БалканИнтернационалаМакедонијаТеорија

ЗОШТО РАБОТНИЧКА ЈУГОСЛАВИЈА

слика автор Славко пенго, извор: окно.мк

Со распадот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија (СФРЈ) народите на југословенскиот простор ја загубија темелната општествено-економска подлога за заеднички напредок. Државата создадена преку револуционерната партизанска борба под водството на Комунистичката партија, која во декадите по Втората светска војна на сите свои народи им овозможи просперитет на едрата на општествената сопственост и планирање, неславно се распадна во текот на 1990-тите години во националистичкиот пламен и војните со кои контрареволуционерните олигархиски сили се послужија како средство за развластување на работничката класа, приватизација на општествената сопственост и конечно устоличување како нова владејачка класа во обновениот капитализам. Пред да ги согледаме последиците и резултатите од овој реакционерен преврат од 1990 год., па наваму, мораме да направиме и еден краток преглед на динамичниот и противречен развој на социјалистичка Југославија од 1945 до 1991 год., со осврт на минатото општествено уредување. Согледувајќи ги сите тие историски искуства, ќе ни биде полесно да објасниме, зошто сме за работничка Југославија. 

СОЦИЈАЛИСТИЧКА ЈУГОСЛАВИЈА – ОД РЕВОЛУЦИЈА ДО КОНТРАРЕВОЛУЦИЈА

Идејата за заедничка држава на Јужните Словени се појавува во 19 век кога помеѓу еден дел од граѓанството, кое делувало под диктатот на надворешните хегемонии и цензура, се раѓа идејата за јужнословенско ослободување и обединување. Јужнословенските народи во тој период живееја под власта на австрискиот и турскиот царизам, со сè позасилени експанзионистички аспирации од страна на Унгарија, додека, процесот на капиталистичката модернизација главно ги одминува. Спротивно на романтичарските желби за обединување, први мислители кои конкретно пристапија по прашањето за ослободување и обединување на Јужните Словени, беа социјалистите – Светозар Марковиќ и Димитрије Туцовиќ. Анализирајќи ја тогашната општествена реалност како нејзини активни чинители и остроумно антиципирајќи го идниот развој на настаните, овие српски социјалисти одлучно се спротиставија на монархистичките планови и либералните заблуди, при што објаснуваа дека обединувањето на Јужните Словени треба да дојде преку проектот на социјалистичка федерација на рамноправни народи, без туторство на кој било крал. Со своето активно дејствување овие луѓе ги поставија темелите на социјалистичката теорија и пракса на целокупниот јужнословенски простор во втората половина на 19 и раниот 20 век.

Споменик Слобода, Фрушка Гора, извор: википедија

Народниот стремеж за ослободување од надворешните владетели и обединувањето во заедничка држава станува реалност по Првата светска војна, но според проекциите на силите на Антантата, при што се создаде југословенското кралство на чело со династијата Караѓорѓевиќ и превласт на српската буржоазија. Во таквиот поредок, наталожените економски и национални проблеми не можеа да се разрешат туку, напротив, само да се заострат. Кралството Југославија беше периферна европска држава без сопствена индустриска и земјоделска стратегија во која компрадорските елити владееја на сметка на интересите на сиромашниот и главно неписмен работнички народ, претежно составен од селани, додека во сложениот процес на развој на националните идентитети, меѓунационалните тензии и судири само се заоструваа. 

На крилјата на Октомвриската револуција, во Југославија 1919 год., e формирана Комунистичката партија на Југославија како политичка организација на работните луѓе со цел рушење на монархијата и воспоставување на социјалистичка федерација. КПЈ рапидно расте по бројност и влијание, станувајќи трета најголема партија на изборите во 1920 со 59 пратенички места. Режимот, чувствувајќи ја загрозеноста од растечкото револуционерно вриење, одговори со репресија. До крајот на 1920 година комунистичките активности стануваат забранети, а неколку месеци подоцна забранета е и самата КПЈ. Партијата својата борба, мораше да ја продолжи по патот на илегално делување, поради што многу комунисти завршуваат во затворите. Каков што беше случајот со сите комунистички партии во светот, влијанието од сталинистичката деградација на Советскиот сојуз сериозно ги погоди и младите сили на југословенската партија. Политичките свртувања на Коминтерната, од ултралевиот Трет период, до десното вртење кон народниот фронт, па сè до криминалниот пакт помеѓу Сталин и Хитлер, сето тоа во комбинација со тешката репресија на режимот, многу влијаеше на политичка линија на партијата и развојот. Јосип Броз Тито во тие години ја имаше клучната улога како претставник на КПЈ пред Коминтерната во Москва од почетокот на 1935 година. Тито ги преживеа сталинистичките чистки, додека мнозинството од раководството на КПЈ беа зафатени од контрареволуционерната мелница на Московските процеси и завршија стрелани или уапсени. Во почетокот на 1939 година Москва го прогласи Тито за Генерален секретар. 

Но, и покрај се, партијата успеа да се оддржи и да ги преживее сите турбуленции, вклучувајќи ги и сталинистичките чистки, и по нападот на нацистичка Германија над СССР во јуни 1941 год., да се постави на чело на народното востание против надворешните фашистички окупатори и домашните квислинзи. Под водство на автохтоната Комунистичка партија, народното востание се омасови и поприми карактер на југословенска социјалистичка револуција со народноослободителни одбори како никулци на новото самоуправно демократско уредување.

И покрај подоцнежните тврдења, Тито, заедно со новото раководство на КПЈ кон крајот на 1930-тите години, ригорозно ја спроведуваше сталинистичката линија, сè до судирот со Сталин и брзото исфрлање на југословенската партија од Информбирото во јуни 1948 година. Меѓутоа, револуционерниот процес во Југославија се развивал поразлично отколку во другите земји.

Партизани во јуриш, novosti.rs

Во државите каде советската Црвена армија одигра клучна улога во победата над наци-фашизмот, на напредувачката Црвената армија и претходеа револуционерни очекувања и масовни востанија. Како резултат на колапсот на нацистичките колабораторски режими, на тие подрачја по Втората светска војна создадени се т.н. Народни Републики. Тоа беа режими на класна соработка помеѓу сталинистите и остатоците  од буржоазијата, во околности каде буржоаските колаборатори заминаа заедно со германската војска. „Народните републики“ беа основани под стриктни директиви од Кремљ со цел одржување на поствоено сојузништво на СССР со англо-американскиот империјализам. Ако не со отворена репресија, револуционерните востанија на масите против капитализмот останаа потиснати во позадина со енормниот авторитет на СССР, за контролата да остане сконцентрирана во рацете на сталинистичките партии. Сталинистите за возврат до одреден степен дозволија поделба на власта со буржоаските елементи. Овие режими се темела на присуството на Црвената армија, пришто сталинистите ја држеа целосно контролата над репресивните сили на државата.

Во мугрите на Студената војна во 1948 година, воспоставувањето на американскиот Маршалов план во Европа го одреди и одбележа раскинувањето на сојузот на Сталин со САД. Ова ги натера сталинистите да ја преземат целосно контролата во тие држави, да извршат експропријација на капиталистите и воспостават режими по моделот на СССР. Укинувањето на капитализмот и воведувањето на национализирана планска економија значеше огромен чекор напред. Меѓутоа, овие работнички држави беа деформирани од самиот почеток. Какви-било револуционерни елементи на работничка демократија беа сузбивани од страна на сталинистите и режимите сè повеќе се претвораа во полициски држави. Советската бирократија не можеше да ги толерира експериментите на работничката демократија, што би можело да доведе до консолидирање и инспирирање на работниците во СССР, со што пак, би се загрозила моќта на бирократијата.

Крвавата сталинистичка контрареволуција во СССР во 1930-тите години ја удави револуцијата и ја развласти работничката класа од сета политичка моќ. Советите беа трансформирани во празни бирократски лушпи. Преобразената и монстроузно дегенерирана работничка држава сега беше подложена на контрола на советските бирократски касти кои сите свои привилегии ги црпеа од бирократско водената планска економија. Под водството на Сталин, интересите на бирократијата сè повеќе ја одредуваа политиката на СССР и Коминтерната, уништувајќи ја притоа револуционерната оставштина на Ленин и Троцки. Меѓутоа, победата на советската бирократија не значеше враќање на капитализмот. Тие мораа да ги бранат основните придобивки на Октомвриската револуција и национализираната планска економија до ниво со кое ги обезбедуваа материјални извори за сопствените привилегии. Сталинизмот беше политичка манифестација на тој процес. 

