Газа: една година пекол на Земјата
Една година од нападот на Хамас на 7 октомври врз јужен Израел, војната што следеше има предизвикано хуманитарна катастрофа за Палестинците кои живеат во Појасот Газа. Сега Либан се соочува со слично сценарио. Нетанјаху го предупреди Хезболах дека Израел може „да ги претвори Бејрут и јужен Либан… во Газа“.
Што значи да се претвори јужен Либан во Газа? По една година немилосрдно бомбардирање, геноцидната војна на Нетанјаху врз Газа доведе до невидени нивоа на смрт и уништување за палестинскиот народ. Речиси 42 000 лица се убиени во директни удари од октомври минатата година, додека уште 100 000 се повредени, од кои се проценува дека четвртина ќе останат трајни инвалиди.
Овие бројки, сепак, не ја кажуваат целата приказна за тоа што се случи. Бомбардирањата не убија луѓе само преку директните удари. Масовното рушење на инфраструктурата на Газа доведе до многу повеќе смртни случаи кои не се вклучени во официјалните бројки. Водоводот и напојувањето се уништени, исто така и голем дел од здравствените установи – клиники и болници, заедно со становите и училиштата. Според УНРВА, само една третина од болниците во Газа воопшто функционираат.
Mасовно уништени домови
Во првите четири месеци од бомбардирањето, вредноста на уништената инфраструктура во Газа беше 18,5 милијарди долари или 97% од вкупниот годишен БДП на Газа и Западниот Брег заедно. Со бомбардирањето се произведени повеќе од 30 милиони тони отпад, за кој се пресметува дека ќе бидат потребни години за да се расчисти. До јуни оваа година, 75.000 тони бомби беа фрлени врз Газа. Тоа е многу повеќе отколку што беше фрлено на Дрезден, Хамбург и Лондон заедно за време на Втората светска војна.
Во статија објавена од АП Њуз под наслов: „Уништувањето на станови во Газа, кое е без преседан, не е видено од Втората светска војна, велат ОН“ (2 мај 2024 година) е опишано нивото на штета нанесено на станбениот фонд во Газа во првите седум месеци од војната. Се истакнува дека „најмалку 370.000 станбени единици во Газа се оштетени, вклучувајќи 79.000 кои се целосно уништени“.
Поновите податоци покажуваат дека повеќе од 80% од зградите во Газа се уништени. Ова го откри помошникот генерален секретар на ОН, д-р Абдалах Ал-Дардари во интервју за Ал Кахера Њуз.
Според Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП): „…се проценува дека речиси 50 милијарди долари од инвестиции во Газа се избришани во конфликтот, а 1,8 милиони Палестинци паднаа во сиромаштија“. Вкупното население пред војната беше 2,3 милиони.
Пресметано е дека за обнова на уништените имоти ќе биде потребно до 2040 година, а вкупните трошоци би достигнале околу 40-50 милијарди долари.
Уништување на образовниот систем
Училишните згради се тешко оштетени. Летово, „најмалку 354 луѓе беа убиени во израелски воздушни напади врз училишни згради во кои беа сместени раселени лица меѓу 1 јуни и 1 септември“. Во текот на минатата година од Газа се објавија низа видеа и фотографии од деца – облеани во крв, додека бегаат од бомбардираните училишта, зад себе оставајќи ги телата на загинатите.
Образованието им е прекинато на повеќе од 600.000 ученици во Газа поради војната. Статија на АБЦ известува дека „најмалку 70% од сите училишта во Газа – 399 училишни згради – се оштетени или уништени од 7 октомври досега“.
Во Газа има вкупно 567 училишни згради. АБЦ Њуз собра сателитски снимки – видеа и фотографии, направени и од Израелските Одбранбени Сили (ИОС) и од Хамас, и дојде до заклучок дека „212 училишта се делумно или целосно уништени, а уште 187 покажуваат знаци на оштетување“. Меѓутоа, ОН проценуваат дека „дури 84 проценти од училиштата – 477 згради – ќе треба да се поправат или обноват“.
Рејчел Каминс , директорка на „Спас за децата“ во Газа, коментираше дека „Децата не можеа да пристапат до формално образование, па пропуштија цела година на учење. Но, знаете, надвор од тоа, она што тие го гледаат и она што го живеат и последиците од тоа во однос на нивното ментално здравје, навистина, навистина не може да се потцени. Цела генерација, цела популација, всушност, деца и нивните родители и нивните старатели, во однос на влијанието на војната врз нивното ментално здравје е апсолутно извонредно“.
