БалканМакедонијаОпшто

 Слугински стадиум на владејачката класа во Македонија – конечно Шеќеринска влезе во НАТО гнездото

„Најдобриот роб е оној кој мисли дека е слободен“ – Гете

Деновиве актуелна тема на македонската политичка сцена е назначувањето на Радмила Шеќеринска за заменичка-генерален секретар на НАТО алијансата. Иако има позначајни теми за состојбите во државата РСМ, како намалување на буџетот за заштита од загадување, проекциите за раст на економијата од неостварливите 3.8 отсто, кратење во мизерното здравство, или пак најлошиот јавен превоз на Балканот, медиумите отстапуваат простор на наградата за најдобар, а најмизерен слуга и тоа во женски род како да жените одвај чекаат да им командуваат на машките војници. Оваа вест ја потврди генералниот секретар на НАТО алијансата, Марк Руте. Шеќеринска ја однесе оваа „значајна победа“ помеѓу останатите кандидатки од „добро одбраното друштво“ односно поранешната бугарска министерка за надворешни работи Марија Габриел, поранешната хрватска претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ и поранешната министерка за одбрана на Црна Гора, Оливера Ињац. 

Иако неспорно е дека станува збор за една висока функција или со други зборови „втор човек во НАТО“, да се прославува како успех назначувањето на висока функција во една злосторничка воена алијанса која е де факто одговорна за безброј жртви насекаде низ светот (последни во низата секако се војната во Украина и геноцидот во Палестина) во најмала рака е перверзно.  

А каква заслуга има Шеќеринска, та нејзе ја одбраа? Дали можеби се нато платите на македонските војници и високите стандарди поради нејзиното министерување во Одбрана? Не. Платите се македонски ситниш, а војската е неспособна за елементарни непогоди. 

Ова е секако секому јасно, освен на НАТО апологетите. Всушност, како што можевме и да забележиме целата владејачка класа, домашна и странска, се постави во редот за упатување на честитки како кон Шеќеринска, така и кон Руте за ваквиот „храбар“ потег, односно за поставување на политичар од Источна Европа, од една мала држава. Секако, ова се смета за „храбар“ потег со оглед како Западниот империјализам гледа кон овој дел од светот, уствари како на една нецивилизирана суровина погодна за експлоатација од секој аспект. 

Фото: Влада на Република Северна Македонија

За да биде иронијата уште поголема амбасадорката на САД во Северна Македонија, Ангела Агелер, упати честитки и до претседателот на Владата од редовите на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски „за залагањето за нејзината кандидатура“. Со ова само уште еднаш (по којзнае кој пат) се потврдува „натоизмот“ на двете владејачки буржоаски структури во Македонија. Секому што барем малку ја следи политичката сцена, знае дека ова не е воопшто зачудувачки со оглед дека од секогаш „НАТО патот“ бил политичка агенда на буржоаските партии, па овој момент беше перфектно погоден за гласно истакнување на покорност пред империјалниот господар. Буржоаските партии можат повремено да се судираат околу ова или она прашање, но кога доаѓа до одбрана на основните постулати на капиталистичкиот систем и опслужувањето на интересите на империјализмот, тие се несомнено на иста страна и не постои суштинска разлика помеѓу нив.  

Меѓутоа, за НАТО фундаменталистите кои се дел од владејачката класа чија задача веќе одамна премина во политичка проституција, се длабоко убедени во овој „врвен успех“ и што е најстрашно воопшто не можат ниту да забележат дека со овој потег само се зацврстува империјалната чизма врз нашата работничка класа. Со оглед дека Шеќеринска си ја изврши својата задача, а тоа е големата улога во внесувањето на Македонија во НАТО, сега ѝ следи наградата. Но, како што е познато членството во НАТО е длабоко наплатено преку зголемувањето на воениот буџет, за што се прават скратувања од буџетот во здравството, образованието, јавниот превоз итн. Со други зборови, НАТО членството длабоко го наплаќа работничката класа, а како што кризата на капитализмот се продлабочува и се манифестира преку нови и нови воени фронтови, понатаму уште поскапо ќе биде наплатено. 

Сепак, настрана од буржоазијата како владејачка класа, работниците во Македонија овој „врвен успех на Шеќеринска“ воопшто нема да го почувствуваат, барем во ништо позитивно за нив. Можеби стихијно, но во работничката класа не владее воодушувањето од овој потег. И не само тоа, ќе дојде момент кога работничката класа и ќе се побуни против некое идно големо задолжување за воениот буџет, односно за набавување на тенкови и ракети кое ќе се користат за уништување на работници и недолжни деца некаде низ светот, како во Палестина или на некој нов фронт и нова воена арена за крвопролевање, секако за профитерските интереси на грст буржуи. 

Поради тоа, РКС нималку не го честита овој „врвен успех“, напротив стои рамо до рамо со работничката класа и се придружува на критиките кои засега можеби не се многу, но секако дека постојат помеѓу работниците. 

НЕ за НАТО!