ИнтернационалаОпштоТеорија

Дали домашните работи се „неплатен“ труд? Погрешната теориска премиса доведува до реакционерни ставови во практиката

Автор: Давид Реј, 3 декември 2020 превод на: Is housework an “unpaid” job? False theoretical premise leads to reactionary position in practice

Слика: ILO

Со подемот на феминистичкото движење и борбата против угнетувањето на жените, дел од левицата, а и самото феминистичко движење ја оживеаја идејата „плати за домаќинки“. Тие ги класифицираат домашните работи извршени од жените како „неплатен“ труд, тврдејќи дека капиталистите ги намалуваат трошоците со потпирање на овој неплатен труд. Каде стои марксизмот по ова прашање?

Силвија Федеричи, позната феминистка и една од најжестоките бранители на оваа идеја, го поддржува ова барање на следниов основ:

„Оваа плата ќе биде начин за промена на природата на негата како работа и нагласување дека и таа сама по себе е работа. Домашните работи мора да се сметаат за платена активност, бидејќи тие ‚придонесуваат за производство на работна сила и произведуваат капитал, правејќи ја можна каква било друга форма на производство’“.

Можеме да ги сумираме ставовите на овој дел од левицата и феминистичкото движење  на следниов начин: во семејниот дом, децата на работникот се произведуваат, се хранат и воспитуваат, и во иднина и самите ќе станат работници. Капиталистите го добиваат овој труд бесплатно. Тие не придонесуваат ништо за воспитување на работниците кои се подготвени да бидат експлоатирани во нивните компании кога ќе влезат на пазарот на трудот. Покрај тоа, „творецот“ на овој „репродуктивен труд“ (т.е. оној кој ја репродуцира работната сила) е домаќинката, која не добива ниту денар за ова. Нејзиниот „труд“ се смета за неквалификуван и има мала вредност од капитализмот, кој само го цени трудот на мажот надвор од семејната куќа. Како заклучок: ако „мажот“ добие плата за работа што се смета за продуктивна, според тоа „репродуктивниот труд“ – што е од витално значење за одгледување на нови генерации работници – мора да има исто ниво на важност како претходниот, а домаќинката треба да добие плата. Ова исто така ќе и овозможи да добие независност во рамките на семејната единица.

Со барањето за плата за домашната работа, дел од феминистичките и левичарските автори пристигнуваат до ненаучни и реакционерни ставови/Слика: Алекс Проимос

Теоретските прашања бараат ригорозно дефинирани принципи во спротивно би можеле брзо да станеме збунети. Марксистичката позиција за ова прашање се заснова на два аспекта. Првиот аспект е научното стојалиште, засновано на трудовата теорија на вредноста на Маркс, поточно, во однос на составот на вредноста на работната сила (т.е. составот на надницата или платата). Второто е политичко стојалиште, социјалистичкото коешто е во склад со општите интереси на работничката класа, односно попрецизно, работничките во нивната борба за општествено ослободување, за социјализам и за надминување на патријархалното семејство.

Анализата за домашната работа извршена од домаќинката ја темелиме врз овие две перспективи. Тие се засноваат на разбирањето на законите на капитализмот, кои што ја одредуваат природата на платата. Ако имаме погрешно разбирање на законите, тогаш нема моралистичко оправдување за платените домашни работи што ќе го реши проблемот со половата нееднаквост и сиромаштијата. За да ја поедноставиме нашата анализа, ќе го земеме најосновниот пример како почетна точка: едно работно семејство каде мажот работи надвор од дома, додека жената ја исполнува улогата на домаќинка.

Што е тоа плата?

Прво, треба да започнеме со дефинирање што е вредноста на работната сила – т.е. платата – и како таа се одредува. Работната сила е збир на физички и интелектуални способности што овозможуваат работникот да врши одреден труд за компанија, правно лице или индивидуа, што потоа се исплатува преку плата.

Вредноста на работната сила, изразена во плата, се одредува на ист начин како и вредноста на која било друга стока: односно според општествено потребното работно време потрошено да се произведе; т.е., според количината на неопходните средства за егзистенција, во одредените општествени услови на секоја епоха, доволна да се овозможи репродукција на работникот. Така, со оваа плата, работникот може да ги обезбеди потребните средства за живот што ќе му овозможат да ја продолжи својата работа на дневна основа: храна, дом, облека, образование, превоз итн.

Репродукцијата на работникот преку плата е од двоен карактер: репродукција на сопствената работна сила на работникот за да може да го продава својот труд секој ден и, тоа што е суштината на овој проблем, воедно да им се овозможи да основаат семејство, што ќе обезбеди сексуална репродукција на идните работници со цел капиталистичкиот начин на производство да продолжи кога истрошената работна сила ќе се повлече од процесот на производство.

