Трамп: САД да ја “преземе” Газа, да прогони 2 милиони луѓе и создаде “Ривиера на Блискиот Исток” – тајкунот со недвижнини предлага нова Нагба

На 4 февруари, на заедничка прес-конференција со израелскиот премиер Нетанјаху, американскиот претседател Доналд Трамп предложи САД да ја преземат Газа и да го принудат целото нејзино население (2 милиони Палестинци) да се преселат на други „парцели“ (во Јордан и Египет) за да може областа да се обнови како меѓународна енклава, за која тој рече дека ќе биде „како Ривиера на Блискиот Исток“.
Њујоршкиот тајкун со недвижнини е на функцијата само две недели и веќе направи некои крупни надворешно-политички потези. Тој се закани со воена акција за преземање на Гренланд и Панамскиот канал, се закани со царини на трите најголеми трговски партнери на САД, ѝ се закани на Колумбија со казнени царини и склучи договор со венецуелскиот претседател Мадуро.
Но, предлозите што тој ги даде како резултат на средбата со израелскиот премиер ги надминаа сето тоа, ако ја занемарите играта на зборови. Тој предлага: протерување на 2 милиони Палестинци од Газа, која би била ставена под контрола на САД.
Во деновите кои му претходеа на состанокот, Трамп веќе ја навести оваа идеја во неколку објави на социјалните мрежи. Сепак, ова беше прв пат да ја образложи во детали. За волја на вистината, Трамп читаше напишана изјава. „Оваa одлука не беше донесена лесно“, нагласи тој.
Што всушност изјави Трамп? „САД ќе го преземат Појасот Газа и ние ќе ја завршиме работата и со него. Ние ќе го поседуваме“, рече Трамп. Тој додаде дека она што тој го предлага е „долгорочна сопственичка позиција“ на САД врз Појасот.
„Ние ќе го поседуваме и ќе бидеме одговорни за демонтирање на сите опасни неексплодирани бомби и друго оружје на локацијата, да се ослободиме од уништените згради, да го израмниме, да создадеме економски развој што ќе обезбеди неограничен број работни места и станови за луѓето од областа“, додаде тој.
„[Мораме] да направиме нешто поинаку. Едноставно не можете да се вратите назад. Ако се вратиме назад, ќе заврши исто како што беше во изминатите 100 години“, додавајќи дека другите лидери во регионот ја поддржале неговата идеја. „Не треба да помине низ процес на обнова и окупација од истите луѓе кои… живееле таму и умреле таму и живееле мизерно таму“.
На прашањето каде ќе бидат преместени Палестинците од Газа, тој спомена земји „со хуманитарни срца“. Во последниве недели, кога првпат ја изнесе идејата, тој ги спомена Египет и Јордан, чии влади веќе го отфрлија предлогот.

Претходно истиот ден, Трамп конкретно рече дека не го поддржува Израел да ги обнови населбите во Газа, идејата што ја туркаа ционистичките радикални десничарски доселеници и некои во воениот естаблишмент. На прес-конференцијата, тој изјави дека „луѓето на светот“ ќе бидат тие што ќе живеат таму откако САД ќе ја завршат неговата обнова. Тој спомена дека Палестинците би можеле да бидат меѓу оние што ќе се населат, но дека појасот ќе биде „меѓународен центар… не за одредена група на луѓе, туку за сите“.
„Не сакам да бидам мил. Не сакам да бидам мудар човек“, се пошегува Трамп, откако изјави дека Газа би можела да биде „ривиера на Блискиот Исток“. „Ова може да биде нешто што би можело да биде толку прекрасно“.
