ВестиИнтернационала

Победа на Трамп: удар во заби на естаблишментот

Шокантниот резултат од претседателските избори во САД е уште еден пример какви ненадејни и остри промени се имплицитни во ситуацијата. До последниот момент, медиумските експерти правеа сè што е можно за да докажат дека анкетите покажуваат победа за Харис, иако со тесна разлика.

Но, погрешија.

Рано наутро на 6 ноември 2024 година, кога Трамп се доближи до прагот од 270 електорски гласови да стане избран претседател на Америка, пропадна таа илузија. Милиони Американци излегоа пак да гласаат за Трамп.

Ова не требаше да се случи. Владејачката класа во Америка – цврсто поддржана од владите на Европа – беше решена да го спречи неговото враќање во канцеларијата, со какви било средства. По поразот на Трамп на изборите во 2020 година, сè беше направено за да се спречи неговото повторно кандидирање. Пробаа да го тргнат од гласачките ливчиња во различни држави. Доби 34 кривични обвиненија, со повеќе од 50 други кои беа во тек. Му беше доделен налог за исплата на стотици милиони долари во граѓански случаи поврзани со деловна измама и тужба за клевета произлезена од обвинение за силување. Но, секое кривично обвинение фрлено против него само ја зголемуваше неговата поддршка. Обвинувањата едноставно не влијаеја на него. Со секој судски процес, неговата поддршка во анкетите се зголемуваше.

Сите бројни напади против него се враќаа назад и се вртеа против оние кои беа перципирани – со право – како дел од заговор за да го спречат неговото враќање во Белата куќа. Сите карти беа насочени против него. Медиумите беа речиси обединети во спротивставувањето на Трамп. Подолу е списокот на главните весници и списанија и нивната позиција во однос на двајцата кандидати:

Камала Харис199
Доналд Трамп16
без поддршка28
друго1
вкупно244

Од ова можеме да видиме дека практично сите масовни медиуми беа против него. Владејачката елита се тешеше со тоа дека ‘никогаш нема да успее’. Тврдеа дека осуден криминалец никогаш не може да ја освои претседателската функција. Но тоа се случи. Ова го покажува огромниот шок што овој изборен резултат го предизвика кај американската владејачка класа.

Збунетост

Троцки во една пригода изјавил дека теоријата е надмоќ на предвидувањето над изненаденоста. Овој коментар ми дојде на ум утрово, кога прочитав интересен коментар на еден репортер на Би-Би-Си:

„Еден демократски политички оперативец во Вашингтон порача дека за почеток партијата ‘треба да се ослободи од елитистичките снобови во Вашингтон’. Други ми кажаа истото, иако помалку отворено – дека, иако ја пофалија кампањата, сметаат дека партијата како целина има ‘проблем со имиџот’ во време кога основни, секојдневни работи како животните трошоци се на ум за повеќето гласачи. Оваа демократска очајност ме потсетува на разговорот што го имав со еден републиканец на еден митинг на Трамп кој рече дека нивниот кандидат целосно ја ‘преосмислил’ Републиканската партија од нејзиниот стереотип на гласач од елитни кругови до привлекување на работничките семејства, додека демократите станаа ‘партија на Холивуд’. Ова се големи генерализации, но такви што Републиканците јавно, а некои Демократи приватно, сега ги споделуваат.“

Без елементарно знаење за дијалектика, стратегиите на Капиталот секогаш го набљудуваат површинскиот слој на општеството, сосема несвесни за гневот што се собира под нивните нозе. Тие не успеаја да ги разберат основните причини на таканареченото движење на Трамп. Очигледно, сè е прашање на ‘имиџ’. Но, проблемот е во тоа што имиџот на Демократската партија тесно ja одразува основната реалност. Сега постои огромен јаз помеѓу елитата во Вашингтон и масата на народот: ова беше вид на ‘Селанска буна1’ – плебејска побуна и разорно гласање на недоверба во постојниот поредок.

Контрадикторно движење

Често слушам од луѓето на левицата дека Трамп и Харис се „исти“. Ова е и вистина и невистина. Само по себе е очигледно дека Доналд Трамп е милијардер кој, следствено, ги застапува интересите на богатите и моќните.

Сепак, да се каже дека Харис и Трамп се реакционерни буржоаски политичари и дека нема многу разлика меѓу нив, значи да се каже очигледното. Оваа почетна дефиниција не го исцрпува прашањето што неизбежно се поставува: како да се објасни ентузијастичката поддршка што Трамп успеал да ја добие меѓу милиони американски работници?