Во овие услови, психолошкиот развој на децата е сериозно засегнат. Многумина страдаат од напади на анксиозност и не можат да се фокусираат. Покрај смртта и пустошот насекаде околу нив, овие деца страдаат и од болести, како последица на колапсот на здравствениот систем и неухранетоста.
Не се само училиштата кои се уништени. Зафатени се и универзитетите. На речиси 90.000-члената популација на универзитетски студенти во Газа им беа прекинати студиите. Исламскиот универзитет во Газа беше целосно уништен во бомбардирање во октомври минатата година. Универзитетот Ал Азхар беше целосно срамнет до земја. Универзитетот Исра , Универзитетот во Палестина, Универзитетот во Газа, Отворениот универзитет Ал Кудс , Универзитетот Ал Акса и многу други се сериозно оштетени.
Според извештај објавен од БРИКУП (Британски комитет за универзитети во Палестина) , „сите 19 универзитети во Газа претрпеле сериозни оштетувања или лежат во крајни урнатини, над 80% од универзитетските згради се уништени“.
Над 100 палестински академици и над 600 студенти се убиени во Газа од почетокот на израелската војна, според податоците дадени од палестинското Министерство за образование. Убиени се близу 9.000 ученици, како и 400 наставници.
Ефектите од сето ова ќе бидат долготрајни и ќе бидат потребни многу години за да се обнови сè она што е уништено.
Вистинскиот број на загинати поради војна
Во извештајот на Лекари без граници 29 мај 2024 година се забележува дека:
„Во последните седум месеци здравствениот систем во Газа беше систематски демонтиран. Според OCHA, 24 болници во Газа сега се надвор од функција, додека 493 здравствени работници се убиени. Секој медицински центар или систем за испорака на хуманитарна помош е или се уништува, за да биде заменет со помалку ефективни, импровизирани опции. Не може да се каже колкава ќе биде индиректната човечка цена во смртни случаи и долгорочни повреди како резултат на одбиениот пристап до помош и третман.“
Здравствените услуги се во состојба на колапс токму кога се најпотребни. Само неколку примери ќе послужат за да се нагласи ова. Бројот на лица помлади од 5 години третирани од дијареа се зголеми за фактор за 25 од 2022 година. Во јуни оваа година, 8.000 деца под 5 години беа лекувани поради неухранетост. Има околу 50.000 бремени жени, кои се изложени на многу поголем ризик во случаи на компликации поради недостиг на болнички услуги. Пациентите на дијализа ја гледаат смртта в лице. На пример, болницата Ал-Шифа во моментов лекува околу 40 пациенти со бубрежна слабост), додека пред војната лекуваше 450 пациенти.
Како што покажува погоре цитираниот извештај, загинале околу 500 здравствени работници. Според Светската здравствена организација), ова е од вкупно околу 20.000. Како што објави Њујорк Тајмс :
„Тоа е еднакво на просечно двајца здравствени работници убиени секој ден, при што еден од секои 40 здравствени работници, или 2,5% од здравствената работна сила во Газа, сега е мртов“.
Според студија објавена во јули во Лансет- престижно британско медицинско списание, оваа ситуација значи дека има многу повеќе смртни случаи предизвикани од сегашната војна отколку оние кои загинале во директни бомбардирања. Некои ги нарекоа истите „тивки убиства“.
Извештајот на Лансет се заснова на претходни воени сценарија кои покажуваат дека бројот на такви смртни случаи може да биде некаде помеѓу три и петнаесет пати повеќе од бројот на луѓе убиени во директни смртни случаи. Затоа, се наведува дека „не е неверојатно да се процени дека до 186.000 или дури и повеќе смртни случаи може да се припишат“ на тековната војна.
Уште околу 10.000 лица се сметаат за исчезнати, а сè уште се закопани под урнатините. Понова статија во Гардијан , „Научниците се приближуваат кон вистинската, застрашувачка скала на смрт и болести во Газа“, проценува дека бројот на такви смртни случаи би можел да биде многу поголем дури и од што беше проценето во Лансет.
Во него се наведува дека, „Откривањето на детска парализа во Газа не потсетува дека станува сè потешко да се процени вистинската цена на војната. Немаме чувство за тоа колку се раширени болестите и гладот – таканаречените „индиректни смртни случаи“ – и сме во темнина во однос на вкупниот број на смртни случаи“.
И објаснува дека ако смртните случаи продолжат со стапката пресметана од Лансет од околу 23.000 месечно, „ќе има дополнителни 149.500 смртни случаи до крајот на годината, околу шест и пол месеци од првичната проценка во средината на јуни. Користејќи го овој метод, вкупните смртни случаи од почетокот на конфликтот би се процениле на околу 335.500 вкупно“.
