Катастрофалниот земјотресот во Турција и Сирија: беше прашање на време кога ќе се случи
Изутрината понеделник, на 6 февруари, разорен земјотрес го стресе Блискиот Исток, тлото се расцепи и зградите се претворија во урнатини. Земјотресот со магнитуда од 7,8 степени по Рихтеровата скала и епицентар нешто малку западно од Газиантеп, во анадолскиот регион во Турција, е најсилниот земјотрес што ја погодил земјата во поново време. Со јачина на 130 атомски бомби се почуствува дури до Гренланд.
Првичниот земјотрес и 145 последователни потреси предизвикаа уништување во југоисточна Турција и северозападна Сирија, одземајќи ги животите на најмалку 40000 [1] луѓе, а повеќе од сто илјади беа повредени.
Како и секогаш со вакви трагедии, непосредната причина можеби е од природно потекло, но степенот на смртноста и страдањето се човекови созданија. Профитерството, корупцијата и империјалистичката војна сочинија заговор да го претворат долгоочекуваниот сеизмички настан во потполна катастрофа. Работничката класа мора да ги отфрли циничните апели за таканаречено „национално единство“, и наместо тоа да го впери прстот кон вистинските виновници, да се организира и да стави крај смртоносно лошото управување.
„Безнадежни сме“
Земјотресот ги задеси Турција и Сирија во тешки времиња. Турција се соочува со вртоглаво растечка инфлација, колапс на животниот стандард и интензивирање на нападите на режимот врз демократските права. Во меѓувреме, Сирија сè уште крвари од илјадници рани од граѓанската војна, чиишто пламени беа распламтени од империјализмот.
Во понеделникот, социјалните мрежи беа преплавени од апокалиптични сцени на луѓе кои бегаат од своите домови и трчаат за да си ги спасат животите, додека темелите на околните згради пукаа како кибритчиња. Се појавија видео снимки од Турција каде шестокатни станбени блокови во провинцијата Шанлиурфа, во Малатијам, во Искендер и во безброј други места и градови, се уриваат во миг, земајќи со себе незнаен број живот.
Стотици илјади луѓе одеднаш останаа без кров на глава, во смрзнувачки услови, очајнички обидувајќи се да ги најдат изгубените пријатели и роднини. Еден човек во Елбистан, град близу епицентарот, објави видео од купишта урнатини, извикувајќи „ова беше нашата главна улица. Безнадежни сме“. Исто така, редица единствени културни локалитети беа оштетени или уништени, вклучително и историскиот замок во Газиентеп.
Северозападниот дел на Сирија, којшто е дом на стотици илјади внатрешно раселени бегалци, најсилно го почуствува земјотресот и последиците од истиот во земјата. Цели села едноставно престанаа да постојат, вклучително и Басина во провинцијата Идлиб, за кое од воздушните снимки се гледа дека не е ништо друго освен купишта шут.
Има десетици потресни видеа на кои луѓето ги гушкаат мртвите татковци, мајки, браќа и сестри и мали деца, или ги довикуваат заробените најблиски коишто се гушат во урнатините. Едно такво видео прикажува маж погоден од земјотресот, кој низ плач му зборува на својот син, обидувајќи се да го смири, додека истовремено го охрабрува да ја каже „Шахадата“, исламската заклетва која често ја даваат оние кои се приближуваат до смртта.
Илјаднити жртви има и во Алепо, градот што веќе беше разорен од повеќегодишната војна. Цели населби веќе беа целосно разрушени пред понеделникот, а голем дел од оштетената и трошна инфраструктура што сè уште стоеше, едноставно беше срамнета со земја од земјотресот, вклучително и основните згради како што се болниците.
Преживеаните се без вода и струја, додека официјалните и цивилните екипи за итни интервенции се борат против студеното време и силната киша за да ги извлечат луѓето од нивните уништени домови. Штетите од граѓанската војна и продолжувањето на борбите меѓу владата и бунтовничките групи само го отежнуваат испраќањето на помош за настраданите, особено во областите под контрола на бунтовниците во северозападниот дел на Сирија, до кои веќе не може да се стигне од Турција поради оштетените патишта, и на кои сириската влада не одобрува помошта да стигне од југ.