Маркс и Енгелс за платите и домашниот труд

Маркс и Енгелс се засноваа на гореспоменатата дефиниција за платите во сите свои економски списи. Според Маркс:

„Која е, тогаш, вредноста на работната сила? Како и секоја друга стока, нејзината вредност се одредува според количината на труд неопходна за да се произведе. Работната сила на човекот постои само во неговата жива индивидуалност. Одредена маса на нужни работи мора да ги потроши човекот за да порасне и да се одржи во живот. Но, човекот, како и машината, ќе се истроши и мора да биде заменет со друг човек. Покрај масата неопходни потреби за сопствено одржување, тој сака уште една сума на неопходни средства за да порасне одреден број деца што ќе го заменат на пазарот на трудот и ќе ја продолжат расата на работници. Покрај тоа, за да се развие неговата работна сила и да се здобие со одредена вештина, мора да се потроши друга количина вредности “.

(Карл Маркс, Вредност, цена и профит, 1865)

Во истото дело Маркс го додава следново:

„Крајната граница [на платите] е одредена од физичкиот елемент, т.е  да се одржи и репродуцира, да го продолжи своето физичко постоење, работничката класа мора да ги добие потребните работи што се апсолутно неопходни за живот и размножување. Вредноста на тие потребни работи ја формира крајната граница на вредноста на трудот “.

(Карл Маркс, Вредност, цена и профит, 1865)

Важно е да се напомене дека Маркс недвосмислено нагласува дека платите не се добиваат само како средство за одржување на индивидуалниот работник, туку и за одржување на нивното семејство, што ги вклучува домаќинката и децата. Како што објаснува Маркс во Капиталот:

„Вредноста на работната сила е одредена, не само од времето потребно за да се одржи индивидуалниот возрасен работник туку и од времето неопходно за одржување на неговото семејство.

(Карл Маркс, Капитал, том 1. Дел 3. Поглавје 15 „Машини и модерна индустрија“, 1867)

И повторно:

„Сопственикот на работната сила е смртен. Да требаше неговата појава на пазарот да биде континуирана, а континуираното претворање на парите во капитал го налага тоа, продавачот на работната сила мора да го продолжи својот живот, на начинот на кој секој поединец го продолжува својот живот, со размножување. Работната сила повлечена од пазарот поради старост и смрт, мора постојано да се заменува со нова, во најмала рака, еднаква количина на претходната. Оттука, збирот на средствата за живот неопходни за производство на работна сила мора да ги содржи потребните средства за замената на работникот, т.е. неговите деца, со цел оваа раса на чудесни сопственици на стоки да може да продолжи да се појавува на пазарот.

(Карл Маркс, Капитал, том 1., Поглавје 6 „Купување и продажба на работна сила“. Дел 3., 1867)

Исто така и Енгелс е јасен во ова прашање, во својот преглед на Капиталот го објаснува следново:

„Која е вредноста на работната сила? Вредноста на секоја стока се мери со трудот потребен за нејзиното производство. Работната сила постои во форма на жив работник кој бара одредено количество средства за егзистенција за неговото постоење, како и за издржување на неговото семејство, што овозможува продолжување на работната сила и по неговата смрт. Работното време потребно за производство на овие средства за живот затоа ја претставува вредноста на работната сила. Капиталистот плаќа за тоа неделно и со тоа купува една недела труд на работникот. За сега господата економисти во голема мера ќе се сложат со нас во однос на вредноста на работната сила “.

(Фридрих Енгелс, Преглед на том еден од Капиталот за „Демократишес Вохенблат“, 1868)

Интересни се опсервациите на  Маркс за трошоците за обука и образование за работникот, коишто исто така се вклучени во платата:

„За да се измени човечкиот организам, та тој да може да стекне вештина и умешност во дадена гранка на индустрија и да стане работна сила од посебен вид, потребно е посебно образование или обука, а тоа, од своја страна, чини еквиваленти на стоки од различна количина. Оваа сума варира во зависност од различната сложеност на карактерот на работната сила. Трошоците за ова образование (претерано ниски во случај на обична работна сила), влегуваат така во вкупната вредност потрошена за неговото производство“.

(Карл Маркс, Капиталот, Том 1, Дел 3, Поглавје 6 „Купување и продажба на работната сила“, 1867)

Централното прашање е ова: како што објаснуваат Маркс и Енгелс, платата на работникот го покрива работното време потребно за преживување на работникот во дадени општествени услови за да може да се врати на своето работно место секој ден, и за репродукција на работната сила; т.е. да има семејство и да остави потомок. Накратко, таканаречениот „репродуктивен труд“, како што дел од феминистичкото движење го дефинира домашниот труд, веќе се плаќа во платата што ја заработува работникот.