Ако овие бројки се потврдат, тоа би претставувало повеќе од 10% од населението на Газа. За да ви го доближиме ова, тоа би било еквивалентно на околу 6-7 милиони луѓе убиени во Британија или над 30 милиони во САД. Ова е убедливо најголем број на луѓе убиени во долгата листа на конфликти меѓу Израел и палестинскиот народ.
Во Стариот завет, Второзаконие 19:21, читаме дека Богот на древните Евреи одредил казната за злосторства да биде „живот за живот, око за око, заб за заб…“ Неговото значење беше дека казната за настанатата повреда треба да одговара на кривичното дело.
Меѓутоа, денешните ционисти го надминуваат она што им го одредил нивниот Бог. Ако ги земеме бројките на загинатите за време на нападот на 7 октомври во јужен Израел и ги пресметаме како сооднос од бројките што можеби загинале во Газа според проценката на Гардијан, ја добиваме бројката 250 спрема еден. Но, ова не треба да изненади никого кој има минимум познавање на историјата на конфликтот. Помеѓу 2008 и 2020 година гледаме слични бројки, со 5.590 убиени Палестинци наспроти 251 Израелец, сооднос од 22 спрема 1. И ова беше долго пред нападот на Хамас на 7 октомври минатата година. Ционистите го оправдуваат касапењето изминатава година со постојано повикување на тој напад. Треба да се постави прашањето: што ги оправдуваше сите претходни кампањи за бомбардирање и убиства извршени од израелската војска?
Додавање сол на рана: проширување на населбите
Она што треба да се запомни овде е дека оштетената страна историски се Палестинците. Токму тие го претрпеа историското злосторство на Накба , во кое повеќе од 700.000 Палестинци беа насилно протерани од нивната татковина во 1948 година, при што голем број беа убиени во тој процес. Тоа злосторство му ја ограби татковината на еден цел народ.
Ционистите отсекогаш ја гледале војната како можност за отстранување на повеќе Палестинци од нивната татковина и за испраќање доселеници. Ова го видовме во големи размери на Западниот Брег кога уште 400.000 беа протерани по Шестдневната војна во 1967 година.
Според Фондацијата за мир на Блискиот Исток, во 1972 година имало 10.608 еврејски доселеници на териториите окупирани од Израел во 1967 година, Западниот Брег, Појасот Газа, Источен Ерусалим и Голанската висорамнина. До 2005 година, оваа бројка порасна на речиси половина милион; а денес има над 700.000 , и екстремно десничарските ционисти гледаат да ја доведат таа бројка на еден милион, па дури и на два милиони.
Ова е етничка замена во големи размери. Официјалните мејнстрим медиуми, како што е Би-Би-Си во В.Британија, се обидуваат да ја потценат познатата Накба, па дури и кога тоа го признаваат, тие инсистираат дека тоа било одамна и дека сега мора да се концентрираме на сегашноста и иднината. Ова е пригоден начин да се игнорира фактот дека кражбата на палестинската земја продолжува додека ги пишувам овие зборови.
Од 7 октомври 2023 година, израелската влада го забрза проширувањето на населбите, одобрувајќи 5.295 нови станбени единици уште во јули во постојните населби, а одобри и уште пет нови населби. Екстремно десничарскиот министер за финансии – Смотрич , исто така додели јавно финансирање за 70 пунктови – формално нелегални дури и според израелскиот закон – обезбедувајќи им вода, струја и патишта. Овие пунктови добиваат одбрана од ИОС и на крајот стануваат населби.
И додека трае сето ова, околу 1.000 Палестинци се отстранети од нивната земја во 18 заедници низ Западниот Брег. Вреди да се потрошат неколку зборови за начинот на кој се постигнува тоа . Воспоставена е стража, а потоа нејзините членови систематски ги малтретираат локалните Палестинци. Им се закануваат физички, ги спречуваат во обработката на нивната земја, им ја исклучуваат водата и струјата, оневозможувајќи им да останат.
Откако сето ова ќе се постигне, земјата станува необработена и може да се класифицира како напуштена. Следниот чекор е да се назначи како државно земјиште, кое ќе биде под директна контрола на Израел. После тоа може да им се предаде на доселениците. Тоа е бесрамно крадење на земја, едвај покриено со лист од смоква на израелската законитост.
