МАТНА ВОДА – ЧИСТ ПРОФИТ
На ден 29.09.2024, Агенцијата за храна и ветеринарство на Република Северна Македонија издаде забрана за пиење вода во општина Струмица, заедно со некои соседни населени места (население од околу 35 500 жители) кои се водоснабдуваат преку истиот водоводен систем. Најавената забрана произлезе врз основа на извршени лабораториски испитувања при што беше утврдено зголемено присуство на манган (Mn) и колиформни бактерии.
Манганот (Mn) претставува метал кој често може да се најде во минерали кои се во комбинација со железо (Fe). Во човековото тело е присутен кај повеќе органи (мозок, коски, џигер, бубрези и панкреас) во мали количини. Зголеменото консумирање на манган, може да предизвика сериозни здравствени потешкотии, особено при внесување на зголемена концентрација во подолг временски период. Потешкотии можат да настанат особено кај млади лица и деца до 20 години, со нарушување на нивниот централен нервен систем, проследено со тремор, отежнато одење и грчеви во мускулите на лицето.
Знаејќи ги негативните здравствени ефекти врз здравјето, веднаш по забраната е започнато со пронаоѓање на главниот причинител за загадувањето на питката вода, при што дојде до институционално препукување околу кривецот во целата ситуација. Препукувања генерално насочени со главен фокус во пронаоѓање на човечкиот фактор како резултат на лошото долгогодишно раководење од страна на институциите вклучени во процесот за испорака на питка вода. Така што, започна фамозното „не е наша надлежност“ и покажување на „прстот“ кон другиот, од сите инволвирани институции како: Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ; Општина Струмица ; ЈП „Комуналец“ и АД Водостопанство „Струмички слив“.
Првично, министерот за земјоделие, заедно со директорите на водостопанство, институтот за јавно здравје и на агенцијата за храна и ветеринарство, јавно ја обвинија општината дека настанатиот проблем се должи на долгогодишното несоодветно менаџирање. Според некои непотврдени извори се смета дека зголеменото количество на манган и колиформни бактерии е поради нискиот водостој на акумулацијата „Турија“ и користење на водата од ниските слоеви. Долните слоеви кај вештачките езера се именуваат како мртов простор, односно заматена вода со муљ, таложена низ периодот на експлоатација.
Потоа, владејачката класа на општинско ниво кривицата за загадување ја пронајде во наводното несоодветно работење во филтерницата на ЈП „Комуналец“, поконкретно во самиот процес на хемиска обработка (хлорирање и суперхлорирање). Вработените од претпријатието упорно констатираат дека влезната вода која ја добиваат од акумулацијата „Турија“ е со голема концентрација на манган, односно со енормна разлика во препорачаните вредности според Правилникот за безбедност и квалитет на водата за пиење во РСМ.
Крајно на мета стигнаа вработените задолжени за одржување на брана „Турија“ од АД Водостопанство „Струмички слив“, кои според владејачката класа го имаат доведено езерото до значително ниско ниво поради несоодветно менаџирање, тотално занемарувајќи го влијанието од климатските промени. Во Република Северна Македонија, за време на летната сезона во период од 85 дена (јуни – август), вкупно беа евидентирани врнежи со вкупна количина од околу 25 – 30 l/m2, што автоматски и беше очекувано вештачките езера да се со намелена количина, поради зголемената побарувачка на вода за наводнување на земјоделските култури (особено во Струмичко поле).
Но, можеби во тековниот период сите засегнати страни треба да престанат да го поставуваат прашањето „кој е крив?“ и да се насочат во правец на размислување дали воопшто станува збор за човечка грешка или сепак станува збор за природен феномен предизвикан од природна појава. Така што, според одредени професори и стручни лица (геолози, хидро инженери и др.) постојат зналителни показатели дека загадувањето настанало како резултат на:
- – свлекување на дел од теренот во акулумацијата и контаминирање поради контакт со седиментни карпи кои содржат минерали на манган
- – новопојавени подземни води, како резултат на сеизмичка активност, кои во себе содржат минерали на манган
- – појава на врнежи со голема количина после долг сушен период, и настанување на заматување на таложениот материјал од мртвиот простор на вештачката акумулација.
Додека трае изнаоѓањето на причинита/причинителот за настанатата ситуација, работничката класа е оставена да купува флаширана вода за задоволување на основните потреби. Крупните сопственици од редовите на трговијата, состојбата ја проценија идеална за оплодување на својот капитал, со покачување на цените на флашираната вода за некои 40 до 50 % во одредени маркети. Дополнително, од страна на буржујските партии веднаш е започнато со поставување на пунктови за донирање на флаширана вода, патем држејќи и политички говори, користејќи ја целата ситуација за унапредување на својата репутација.
Со слични проблеми се соочуваат и граѓаните на општина Гостивар, каде од страна на назначена приватна акредитирана лабораторија за испитување на хемиските својства на питката вода е забележано зголемено количество на манган (Mn) и бактерии на escherichia coli во системот за водоснабдување. По објавените резултати во јавност, Агенцијата за храна и ветеринарство на ден 07.10.2024 издаде забрана за конзумирање. Поради лошите резултати, општинските власти го раскинаа договорот со приватната лабораторија и воведоа дополнителни вондредни контроли од страна на Институтот за јавно здравје Скопје и од Центарот за јавно здравје – Гостивар. Така што со новите резултати забраната е прекината и животот е „нормализиран“. Но, после вакви контрадиктни резултати од повеќе институции за квалитетот на водата во период од 7 дена, ги става обичните луѓе во дилема и им наметнува едно прикриено јавно мислење дека сепак флашираната вода е можеби побезбедна, провлекувајќи идни одлуки кај граѓаните за конзумирање и автоматско зголемување на профитите во џебовите на крупните сопственици на производствените фабрики за флаширана вода.
Завршно, без разлика дали станува збор за човечки фактор или природна појава, немањето на навремени прецизни индикации за причинителите би можело да доведе до масовно труење на сопственото население и сериозно нарушување на здравјето, бидејќи никој не потврдува колкав временски период се конзумира загадена вода. Дополнително, злоупотребата за профитирање од страна на крупните сопственици на капитал во алармантна состојба и изложување на народот на дополнителни трошоци е уште еден доказ за неодржливоста на капитализмот и неговото лицемерие во решавање на една елементарна непогода за едно основно човеково право (резолуција 64 / 292 од Генерално собрание на Обединети нации од 2010 год.), а тоа е обезбедување бесплатна чиста вода за пиење и санитарна употреба.
Христијан Грујовски