Секако, реакцијата на Нетанјаху беше екстатична. „Вие кажувате работи што другите одбиваат да ги кажат. И откако вилиците ќе паднат, луѓето си ја чешаат главата и велат: „Знаете дека е во право“, рече тој, нарекувајќи го Трамп „најголем пријател на Израел“ и опишувајќи го неговиот план како план што „може да ја промени историјата“. Не е јасно дали Нетанјаху знаел за планот на Трамп пред состанокот. Сигурно има сличности со неговиот план, наводно, објавен од неговиот кабинет пролетта минатата година, наречен Газа 2035. Тој план предвидуваше нова слободна трговска зона во Газа, исчистена од Палестинците и претворена во игралиште за богатите, поврзана со брза железница со НЕОМ во Саудиска Арабија и Порт Саид во Египет. Сосема е можно тој да не бил ни свесен за ова кога беше принуден да го потпише договорот за прекин на огнот, но тој секако е многу задоволен од ова бидејќи му го нуид очајно потребниот спас.
На почетокот на јануари, Нетанјаху беше силно поддржан од претставникот на Трамп, Виткоф, да потпише договор за прекин на огнот со Хамас, поради што тој почна да изгледа слаб. Тој не постигна ниту една од наведените воени цели на Израел (враќање на заложниците со воена сила и уништување на Хамас), и беше принуден да ослободи стотици палестински заложници што ги држеше Израел. Тоа сериозно ја ослаби неговата коалициска влада, при што една од двете екстремно десничарски доселенички партии излезе од коалицијата, а другата се закануваше дека ќе го стори тоа доколку војната против Газа не се продолжи по првата фаза од договорот.
По изјавата на Трамп, целата ситуација се сврте во негова корист. Тој е првиот шеф на странска држава што е примен од новиот американски претседател. Трамп, исто така, испорача муниција од 2000 фунти што ја задржа Бајден и ги укина санкциите за доселениците на Западниот Брег. Сега Трамп му даде начин да ја „заврши работата“ во Газа, што не можеше да го направи со брутални, геноцидни воени средства за повеќе од 15 месеци. „Израел ќе ја заврши војната со победа“, рече касапот од Газа на прес-конференцијата, премолчено признавајќи дека договорот за прекин на огнот не значи израелска победа.

Сепак, Нетанјаху не се обврза на идејата за долгорочна американска контрола над Газа. Но, засега, тој искажува само пофалби за својот сојузник во Белата куќа.
Но, тоа не е сè. Во претходна дискусија со медиумите во Овалната соба пред средбата со Нетанјаху, Трамп рече дека не е сигурен дека примирјето ќе се одржи: „Немам гаранции дека мирот ќе се одржи“. Ова ќе биде музика за ушите на Нетанјаху, кој им ветил на своите екстремно десничарски сојузници во кабинетот дека војната ќе продолжи по првата фаза од прекинот на огнот и ќе се засили со помош на тешко оружје.
Се разбира, тој лесно може да најде или измисли инцидент што ќе му овозможи да го обвини Хамас. Тој веќе навестува пролонгирање на преговорите за втората фаза за две недели. Сепак, ова е опасна игра која може дополнително да ја поткопа неговата поддршка во Израел, каде што голем дел од населението веќе го гледа како циничен манипулатор, повеќе заинтересиран за неговиот личен и политички опстанок отколку за судбина на заложниците. Трамп, исто така, ја остави отворена вратата за поддршка на израелска анексија на Западниот Брег, нешто што веројатно останува во резерва како средство за пазарење во односите со израелскиот премиер: „Нема да зборувам за тоа. Тоа секако е мала земја“, рече Трамп на прашањето за Западниот Брег. Ако Трамп му дозволи на Израел да го анектира Западниот Брег, тоа ќе доведе до целосен бунт на 2,7 милиони Палестинци кои живеат таму, отворена граѓанска војна со 700.000 еврејски доселеници и дополнителни превирања низ регионот.
Нетанјаху, исто така, се обиде да го турне Трамп кон прашањето за Иран. Тој би сакал САД да се вклучат во воени напади за уништување на нуклеарната програма на земјата. „Се гледаме очи во очи со Иран“, рече Нетанјаху, „се обидоа да не убијат нас двајцата: се обидоа да те убијат тебе, господине претседателе, и преку нивните полномошници се обидоа да ме убијат мене“. Но, Трамп не беше заинтересиран. Иако ја дели омразата на израелскиот премиер кон Техеран, тој повеќе би сакал да користи економски притисок за да ги постигне истите цели: „Ако можеме да го решиме овој проблем без војна, без сите работи на кои сте сведоци во последните неколку години, мислам дека тоа би било огромна работа“, рече Трамп.