Државите како Грција, Франција и Италија завршија под англо-американска окупација. Сталин и СССР ги користеа сталинистичките комунистички партии за воспоставување на политика на класна колаборација и спречување на комунистичкиот отпор против наци-фашизмот да се развие во насока на револуција, со што се спаси капитализмот. Во случајот на Грција, тоа доведе до крваво разбивање на грчките комунистички партизани од страна на грчката буржоаска реакција поддржана од британските окупациони трупи. Одново, револуционерната борба на цела нација цинично остана понудена како знак на одлучност на СССР да го одржи сојузот со англо-американскиот империјализмот.

Во Југославија, отсуството на Црвената армија и сојузничките војски дозволи револуционерните елементи во движењето на отпорот да се развијат во поширок опсег и да го соборат капитализмот. Херојската борба на партизаните во околности на брутална окупација, како и револуционерниот карактер на движењето, обезбеди силна и масовна поддршка на Комунистичката партија на Југославија, што се виде на изборите во ноември 1945 година и огромната поддршка на Титовиот Народен фронт. Меѓутоа, сталинистичкиот карактер на водството доведе до создавање на режим многу поблизок до Советскиот Сојуз на Сталин, отколку на Ленин, што се потврди во уставот од 1946 година на ФНРЈ, којшто беше напишан по примерот на Сталиновиот устав на СССР од 1936 година.

Каква била природата на овој режим? За разлика од Руската револуција од 1917 година, работничката класа не ја презеде директно власта. Југословенските народноослободителни одбори само површно покажуваа сличност со карактерот на Советите, работничките и воените депутати на Руската револуција. Можеа да се развијат во органи на потполна работничка власт под водство на болшевичка партија, но, КПЈ ја презеде власта преку Народноослободителната војска на Југославија која имаше значителен авторитет и масовна поддршка. Процесот беше исполнет од револуционернит вриеж на масите којшто ги турна југословенските комунисти многу понапред од која било друга сталинистичка партија, до точка на победа над капитализмот многу порано отколку во Источна Европа, национализација и воспоставување на планска економија по моделот на СССР.

Тоа претставуваше историска победа на селанството и работничката класа. Специфичниот карактер на југословенската револуција не ја намалува нејзината историска важност и прогресивна природа. Но, бирократскиот карактер на режимот влијаеше на понатамошниот развој, самата суштина на „југословенскиот модел“, па и начинот на имплементација на самоуправувањето, подоцна допринесе во нарушување на стабилноста во социјалистичка Југославија.

Во 1948 година југословенскиот режим ненадејно влезе во судир со Советскиот Сојуз, иако дотогаш и самиот Сталин го воспева како најдобар пример на имплементација на „комунистичките“ принципи надвор од Советскиот сојуз. Неколку месечниот судир помеѓу Тито и Сталин, резултираше со исфрлање на југословенската партија од Информбирото во јуни 1948 година. Започна кампања на клевети и извртувања со цел за ликвидација на Тито и југословенското раководство. Исфрлањето на југословенската партија го шокираше интернационалното комунистичко движење.

Британскиот марксист Тед Гранд во јуни 1948 година објасни дека: „Борбата зад кулиси сигурно се водела веќе некое време. Москва го изнесе прашањето на виделина по неуспешниот обид за преземање на контрола над КПЈ, по што руската тајна полиција во Југославија доживеа одлучен пораз; после што веќе и не постоеше можност да се придобие Тито и неговите следбеници; и веројатно отпосле тоа што останатите комунистички партии на Балканот почнаа да го поддржуваат Тито во неговата политика против Москва. Последново можеби е најзначаен фактор за растечката омраза и страв во Москва” (Зад судирот на Сталин и Тито, јули 1948.)

Сталин и Тито, извор: masina.rs

Што се случи? Судирот помеѓу Тито и Сталин го одразуваше растечкиот антагонизам на различните национални бирократии во сталинистичкиот табор, слично на подоцнежниот раскол помеѓу Кина и СССР во 1960-тите. Дотогаш, повеќето од релативно второстепените тргања помеѓу југословенските комунисти и Москва во главно се вртеа околу амбициите на Тито да го пренесе влијанието на југословенскиот отпор, а потоа и на југословенската држава, на остатокот од Балканот. Се посилните притисоци за покорување на контролата од Москва и маневри со цел поткопување на водството на Тито беа подготовка на пресметката. 

Натерани од приликите, југословенските водачи мораа да развијат сопствена стратетија. И покрај притисокот, можеа да ја сочуваат својата независнот потпирајќи се на народната поддршка на југословенската револуција. Растечкиот антагонизмот помеѓу СССР и американскиот империјализам, на Тито му создаде простор за маневрирање помеѓу големите сили. Клучниот проблем во оваа ситуација беше тоа што по раскинувањето со Сталин, бирократскиот карактер на југословенскиот режим не се измени суштински. Следствено, стана невозможно воспоставување на режим на вистинска работничка демократија како единствен пат за независна револуционерна политика. 

Дополнително, одбраната на националните интереси на југословенската бирократија во судирот со Москва, го однесе раководството на КПЈ на опасни патеки на задоволување на интересите на американскиот империјализам. Така, во 1950 година, Југославија во ОН бара преговарачко „решение“ за Корејската војна, што де факто претставуваше отстапка кон САД, поради којашто си ги загрози симпатиите и поддршката кои ги имаше во интернационалното комунистичко движење. Недостатокот од независна револуционерна политика ќе се покаже и за време на крвавото загушување на политичката револуција во Унгарија во 1956 година и одлуката на Тито да го поддржи СССР, по приближувањето на Хрушчов кон Југославија, по смртта на Сталин. 

Иницијативата на Тито за создавање на Движењето на неврзаните во 1960-тите години и делумната интеграција на југословенската економија во светскиот пазар беа дел од тактиките за оддржување на југословенското маневрирање помеѓу големите сили, по цена на сè поголемата изложеност на југословенската економија на корозивното влијание на капиталистичкиот пазар. 

И покрај тоа, со „братството и единството“ како сврзно ткиво и форма на работничко-селанскиот интернационализам на Балканот, економијата на социјалистичка Југославија во децениите по Втората светска војна постигна огромни успеси базирани на општественото планирање и акумулација. Освен брзата и ефикасна санација на уништената инфраструктура од војната, голем замав зема индустријализацијата, модернизацијата и урбанизацијата, процеси претходно невидени на овие простори. Токму социјализмот на југословенските народи за прв пат во нивната историја им овозможи период на просперитет, технолошки напредок и сувереност. Степенот на масовна поддршка што ја уживаше Титовиот модел за изградба на социјализмот дозволуваше истиот да се заснова врз идејата и практиката на работничкото самоуправување, пришто односот помеѓу претпријатијата и државата беше значително поразличен отколку во СССР. Додека во командната природа на тогашниот СССР претпријатијата беа објекти под апсолутна контрола на семоќната државна бирократија, во Југославија претпријатието беше третирано како економско-правен субјект на кој, во склоп на основниот државен план, му се дозволуваше прилично автономно оперативно планирање. Меѓутоа, во овој развој се јавија и одредени противречности коишто хронично ќе го мачат југословенскиот социјализам, сè до неговиот крах, а за што набргу по војната, смело и упорно пишуваше најзначајниот југословенски теоретичар, Борис Кидрич.

Законитостите на економскиот развој непосредно по војната, кон крајот на 1940-тите и раните 1950-ти години, кога југословенската економија сè уште беше на прилично низок степен на развиеност на производните сили, ја наметнаа противречноста меѓу планот и пазарот, односно т.н. социјалистичка стоковна размена – како тогашна нужност која во себе може да носи опасни тенденции на јакнење, па дури и обновување на капиталистичките општествени односи. Со оглед дека на претпријатијата им се оставаше широка оперативна слобода на дејствување на полето на пазарот, што можеше да послужи и како коректура на планот, во овој меѓуоднос се појавуваа и одредени интересни спротивности кои тогаш, сè уште не водеа кон класен антагонизам.

