Еманципацијата на жените како дел од ослободувањето на човештвото од капитализмот
Присвојувањето и комерцијализацијата на Осми март од страна на владејачките класи и либералното јавно мнение го сведе овој ден на празен ритуал на честитање и купување на цвеќиња. Историјатот на Осми март е клучен за сфаќањето на неговото вистинско значење. Денешниот ден го одбележуваме во чест на движењето за политички и социјални права на работничките како Меѓународен ден на работните жени. Во 1910 година на Втората меѓународна конференција на жените социјалистки, прогласен е меѓународен ден на борба на предлог на Клара Цеткин. Набргу после тоа на овој ден почнаа да се одржуваат годишни собири во низа европски држави на кои се бараа еднакви права на жените и мажите по прашањето за можностите за работа и вработувањето. Осми март е нераскинливо поврзан со класната борба, работничкото движење и социјалистичките идеи. Настана од бунтот на жените против општественото угнетување, економската експлоатација и законската дискриминација и служи како потсетник дека оваа борба сè уште не е завршена.
Денес, во периодот на доцен капитализам, правата на жените на работните места сè уште заостануваат зад правата на работните мажи, се со цел зголемување на капиталистичкиот профит. Меѓутоа, жените се двојно експлоатирани заради фактот дека домашната работи, сè уште, во најголем дел паѓа на жените. Патријархалното семејство се чува со забрана за абортус, дури истовремено жените се отпуштаат од работа поради породилно боледување или воопшто немаат можност за вработување ако планираат да формираат семејство. Исто така, принудени се да работат се потешки работи за помала плата. Од жената денес се очекува да ги напушти своите соништа, живот, желби заради наметнување на виши цели како „зачувување на нацијата“ и „економски раст“.
Жените не можат да очекуваат понатамошно подобрување на својата положба во општеството во рамките на сегашниот систем. Еманципацијата на жените е еманципација на човекот, односно на работничката класа воопшто. Женското ослободување е нераскинливо поврзано со ослободувањето на трудот од јаремот на приватната сопственост и ослободувањето од подреденоста на човекот кон друг човек. Борбата за ослободување на жените не може да се раздвои од борбата против капитализмот, бидејќи борбата за женски права и еднаквост е борба за ослободување на човештвото од оковите на профитната логика – борба за социјалистичка револуција. Придружете ни се во напорите за градење на антикапиталистичка, работничка партија врз идеите на марксизмот!
Автор: Лара Гајиќ, Марксистичка организација „Црвени“