Не е несреќен случај
Степенот на уништување предизвикан од земјотресот не може да се објасни само преку неговата невообичаена магнитуда. Очигледно, крвопролевањето од граѓанската војна ја направи Сирија особено ранлива. Но, во случајот на Турција, голем дел од вината се наоѓа во режимот и профитерските приватни градежни компании, кои се здружија во катастрофата која прашање на време беше кога ќе се случи.
Земјотресот беше очекуван. Турција се наоѓа меѓу северниот и источниот Анадолски расед и е мошне подложна на сеизмичка активност. „Сите здраворазумни геолози, вклучително и јас, кажавме дека овој земјотрес дојде со ѕвона пред многу години“, ова го кажа турскиот геолог Наџи Ѓерур во интервју во живо на американска телевизија. – „Никој не сакаше да слушне што имавме да кажеме“.
Земјата беше погодена од бојни разорни земјотреси во текот на годините, вклучувајќи го и оној од 1999 година, со епицентар близу Измит, во провинцијата Коџаели, во кој загинаа околу 18000 луѓе. Таа конкретна катастрофа ја истакна широко распространетата практика на градежните изведувачи за игнорирање на безбедносните прописи, што резултираше со излив на јавен гнев, што ја принуди владата да апси.
Еден таков гангстер, Вели Гоџер, беше уапсен по три недели поминати во криење, откако во телефонски разговори признава дека ги крателе трошоците за изградба така што мешале морски песок и бетон. „Јас не сум градител, јас сум поет“, рече тој во едно од тие интервјуа. „Ако сум виновен ќе платам за тоа, но, јас не се чувствувам виновен. Жал ми е, но јас не сум одговорен за тие смртни случаи“.
Овој конкретен паразит беше само еден во целата низа кои го заразија турскиот градежен сектор со огромен систем на корупција, којшто тогашната влада не сакаше да го истражи, поради илјадниците врски што ги поврзуваа градежните тајкуни со државата. Во меѓувреме, неумешните напори за спасување и пружање помош индиректно придонесоа на политичката криза, која заврши со падот на ДСП-овата влада на Булент Еџевит во 2002 година.
Следствено по оваа трагедија која можеше да се избегне, беа ветени реформи и спроведени нови прописи за заштита на зградите од земјотреси. Но, овие мерки повторно беа подриени, не само од корупцијата, туку и од обмислената свесна државна политика.
Според статијата во Торонто Стар, законот за градежна легализација од 2018 г. изгласан од Ердогановиот режим, предвидува издавање на дозволи за употреба на згради кои можеби не се градени согласно градежните правила – а за возврат да платат такса на владата. Како што објаснува претседателот на истанбулскиот огранок на Сојузот на комори на инжинери и архитекти на Турција, професорот Пелин Пинар Гиритлоглу:
„Со законите донесени од централната влада, се создаде систем на произволно лиценцирање за градежните компании којшто ги наруши првичните урбанизациски цели. На хартија изградбата на објектите беше легална, но тие содржеа недостатоци, кои ја потхранија катастрофата.“
Овој процес многу забрза по обидот за воен удар против Ердоган во 2016 г. (чија позадина се уште е нејасна), по што голем број на државни згради и јавни површини беа приватизирани, а многу беа дадени и на армијата, веројатно за да ја купат нивната лојалност против пучистите.
Последицата на тоа е дека зградите што требаше да издржат и беа одобрени од државните чиновници (кои и самите се гангстери), се срушија.
„Југоистокот трпи огромна штета сега, вклучително и јавни згради како болници, полициски станици, школи, општински згради, мостови и аеродроми, сите изградени по 2007 г.“, додава Гиритлоглу. „Тие места би требале да бидат најбезбедните во случај на катастрофа, местата каде ќе се згрижат жртвите на земјотресот“.
Ердоган и градежниот рекет
Крвавите раце на Ердоган се насекаде во овој скандал. Наназад, уште од неговиот мандат како градоначалник на Истанбул, а особено како премиер, тој разви блиски врски со градежната индустрија во Турција. Овој сектор претставуваше главна движечка сила зад огромниот економски раст во 2000-тите и 2010-тите, врз кој Едоган и АКП, во голема мера, го изградија својот авторитет.