Тоа е чуден парадокс, дека милијардер како Трамп може успешно да се постави како застапник на интересите на работничката класа. Тој е, се разбира, верен претставник на неговата класа – на 1 процент од супербогатите Американци кои ја поседуваат и контролираат нацијата. Долги години, Демократите беа во состојба да се претставуваат како политички претставници на работничката класа. Но, децении горчливи искуства ги убедија милиони работници дека ова е лага.

Тие бараат радикална алтернатива. Ова можеше да биде обезбедено од Сандерс, доколку тој одлучеше да се откаже од Демократите и да се кандидира како независен. Но, тој капитулираше пред естаблишментот на Демократската партија, што ги разочара неговите поддржувачи. Ова го остави патот отворен за десничарски демагог како Трамп, кој ја искористи можноста со двете раце. Не е општо познато, но во 2015 година, Трамп приватно му кажал на професорот од бизнис школата на Јејл, Џефри Соненфелд, дека намерно го копирал анти-корпоративното пропагирање кое кампањата на Берни Сандерс го покажа како ефикасно. Во отсуство на лево ориентиран кандидат, милиони луѓе кои се чувствуваа отуѓени и политички отфрлени ја искористија можноста да нанесат силен удар против естаблишментот. Вистината е дека работничката класа во Америка се чувствува предадена од Демократите и целосно отуѓена од постојните политички партии. За нив, Трамп се чинеше дека нуди алтернатива. И тие се собраа за да го поддржат.

Уште во ноември 2016 година, интервју во Ивнинг стандард (Evening Standard) истакна:

„Работничката класа во Америка излегува во рекорден број. Ова е револуција на работничката класа. Никој не го предвиде ова, најмалку елитите во медиумите кои јадат сирење и пијат шампањ и никогаш не зборуваат со вистинските гласачи. Работничката класа во Америка беше предадена од естаблишментот, од робовската класа на Вол Стрит, а Доналд Трамп е нивен застапник.“

Факт е дека додека Трамп не го покрена прашањето, работничката класа речиси никогаш не беше споменувана во американската политика. Дури и најлевичарските Демократи само ја споменуваа средната класа. Работничката класа беше целосно занемарена. Таа дури и не беше во нивното видно поле. Но работничката класа постои и сега почнува да се осознава.

Во времето на големата Француска револуција од 18 век, опатот Сијес напиша славен трактат со наслов „Што е Третиот сталеж?“ во кој читаме: „Што е Третиот сталеж? Сè. Што беше до сега во политичкиот поредок? Ништо. Што посакува да биде? Да стане нешто.“

Овие познати зборови можат добро да се земат како опис на работничката класа во САД денес. И, што и да мислите за него, мора да се признае дека, поради свои причини, Доналд Трамп одигра најважна улога во поставувањето на работничката класа во центарот на американската политика за првпат по децении.

Јазот помеѓу класите

Овој факт не е случаен. Тој е одраз на очигледната социјална реалност. Јазот што ги разделува богатите и сиромашните се протегна во непремостлив амбис, продлабочувајќи ја социјалната и политичката поларизација и создавајќи експлозивно расположение на гнев во општеството. Каде и да погледнете, во сите земји, постои силна омраза кон богатите и моќните: банкарите, Вол Стрит и естаблишментот воопшто. Токму таа омраза вешто ја искористи Доналд Трамп, што ги вознемири сериозните претставници на капиталот.

Со право го гледаат Доналд Трамп како закана затоа што тој намерно ја руши основата на консензусот, на политиката на централна позиција која е градена внимателно со децении.

Берзата во САД е во подем, доларот е силен на девизните пазари, економијата на САД расте со околу 2,5 проценти реален раст на БДП, а невработеноста не е повисока од 4,1 процент. И покрај тоа, извештаите од политичките анкетари јасно покажуваат дека повеќето луѓе не се чувствуваат подобро – напротив:

