РУШЕЊЕ НА НАТСТРЕШНИЦА, ПРОПАЃАЊЕ НА ЦЕЛ ЕДЕН СИСТЕМ
На 1 ноември се случи страшна несреќа. Се сруши натстрешница на железничката станица во Нови Сад, Република Србија. Бројот на загинати изнесува 14 и истиот е толку голем што предизвикува неверување. Секогаш кога ќе се случи рушење на објект со ваква намена и вакво значење, речиси секогаш е проследено со губење на човечки животи. Дури и брзата интервенција на спасувачките служби не може да придонесе за намалување на последиците.
Kако дел од градежната струка, знам што значи рушење на еден капитален објект, знам какви последици истото може да предизвика, меѓутоа и знам дека објектите не паѓаат сами од себе. Секој објект доколку директно не му се влијае на неговите услови на статичка стабилност е во можност да ја извршува својата предвидена цел во предвидениот рок на употреба.
Секој објект по изградбата е потребно соодветно да се одржува и да се користи. Најчесто токму одржувањето на овој тип на објекти е скапо, односно во размер со своите димензии и функција. Кога станува збор за капитални објекти кои се во владение на државата, најчесто редовното одржување и инспекција се одложуваат или воопшто не се извршуваат од причина што на тоа функционерите, капиталистичките бирократски власти, гледаат како кратење на фондот на средства кои им стојат на располагање.
Многу е полесно, а и поевтино, да се изврши шминкање на овие објекти по што следува неизбежната фотосесија на успешните политички пијавици. Преку земањето на провизијата од наплатата за “успешно” извршената “реконструкција” овие изроди од работниот народ, производи на овој расипан капиталистички систем, свесно ги ставаат во голем ризик животите на вработените и сите оние кои секојдневно ги посетуваат овие објекти. Впрочем свесно влегуваат во криминал знаејќи дека во оваа констелација на владејачки сили тие нема да бидат казнети за своите постапки. Да не се дојде до некое недоразбирање, овие функционери, директори и министри, си ги имаат заслужено своите удобни фотелји. Тие обезбедуваат напумпани тендери на кои ги договараат процентите со блиските газди на различни приватни компании, кои на крај преку своите влијанија ги поставуваат на високи функции. Тоа е начинот на кој функционира овој систем, систем во кој животот на еден работен човек, патник, студент не значи ништо, тој е само една бројка плус или минус која е потребно да се експлоатира.
Сите сме сведоци дека мерило во овој систем не се успешноста, знаењето и способноста, туку богатството, бескрупулозноста, неморалноста и несовесноста. Тоа се карактеристики со кои капиталистичките газди сега и буквално газат преку мртви тела, без разлика дали е тоа срушен објект поради грешка во изведба/реконструкција или објект кој се срушил поради удар на воен проектил финансиран од империјалистичките газди. Согласно досегашниот расплет на работите, за рушењето на натстрешницата на железничката станица во Нови Сад спремно е се да бидат обвинети челичните јажиња на истата, истите тие кои преку 60 години успешно и гордо го носеле товарот на бетонот, нуделе заштита на патниците при најразлични надворешни услови (исто како и продолжниот кабел кој беше виновен за бројни жртви во пожарот во Тетовската болница). Носечките сајли/јажиња многу јасно нема да можат да се одбранат, против нив е цел еден капиталитички систем. Најважно е дека владејачката класа од ова нема да извади никаква поука, никаква лекција нема да биде научена, како и до сега. Тие ќе продолжат со своите животи и своите постапки, немаат никаква причина зошто сега би почнале да се менуваат или да почнат да учат.
Во овој систем противниците на работниот народ се чувствуваат најкомотно и најспокојно, затоа што со парите и моќта која ја стекнале преку експлоатација тие можат да постигнат се. Да не претеруваме, покрај јажињата политичарите ќе понудат, или не, крај на некоја политичка кариера како мировна понуда кон настраданите и кон народот кој сосема оправдано е вознемирен. Оваа постапка сме ја виделе толку често што истата веќе се прифаќа како правило.
Народот е потребно оваа измамничка понуда да ја препознае и да ја отфрли со најголема жестина и одлучност, да излезе и да го искаже својот револт кон состојбата во целото општество, да испрати порака до удобно сместените политичари дека ова нема да им помине, дека е веќе доста со наведнување на главата на обичниот човек, работникот, студентот и селанецот. Да испрати порака дека синџирите на ова наемно ропство веќе не можат да издржат, истите ќе бидат прекинати и заменети со ослободување на цела една класа која вистински го движи целото општество. Овој немил настан нека биде една каписла која ќе поттикне експлозија во општествениот живот на овие наши простори. Да се стави крај на безобзирната експлоатација од страна на газдите и функционерите врз главата на работниците. Да се прекине обманата дека работникот е немоќен, дека студентот е неискусен, а дека селанецот е незаинтересиран.
Спокој на настраданите во несреќата и нивните роднини, да не биде нивната смрт залудна!
Секој да ги земе работите во свои раце!
Долу за капиталистичките профитерски крвопијци!
Напред кон рушење на трулиот капиталистички систем!
Б. А., 5 ноември 2024