Токи, турската државна управа за домување, одговараше директно на Ердоган како премиер и се прошири енормно за време на неговото владеење. Истрагата за корупција од 2014 г. Назначуваше дека владата набрзина ги издавала градежните дозволи. „Начинот на кој функционира системот е таков што доколку општината Истанбул каже дека не може да се гради на некое место, Анкара тоа може да го поништи – така, доколку сте компанија, многу повеќе смисла има да се обратите на централната власт“, изјави Рефет Гуркајнак, економист на Билкент универзитетот во Анкара.
Во тоа време, Фајненшл тајмс цитираше двајца (анонимни) водечки турски бизнисмени, кои изјавија дека митото е „понекогаш неопходно“ за да отпочнат големите градежни проекти. Во транскриптите на телефонските разговори кои протекоа во турската јавност се наоѓа и градежниот могул Али Агаоглу (еден од приведените на испрашување) како реферира на Ердоган како „големиот шеф“.
Сè на сè, апсолутно е јасно дека Ердоган и неговите пајташи ги поттикнувале градежните дебели мачки да станат уште подебели и со години измамнички да доаѓаат до профитабилни договори. Како претседател, донесе закони кои овозможуваа да се заобиколат безбедносните прописи, за да има политичка корист од последователниот економски раст.
Зградите изградени согласно официјалните препораки треба да бидат прилично отпорни на уривање, дури и при многу силни земјотреси. Цената на мрските зделки на Ердоган и АКП со профитерските градежни могули сега може да се изброи во илјадници лешеви, затрупани под планините од бетон.
Лицемерие
Ердоган прогласи тромесечна вонредна состојба во погодените области. Ова ќе и даде на неговата влада вонредни овластувања, и тоа веднаш по воведувањето на низа закони со кои се прави обид реално да се забрани главната опозициска партија, ХДП, во пресрет на парламентарните избори во мај.
Претседателот со месеци маневрираше со цел да ја зајакне поддршката за АКП, во услови на брутална криза на трошоците за живот, вклучително и најавата на нова зголемена јавна потрошувачка (во земја во која службената инфлација е поголема од 64 проценти), репресија против политичките противници, и разгорувањето на шовинистичката омраза кон турското курдско малцинство и сириските бегалци кои живеат во Турција.
Тој веќе е во ранлива позиција, и го знае тоа. Може да се надева дека брзиот, решителен одговор може да се употреби за создавање на политички корисно расположение на „национално единство“, коешто ќе му помогне да ја осигура својата позиција. Исто така, тој е доволно циничен да размисли за користење на своите нови вонредни овластувања за дополнително да ги скрши политичките непријатели.
Но, ова би бил опасен потег. Народот веќе беше при крај со трпение. Доколку постои било какво навестување дека Ердоган ја користи оваа трагедија за политичка корист, или дококолку било каква лична одговорност се сведе на него или неговата партија, тогаш оваа катастрофа би можела да има длабоки политички последици.
Империјалистичките нации учествуваа во посебно одвратна претстава на крокодилски солзи, особено за Сирија: земја која беше оставена беспомошна против земјотресот, по годините на пеколна војна и санкции од страна на истите овие крокодили.
Додека спасувачките тимови од многу Западни земји веднаш се упатија кон Турција, приказната е мошне поинаква за Сирија, каде постојните борби и непријателството со Асадовиот режим значат дека западните земји одбиваат да соработуваат со официјалната влада.
Ужасниот учинок на оваа катастроа што можеше целосно да се превенира претставува уште еден доказ на лудилото и суровоста на капитализмот, во кој обичните луѓе се буквално и фигуративно скршени од своите реакционерни владетели и бесрамното профитерство на буржоаските крвопии.
Додека еден кошмар се накалемува врз друг, само е прашање на време кога луѓето ќе ја земат судбината во своите раце. Единствен излез е експропријација на тајкуните кои основната инфраструктура ја третираат како парична крава молзара, соборување на политичарите кои им ги овозможуваат нивните криминали, и изградба на социјалистичко општество погодно за човеково живеење.
објавено на англиски Turkey-Syria earthquake: a catastrophe waiting to happen
[1] Бројките се ревидирани во однос на изворниот текст да соодветствуваат на сегашната ситуација.