Паралелно со таа неизбежна законитост на економскиот развој, се јави и втората важна противречност – на бирократизација и демократизација. Кидрич во почетокот на 1950-те години забележува дека народната демократија и иницијатива сè повеќе ја заменува бирократијата како слој што се издвојува над самиот производствен процес и се издига над него како паразит. Тој ја воочува бирократизацијата на многу нивоа во власта, вклучително и работничките совети, и предупредува дека бирократското управување со вишокот на труд станува „материјална основа на локалните шовинизми“. Предлага работничките совети да започнат да се здружуваат по линијата на цели економски гранки во Југославија, а нивните демократски здруженија да учествуваат во работата на Сојузните совети за одделните економски гранки, нешто што секако беше конструктивен предлог во насока на работничка демократизација.

На ова се надоврза и прашањето кое ќе претставува централна тема на социјалистичка Југославија – централизација или децентрализација. Единствено принципите на работничката демократија ја даваат насоката за разрешување на ова прашање, односно кон доведување на централизацијата и децентрализацијата во исправен меѓусебен однос. Паралелно со демократскиот избор на централниот политички-оперативен орган на власт во работничката држава, заради формулирање на општиот план и насоката на развој, потребно е и да се основаат и поттикнуваат здруженија на самите работници и селани како непосредни произведувачи. Кидрич во тој дух остроумно предлага органите на основното централно планирање со тек на времето да се претворат во мешовити органи во кои ќе учествуваат и непосредните претставници на здружените произведувачи од различните индустриски гранки.

Во периодот од 1945 година до почетокот на 1970-те години социјалистичка Југославија, благодарение на национализираната планска економија оствари голем историски исчекор од неразвиена земјоделска држава во средно индустријализирана држава со петта највисока стапка на индустриски раст во светот, како и повеќемилионски раст на населението. Освен широкото описменување и здравственото згрижување на популацијата, развојот на земјоделството со употреба на трактори и минерални ѓубрива, масовното обучување на мануелните работници и инженери-техничари на работничките и националните универзитети, развојот и изградбата на индустриските градови насекаде низ земјата, што вклучува и изградба на општествени станови, изградба на работнички одморалишта и др., во овој процес забележителна е и еманципацијата на жените, кои преку учеството во партизанската борба, по 1945 год., се изборија за женското право на глас, можност за самостојно одлучување за абортус, еднакво здравствено и социјално осигурување, како и поголема вработеност со зголемено учествуво во Работничките совети и Управните одбори.

Меѓутоа, под површината на овој блескав исчекор се случуваа борби околу клучните противречности. По економската реформа од 1965 година, судирот помеѓу двете економски концепции – онаа на планот и пазарот, започнал да се заострува, но сè повеќе во насока на вториот концепт. Со тоа југословенскиот социјализам пополека започнува да ги губи своите специфични обележја и прогресивниот замав за сметка на јакнење на пазарните елементи и раст на нееднаковста помеѓу населението, половите и републиките, со сè поголем надворешно-трговски дефицит, зависност од увозот, како и позајмувањето од ММФ. Државата отворено им порача на претпријатијата да се натпреваруваат, пришто самата почна се повеќе економски да се повлекува – централниот Општ инвестициски фонд е укинат во 1963 година, уставните амандмани од крајот на 1960-тите ратификуваа сè поголемата моќ на републиките, комерцијалните претпријатија започнаа да основаат свои банки итн. Принципот „максимизација на профитот“ со кој индустриите на потрошувачките стоки требало да го пренесат потрошувачкиот избор на индустријата на производни стоки, се земал сосема слепо и наивно како принцип кој би требало да доведе и до раст на националниот приход, што секако не се случи. Додека во 1965 година планираниот петгодишен раст на бруто националниот производ требаше да биде помеѓу 6,5 и 7,5%, во реалност достигна само 5,6%. Економската улога на државата сè повеќе се намалувала и главно се сведе на регулирање на цените на пазарот, дополнителни интервенции помеѓу претпријатија во конфликт, контрола на претходно насочените колични средства и слично.

Преживеан грб на СФРЈ, извор: странац.нет

Судирот помеѓу планот и пазарот во чекор го следеше соодносот на демократизација и бирократизација, во корист на втората. Југословенските Работнички совети беа основни органи на работничка контрола и (посредна) управа на работните места. Членовите на Работничките совети беа избирани по демократски пат, пришто никој не можеше да биде биран повеќе од два мандати по ред. Се состануваа еднаш месечно со задача да расправаат за годишниот план и финансиските извештаи, за располагањето со фиксниот имот, за начинот на утврдување на личниот доход, за спроведување на дисциплинските прописи и сл., додека пак, на самите седници можеа да учествуваат сите членови на претпријатието. Понатаму, Работничкиот совет го бирал Управниот одбор како извршен орган, а паритетната комисија на Работничкиот совет и општината ја избираа клучната позиција на директорот на четири години. Ваков степен на демократија на работното место во капитализмот е незамислив; во средината на 1960-тите години во Работничките совети седеле 23% од населението вработено во јавниот сектор. Меѓутоа, со асистенција на послушните раководители од Управните одбори, со претпријатијата во практика сè повеќе владееја директорите кои и онака беа законски единствени одговорни и поврзани со локалните и републичките власти. На врвот во претпријатијата се создаваа клики. Работничката контрола и учество и натаму постоеа за некои битни „потесни“ прашања како на пример за откази или плати, но беа сè помали во поглед на вложувањата и други макро-потези на претпријатието, бидејќи Работничките совети немаа увид во клучната документација и начинот на изработка на извештаите. 

На тој начин, работничката класа остана фрагментирана и оставена без контрола над општите политички одлуки за водењето на економијата. 

Во југословенските претпријатија не само што сè повеќе јакнеше бирократската тенденција, туку и работниците на Југославија останаа неповрзани меѓу себе. Далеку од предлогот на Борис Кидрич од почетокот на 1950-тите години, југословенската работничка класа остана длабоко расцепкана по своите претпријатија, без поврзување на гранско, републичко или сојузно ниво. Работниците од претпријатија на одредена економска гранка на Југославија, на пример металската индустрија, немаа свои централни грански совети, а не може да стане збор за здружување на делегати од повеќе грански совети во еден општ југословенски работнички совет кој би учествувал во работата на сојузната власт. Во 1963 година беше изведен обид за демократизација на државно ниво со вклучување на Собранието на произведувачи во Сојузното собрание, но во него главно седеа директорите на претпријатијата и синдикалците, сепак веќе до крајот на 60-тите години ова собрание беше исклучено од Сојузното собрание. Од друга страна, југословенската бирократија започна сè повеќе неформално да се организира и поврзува – со сè појасен меѓуоднос на елитниот слој на директори на претпријатија, комбинати, банки или други финансиски установи со високи партиски функционери на локално и републичко ниво. До 70-тите години, југословенската работничка држава доживеа висок степен на бирократска деформација. 

Конечно, во ваква констелација на силите станува јасно како толку поставуваното прашање за централизација и децентрализација, всушност се сведува на судир помеѓу сојузната и републичките бирократии пришто јакнеа вторите. Противтежа на центрифугалните тенденции на растечките бирократии во националните републики беше Титовиот авторитет и неговата улога на централен арбитар меѓу нив. Како што видовме, работничката класа како целина немала контрола над државата или партијата, што подоцна доведе до фатални последици по иднината на социјалистичка Југославија, особено по смртта на Тито. Токму потребата за воведување на корективни мерки и ограничување на тендециите на лошото бирократско управување, без притоа да се дозволи развивање на вистинска работничка контрола и власт, ги разоткри обидите за премостување на недостатоците на централизираното бирократско планирање со воведување на мерки за децентрализација, кои пак, се вратија на централизацијата веднаш штом овие мерки доволно ја зајакнаа положбата на локалните бирократски тенденции. Вистинската причина за реформите на Тито и основната дихотомија помеѓу централизацијата и децентрализацијата во 1966 година ја објасни Тед Грант: „Како Сталин и неговите наследници, така и Тито кон економските политики и разните секции на бирократијата применувал цик-цак политика, во залуден обид за надминување на контрадикциите создадени од планот без вистинско учество на народот и со притисоците на светската економија“. (Југославија: Значењето на „реформите“ на Тито, јули 1966) 

Со прилично ограничен и некритички пристап, целата загриженост на југословенските комунисти и теоретичари како Едвард Кардељ околу тоа дека мора да се избегне бирократска централизација од советскиот тип, отиде во насока на јакнење на локалните и републичките бирократски центри на моќ, со што, во комбинација со запаливата смеса на национализмот, се создавани сите материјални предуслови за економска фрагментација и конечен распад на социјалистичката Југославија. Републичките бирократии составени од разни директори, менаџери, партиски функционери и др., започнаа сè повеќе да се освестуваат како буржоазија – односно како што растеше нивната моќ, така растеа и нивните апетити. Со оглед на тоа дека, за разлика од капиталистите на Запад, тие не можеа да го присвојат вишокот на вредност како сопствениците на претпријатијата туку да се богатат само во делот на распределбата, општествената сопственост над средствата за производство, сè појасно им се гледа како општествено-економска форма којашто треба да се разбие со приватизација.