„Анкетарите од „Make the Road Pennsylvania“ ми кажаа дека многу луѓе кои ги среќавале изразиле сомнеж дека гласањето може да ги подобри нивните животи. Еден анкетар рече дека често слушал од политичарите: „Тие само го сакаат мојот глас, а потоа забораваат на нас.“ Мануел Гузман, државен претставник чиј округ вклучува населби во Ридинг со редици скромни куќи и населени главно од Латино имигранти, ми рече дека му е познат ваквиот скептицизам на гласачите. Гузман, кој е полудоминканец и полупорториканец, беше уверен дека демократите ќе го освојат Ридинг во ноември. Но, беше загрижен дека маргината на победа ќе биде разочарувачка, имајќи предвид дека постои недоволна врска меѓу она што ги загрижува демократите во Вашингтон и она што го слуша од своите избирачи – многу од кои имаат потреба од повеќе работни места за да избегаат од сиромаштијата, која ги погодува една третина од жителите на Ридинг. „Ние сме толку фокусирани како национална партија на спасување на демократијата,“ рече тој. „Чесно да ви кажам – не сум слушнал ниту еден човек во градот Ридинг да ми зборува за демократијата! Тие ми велат: ‘Мани, зошто е толку скапо горивото?’ ‘Зошто мојот наем е толку висок?’ Никој не зборува доволно за овие прашања.“

Американците добро се свесни за трошоците што официјалните индекси и главните економисти ги игнорираат. Стапките на хипотеки достигнаа највисоко ниво во последните 20 години, а цените на домовите достигнаа рекордни нивоа. Премиите за автомобилско и здравствено осигурување исто така се зголемија. Во истражување спроведено од Харис за Блумберг Њуз во декември, речиси 40 проценти од Американците рекоа дека нивното домаќинство неодамна зависело од дополнителен приход за да се снајде. Од тие, 38 проценти рекле дека дополнителните пари едвај ги покривале месечните трошоци, без да им остане ништо, а 23 проценти рекле дека тоа не е доволно да ги платат сметките.

Навистина, нееднаквоста на приходите и богатството во САД, која е меѓу највисоките во светот, само се влошува. Најбогатите 1 процент Американци земаат 21 процент од сите лични приходи, што е повеќе од двојно од уделот на посиромашните 50 проценти! И најбогатиот 1 процент Американци поседуваат 35 проценти од сите лични богатства, додека следните 10 проценти Американци поседуваат 71 процент; но долните 50 проценти поседуваат само 1 отсто! Екстремните нивоа на нееднаквост, растечкиот јаз помеѓу богатите и сиромашните и зголеменото чувство на отуѓеност на политичарите во Вашингтон од проблемите на обичните луѓе лежат во срцето на сегашната ситуација. Тука ја наоѓаме вистинската причина за популарноста на Доналд Трамп и резултатот од сегашните избори.

Колапсот на центарот

Овој феномен не е ограничен само на САД. Она што го гледаме насекаде е колапсот на политичкиот центар, но тој е сврзното ткиво кое го држи општеството заедно. Ова е силен израз на растечката тензија помеѓу класите – поделбата на лево и десно – која постојано се продлабочува. Парадоксално, феноменот на движењето на Трамп е одраз на овој факт.

Во моментов, тоа се одразува преку раст на необични популистички десничарски тенденции во различни земји. Но, законите на механиката нѐ учат дека секоја акција има еднаква, ама спротивна реакција. И во подоцнежен стадиум, тоа ќе се изрази во остро свртување налево.

Од гледна точка на владејачката класа, опасноста од Трамп е токму во тоа што, обраќајќи се на работниците за сопствени цели, го потхранува расположение на радикализација кое поставува опасен преседан за иднината. Ова ги објаснува длабоките чувства на страв и гнев кои постојано ги покажуваат кон него. Владејачката класа очајно се обидува да го спречи овој процес на поларизација и повторно да го соедини центарот. Но, сите објективни услови работат против нивниот успех.

Богати и сиромашни

Бил Клинтон еднаш рече: „тоа е економијата, глупавко.“ Имаше право. Вол Стрит Журнал објави дека:

„Економијата беше далеку најважното прашање за гласачите, при што 39% ја наведоа како „најважното прашање со кое се соочува земјата […] Повеќе од шест од десет – 63% – рекоа дека економијата е „не толку добра“ или „лоша“. […]

„Гласачите ги опишаа специфичните притисоци, вклучувајќи ги сметките за храна, цените на домовите и стравот од војна, но многумина исто така ги опишаа поголемите егзистенцијални грижи за судбината на Америка.“

На претходните избори, кога Трамп се кандидираше против Хилари Клинтон, The Economist, кој ја поддржуваа Клинтон, признаа дека:

„Г-дин Трамп беше донесен на власт на бранот на народен гнев. Овој гнев е делумно поттикнат од фактот што обичните Американци не учествуваат во просперитетот на нивната земја. Со други зборови, средната заработка за мажи сè уште е пониска отколку во 1970-тите.