Од гледна точка на законите на капитализмот, нема економска неправда во неплаќањето на домаќинката директно за трудот што го извршува во домот. Наводната плата што и се должи – т.е. нејзините неопходни средства за егзистенција – веќе се вклучени во платата или платите на членот или членовите на семејната единица кои работат надвор од дома. Она што го разгледуваме не е неправда при капиталистичката експлоатација туку е ситуација на угнетување и домашно ропство под капиталистичкиот начин на производство каде што домаќинката е осудена да биде слугинка на сопствениот сопруг и деца, а целосно да зависи од него за нејзината егзистенција. Од оваа причина, барањето на тој дел од феминистичкото движење за плата за домаќинките е утопија што не може да се исполни. Тоа е исто така реакционерно, како што ќе објасниме подолу, и нема основа во научната економија.

Дали капиталистите се пресретливи луѓе?

Дозволете ни да пристапиме на ова прашање од еден друг агол. Да вршеше жената продуктивен труд, што се состои од придонес во производството на платени работници во форма на нејзините деца и сопруг (таа ја подготвува нивната храна, ги капе своите деца, се грижи за нив кога ќе се разболат, ги облекува, ја чисти и ја одржува куќата итн.), жената требаше да се смета за работничка која, исто како и нејзиниот сопруг, требаше да има плата што се состои од средства за живот. Но, се разбира, таа не прима плата директно од кој било конкретен капиталист и затоа би била осудена да умре од глад, но тоа не е случај. Од каде тогаш доаѓаат средствата за живот на домаќинка? Од каде парите, што и се долгуваат на мајката, да ги плати за образовна и здравствена заштита на своите деца или да плати за домот во кој живее, ако не добива ниту денар како домаќинка? Колку и да размислувате за тоа, одговорот е јасен како ден. Сите потребни средства за живот за сопругата и за нејзините деца (храна, сместување, облека, образование, здравје, електрична енергија итн.) можат единствено да доаѓаат само од платата на сопругот. Да вклучуваше платата на сопругот само средства за негова лична егзистенција, тогаш немаше да има ништо за неговата сопруга или за неговите деца. Или можеби капиталистите се толку пресретливи луѓе да му плаќаат на работникот плата преку која што можат (едвај) повеќе луѓе да преживеат? Во суштина, ова е ситуацијата тука.

Кога капиталистите би внимавале на расудувањето како тоа на Федеричи, тие би рекле: „Она што го предлагате, звучи добро за нас. Жената мора да биде платена за нејзиниот труд и, бидејќи повеќе од едно лице може да живее со плата што ја плаќаме на работникот, ние ќе ја намалиме платата на работникот на минимумот за тој да преживее, како да живее сам (да не се прекрши трудовата теорија на вредноста на Маркс, што ја кршиме веќе два века, дури и без да сфаќаме, како што ни кажуваат овие советници од левицата) и на домаќинката ќе и го дадеме уделот што и го должиме за да може да живее со сопствени средства“. Со други зборови, работодавците секоја недела би давале по два пакети плата: еден за неговиот вработен, а друг за сопругата на работникот.

Обезбедувањето плата за домаќинката би било голема победа за феминистичката кауза, иако по цената на тоа да се намали платата на нејзиниот сопруг. На крајот, ништо нема да се промени; комбинирањето на обете плати би резултирало во иста плата што ја имал сопругот порано. Капиталистот во никој случај не би дал повеќе од тоа што претходно го давал. Па, што би докажало тоа? Тоа ќе докаже дека платата на сопругот вклучува средства и за егзистенција на неговата сопруга и децата, односно тоа што сакавме да го покажеме и што Маркс и Енгелс веќе го објаснија пред век и половина.

Амортизација на семејната плата

Реалноста за природата на семејната плата и благосостојба се потврдува на многу начини од ден на ден.

Во заостаната капиталистичка земја како Шпанија, поголемо вклучување на жените во производниот труд се случи подоцна отколку во останатиот дел од Западна Европа и Северна Америка. Денес е многу вообичаено постарите луѓе да изјават дека пред 40 или 50 години, семејство се издржувало со единствена плата (онаа на сопругот), но сега, секој сопружник треба да работи, па дури и тогаш едвај врзуваат крај со крај. Како ова влијае врз теоријата на Маркс за составот на платите во работното семејство? Промената што е донесена е дека масовната апсорпција на жените во пазарот на трудот создаде услови каде капитализмот има тенденција да ја намалува општата просечна плата, бидејќи доколку работи и жената, мажот повеќе нема потреба да ја издржува нејзе, а и остатокот од семејството со „дополнителни“ средства.

Ова Маркс го објасни уште во неговото пишување за влијанието на машините врз работното семејство, не само со вклучување жени во работата надвор од дома, туку и на децата кои живеат во срцето на семејството:

„Машините, со приклучување на секој член од семејството во пазарот на трудот, ја распределуваат вредноста на работната сила од мажот врз целото негово семејство. Со тоа се амортизира, се намалува вредноста на неговата работна сила. Да се купи работна сила на четиричлено семејство, можеби чини повеќе отколку што би чинела само работната сила на мажот, но, за возврат, четиридневниот труд го зазема местото на еден, а нивната цена паѓа пропорционално на вишокот труд од четворица над вишокот на трудот на еден човек. За да може семејството да живее, сега четири лица мораат не само да работат туку и да трошат вишок труд за капиталистот. Така гледаме дека машинеријата, додека го зголемува човечкиот материјал што го чини главниот предмет на експлоататорската моќ на капиталот, во исто време го зголемува степенот на експлоатација “.

