Македонија

ШТРАЈКОВИ И ПРОТЕСТИ – КЛАСНАТА БОРБА ПОВТОРНО НА ДНЕВЕН РЕД!

Новата 2025 година во Македонија започнува синдикално и политички бурно, во духот на работничката класна борба. Имено, на 8 јануари започна штрајк на вработените во државното првобранителство со барање за потпишување на нов колективен договор во кој ќе бидат предвидени додатоци на плата во висина од 30 проценти. Штрајкот е организиран од гранскиот синдикат на работниците во управата, правосудството и здруженијата на граѓани (УПОЗ). На 15 јануари, вработените во Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за дигитална трансформација, Министерството за шумарство и водостопанство, Министерството за правда, Министерството за култура и туризам, Министерството за економија и труд, Министерството за транспорт, Државниот завод за статистика и Државниот архив излегоа на протести пред своите институции. На овие протести на 17 јануари се придружија и вработените од министерството за финансии.

Вистинската економска положба на овие работници ги урива сите митови за „благосостојбата“ на вработените во јавниот сектор. Како што синдикатот информира, просечната плата во институциите кои протестираат е 29.000 денари, а почетната плата е 25.000 денари. Ако знаеме дека просечната плата на ниво на држава моментално е 42.000 денари, доаѓаме до лесен заклучок дека овие работници се мизерно платени, особено во контекст на притисокот на инфлацијата во последните 3 години. Нивните примања се нешто над минималната плата, а државните власти ќе сфатат колку и овие работници се важни кога истите ќе решат да прекинат да ги извршуваат своите работни задачи и административниот апарат ќе биде целосно парализиран! Згора на сѐ, претседателот на синдикатот изнесе информација дека близу 1000 вработени во инспекторатите се уште ја немаат примено декемвриската плата, иако законскиот рок за исплата е веќе изминат.

Барањето за додатоците е барање кое подолго време се провлекува, а за кое властите се глуви и го саботираа потпишувањето на колективните договори коишто го предвидуваа овој додаток. Власта настапува остро и дрско кон работниците кои штрајкуваат и веќе започна со намалување на нивната плата за 40 проценти за периодот додека се во штрајк. На оваа тема сме пишувале повеќе пати и апсолутно не треба да имаме илузии за класната природа на властите, кои особено во време на криза ќе ги искористат да удрат по тешко стекнатите придобивки кои работничката класа ги ужива. Портпаролката на владата во арогантен манир изјави дека штрајкот бил наводно незаконски и „политички мотивиран“ што е веќе стотици пати видено и слушнато кога имаме било какво работничко незадоволство. Опозициската СДСМ излезе со цинична поддршка за штрајкот и протестите, иако во нивното 7 годишно владеење истиот овој синдикат штрајкувше и протестираше барајќи идентични работи како сега. 

Синдикатот не смее да падне во оваа евтина замка и да докажува било каква аполитичност. Секој штрајк, секој протест, секое барање во интерес на работничката класа е политика која е многу поголема од дневните партиски препукувања и ситнопартиските интереси на домашните буржоаски партии. Етикетата „политика“ е нешто од кое што не треба и не може да се избега и на кое треба да му се даде вистинска, класна суштина бидејќи во крајна линија политика е секое занимавање со јавните работи.

Што може да очекуваме во следниот период?

Синдикатот се закани со проширување на штрајкот и со тужби до државата доколку владата не ги исполни нивните барања. Веројатно е да се очекува дека владата ќе го искористи целиот простор за маневар, како би ги изиграла работниците. Периодот кој претстои е период на засилена работничка борба, во контекст на мерките на штедење кои властите се принудени да ги практикуваат. 

Како што веќе и претходно имаме нагласено, секој штрајк е непроценливо искуство и лекција, тоа е животна школа за работничката класа во борбата за подобро утре. Комунистите како и многупати во историјата, стојат во солидарност со борбените работници, заговарајќи независна работничка политика и целосна трансформација на општеството во интерес на оние кои живеат од својот труд.

Автор:

Дејан Лутовски, јануари 2025 година