Кучан и Милошевиќ на 14 Конгрес на СКЈ, извор: historija.info

Како што социјалистичка Југославија сè повеќе почна да се вклучува во тековите на меѓународниот пазар и да зависи од кредитите на ММФ, така кон крајот на 1970-те години југословенскиот надворешниот долг порасна, а кредитните услови од ММФ стануваа сè построги и потешки за враќање, и со скратен рок. Како кредитна институција на западниот капитализам, ММФ со секој кредитен програм од Југославија бараше постапна децентрализација, а потоа и приватизација. Бидејќи, и тоа како, (ММФ) имаше свои внатрешни бирократски сојузници на позиции на моќ во Југославија, не треба да нè зачудува фактот што државата кон крајот на 80-те години веќе тргна во насока на целосно пропазарни и приватизациски реформи. Сепак, за потполна реставрација на капитализмот беше потребен национализмот како најкорисно средство. Иако, југословенската работничка класа во сите републики со бројни штрајкови и индустриски акции се обиде да се спротивстави на мерките на штедење и падот на животниот стандард во текот на 80-те години, движењето не можеше да се развие во политичка револуција поради отсуството на вистинска револуционерна комунистичка партија. Тоа ги отвори вратите на бирократските манипулации и националистичкиот отров. Без национализмот, трансформативно-приватизацискиот грабеж не би можел да се изведе така едноставно и во толку широк опфат. Грст некогашни југословенски бирократи, криминалци и делови од емиграцијата во текот на 1990-тите години ќе станат нова тајкунска елита, додека, стотици илјади граѓани на Југославија овој грабеж ќе го платат со своите глави. 

НАСИЛНОТО РАЗБИВАЊЕ НА ЈУГОСЛАВИЈА – ОСНОВАТА И ОБНОВАТА НА КАПИТАЛИЗМОТ

Меѓунационалните проблеми во социјалистичка Југославија беа неспоредливо помали отколку во претходното кралство, пред сè поради силниот економски полет и социјалистичката модернизација. Во социјалистичка Југославија не постоеше хегемонија на некоја национална елити, а плодовите од социјалистичката акумулација ги чувствуваа припадниците на сите народи. И покрај тоа, силите на пазарот и бирократизацијата со себе секогаш го носеа и национализмот како средство со кое реторички можеше да се подбуцнува локалната или републичката работничка класа и јавност, првин „во ракавици“, а подоцна многу поотворено. По економската реформа и јакнењето на републичките бирократии доаѓа и до раст на национализмот  заедно со растот на економските нееднаквости и несогласувањата околу прераспределбата помеѓу републиките, а по Уставот од 1974 година, републиките почнуваат сè повеќе да живеат засебни економски животи. По смртта на доживотниот претседател Јосип Броз Тито во 1980 година, Југославија се најде во период на економска стагнација, сè позависна од ММФ, но и меѓунационална тензија, со Косово како жаришна точка. Во тие години во јавноста на сите републики се шири историски ревизионизам, пропратен со сè поголеми економски аспирации на републичките бирократии. Кон крајот на 80-тите години, на местото на републичките Сојузи на комунисти доаѓаат новоформираните национални партии, а во 1990 година Сојузот на комунисти на Југославија губи секаква смисла, со што цела Југославија тргнува во историска провалија цепкајќи се на неколку капиталистички републики. Уште потрагично до ова не се дојде по мирен пат туку со серија на крвави граѓански војни и агресија во Хрватска, Босна и Херцеговина и на Косово.

Вуковар, 1991 година, извор: vecernji.hr

Сега е време да направиме краток преглед на новонастанатите републики од 1991 година до денес. Со тоа ќе видиме колку народите на овие простори во изминатите 30-тина години назадувале.

ХРВАТСКА 

На чело со комунистичкиот отпадник Фрањо Туѓман и ХДЗ, првобитната акумулација на капиталот во Хрватска е направена во 1990-тите години со трансформациско-приватизацискиот грабеж во сенката на воените судири. Во предвоена атмосфера раната пролет 1991 година, хрватскиот парламент, во Загреб на 18 април 1991 година, го донесе „Законот за трансформација на општествените претпријатија“ како основен документ со кој се трга во транзицијата од општествена во приватна сопственост, а во 1993 година основан е и Хрватскиот фонд за приватизација (ХФП) како темелен орган задолжен за спроведување на овој закон, односно за невиден грабеж на работниот народ. „Илјадагодишниот сон“ на хрватскиот народ под водство на Туѓман се покажа како кошмар – создадена е република на тајкуни кои извршија ликвидација на претпријатијата од разните индустриски гранки или пак ги презедоа речиси бесплатно. Деиндустријализацијата, намалувањето на производството, невработеноста, осиромашувањето, падот на животниот стандард се билансот од контрареволуционерниот грабеж од 90-тите на ХДЗ и ХФП. На тој начин се удрени темелите на Република Хрватска: со приватизација, деиндустријализација и осиромашување на работничката класа.

По смртта на Туѓман во 1999 година на власт во Хрватска доаѓа коалицијата на СДП и ХСЛС, но не со цел да изврши ревизија, поништување и казнување на криминалната трансформација, туку да овозможи понатамошен продор на приватизацијата, овој пат во режија на странскиот капитал. Кога тајкуните на Туѓман во текот на 90-тите години ја брстеа домашната индустрија, тие всушност правеа услуга на странскиот капитал, да може да влезе на пазарот со ниска конкурентност. Како Хрватска се подготвуваше за отворање на преговорите со Европската Унија, странскиот капитал во Хрватска влегува првенствено преку финансискиот сектор од правецот на Австрија, Италија и Германија, чии матични банки ги преземаат хрватските банки и сите задолжителни пензиски фондови, а од истите држави доаѓаат и нови осигурителни друштва и штедилници. Продорот на странскиот капитал продолжува во текот на 2000-тите години со доаѓањето на германските и австриските комерцијални ланци и центри, а во почетокот на 2000-тите години германскиот Дојче Телеком ја презеде комплетната телекомуникациска инфраструктура и отвори своја подружница – Хрватски Телеком. Сега на некои можеби ќе им стана јасно зошто овие држави во почетокот на 90-тите години сесрдно го подржуваа хрватското излегување од Југославија. Покрај тоа, во истата деценија продадени се „Плива“ и „Ина“, некогашни важни стратешки фирми, а Европската Унија во текот на пристапните преговорите ја уценуваше Хрватска на поделба на железницата на три претпријатија, приватизација на бродоградбата и со други неповолни барања, додека земјата, и покрај многуте плодоносни полиња, не стана увозно зависна за храна.

Штрајк на работнички, Izvor: sib.net.hr

Најпосле, Хрватска во 2013 година стана дел од Европската Унија, за во последните десет години ја напуштат околу 400 000 жители. Република Хрватска денес е заостаната периферна европска држава, мошне зависна од туризмот, без сопствена индустриска стратегија, со витални сегменти во странско сопствеништво, како што се банките, трговијата, телекомуникациите итн.

СРБИЈА

Како претставник на најбројниот и најраспространиот народ во Југославија, но и поради големиот број на припадници во тогашната ЈНА, српската бирократија на чело со Слободан Милошевиќ и српската владејачка класа во настанување се чувствуваа охрабрено да се обидат да ги прошират своите граници при создавањето на новиот капиталистички поредок на територијата на поранешна Југославија, а сè под изговор за нејзино сочувување. Сепак, како што набргу стана јасно, ниту една од војните не донесе никакво подобрување на српската работничка класа ниту пак ги спречи контрареволуционерните прокапиталистички мерки кои се случуваа во самата Србија.