„Во последните 50 години, со исклучок на проширувањето во 1990-тите, средните домаќинства требаше подолго време да ја повратат загубената заработка по секоја рецесија. Социјалната мобилност е премала за да понуди надеж за нешто подобро. Резултатот е загуба на самопочит, која не се неутрализира со неколку квартали на растечки плати.“

Работите не се промениле суштински од тогаш. Економијата на САД не е во добра состојба. Ова се покажува со невидени нивоа на долг што постојано расте под администрацијата на Бајден. Во моментов, јавниот долг на Америка, се проценува на 35 илјади милијарди долари, или околу 100 проценти од БДП. Тој се зголемува за илјада милијарда долара секои три месеци. И има само еден правец: нагоре.

Ова е јасен показател дека дури и најмоќната и најбогата нација на Земјата ја надминала својата сила. Тоа е ситуација која е на крајот неодржлива.

Изолационизам

Доналд Трамп не е економист. Не е филозоф ниту историчар. Тој не е дури ни политичар, во смисла дека има разработена идеологија и стратегија. Тој е во суштина опортунист и емпирицист во најтесната смисла на зборот.

Но, се смета себеси за врвен тактичар – практичен човек, кој секогаш бара практични, краткорочни решенија за секој проблем што ќе се појави. Секогаш се потпира врз она што го нарекува „договор“. Со други зборови, тој има менталитет на мал трговец, вешт во уметноста на пазарење. Таквата вештина, се разбира, е валидна до одредени граници. Но, она што е валидно на пазарната тезга брзо се наоѓа во неволја во сложената мрежа на меѓународната политика и дипломатија.

Во суштина, неговата наклонетост е кон изолационизам. Тој е против секоја идеја Америка да се заплетка во странски сојузи од кој било вид – било тоа да е Обединетите нации, Светската трговска организација или самото НАТО. Неговата политика може лесно да се сумира со слоганот „Америка на прво место“. Но, тоа значи дека остатокот од светот доаѓа на последно место! А тоа носи многу проблеми. Ако беше до него, Америка веднаш би ги прекинала сите врски со овие туѓи организации, посветувајќи се исклучиво на своите сопствени работи.

Но, колку и да изгледа привлечна оваа идеја, таа е целосно невозможна во модерниот свет. Судбината на Америка е неотповикливо врзана со илјада врски што ја поврзуваат со остатокот од Земјината топка. Како што Доналд Трамп лично научи од своите односи со Северна Кореја.

Границите на американската моќ откриени

Светската ситуација е затресена од огромна нестабилност во меѓународните односи. Ова е резултат на борбата за светска хегемонија помеѓу САД, најмоќната империјалистичка сила во светот, која е во релативен пад, и Кина, помлада и подинамична сила во подем, која сепак ги достигнува своите граници. Сведоци сме на промени од тектонски размери, и како со движењето на тектонските плочи на Земјината кора, таквите промени се придружени со експлозии од секаков вид. Покрај сегашната ситуација, уште поважно е да се анализира траекторијата. По колапсот на СССР во 1991 година, САД стана единствената суперсила во светот. По распадот на Советскиот Сојуз, речиси немаше опозиција на доминацијата на американскиот империјализам. Сега ситуацијата изгледа многу поинаква. Американскиот империјализам беше заглавен 15 години во две неосвоиви војни во Ирак и Авганистан, на голема штета по себе во однос на трошоци и загуби на персонал. Во август 2021 година, беа принудени на понижувачко повлекување од Авганистан.

Тоа го остави американскиот народ без желба за странски воени авантури, а американската владејачка класа истрошена од испраќање војници во странство. Сепак, американскиот империјализам не научи ништо од ова искуство. Со одбивање да го признае новиот баланс на силите и обидувајќи се да ја задржи својата доминација, се вклучи во серија конфликти што не може да ги победи. Администрацијата на Бајден играше особено фатална улога во ова.