Сепак, да бидеме јасни, Трамп веројатно му пристапува на проблемот со менталитет на тајкун недвижнини – има едно парче земја полно со урнатини, да го преселиме неговото население на друго место, да им дадеме куќи, да ја обновиме локацијата и да ја предадеме на нови станари. И тоа го кажува во хуманитарна смисла – никој не може да живее во Појасот во кој има 30.000 неексплодирани парчиња убојни средства.
Но, она во што се состои неговиот предлог не е ништо помалку од уште една Накба: принудно протерување на 2 милиони Палестинци од нивната земја. Тоа би било завршување на она што Израел го започна во својата геноцидна војна врз Газа: етничко чистење и бришење на цел народ.
Трамп мисли дека е огромна личност со магнетен карактер што може да убеди секого во неговите прекрасни планови само преку среќавање. И ако тие не се согласат, тој е подготвен да ја искористи огромната економска моќ на САД (па дури и заканата од воена акција) за да се увери дека ќе го направат тоа, како што покажува во последните денови. Земјите кои според идеите на Трамп треба да обезбедат засолниште за присилното преселување на 2 милиони Палестинци – Јордан, Египет и Саудиска Арабија – веќе го изразија своето цврсто противење на овој план од кој се крева косата. Кога го прашаа за ова, Трамп едноставно одговори: „Тие велат дека нема да прифатат, јас велам дека ќе прифатат“.
Вистината е дека ниту една од овие земји не може да го прифати овој предлог. Реакционерните арапски режими се веќе нашироко презирани од масите во регионот и нивните земји бидејќи со право се сметаат за марионети на американскиот империјализам и соработници со ционистичката држава Израел во нејзиното брутално сузбивање на палестинските национални права. Постои силен гнев против Хашемитската монархија меѓу јорданските маси, од кои многумина се Палестинци, поради помошта на кралот Абдула за одбраната на Израел во времето на иранскиот ракетен напад. За јорданскиот режим ова е егзистенцијално прашање. Според извештајот на Мидл Ист Ај во кој се цитираат јордански официјални извори, секој обид на Израел да ги турка жителите на Газа преку границата со Јордан ќе биде провокација за војна.
Ситуацијата во Египет не е ништо подобра за режимот на Ал Сиси. Двата режима презедоа екстремно остри мерки за да го потиснат внатрешниот гнев против геноцидната војна на Израел и солидарноста со Газа. Што се однесува до Саудиска Арабија, секој обид да се постигне нормализација со Израел без создавање на некаква палестинска држава, дури и целосно зависна од Израел, како палестинската управа, ќе доведе до сериозни внатрешни превирања, можеби терористички напади, па дури и до соборување на монархијата.
Ова е дури и без да се земе предвид дека отстранувањето на 2 милиони Палестинци од Газа во Египет и Јордан, исто така, би значело трансфер на силите на Хамас, неговите вооружени сили, полицијата и инфраструктурата. Тоа е последното нешто што им треба на овие слаби, нестабилни реакционерни режими. Тоа би претставувало катастрофа за нив.
Можеби Трамп проценува дека САД имаат економска потпора што може да ја искористи за да ги принуди овие земји да ги прифатат неговите планови за етничко чистење. САД веќе ја прекинаа помошта за Јордан пред две недели, а имаат и воени бази во земјата. Египет беше конкретно изземен од суспензија на помошта што ја прогласи Трамп, а тоа може да се искористи за да се изврши притисок врз режимот, што САД го поддржуваат со 1,3 милијарди долари годишно. Дури и ако овие две земји се принудени да ги прифатат предлозите на Трамп, тоа сигурно ќе доведе до големи немири што ќе се заканат да ги соборат нивните режими.