Првиот бран на приватизација во Србија се случуваше во комбинација од продавање на претпријатијата по багателни цени на приватници кои беа блиски до режимот, и воено профитерство. Со санкциите и хиперинфлацијата кои ги придружуваа војните во Хрватска, БиХ и на Косово, општеството беше преплавено од шверц, наркоманија, насилство и чувство на бесперсепктивност за каков било напредок. Сепак, државата кон крајот на 1990-те години забележа дека нагла приватизација ќе доведе до тотален колапс на економијата и губење на каква било независност во светската економија, па затоа интервенираше тој процес да продолжи со забавено темпо. Дури и минимално независна капиталистичка држава на Балканот можеше да биде трн во око на „Западот“, кој упорно настојуваше да ги прошири своите пазари по падот на Источниот блок, па следствено со бомбардирањето на Србија од страна на НАТО беше уништена и последната можност за било каква економска автономија. Растечката непопуларност на Милошевиќ по 10 години војна и безнадежност резултираше со негов пад на 5 октомври 2000 година.

Иако во општеството владееше ентузијазам поради падот на еден моќник, и иако Демократската опозиција на Србија не уживаше преголема доверба од српската работничка класа, таа беше единствената опозиција со можност да го пополни вакумот во власта што се создаде по падот на Милошевиќ. Ентузијазмот по повод „демократизацијата“ на општеството бргу се претвори во своја спротивност и на патот кон „демократските вредности на Европа“ се случи бруталната приватизација којашто доведе до масовни откази, а беше проследена и со првиот бран на мерки на штедење. Буржоаската демократија во Србија набргу го покажа своето лице во парламентарните кризи, и својата слабост со убиството на тогашниот премиер Зоран Ѓинѓиќ. Патот кон Европа се одолговлекуваше, невработеноста кај младите достигна и до 50%, работата на црно за минималец не беше ретка појава, и со светската економска криза од 2008 година, работничката класа на Србија се засити од „демократијата“.

По бројните порази како еден од лидерите на Српската радикална партија, Александар Вучиќ, направи свртување кон европската политика, напуштајќи ја дотогашната идеологија на големосрпство формираше партија што под својот чадор ги повикува сите оние кариеристи кои чувствуваа потреба себеси да си направат добро за сметка на работниот народ. Со доаѓањето на власт, неговата Српска напредна партија добива мафијашка структура, каде со комбинација на отстапки и притисоци се врши строга контрола на партијата, во која мора да се величи големиот водач. Преку притисок на претставниците на домашната буржоазија и примамувајќи со значителни субвенции, тој го отвори патот за странските инвеститори да извршат целосна колонизација на Србија. Јавниот сектор доживеа целосен колапс, што е тенденција на која не и се гледа крајот. Приливот на странски капитал привремено ја стабилизираше српската економија, но по цена на незапамтен притисок врз општеството. Масовните протести станаа редовна појава во Србија од 2017 година, а скандалите што го следат режимот од неговиот подем на власт, во последниот период дополнително се интензивираа. Оваа мафијашка структура, иако делува дека би можела да владее вечно, веќе покажува пукнатини и ќе доживее целосен колапс штом нема да може да ги задоволи потребите на сите интересни групи кои ѝ се накачија за заедно да профитираат на сметка на работниот народ.

БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА

Босна и Херцеговина во денешните граници настана со вооружена борба на српскиот, муслиманскиот и хрватскиот народ во рамките на НОБ и социјалистичката револуција. Нејзиното уредување е формирано преку ЗАВНОБИХ и потврдено со одлуките на АВНОЈ. Социјалистичка Босна и Херцеговина беше заедница во која Србите, Муслиманите и Хрватите живееа рамноправно што беше отстварено само преку уредување во кое БиХ беше дел од поширока работничка Југославија. Во таквата, социјалистичка Југославија, секој од овие три народа го имаше решено националното прашање, но и животот на економска и социјална сигурност каде секој работен човек имаше простор за напредок и достоинствен живот и во која меѓунационалните тензии не можеа да имаат никаков простор. 

Рамноправниот однос на народите можеше да опстане само во работничка држава која беше дел од поширока целина, следствено, контрареволуционерниот распад на СФРЈ остави најкрвави последици по југословенскиот работен народ на просторот на Босна и Херцеговина. Со економското и културно назадување, падот на животниот стандард и бришење на скоро сите достигнувања кои социјалистичка БиХ ги отствари од 1945, земјата, слично како и соседната Хрватска, помина низ крвава граѓанска војна чии рани ни денес не се целосно зараснати. Војната однесе преку 90000 животи, а злосторствата и етничките чистења го поделија работниот народ по територијални и етнички линии, кои, речиси три децении од крајот на војната го оневозможуваат заедничкиот развој на народите на целото подрачје на Босна и Херцеговина. Во сенка на војната се случуваше приватизациски грабеж на општествената сопственост која генерации на босанскохерцеговски работници ја создаваа за време на југословенскиот социјализам. Приватизацијата доведе до деиндустријализација, невработеност и осиромашување на широките народни маси. Преку кражба и гангстерската поделба на пленот и териториите, се устоличи тајкунско-политичка елита која под патронат на империјализмот преку Дејтонскиот договор од 1995 г. и формално ја подели земјата на Федерација БиХ и Република Српска. Во таквата политичка и територијална констелација, бошњачката, српската и хрватската тајкунско-политичка елита, преку главните политички партии СДА/СДП БИХ, СДС/СНСД и ХДЗ БИХ, преку економско, егзистенцијалното уценување и национализмот држат цврсто контрола над просторот кој мнозински е населен од еден од трите конститутивни народи. Ваквата состојба води до постојани туркања, триења, нестабилност, нефункционалност, привремени интересни сојузи помеѓу тајкунско-политичките елити околу поделбата на ресорите и контрола на заедничкиот државен апарат. Од крајот на војната империјализмот балансира помеѓу овие три елити обидувајќи се да одржи привидна стабилност и функционалност на земјата и државниот апарат со цел што поефикасно извлекување на вредност од страна на странскиот капитал.

Стечај и приватизација, извор: вработување.мк

Основа на босанскохерцеговскиот капитализам претставува мошне слаба домашна капиталистичка класа. Таа владејачка класа е настаната преку приватизациски грабеж, воено профитерство и извлекување на вредност од претпријатијата од јавниот сектор кои не се приватизирани, а по војната останаа во државни раце, т.е. ги контролираат кадри на политичките партии. Домашната буржоазија никогаш не беше во можност да понуди перспектива на економски развој по војната, да ја подигне продуктивноста на трудот или да конкурира на меѓународниот пазар. Без визија и заинтересирана само за краткорочни профити, зацементирана ѝ е само компрадорска улога, подредена положба и услужност кон странскиот капитал. Што се однесува до странските директни инвестиции, од крајот на војната БиХ е под доминација и во сфера на влијание на ЕУ капиталот. Во периодот од 1994 до 2020 година странскиот капитал најмногу инвестираше во производниот (34%) и финансискиот сектор (24%), а потоа во трговијата (14%) и телекомуникации (12%). Во контекст на украинската криза, дипломатијата на ЕУ со доделувањето на кандидатски статус за членство на БиХ во ЕУ е во офанзива на заокружување на БиХ како своја сфера на влијание и спречување на влијанието на рускиот, а посебно кинескиот капитал кој последните години има значајна тенденција на вложувања во енергетскиот и инфраструктурниот сектор на босанскохерцеговската економија. Секако, странскиот капитал не донесе никакво подобрување за домашниот работен народ. Дури напротив. Бројни се кршењата на работничките права во фирмите со странски сопственици што покажува дека странскиот капитал овде дојде по државни субвенции, пристап кон пазарот, суровини, евтина и несиндикализирана работна сила. 