(Карл Маркс, Дел 3. Поглавје 15 „Машини и модерна индустрија“. Капиталот, том 1., 1867)

Со други зборови, платата што му овозможува на едно семејство да се издржува се амортизира индивидуално како што повеќе членови на семејството се вклучуваат на пазарот на трудот, што пак од друга страна потврдува дека секоја индивидуална плата вклучува пропорционален удел што му овозможува на семејството да се издржува како целина.

Се разбира, како што се случува во другите аспекти на капиталистичката економија (цени, стапки на профит, стапки на вишок вредност итн.) капиталистот не ја прилагодува платата на своите работници еден по еден, внимателно да ја измери секоја индивидуална ситуација, туку просечната плата е поставена според дадените услови во секоја гранка на производство и географската област во однос на просечниот вид на семејство во наведената географска област и во согласност со просечниот трошок на основните добра во наведената област.

Маркс дискутира за последиците врз работничкото семејство на жената која работи надвор од домот прилично детално и го вели следново во една од фуснотите на Капиталот :

„Бидејќи одредени функции во семејството, како што се дадилки и доилки, не можат во целост да бидат потиснати, мајките конфискувани од капиталот, мораат да најдат некаква замена. Домашните работи, како што се шиењето и крпење, мора да се заменат со набавка на конфекциски артикли. Оттука, намалената потрошувачка на труд во куќата е придружена со зголемена потрошувачка на пари. Трошоците за издржување на семејството се зголемуваат и го балансираат поголемиот приход. Покрај ова, економичноста и проценката во потрошувачката и подготовката на средствата за живот стануваат невозможни “.

(Карл Маркс, забелешка 39. Дел 3. Поглавје 15 „Машини и модерна индустрија“. Капиталот, том 1., 1867)

Едноставно кажано, без оглед колку се зголемува семејната плата со вклучувањето на жените во продуктивниот труд, тоа се надокнадува со зголемените трошоци за одржување на семејството, без разлика дали тоа се должи на зголемената потрошувачка на намирници кои претходно не беа потребни (облека и сл. ) или потребата да се има платен вработен за да се грижи за децата, да се чисти куќата итн.

Дали децата се „разменска вредност“ произведени од домаќинката?

Тврдењето дека домаќинките се работнички и дека нивната функција е да ги претворат нивните деца во добра како „работна сила“ и дека носат „разменска вредност“, е погрешно/ Слика: needpix

Еден последен аспект за анализа е тврдењето на теоретичарите од оваа нова феминистичка тенденција дека домаќинките се работници и нивната функција е да ги претворат своите деца во: „работна сила“, нови работници кои заработуваат плата, кои носат „разменска вредност“, трошок при произведувањето и др. Како што дискутиравме погоре, тие тврдат дека домаќинките не добиваат никаква плата за трудот без оглед на нивиот придонес. Иако ова во голема мера еднаш веќе беше анализирано, повторно вреди да се согледа од друга точка и да се донесат нови заклучоци.

Во нивната нова книга „Репродуктивен и домашен труд“ – Изабел Ларањага, Бегоња Арегуи и Хесус Арпал наведуваат дека:

„Продуктивниот труд го сокрива репродуктивниот труд, а тоа произлегува од разликата помеѓу употребната вредност и разменската вредност поддржана од економската теорија. Според оваа разлика, трудот насочен кон задоволување на одредени потреби се смета за  употребна вредност, додека производите наменети за размена на пазарот се сметаат за како разменска вредност. Трговијата, што само им дава вредност на добрата што можат да донесат разменска вредност, ја одзема репродуктивната работна сила од нејзиното општествено значење и со тоа ја префрла во домашниот домен, бидејќи нејзината економска корист не може да се мери. Логиката на капиталот ги смеша трудот и вработувањето и наметна тесно и пристрасно разбирање за економската активност “.

(Ларањага, И., Арегуи, Б. и Арпал, Х. Репродуктивен и домашен труд)

Наидуваме на истата збрка помеѓу употребната вредност и разменската вредност, како и погрешно разбирање на поимот на плата, кај уште еден истакнат поборник на плата за домаќинките, Ињаки Хил де Сан Висенте:

„Ако во платената работна сила би ја вметнале вредноста вложена во полето на домашните или репродуктивните работи, нивоата на платите би биле многу повисоки отколку што се во моментов, но тоа не е случај… Бидејќи не постои механизам за препознавање на репродуктивниот труд, вредноста што тој ја генерира е експроприрана од капиталистот. Затоа, во интерес на капиталистичкиот систем е да се сокрие репродуктивниот труд, главно вршен од жени. Ако сакавме да ја откриеме оваа неплатена работна сила или да ја преброиме, стапката на профит и акумулација на капитал ќе падне“.