Самата позиција на САД како глобална сила со присуство насекаде во светот е извор на голема ранливост. Потребата да ги поддржи своите интереси на глобално ниво наметнува колосален напор. Но, администрацијата на Бајден не научи никакви лекции. Таа ја втурна Америка во бесмислена војна со Русија поради Украина. Војната во Украина претставува огромно исцрпување на ресурсите дури и на најбогатата земја во светот. Американските залихи на оружје се значително намалени поради барањата на Зеленски, кои продолжуваат да растат иако воената ситуација се влошува. Примената на широки економски санкции од страна на американскиот империјализам против Русија не успеаа да ја остварат својата главна цел, а тоа е да го ослабне својот ривал до степен што ќе го направи невозможно продолжувањето на војната во Украина. Русија успеа да ги избегне и надмине санкциите и склучи сојузи со други земји, вклучувајќи ги Саудиска Арабија, Индија и други земји кои претходно градеа односи со САД. Пред сè, се поврза поблиску економски и воено со Кина. Бајден го постигна токму спротивното од она што го посакуваше. Тој потоа направи уште поголем хаос на Блискиот Исток давајќи му на Нетанјаху бланко чек, кој тој го користи оттогаш. Како резултат, нови конфликти и војни избувнуваат постојано. Руска победа во Украина ќе предизвика потреси ширум светот. Тоа јасно ги открива ограничувањата на американскиот империјализам, кој веќе не е способен да ја наметне својата волја.

Понатаму, Русија ќе излезе од тоа со голема војска, обучена со најновите методи и техники на современото војување. Ова предизвикува паника во европските влади, кои се исплашени дека новата администрација на Трамп ќе ја напушти Украина на нејзината судбина, оставајќи ги Европејците да ја платат сметката, а можеби и ќе го покрене прашањето за повлекување од НАТО. Новите кризи и војни претставуваат нерешлив проблем не само за САД, туку и за нејзините европски сојузници, кои сите се наоѓаат во слична ситуација. Изгледа неизбежно дека Трамп ќе посака да се повлече од безнадежниот хаос во Украина, за што тој коректно го обвинува Бајден.

Дали ќе нареди повлекување на САД од НАТО не е јасно. Но, она што е надвор од сомнеж е дека ќе сака да ја префрли сметката за сите овие работи на своите „пријатели“ во Лондон, Париз и Берлин – со што дополнително ќе ги влоши веќе сериозните проблеми на европскиот капитализам.

Паралели со Римската империја

Дали дошол моментот кога американскиот империјализам ќе влезе во падот кој го влечеше империјалниот Рим во прашината? Времето ќе покаже.

Тековно се води борба за прераспределба на светот меѓу различни конкурентни империјалистички сили, главно помеѓу САД, стар хегемон кој сега е во релативен пад, и Кина, нова подинамична сила која го предизвикува на меѓународната сцена.

Трамп е добро познат по неговиот антагонизам кон Кина, која ја смета за најсериозна закана за САД. Не ја крие својата намера да наметне неподносливи тарифи на кинескиот увоз, што сериозно ќе го оштети светскиот трговски систем, заканувајќи се да ја наруши кревката структура на глобализацијата, доведувајќи ја светската економија до работ на длабока рецесија. Сепак, не е воопшто јасно дали ќе биде за војна со Кина, која е економски и воено многу силна. Би било можно да се напише интересна студија која би ја споредувала сегашната криза на американскиот империјализам со падот и пропаѓањето на Римската империја. Навистина, во тој долг и исцрпувачки пад беа вклучени разни елементи. Но, еден од најважните беше фактот што Империјата се надрасна себе си. Таа ги достигна своите граници и не беше способна да ја издржи колосалната тежина која беше наметната од одржувањето на нејзиното империјално владеење. Крајниот резултат беше целосен колапс. Релативниот пад на американскиот империјализам е видлив веќе некое време.

Во годините по Втората светска војна, САД произведуваа 43 проценти од светската произведена добра, 57 проценти од светскиот челик и 80 проценти од автомобилите во светот. Американскиот удел во светската трговија со произведени добра се зголеми од 10 проценти во 1933 до 29 проценти во 1953. Меѓу 1946 и 1973, реалниот доход по домаќинство се зголеми за 74 проценти. Индустриските работни позиции, кои во 1943 година сочинуваа 39 проценти од американските работни места, паднаа на околу 8 проценти до 2010-тите години. Извештај од 2020 година на Бирото за статистика на трудот забележува дека од 1979 година, индустриското вработување „се намалуваше за време на секоја од петте рецесии, а вработувањето никогаш не се опорави до нивоата пред рецесијата.“ Членството во синдикатите падна од врвот од една третина од работната сила во 1950-те години на само 11 проценти до 2016 година.