Во ваква општествено-економска ситуација, етнички, социјално и економски атомизираната босанскохерцеговска работничка класа во моментов има единствено перспектива на животарење и низок животен стандард. Дури и во такви објективни околности, некои делови од босанскохерцеговското општество како што е „Тузланскиот бунт“ од 2014 година, граѓанските протести „Правда за Давид“ од 2018 година и генералниот штрајк на 7000 рудари во Федерација БиХ кон крајот на 2021 година, покажаа волја за отпор и борба. Меѓутоа, без политичка опција која би ги артикулирала работничките и социјални барања кои би ги прекинале етничките поделби, овие борби очекувано згаснаа. Во последните десетина години значајна е и загубата на работоспособно население бидејќи голем број домашни работници, особено младите, заминуваат во странство. Согласно податоците, од последниот попис во 2013 година, земјата изгуби повеќе од 152.300 луѓе или 4.31 процент од населението.

Кога сѐ ќе наведеме, гледаме дека за босанскохерцеговскиот народ распадот на социјалистичка Југославија, како и за другите југословенски народи, никако не го донесе ветениот економски и културен напредок, туку баш спротивното. Над Босна и Херцеговина стои перспектива на запуштена европска капиталистичка периферија на евтини суровини и работна сила и демографска катастрофа која домашната тајкунско-политичка елита нема ни волја ни начин да ја запре.

МАКЕДОНИЈА 

И покрај економскиот раст по Втората светска војна, Македонија, заедно со Косово и Црна Гора во Југославија остана најмалку развиена во индустриска и земјоделска смисла. Големите фабрики, гиганти како Македонка и Астибо од лесната индустрија или Фени, скопска Железара, Југохром, Топилница со рудниците, Металскиот Завод Тито и др. од тешката индустрија, веќе од средина на 80-тите години ги зафати бран на „прекини на работа“ и стихија на масовни отпуштања. Социјалистичка Република Македонија имаше несразмерно поголема стапка на невработеност (околу 20 до 25%) од развиените републики. Процесот на приватизација, т.е. слободно-пазарното работење и акционерството кое го започна Анте Марковиќ на ниво на СФРЈ, забрзано се спроведе од владејачките наследници на Сојузот на комунисти – партијата прво позната како СКМ – партија за демократска преобразба, а потоа Социјалдемократски сојуз, со своите сателити во албанскиот сектор и други помали партии како Сојуз на реформски сили (обид на Марковиќевата југословенска партија, подоцна ребрендирана како либерална партија) и Социјалистичката партија. Намерно ја нагласуваме разорната улога на поранешните функционери на СКЈ кои го зедоа кормилото на отворено прокапиталистичките партии со примеси од најлошите елементи на бирократизмот.

Забрзаната приватизација ги опфати речиси сите сектори и по се беше најсилна на просторот на Југославија, и на работничката класа, која беше длабоко поразена во 80-тите и беше претставена како единствен избор помеѓу војната и мирот. Стапките на невработеност од 1988 до 1996 година достигнаа катастрофални димензии од 21% до службено 39%, со што младата македонска капиталистичка држава стана светски првак. Сите профитабилни компании, градежните фирми, од рудници до банки, од фармација и аптеки до фирми за надворешна трговија (Бетон, Скопска пивара, Алкалоид, Европа, Рудници и скопска Железара, Комерцијална банка, Стопанска банка итн.) преку акционерски измами паднаа во директно сопствеништво на поранешните директори. Многу компании не го издржаа пропаѓањето на југословенската економија и притоа пропаднаа, но сите компании со пропаста на заедничката економија и југословенските војни останаа длабоко повредени. По краткиот вооружен судир со македонските Албанци во 2001 година, економијата потона уште подлабоко во перманентна криза. Во тоа време се случија багателни приватизации на профитабилниот Телеком (на германскиот и унгарскиот Т-Мобиле) како и рафинеријата (на грчки капитал). Железницата е поделена на три сектори, електростопанството е исто поделено и еден дел (дистрибуцијата на струја) е продаден на австрискиот ЕВН. Степенот на приватизација во македонското општество ги премина и границите на некои стари капиталистички држави, па така на пример, целокупната примарна здравствена заштита е 100% приватна.

Со приватизацијата дојде и првиот бран на приватни образовни установи кои го зададоа најдолгорочниот удар во полуживото тело на Македонија со штанцање на дипломи, па и докторати, преку деградација на образовниот систем на сите нивоа. Затоа, и покрај визната бариера од Македонија во последните две децении заминаа преку 600.000 до 800.000 луѓе со своите семејства. Други извори пак како пописот на населението од 2021 година, колку и да беше непрецизен и националистички набилдан како би служел на политичките елити, бележи пад од 10% на населението за 20 години, со стапки на фертилитет слични како во Србија и Бугарија. Политиката на рамен данок, последица на логиката на капиталистичката периферија и компрадорскиот дух на владејачката класа, дополнително ги претвора работниците во луѓе кои не живеат туку преживуваат. Стратегијата на сите владејачки елити во капиталистичка Македонија беше привлекување на странски инвестиции преку реклами за евтина работна сила, ослободување од даноци и бесплатно земјиште. Годишно државата им врачува близу 100 милиони евра на овие странски компании. Процесот на деиндустријализација со десеткувана работничка класа го следи и процес на напуштање на селото и земјоделството. Македонија е сега опустошена земја во која нема оризови полиња за цела Југославија туку увезува неквалитетна стока од Далечниот Исток, нема овци и најдобри јагниња да го снабдуваат целиот Блиски Исток, нема повеќе вкусни црвени домати, туку пластични. Како и во сѐ, капитализмот донесе неквалитетна стока, храна, облека, станови, техника и лекови.

СЛОВЕНИЈА

На 25.06.1991 година Словенија и Хрватска прогласуваат независност од Југославија. Самостојноста на Словенија се случува под водство на Сојузот на комунисти на Словенија на чело со Милан Кучан како крешендо на судирите помеѓу тенденциите на централизација и децентрализација и поврзаните интереси на националните бирократии на 14 вонреден конгрес на Сојузот на комунисти на Југославија како критична точка во распадот на СКЈ. Прогласувањето на самостојност доведува до краток судир на територијалната одбрана и ЈНА познато како „Десетдневна војна“. Војната во Словенија не траеше долго единствено зошто бирократијата во Белград не сметаше дека може да ја спречи Словенија во нејзиното излегување.

По десетдневната војна во Словенија, бирократијата горда на својот успех и „поразот“ на ЈНА тргна со реставрација на капитализмот преку приватизација на општествените претпријатија. Тој процес уште на самиот почеток, во март 1992, доведува до отпор на работничката класа – до генерален штрајк во Словенија против условите за приватизација, но во тие услови веќе разбиената работничка класа на Словенија не е способна на тоа да се спротивстави без ново револуционерно водство. Генералниот штрајк навистина успеа да ја одолговлече приватизацијата, но не успеа да ја запре. По тој настан Словенија станува „пример на успешна приватизација и транзиција“. Славниот пример на успешна транзиција и приватизација успешно ги уништи гигантите на словенечката индустрија како ТАМ и Искра.

Соња Локар, 14 Конгрес на СКЈ, извор: novosti.rs

Во тек на процесот на реставрација на капитализмот словенечката бирократија подеднакво користеше национализам и омраза, само во завиена форма, но многу силно на институционално ниво. Тогаш, веќе самостојната држава Словенија, во работничката класа која во Словенија се доселила од останатите делови на СФРЈ, како би ја пополнила потребата за работна сила создадена од забрзаната индустријализација, гледаше закана од „југословенство“ и покрена низа бирократски мерки за на тие работници да им се оневозможи вклучување во општествено-политичкот живот во новата Словенија. Во тој процес 25.671 жители на Словенија беа буквално избришани, со што преку ноќ станаа илегалци во општеството во кое поминаа дури и децении од својот работен стаж. Словенија почна тоа население да го апси и да го депортира во „матичните“ држави на југот, испраќајќи ги тие луѓе во воена зона, што многумина ги чинеше живот.

Приватизацијата во Словенија доведе до создавање на тајкунска елита подеднакво како во останатите републики, а празните приказни за успешната приватизација најдобро се гледаат во деиндустријализацијата и распродажбата на словенечката економија. Индустриските гиганти како Горење, Раденски или Палома се распродадени, некои други ограбени, а Словенија од најразвиена република во СФРЈ стана полупериферна држава на Европската Унија со една четвртина од капиталот во сопственост на странски компании, главно од Австрија. Словенија како земја е економски врзана за останатите републики од поранешната СФРЈ, па недостатокот на работна сила во Словенија главно се пополнува со работна сила од БиХ. Словенија и понатаму останува дел од една економска целина на просторот на поранешна СФРЈ, но во таа целина нема ни приближно значење како што имаше за време на СФРЈ. Словенечката работничка класа ограничена во рамките на Словенија не е способна сама да се избори за својот интерес и таа нужно мора да се поврзе со работничката класа од останатите земји во рамката на обединување на југословенската работничка класа.