(де Сан Висенте, И. Г. (2000) Капитализмот и националната и социјалната еманципација на родот)

Целокупноста на оваа аргументација, која се претставува како марксистичка, е сосема погрешна. Прво, дел од аргументот е противречен од фактот дека образованието на децата – суштински дел од нивниот процес на обука како идни платени работници – се одвива надвор од домот: во градинка, основно училиште, средно училиште, фекултет, без директно учество на мајката (или таткото). Второ, видовме дека овој трошок е веќе вклучен во платата на сопругот, кој плаќа за овие услуги преку даноци или уписнини. Слично на тоа, веќе видовме дека трошоците за одржување на детето, мајката и другите трошоци за одржување на семејната куќа се вклучени во платата на истиот.

Проблемот со Федеричи, Хил де Сан Висенте и останатите, е тоа што тие не успеваат да ни објаснат зошто, ако мајката (и таткото) наводно создаваат стоки од своите деца во форма на „платени работници“, тие не добиваат денар од капиталистот иако тој ги купува споменати производи и ги вработува во својата компанија? Од кого капиталистот ја купува стоката? Не од мајката или таткото туку од самата „работна сила“; односно од самите деца. Младите работници заработуваат плата – нивната „разменска вредност“, за проширување на продуктивна работна сила во бизнисот на капиталистот – плата што им припаѓа ним и само ним. Со оваа плата, овие млади работници стекнуваат средства за егзистенција за да се издржуваат себе си секојдневно, што вклучува и нивно пропорционално учество во семејните трошоци. Тие дури можат да се отселат и да живеат сами.

Ова нè доведува до следниот заклучок. Еден предмет без оглед на неговата употребна вредност, станува стока од типот на „разменска вредност“ тогаш кога самиот тој е разменет, кога влегува на пазарот и се тргува за пари. Не станува збор само за човечки труд што се троши во неговото производство. Пример, јас можам да произведам пар чевли, но ако тие се за лична употреба, тие се состојат едноставно само од употребна вредност, предмет произведен од  човечки труд само за да задоволи одредена потреба. Тогаш кога ќе ги однесам чевлите на пазар за да ги продадам, тие стануваат стоки со разменска вредност и можам да ги продадам во замена за нивната парична вредност. Она што го карактеризира наемниот труд, разликувајќи се од ропскиот труд, е тоа што неговиот сопственик е работникот, кој е слободен (да го продаде на овој или оној капиталист). Од друга страна, ропската работа не е во сопственост на робот (кој не е слободен да пазари за различни сопственици на робови), туку на робовладетелот. Работната сила е стока само кога влегува на трудовиот пазар, не порано, и е донесена на пазарот од самиот сопственик, односно од работниците кога бараат вработување.

Значи, трудот на домаќинката не е да произведува стоки што ќе се продаваат на пазарот, без разлика дали овие „стоки“ се нејзини деца или нешто сосема друго. Таканаречената домашна работа вклучува одржување на домот и семејството, во духот на домашните робови на античкиот Рим. Разликата е во тоа што жената во капитализмот е, законски кажано, „слободен граѓанин“.

Жената, како и во античките селски домови, произведува употребни вредности за семејна потрошувачка. Грижата за децата во семејството спаѓа во оваа категорија на употребни вредности, а не на стоки за продажба. Очигледно, кога децата стануваат работници, нивната работна сила станува стока и добива разменска вредност, што го рефлектира општествено потребното работно време вклучено во нивното производство. Сепак, фактот дека децата „може“ потенцијално да влезат на пазарот на трудот во иднина не им дава „разменска вредност“, не ја претвора нивната идна работна сила во стока од сегашноста. Партнерите не раѓаат со наведената цел за снабдување на капиталистите со работници, но во основа се поттикнати да раѓаат од човечка емоција. Раѓањето  и родителството се надвор од системот на капиталистичката економија. Само кога децата ќе решат самите да ги бараат своите средства за живот, дури тогаш тие ќе можат да станат дел од „работната сила“ продавајќи ја својата работна сила на други за да преживеат. Само тогаш нивната работна сила ќе стане стока со разменска вредност, воедно подготвена за наемно ропство.

