движење на доселениците и нивните партии кои беа клучни сојузници на Ненанјаху, ќе се залагаат за обновување на војната во одредена фаза.
Еден од нивните главни претставници, екстремно десничарскиот министер за национална безбедност Итамар Бен-Гвир, веќе поднесе оставка од коалициската влада на Бенјамин Нетанјаху. Ова го остава само со најтесното парламентарно мнозинство, со што се зголемува моќта што ја имаат другите партии во коалицијата. Екстремно десничарскиот министер за финансии Безалел Смотрич остана во владата, но се закани дека ќе поднесе оставка доколку војната не продолжи по почетната 42-дневна фаза од прекинот на огнот. Меѓутоа, ако продолжат со оваа линија, сите противречности што досега се акумулираат само ќе растат и на тој начин ќе подготват подлабока криза понатаму.
Од друга страна, постои став на значителен дел од урбаното население кое отсекогаш го мразело Нетанјаху, доселениците и десницата. Како што се расчистува прашината и до одреден степен стивнува екстремното воено лудило, многумина во овој слој ќе бидат принудени да се пресметаат со нова реалност. Во овој контекст, некои ќе почнат да бараат алтернативен пат напред – поинаков од милитаризмот и империјализмот – и со тоа да дојдат во конфликт со воспоставените норми на израелскиот ционизам.
Овде ги гледаме дефектите на општествените судири, кои ќе се прошират во иднина и кои во одреден момент би можеле да добијат и класна природа.
Криза на западниот империјализам
Од почетокот на оваа војна, ние постојано повторуваме дека Западот е соучесник и директен учесник во злосторствата на израелскиот империјализам. Тие ја поддржаа војната против Газа финансиски, воено и политички. И тие ја фрлија целата своја моќ зад Израел за да му ја покажат на целиот свет моќта на западниот империјализам. А сепак, резултатот беше сосема спротивен. Она што го имаме е пораз, не само за Израел, туку и за американскиот империјализам, колективниот Запад, како и за либералниот политички естаблишмент.
И покрај сите обиди, израелската воена машина, поддржана од нејзините моќни сојузници, не можеше да го смири палестинскиот отпор. Ова е остар потсетник на ограничувањата на западниот империјализам, којшто доживеа слична судбина во Ирак и Авганистан, и кој гледа во лице на уште поголем пораз во Украина.
Војната предизвика широко распространето незадоволство во САД каде што милиони работници и млади им го свртеа грбот на демократите поради нивното воено хушкање. Ова беше значаен фактор за падот на поддршката за демократите и изборот на Трамп, кој вети дека ќе стави крај на бескрајните војни. Се разбира, дали тој навистина ќе го направи тоа е сосема друга работа.

Надворешната политика на Трамп е признание за ограничувањата на американскиот империјализам. Наместо да се удвои во контрапродуктивна воена демонстрација на сила, тој е склон да се повлече, да дава отстапки и да ги заштити основните интереси на американскиот капитализам. Непобедливата војна против Газа и дестабилизацијата на Блискиот Исток не е една од целите. Америка на прво место, остатокот од светот на последно. Барем, се чини дека тоа е неговата цел. Дали ќе успее или не е друго прашање.
Ова, во суштина, претставува делумно повлекување за американскиот империјализам што ќе има далекусежни последици. Што е најважно, тоа ќе влијае на свеста на милиони луѓе во САД и на Запад. Сите идеи за западната морална супериорност би можеле да бидат се повеќе изложени со секое назадување. Ова ја надополнува кризата на либералниот естаблишмент кој го контролираше Вашингтон и европските престолнини во целиот повоен период.
Тие се претставија како поддржувачи на принципите на демократијата, човековите права, меѓународното право. Но, за сè повеќе луѓе, она што станува појасно секој ден, е дека денешниот либерализам е изворот на реакцијата и дека нивниот „поредок заснован на правила“ е цинична измама со цел да се прикријат нивните варварски империјалистички лични интереси.
Тоа се овие дами и господа, добро облечени, а понекогаш дури и добро зборуваат; образовани на врвни универзитети со практикувана исполирана насмевка и префинети манири, кои се извор на најреакционерните политики надвор и дома.
Тие се оние кои ги намалија зимските додатоци за гориво за сиромашните стари лица во Британија додека испраќаа милијарди за војни во Украина и Газа. Тие се оние кои ги намалија трошоците за здравствена заштита и други социјални средства додека трошат илјадници милијарди на милитаризација. И тие се оние кои зборуваат за демократија додека ги прогонуваат луѓето кои се залагаат за правата на Палестинците. Не е ни чудо што секоја земја е сведок на реакција против овие сили.
И токму оваа реакција, растечката класна борба на Запад, дава надеж за палестинско ослободување. Палестинските маси покажаа извонредна издржливост и дух на борба. Но, треба да ја погледнеме реалноста во очи. Војната во Израел не успеа, но палестинската ослободителна борба не победи. Всушност, не успеа да реши ниту еден од основните проблеми што ги постави.
Палестинците сега се потонати уште подлабоко во бездната на варварството од која не може да дојде вистински мир. Тие се сведени на мали енклави на сиромашни, лесно вооружени маси, соочени со моќна воена држава со висока технологија. Во чисто воена кампања, ционистичката држава не може да биде соборена.
Најдобар начин да се нападне Израел е, од една страна, поделбата на ционистичката држава по класни линии со апел до сите оние Израелци кои во следниот период ќе почнат да се сомневаат во сегашната насока на Израел и ќе раскинат со сопствената владејачка класа, а од друга страна да се удри против израелските резерви на оружје, финансирање и политичко покривање што доаѓа од Запад. Според тоа, судбината на Палестинците денес е повеќе од кога било испреплетена со онаа на светската работничка класа. Борбата за ставање крај на ционистичката израелска држава и за навистина слободна Палестина е иста како борбата против капитализмот на Запад, а особено во САД. Двете борби мора да се поврзат.
Кризата на светскиот капитализам го разгорува пламенот на класната борба насекаде. Во оваа борба, работниците и сиромашните можат да се потпрат само на сопствените сили. Меѓутоа, на обединета основа, ништо не може да ги спречи. Борбата за слободна Палестина започнува со борбата против капитализмот и империјализмот дома.
Автор: Хамид Ализадех, 21 јануари 2025 год.
Линк до оригиналот: The fallout of Israel’s failed attempt to crush Gaza