ЦРНА ГОРА

Заедно со Србија, Црна Гора е единствена земја која по распадот на СФРЈ остана во нејзиниот контрареволуционерен скратен облик СР Југославија. Причините за тоа беа историската поврзаност на двете земји, големиот процент на Срби во Црна Гора, ограничената способност на Црна Гора за самостоен развој и тогашните бирократски врски на Мило Ѓукановиќ со Слободан Милошевиќ. Црна Гора во овој нов облик беше продолжеток на српската држава, но паралелно градеше своја автономија, од една страна спроведувајќи ја политиката на српскиот режим, во ограничен опсег учествувајќи во војните на Србија, а од друга страна, создавајќи нова локална буржоазија врз база на шверцот.

Економската криза и притисоците на тогашната СР Југославија со текот на времето доведоа до раскол помеѓу српскиот и црногорскиот режим, кадешто Мило Ѓукановиќ престанува со активната соработка со Милошевиќ. Набргу по тој раскол, режимот на Милошевиќ паѓа, настанува уште полабав сојуз на двете држави и со референдумот од 2006 година доаѓа до одвојување на дотогашниот заеднички пат на двете земји. Иако изборите во 1997 и референдумот не поминаа без контроверзи, Мило Ѓукановиќ преку нив се устоличи себеси како владетел на Црна Гора на триесет години. 

За разлика од периодот на СФРЈ, кога се вложуваше во неразвиените региони, при што Цена Гора успеа да забележи значаен економски напредок, од контрареволуцијата и посебно од кризата во 2008 година, таа е во постојана економска стагнација. Како најпериферна земја на поранешната СФРЈ, економски и географски, долго не беше во центарот на вниманието во регионот. Сепак, со затегнувањето на односите помеѓу Мило Ѓукановиќ и Српската православна црква, во Црна Гора доаѓа до судири кои одаваа впечаток дека се од национален карактер.

Предолгото владеење на Мило Ѓукановиќ и желбата за мир помеѓу двата најбројни народи во Црна Гора доведе до негово заминување од власта, прво во парламентот, а подоцна и од позицијата на претседател. Сепак, новиот состав на владата од почетокот го следеше криза и чести распуштања и неможност за формирање на влада, што само значеше продолжение на нестабилноста на Црна Гора во поинаква форма. Новата власт не понуди апсолутно ништо поинакво на економски план, т.е. продолжи со политиката на сервилност кон Западот. Како најмала земја од поранешна СФРЈ, Црна Гора нема ни најмалку простор за било каква автономна политика и сега ќе ја чека криза, само без Ѓукановиќ како главен арбитар на црногорскиот капитализам.

КОСОВО

Косово го дочека процесот на реставрација на капитализмот како најнеразвиена земја од регионот – неблагодарна положба која ја следеше од настанувањето на СФРЈ. Пропазарните реформи кои прво паднаа на грбот на најнеразвиените, резултираа со протести на Косово. Сепак, за разлика од протестите на Косово од 1968 год. кои беа дочекани со серија на мерки кои имаа за цел подобрување и интеграција на овој регион, бидејќи тогашната планската економија на СФРЈ беше во можност да ги развива средствата за производство, протестите од 1981 год. за време на растечка криза на економијата и пропазарните реформи беа дочекани со репресија. Во комбинација на фактот дека Албанците немаа своја република, ниту беа сметани за конститутивен народ, и покрај нивната поголема бројност од некои „официјални народи“, реставрацијата на капитализмот во тогашната СФРЈ беше плодно тло за пораст на аспирациите за самоопределување на косовските Албанци за своја сопствена држава.

Иницијалното движење за самоопределување на Косово пред сѐ беше либерално и пацифистичко, собрано околу личноста на Ибрахим Ругова.  Односот на српскиот режим кон Косово беше – воведување на полициска држава, поставување на српски функционери на сите позначајни позиции и укинувајње на албанскиот јазик како официјален јазик на покраината. Мирните протести за отцепување ги губеа симпатиите на Албанците и се јавуваше растечки слој кој одеше кон вооружена пресметка со српскиот режим во вид на ОВК. Појавата на ОВК повторно ја интензивираше репресијата на српскиот режим што резултираше со војна на Косово. На крилјата на НАТО интервенцијата, Косово дефакто доби независност со сопствени државни структури, но остана во правно лимбо официјално да биде препознаено како независна држава.

Сепак, овој вид на значителна самостојност од српскиот државен апарат можеби ја запре војната, но не успеа да го придвижи општеството напред. Либералите собрани околу Демократскиот сојуз на Косово се обогатија во приватизацискиот грабеж на поранешната општествена сопственост, а милитантите собрани околу Хашим Тачи и Рамуш Харадинај се обогатија со воено профитерство и криминални активности. Смените на овие две струи не направија никакво помрднување во правниот статус на Косово, ниту доведоа до какви било отстапки кон косовската работничка класа.

Последната фаза во која Косово влезе е доаѓањето на партијата Самоопределување на власт, на чело со Албин Курти. Како што сите опции дотогаш се покажаа како незаинтересирани за потребите на работничката класа, привидно антиситемскиот карактер на партијата, како и нејзината програма која начелно беше базирана на создавање на држава на благосостојба, доведе до подем на оваа партија на власт – но исто така многу брзо и до нејзина криза. По неколку години на власт, режимот на Самоопределување не успеа да промени ништо значајно, а на локалните избори се виде дека поддршката бргу им падна. Партијата се сведе на популистички имиџ на борбата за самопределување на Косово, користејќи ги инцидентите како вид на притисок кон српската власт – слично како што ги користеа инцидентите во парламентот за да добијат на видливост. Сепак, ова не води кон никакви позначајни резултати и контрадикциите на Косово останаа неразрешени.

Во ваква констелација, ние го поддржуваме правото на народот на Косово на самоопределување. Историјата на односите на српската и југословенската држава кон Албанците на Косово создаде доза на резервираност кон идејата за обединување на Југославија, па на народот на Косово треба да му биде оставено да одлучи дали би имал желба да биде дел од проектот на работничка Југославија како рамноправна република или пак можеби во иднината како дел од една поголема Балканска социјалистичка федерација.

РАБОТНИЧКА ЈУГОСЛАВИЈА – ЕКОНОМСКИ И НАЦИОНАЛНИ ПРИЧИНИ

Како што може да видиме од краткиот преглед, историскиот развој во последните 30-тина години ни пружи искуство на големо економско-материјално назадување и осиромашување на работните луѓе во сите наведени републики. Капитализмот на нашите простори никогаш не беше особено прогресивен, а по 1990 год. се покажа како целосно реакционерен, бидејќи на големо ја уништи индустријата и земјоделството создавани со децении. Во денешниот европски и светски капиталистички поредок за републиките и народите од поранешна Југославија се резервирани третостепени улоги, тоа значи низок степен на развој на производните сили, слаб животен стандард со ниски плати, сѐ поскапи и тешко достапни здравствени услуги, сѐ поскапи станови, недостаток на индустриска стратегија, периферна зависност од странскиот капитал и висока стапка на иселување. Зошто народите на југословенскиот простор би го прифаќале ваквиот поредок на нештата? Наместо тоа, токму работничка Југославија се јавува пред сѐ како перспектива за економска еманципација, народна и државна сувереност и меѓунационална солидарност.