Аргументот не е во спротивност со фактот дека капиталистите, водени од потребата за обновување на работната сила поради исцрпеност, старост или смрт на нивните вработени, се должни да им плаќаат на работниците плата што ќе им овозможи да се размножат и одгледаат децата, кои подоцна ќе бидат нивна замена. Капиталистот плаќа за ова, но воопшто не е гарантирано дека тоа ќе се случи: парот можеби нема да има деца, можат да умрат пред полнолетството или едноставно да ги најде своите средства за егзистенција надвор од сферата на платена работа. Но и покрај тоа капиталистот нема друг избор освен да го стори тоа од многу обична причина. Имено, во општество како што е нашето, каде што владее системот на наемен труд беспрекорно, ако семејството не може да ги прехрани своите деца, тогаш тие нема да имаат деца и затоа системот на наемен труд би бил осуден да пропадне поради недостаток на човечки суштества кои би работеле за други за плата. Без работници, нема капиталистичко производство.

Репродуктивен труд или домашно ропство?

Нашето спротивставување за плати на домашните работи и на жените кои вршат домашна работа воопшто, од социјалистичка, политичка гледна точка, не е помалку цврсто отколку од гледната точка на економската наука. Ние се занимававме со ова прашање веќе во некои други анализи на друго место, но тука ќе ги сумираме само главните поенти.

Ние веќе покажавме дека позицијата на домаќинка е многу слична на позицијата на домашните робови од Стариот Рим. Тие се нахранети, облечени и згрижени од страна на нивните господари. Жената на тој начин е врзана за платата на нејзиниот сопруг и е под негово ропство. Постои добро познат цитат што се однесува на ова прашање од Маркс: „сопругата и децата се робови на мажот“. Енгелс, во своето класично дело за потеклото на семејството го цитира Маркс и наведува дека:

„Современото семејство во себе содржи не само ропство (сервитус), туку и кметство, бидејќи тоа уште од почетокот е поврзано со земјоделски услуги. Во минијатура ги содржи сите контрадикции што подоцна се прошируваат низ целото општество и неговата држава “.

(Енгелс, Ф. (1884) Потекло на семејството, приватната сопственост и државата)

Поранешните марксисти, како Силвија Федеричи, се обидуваат да ги уназадад социјалните науки 150 години наназад во однос на положбата на жените во општеството; репозиционирање на домаќинката од работничката класа, без образование и вработување, меѓу тенџериња и тави, пелени и џогери, и опијанети од телевизиските серии.

Федеричи го тврди следново:

„Побарувачката на плата за домашната грижа може да биде навистина ослободувачко за жената, бидејќи тоа подразбира дека жените разбираат дека она што го прават е работа: не природна туку општествено конструирана“.

(Федеричи, С. Цитиран овде)

Она што го имаме тука е моралистичка теорија („Како трудот на домаќинката да не биде продуктивен? Зошто економски се цени само трудот на мажот?!“), која нема никаква научна вредност, како што веќе беше објаснато.

Плаќањето за „репродуктивниот труд“ на домаќинката во куќата, односно – домашното ропство, покрај тоа што не го менува стандардот на работното семејство, следствено нивото на слободата на домаќинка останува исто како и порано, е нешто што би служело да ја продолжи идејата за домаќинката како товар што на плеќи го носи целиот социјален притисок извршен врз работничките домови (вклучително и психичко и физичко малтретирање). Тоа би ја оддалечило од социјалниот живот, затворена во четирите ѕида, правејќи ја роб на домашните задачи што доведуваат до заморување на телото и затапување на умот. Потоа, полесно е да се манипулира во корист на статус кво состојбата, што ја охрабрува домаќинката да прифати конзервативен став кон политичкиот и синдикалниот активизам на нејзиниот сопруг и децата и така натаму.

Дури и мнозинството од феминистичкото движење во 60-тите и 70-тите години на минатиот век го разбраа ова. На нивна заслуга, во тоа време и во согласност со марксизмот, тие целосно го осудија домашното ропство на жените. Особено во Шпанија, поради револуционерниот и класниот карактер што го доби борбата против диктатурата на Франко, секој што се бореше за плата за домашни работи во 1970-тите на феминистичка или левичарска средба беше исфрлен без поговор, и тоа е исправно.

За жал, денес мноштво „теоретичари“ во рамките на феминистичкото движење и левицата се кренаа, продавајќи ја идејата дека домашниот труд во нивниот дом е еманципаторски, за што капитализмот се штеди и за кој мора да се плати, продолжувајќи го домашното ропство маскирано како државна субвенција или како компензација од капиталистот.

Промената во мислењето од 1970-тите на Федеричи и другите феминистки кои се дефинираат себеси како марксисти има објаснување. Тие продолжуваат да тврдат дека се марксисти, бидејќи без оваа етикета тие би го изгубиле својот антиестаблишментски гламур и нема да можат да продаваат толку книги или да бидат поканети на исто толку конференции, само да не се дрзнат да се втемелат во марксистичката теорија или пак да повикаат на социјалистичка трансформација на општеството. Тие позираат како „прагматични“ и „реални“ за да се прилагодат на капитализмот.