Во „Капитализмот во Америка: Економска историја на САД“, Алан Гринспан и Адријан Вулдриџ објаснуваат:

„Од 1900 до 1973, реалните плати во САД пораснале на годишно ниво од околу 2%. Кумулативно низ годините, тоа значи дека просечната плата (и според тоа, просечниот животен стандард) се удвојувала секои 35 години. Во 1973 година, овој тренд се прекина и просечните реални плати на работниците што ги нарекува Бирото за статистика на трудот ‘производствени и непридружни работници’ започнаа да опаѓаат. До средината на 1990-те години, просечната реална саатнина на производствените работници беше помала од 85% од она што било во 1973.“

Извештајот на Pew Research Center од 2018 година го потврдува ова: „За повеќето работници во САД, реалните плати веќе децении не се променети.“ И како што објаснува извештајот на Министерството за финансии од 2023 година:

Мобилноста на економскиот напредок низ генерациите исто така опадна – 90% од децата родени во 1940-те години заработувале повеќе отколку нивните родители кога имале 30 години, додека само половина од децата родени во средината на 1980-те го постигнале истото.“

Тука ја гледаме главната основа за растечкиот гнев и негодување против американската владејачка класа. Во 2019 година веќе се појавија знаци на рецесија на хоризонтот, но Трамп успешно ја обвини пандемијата на КОВИД-19 кога економијата пропадна. Тежините што ги наметна вклученоста на Америка во странски војни како Украина и Блискиот Исток претставуваат огромно исцрпување, кое дури и најмоќната и најбогатата земја не може да го издржи долго. Колосалните воени трошоци беа главен фактор во огромниот долг што ѝ се заканува на американската економија. Од тој аспект, очигледното двоумење на Трамп да се вклучи во меѓународни работи има одредена логика, иако предизвикува нервни напади во Лондон, Берлин, Киев и Ерусалим.

Што сега?

Последните настани сведочат за фундаментална промена во психолошката состојба на американската јавност. Сите институции на буржоаската демократија беа засновани на претпоставката дека јазот помеѓу богатите и сиромашните може да се прикрие и да се контролира во управливи граници. Но, тоа повеќе не е случај.

Токму тоа е причината за колапсот на политичкиот центар. Луѓето веќе не веруваат во она што им се кажува преку весниците и телевизијата, ги споредуваат огромните разлики помеѓу она што се вели и она што се случува и ја сфаќаат вистината дека ни се продаваат куп лаги.

Со поддршка на Трамп, милиони луѓе велат: „Сè и секој е подобро од ова. Не можеме да направиме полошо. Да ја фрлиме коцката!“ Oдлучија да ја фрлат коцката уште еднаш, но ова може да биде последен пат. Доналд Трамп е сега стар човек. Изгледа дека е исклучено да се кандидира повторно за претседател. Претпоставуваме дека ќе влезе во Белата куќа повторно во јануари 2025 година. Ништо не може да го запре – ништо, освен куршумот на убиец. И тоа не може да се исклучи, со оглед на хистеричната реакција на владејачката класа. Не недостасуваат лесно запаливи материјали во американското општество. И не недостасуваат ментално нестабилни поединци вооружени со многу ефикасни современи оружја.

Но, ако претпоставиме дека Трамп конечно ќе биде инсталиран како претседател, што може да се очекува? Тој ќе се соочи со колосални предизвици во многу области: економијата, војната во Украина и Блискиот Исток, односите со Кина и Иран и многу други прашања. Типично за него, тој ветува големи работи за тоа како повторно ќе ја направи Америка голема. Но, нема докази дека ќе може да ги исполни ниту едно од тие ветувања. Американските работници кои му дадоа него доверба ќе се најдат длабоко разочарани. Во 1940 година, кога германската армија влезе во Париз, имаше интересен разговор помеѓу еден германски офицер и француски офицер. Германецот, како што беше очекувано, бил исполнет со ароганција. Но, францускиот офицер едноставно му рекол: „Историјата се врти. Таа ќе се сврти повторно.“ И се сврти. Историјата се врти и во САД, а и ќе се сврти повторно. Откако масите ќе го испитаат целосно потенцијалот на трампизмот и ќе ги сфатат неговите ограничувања, тие ќе се свртат во друга насока. Ќе се подготви патот за огромно свртување кон левото. Ново и бурно поглавје во американската историја е на пат да биде испишано.

6 ноември 2024

автор Алан Вудс, оригинал Trump victory: a kick in the teeth for the establishment

  1. Селанска буна е главно востание во Англија во 1381 година поради високите даноци, кметството и чумата против Кралот Ричард Втори. Бунтовниците го нападнале Лондон и кралските службеници, но по 4 седмици Ричард Втори со сојузниците успеал да ги совлада – заб. прев. ↩︎