Идејата за работничка Југославија не подразбира реанимација на СФРЈ туку создавање на нова држава на работниците и селаните преку анализа на позитивните и негативните искуства на социјалистичка Југославија и другите држави во обидот за изградба на социјализам во 20 век. Соборувањето на капитализмот и приватната сопственост над средствата за производство – во претпријатијата, банките, трговските ланци, крупните земјопоседи – е првиот неопходен чекор на патот кон економска еманципација преку кој работниот народ се ослободува од оковите на капиталот и наемното ропство, бидејќи вишокот на вредност од самите произведувачи веќе нема да се присвојува од приватните сопственици, туку вишокот од општествениот труд се враќа кај самите произведувачи во форма на локална станоградба, здравство, образование, култура итн, односно развој на наука и технологија и големи инфраструктурни проекти како патишта, железници, одморалишта и сл. Здружувањето со другите народи е вториот важен чекор во таа насока. Имено, со здружувањето на повеќе народи се случува обединување на сите наши природни и општествени ресурси со што се засилува моторот на нашата целокупна економија – со добробит за сите. Со тоа, економската еманципација изборена со развластување на капиталот доаѓа на уште повисок стадиум. Секако, ова здружување мора да биде втемелено на рамноправност и општонародна волја во сите републики.

Јасно е дека денес не можат да се даваат готови скици и одговори на прашањата околу начинот на управување, размерот на планот и пазарот, централизацијата и децентрализацијата и другите односи во работничка Југославија, но врз основа на богатите искуства на социјалистичката Југославија и останатите работнички држави од 20 век, секако можат да се извлечат некои поуки. Наспроти прекумерното потпирање на пазарот и расцепканото самоуправување, при што доаѓа до бирократизација на управувањето, и наспроти практиката на државно-бирократскиот централизам, се залагаме за работничка држава во која ќе доминира планското самоуправување, што значи – демократско владеење на работничката класа на сите нивоа на власта. Демократскиот избор на централните органи на државната власт во кои учествуваат и работничките делегати е важен поради носење на општиот план, приоритетите и рамките на производството, а на работниците и работничките од сите здружени индустриски гранки и самите претпријатија им останува автономно да делуваат во склоп на тој план. Истите принципи важат и за селото, како и за односот помеѓу различните републики како рамноправни федеративни единици кои меѓусебно не се експлоатираат и натпреваруваат, туку соработуваат во склоп на заедничката демократска стратегија.

Токму укинувањето на економската доминација на капиталот е нужен предуслов за раѓање на народна и државна сувереност на југословенскиот простор. Општо гледано, во капитализам не е суверен ниеден народ на светот со оглед на тоа дека на поимите „народ“ и „сувереност“ гледаме од материјалистичко, а не од апстрактно-идеалистичко гледиште. Ако за народ ја земеме економската целина која живее и произведува под одреден начин и односи на производство, тогаш е јасно дека во капитализмот како класно општество мнозинството од народот е обезвластен и оневозможен во општественото управување. Тоа важи во сиот капиталистички свет. Како што работниците и селаните како работно мнозинство се лишени во општествено-економското одлучување на Балканот, така се лишени и во САД, Германија, Русија, Јапонија, Австралија итн. А оние кои што немаат контрола над процесите на општествено производство не можат да се сметаат за суверени – нивната судбина не е во нивните раце туку во несигурните води на капиталистичкиот пазар со кој доминира крупниот капитал, плодовите на нивниот труд не се под нивна контрола, туку во сопствеништво на тие кои ги експлоатираат, нивната работна сила не е средство кое им овозможува достоинствен живот и напредок на општеството туку стока која се приморани да ја продаваат на пазарот како би преживеале. Понатаму, во капиталистичкиот поредок постојат суверени држави како САД, Русија, Кина, Германија, Велика Британија, Јапонија итн, но тоа всушност значи дека владејачките класи на тие држави се суверени како пазарни господари кои секако во системот на меѓусебна конкуренција неизбежно повремено се судираат. Владејачките елити на овие држави секако имаат сопствена економска стратегија. Државите настанати со распадот на Југославија го немаат ни тоа – владејачките класи и нивните политички претставници овде се спонзорски и компрадорски фигури, зависни од странски инвестиции, без сопствена стратегија за развој. Според тоа, работничка Југославија е единствена држава која на работните луѓе овде може да им овозможи сувереност во поглед на општествената сопственост и планирање на производството, односно држава која на овие простори единствена може да се смета за суверена во вид на формулирање на сопствена економска стратегија.

Конечно, во текот и по крвавите војни во 90-тите односите помеѓу разните нации на југословенскиот простор западнаа во шовинизам и нетрпеливост. По годините на оркестрирани убивања и етнички чистења во 90-тите, дојде до смирување и зачеток на економска соработка, но национализмот остана како корисно средство за владеење на демагозите на сите страни. Во капитализам, овој проблем останува нерешлив. Далеку од тоа дека луѓето на Балканот не сакаат да имаат близок соживот – токму владејачкиот капиталистички поредок тоа го оневозможува. Со развластување на тајкуните и нивните политичари на сите страни се создаваат општествени основи за исполнување на вистински соживот, братство и солидарност помеѓу сите народи на овие простори. Тоа ќе биде општество на демократско планирање во кое на човекот ќе се гледа според работниот и креативен придонес, а не по националната или верска припадност. 

Нашето залагање за нова работничка Југославија не се темели на носталгија за минатите времиња туку на разбирање на неминовноста за надминување на тесните граници во кои не пикнаа националните буржоазии на Балканот. Освен економската нерационалност за постоење на раситнети, засебни пазари на релативно мал географски простор, заедничката држава претставува логична рамка за решавање на националните конфликти на Балканот. Таканаречената европска перспектива во која локалните балкански буржоазии ќе се согласат и ќе ја напуштат шовинистичката политика се покажува како опасна илузија. Периодичното разгорување на национализмот одозгора е неизбежно во ситуација кога ривалските владејачки класи се наоѓаат притиснати во тесен простор во постојана борба за превласт на пазарот. Со развластување на националните буржоазии се создаваат услови за хармоничен соживот и одумирање на националистичките идеологии.

Националното прашање во Босна и Херцеговина може да се реши единствено во рамки на широка творба базирана на национална еднаквост која на Бошњаците ќе им ги гарантира сите национални и културни права и ќе им обезбеди функционална централизирана држава, а на Србите и Хрватите ќе им ја врати довербата во мултинационална и единствена Босна со тоа што повторно ќе бидат избришани границите со Србија и Хрватска. Истото важи и за моментално поделената Црна Гора каде повторно би можел да се развие инклузивен црногорски концепт на нација кој воедно ја уважува посебноста на црногорскиот национален идентитет и историската поврзаност и блискост со српската нација. Постоењето на единствен југословенски културен простор би ги релаксирал националните тензии и би ги охрабрил оние интерпретации на националните идентитети кои ја препознаваат сличноста, поврзаноста и хибридноста на националните култури наместо сегашното потенцирање на затворање и исклучивост.

Во Србија станува јасно дека стремежот за обединување на сите Срби во една држава не може никако да се отствари со национализам и потчинување на соседите. Всушност една широка државна творба во која српските малцинства во соседните републики би уживале целосни малцински права или би биле уставотворен народ, на Србите во регионот би им овозможила најтесна поврзаност со матицата и би го отфрлила стравот од „мајоризација“. Истата логика може да се примени и на хрватското национално прашање и поблиското поврзување на Хрватите во Босна и Херцеговина и Хрватска.

Во Словенија, преку процесот на периферно потчинување во рамките на Европската унија, созрева свеста за ориентација кон јужните соседи на слично ниво на економски развој, зависноста од циркулацијата на работната сила од поранешните републики, но и културната поврзаност со земјите од поранешна Југославија. Ваквите заклучоци уште посилно се наметнуваат во Македонија на која европските соседи и го скратуваат правото на национално самоопределување, а отсеченоста од заедничкиот културен простор создава чувство на изолираност и парохијалност. Приклучувањето кон широка мултинационална заедница која би го гарантирала правото на самоопределување на албанското население на Косово, секако би ја олеснило интеграцијата на албанското малцинство во Македонија.

Конечно, создавањето на нова работничка Југославија не е само пат кон решавање на економското и национално прашање помеѓу јужните Словени, туку револуционерен сигнал кон остатокот од Балканот. Сличното ниво на економски развој и јазично-културните врски на јужнословенските народи го прават поврзувањето во заедничка држава рационален потег. Но, таа нова јужнословенска заедница не би била цел сама по себе, туку неминовен чекор кон повисока цел. Работничка Југославија не е автархична заедница на југословенските народи, туку работничка држава отворена и подготвена за братска соработка и со другите работни народи на Балканот како дел од Балканската социјалистичка федерација, односно со народите од цела социјалистичка Европа и светот.

Нови Сад, 14 мај 2023