Повеќе докази за нивното прилагодување кон капитализмот доаѓа од изјавите за едно интервјуто од пред неколку години, каде што Силвија Федеричи изјави:

„Во 1970-тите, кога требаше да се донесат стратешки одлуки во САД, како и во Европа, феминистичкото движење целосно го напушти репродуктивното поле и скоро исклучиво се фокусираше на трудот надвор од домот. Целта беше да се добие еднаквост преку трудот. Сепак, мажите беа незадоволни на работното место, а постигнувањето еднаквост само за да бидат подеднакво незадоволни и угнетени како нив не е некаква стратегија воопшто.“

Што предлага Федеричи? Домашните работи се лоши, но и работата во компанија е лоша. Покрај тоа имаме „втора смена“ откако ќе се вратиме од работа со одгледување деца, чистење, итн. Значи, бидејќи не гледаме друга алтернатива, логично би било да се вратиме на куќата што нè поробува, но за замена ќе побараме да биде платена работата.

Ова е прекрасната перспектива што радикалните феминистки како Федеричи треба да им ја понудат на милиони угнетени, сиромашни и работнички жени: идеја далеку од овој свет во кој живеат Федеричи и другите феминистки од оваа тенденција.

Неспорно, светот под капитализмот е дехуманизирачки и експлоататорски за мажот и жената. И вистина е дека жената е принудена да работи „двојна смена“ во фабриката и дома. Се разбира, работењето надвор од дома не ја ослободува жената сама по себе, но и дава шанса да се ослободи од својот партнер. Постигнувањето на „домашна плата“ во капитализмот е илузија, особено во сегашниот контекст на економската криза и долгиот период со мерки на штедење. Нашата алтернатива, како што ќе видиме за момент, е да ги поврземе барањата за социјализирање на домашните работи со борбата за социјализам. Ова е единствениот начин да се искорени угнетувањето на жените наместо да се задоволи со трошките, со помалото зло или со агитација за невозможните или искрено реакционерни барања во рамките на капитализмот.

Платениот труд во домот

Професионалниот платен труд од секторот за нега – нега за деца, стари лица и со попречености, чистење на куќи, подготовка на храна и сл. – е по природа поинаков од работата што ја извршува домаќинката во нејзиниот дом. Само будалетинка не ја воочува разликата.

Платениот карактер на „работата во секторот за нега“ – да се послужам со вулгаризираниот еуфемизам што го користат либералните и левичарските прогресивци за да ја нарекуваат домашната работа и негата на децата и старите лица – воведува квалитативна социјална промена во овие задачи. Тоа секако е исцрпувачка работа, која продолжува да биде лошо платена. Сепак, за разлика од обичната домаќинка, оние кои работат во овој сектор не се лично вклучени во работата што ја вршат. Домаќинката работи во својот дом, додека платениот работник врши нега во одреден дом само четири, шест или осум часа и за тоа тој ќе биде платен. Без плата, нема работа. Едноставно процесот на излегување од нејзиниот дом и преземање контрола врз сопствениот социјален живот, што подразбира патување до нејзиното работно место, разговор и споделување искуства со работничките од нејзината или друга област, преземање искуства од компанија за таков вид на работа, согледувањето на заедничките класни интереси што ја врзуваат со другите работници во компанијата – ѝ помага на работничката да ја разбере природата на класното општество и неговото внатрешно функцонирање. За да може да стане членка на синдикат и да бара одредени права согласно законот, да ја разбере потребата од политичка борба за нејзините интереси, итн. самиот тој процес воведува политичко ниво и ниво на свесност и самовредност во психологијата на платениот работник за „секторот нега“. Ова не може да се спореди со она што го постигнува обичната домаќинка затворена во нејзиниот дом. Оттуѓувањето што го трпи платениот работник е истото како и за секој вработен, без разлика дали се работи за металург, службеник или било кој друг работник: тоа е отуѓување на работник, а не на роб. За домаќинката, нејзиниот дом е нејзиниот свет; за работничката од секторот нега, нејзиниот свет е надвор, во општествениот живот и во одбрана на нивните интереси како работнички и илјадници луѓе како неа.

Претворањето на домашната работа, негата за децата и негата за старите лица во платен труд ги подготвува условите за идното ослободување на жената и семејството од домашното ропство преку социјализација на домашните работи, по уривањето на капитализмот, односно во социјализмот. Како што посочивме претходно, станува збор за отстранување на угнетувачките задачи во домот што го оптоваруваат семејството (перење, подготвување храна, нега за деца и стари лица). Покрај добро опремените јасли и градинки во соседствата и на работните места, социјализмот ќе гради центри за одмор и игра за деца и тинејџери во секоја населба, сите добро згрижени, соодветни за употреба и поучни. Домовите за стари лица нема да бидат мрачни, валкани, лошо згрижени и скапи места што сме навикнати да ги гледаме во моментов, но тие би биле на ниво на висококвалитетни хотели, кои би биле бесплатни или со ниски трошоци и со приклучени комплетно опремени заводи за здравствена заштита.