Ситуацијата е малку поинаква за Саудиска Арабија. Кралството ги зајакна трговските односи со Кина, која стана нејзин главен трговски партнер. Нејзиниот увоз и извоз во и од Кина сега е три до четири пати поголем од оние со САД. Секој обид да се натераат Саудијците на политика за која мислат дека не е во нивен интерес, би можел да има спротивен резултат, туркајќи ги понатаму во прегратките на Кина и Русија.
Што е со Палестинците во Газа? Неукиот, дрзок тајкун со недвижности мисли дека ова е понуда што не можат да ја одбијат: „Живеат како во пекол. Живеат како да живеат во пекол. Газа не е место за живеење на луѓето и единствената причина поради која сакаат да се вратат назад, и јас верувам во ова силно, е затоа што немаат алтернатива… Се надевам дека можеме да направиме нешто навистина убаво, навистина добро, каде што тие не би сакале да се вратат… Мислам дека ќе бидат воодушевени“. Очигледно тој верува во неговиот личен шарм во комбинација со убавината на овие ветени домови кои ќе го направат трикот: „Мислам дека нема да ми кажат не“.
Многу од Палестинците во Газа се потомци на оние кои веќе беа протерани од нивната земја во Накба во 1948 година. Тие со децении се спротиставуваат на израелската окупација и сега беа подложени на 15-месечна геноцидна кампања од ИД, со целосна поддршка на американскиот империјализам. Да, нивните градови се претворени во урнатини, нивната инфраструктура намерно уништена, десетици илјади убиени, стотици илјади осакатени и речиси 2 милиони раселени и принудени на сиромаштија и глад. Тие беа изложени на незамислив ужас во нивната борба да останат во земјата што е нивна. Тие нема да бидат лесно убедени да заминат со ветувањето за „нови, убави домови“, кои тешко дека некогаш ќе бидат изградени, во земја што не е нивна. Тие би пружале отпор со сите средства што им стојат на располагање и би сметале на симпатиите и поддршката од масите во регионот.
На прашањето дали САД ќе испратат војници во Газа за да ги постигнат своите цели, тој одговори: „Ќе го направиме она што е потребно“. Американските сили беа истиснати од Авганистан и Ирак, поразени, по 15 години масовно воено присуство. Израел изгради импресивен апарат за следење, има разузнавачки информации за Хамас, а на почетокот на сегашната геноцидна кампања имаше мотивирана регрутна војска. Сепак, не беше во можност да го уништи Хамас. Американските маринци би имале невозможна задача во своите раце, која би можеле да ја остварат само, врз основа на уште поголем број на жртви за Палестинците и скапа кампања за Вашингтон, нешто што Трамп го одбива.
Тајкунската логика на Трамп ќе се соочи со реалноста на светот што е покомплициран отколку што тој мисли. Да, земјите и империјалистичките сили во крајна линија дејствуваат во нивните сопствени економски интереси. Но, тие треба да ги земат предвид и политичките импликации од нивните постапки.
Овој геноциден план, заснован на груба бизнис логика за недвижнини, има многу мала веројатноста да се оствари. Ако го направат тоа, тоа би значело етничко чистење на два милиони луѓе, масивни превирања во регионот кои потенцијално ќе доведат до револуционерно соборување на неколку реакционерни Арапските режими кои, заедно со Израел, беа столбот на американската моќ во регионот, како и масовната опозиција во западните империјалистички власти.
Прашањето за ослободување на Палестинците на крајот не може да се реши во границите на капитализмот. Тоа бара соборување на сите реакционерни арапски режими во областа и револуционерна борба против израелската ционистичка држава. Тоа може да се реши само како дел од општа борба против империјализмот во регионот и во светот. Само Социјалистичката федерација на Блискиот Исток може да обезбеди материјална основа за пристојни домови и работни места за угнетените Палестинци и земја во која тие и сите други народи во регионот можат да живеат во мир.
12 февруари 2025
автор Хорхе Мартин