Работниците во овој сектор не би морале да трпат долги, физички исцрпувачки смени. Нивниот работен ден би бил долг четири или пет часа или уште пократок. Ќе се користи најнапредната технологија со цел да се намали на минимум износот на физички напор потребен за справување со лица со посебни потреби, стари или болни лица. Целата технологија ќе биде посветена на минимизирање на трудот во секоја задача, особено оние задачи за кои е потребен голем физички напор.

Како што блесна Енгелс:

Од ова веќе можеме да видиме дека еманципирањето на жената и нејзиното изедначување со мажот е и останува невозможно сè додека жената е исклучена од општествено производствниот труд и ограничена на приватна домашна работа. Еманципацијата на жената ќе биде можна само кога жената може да учествува во производството од големи, општествени размери, а домашната работа не бара ништо друго освен незначителна количина од нејзиното време. И дури сега тоа стана возможно преку модерната крупна индустрија, што не дозволува само вработување на женска работна сила во широк размер туку позитивно го бара тоа, додека, исто така, има тенденција да се стави крај на приватната домашна работа, менувајќи ја сè повеќе и повеќе во јавна индустрија “.

(Фридрих Енгелс, Потекло на семејството, приватна сопственост и држава, 1884)

За социјалистичка алтернатива на домашното ропство

Само социјализмот може да ја ослободи жената од домашното ропство/ Слика: Pixabay

Марксистите се борат за социјализацијата на воспитувањето деца и нега на старите лица и лицата со инвалидитет. Општеството како целина ќе ги преземе овие задачи и ќе го ослободи работничкото семејство од нив, особено домаќинката. Всушност, капиталистичкиот развој веќе донесе социјализација на некои аспекти од семејниот живот и заедницата, или преку јавни системи за управување или лиценци за приватни конгломерати (иако само делумно и неадекватно). Тука тие вклучуваат образование, здравствена заштита, транспорт, телекомуникации, електрична енергија, управување со отпад итн. Веќе некое време, гледаме сличен тренд во негата на старите лица и лицата со инвалидитет, во т.н. услуги за здравствена нега.

Како и да е,  овие чекори кон социјализација на домашната работа во капитализмот имаат свои граници. Капиталистите се борат со сите сили да избегнат предавање на повеќе вишок вредност што го извлекуваат од работниците (изворот на нивниот профит) на општеството за да се искористи за финансирање на општата социјализација на домашната работа.

Имајќи го тоа на ум, дали една домаќинка треба да добие плата за да зависи само од себе, независно од нејзиниот сопруг? Секако дека треба, но не поради нејзината позиција на домаќинка, од која мора да се ослободи. Бараме на сите невработени да им биде дадена фиксна, пристојна и добро платена работа, а додека не се реши нивниот работен статус треба да добиваат надоместок за невработеност еднаков на минимална плата во државата. Затоа бараме домаќинките, како и невработените, да ги добиваат овие бенефиции т.е надоместок, но исто така бараме квалитна, добро платена работа за сите и ги охрабруваме да најдат работа што ќе им овозможи да заработат за живот самите. Ги повикуваме да ги прошират своите хоризонти за да вклучат поразновиден општествен живот надвор од семејната куќа и да се вклучат во свесната борба на другите работници за преодна програма кон социјализмот со следниве барања: бесплатни јавни јасли и градинки, бесплатни јавни кантини, бесплатни јавни перални и да ја остават работата на нега“ за работниците кои што ќе бидат платени за тоа. Државата исто така мора да обезбеди храна и облека за сите деца и адолесценти до 18 години. Да сумираме, сакаме да ги намалиме или отстраниме таканаречените „домашни задачи“ што досега беа задачи на домаќинката, да ја извадиме од дома и да ја претвориме во личност која е економски независна од нејзиниот партнер.

Ние мораме да ѝ објасниме на работничката класа, а особено на домаќинката, дека само во социјалистичкиот систем, каде командните сектори на економијата се префрлени во колективна сопственост и демократски се управувани од работниците, ќе можеме да постигнеме општа социјализација на домашните работи.

Како што објаснува Енгелс:

„Со префрлување на средствата за производство во заедничка сопственост, семејството престанува да биде економска единица на општеството. Одржувањето на домот се претвора во општествена индустрија. Негата и образованието на децата станува јавна работа… “

(Фридрих Енгелс, Потекло на семејството, приватна сопственост и држава, 1884)

Така, со комбинирање на напредокот на планската социјалистичка економија – колективно работење и сузбивање на мотивот за профит во секоја човечка активност, вистинска љубов кон ближниот без религиско лицемерие или личен интерес, заедно со најнапредната технологија и наука – социјалистичкото општество ќе ја искорени секоја трага од домашното ропство и потчинувањето на жената на мажот, за таа да може да го постигне својот вистински потенцијал, нешто што ѝ го негира класното општество со илјадници години.