Сè ова е засилено во текот на изминатата година, но сепак не е на насловните страници во мејнстрим медиумите. Причината е тоа што сите западни влади го поддржуваат Израел иако тој продолжува со нелегалната експропријација на палестинската земја. Тие го повикуваат Хезболах да се придржи до резолуциите на ОН, но го игнорираат фактот дека Израел систематски ги игнорира оние резолуции кои се нанесуваат на него.
Пред 2005 година, Појасот Газа имаше 21 израелска населба со околу 9.000 еврејски доселеници. Како дел од Договорот од Осло, со кој се формираше палестинската управа, беше постигнат договор со кој сите еврејски населби ќе бидат повлечени од Газа во 2005 година.
Сега ционистите зборуваат за враќање на стариот план за колонизација на Појасот Газа. Повторно, војната е средството со кое тоа може да се постигне. Една статија во Гардијан: „Бенјамин Нетанјаху размислува за масовно расчистување на северна Газа“ (23 септември 2024 година), ги прикажува плановите што владата на Нетанјаху ги има за да го отстрани цивилното население од Северна Газа. Идејата е да се истуркаат сите цивили, а потоа да се прогласи дека секој што останал е милитант на Хамас, и затоа може да биде застрелан на прв поглед.
Пратеникот на Ликуд, Авичаи Боарон , е цитиран дека рекол дека планот „моментално се оценува од владата“. Очигледно, Нетанјаху мисли дека планот „има смисла“. Причината за тоа е што и покрај сите бомбардирања, и покрај сета смрт и уништување, ИОС не успеа да го елиминира Хамас . Па сега тие го гледаат овој очаен план. Тој би вклучувал прогласување на областа за „воена територија“, што би значело дека нема да биде дозволено снабдување на резерви , со што насилно ќе се отстранат 300.000 до 500.000 палестинци кои сè уште се на север.
Уште во декември, почнаа да се појавуваат приказни за доселениците отстранети од Газа во 2005 година, кои се вратија во Појасот. Еден пример е статијата, „Поранешните израелски доселеници копнеат да се вратат во Газа по војната“, објавен во Ал Монитор. Во кој се цитира Ана Пикар, Француско-Израелка која живеела 16 години во Појасот Газа и вели: „Очигледно е дека ќе се вратиме“. Планот за чистење на северниот дел на Газа од цивили ќе го олесни ова враќање.
Всушност, меѓу ционистите многу се зборува за потребата од повторно започнување на програмата за населување во Газа. Во јуни оваа година, две екстремно десничарски членови на Кнесетот објавија дека формираат „Кнесетска група за обновување на населбите во Појасот Газа“. Тие велат дека „само со густо присуство на еврејски населби низ Газа ќе биде можно да се спречи продолжувањето на терористичките закани и да се одврати непријателот“.
Меѓутоа, за да функционира ова, новите населби треба да бидат силно вооружени и поддржани од ИОС. Тие всушност би станале затворски чувари во она што често се нарекува „најголемиот затвор на отворено во светот“. Ова, сепак, е многу полесно да се каже отколку да се направи. Можеби ќе продолжат со овој план, но тој ќе стане извор на огромна огорченост кај новата генерација Палестинци кои мораа да ги претрпат кошмарите веќе наведени во оваа статија, и кои ќе бараат начин да си ги вратат украдените земји.
Борете се против сите воени хушкачи
Мејнстрим медиумите – т.е. медиумите кои им припаѓаат на богатите капиталисти чија работа е да ги бранат интересите на владејачката класа – игнорирајќи ја историјата, продолжуваат да ја испумпуваат мантрата дека „Израел има право да се брани“. Како може некој со здрав ум да тврди дека она што е наведено погоре е „самоодбрана“? Не. Тоа е дел од деценискиот план на ционистите да ја заземат целата некогашна Палестина. Јасно е дека според размислувањата на ционистите, минатогодишниот напад на Хамас на 7 октомври беше пригоден изговор за дополнително засилување на притисокот врз палестинскиот народ.
Кога политичките лидери како Бајден, Стармер, Макрон и Шолц заедно со сите други криминални поттикнувачи на војната – седат во удобноста на нивните владини згради, живеат во нивните луксузни резиденции, заработуваат многу пари бидејќи им служат на интересите на богатната и моќна капиталистичка класа – одржуваат говори за „правото на Израел да се брани“, запомнете што е наведено погоре.
Она што тие навистина го велат е дека ционистичката владејачка класа на Израел има право да убие десетици илјади Палестинци, да ги убива нивните жени и деца, да им ги уништи куќите, училиштата и болниците и да му се заканува на целиот регион со војна. Тоа е она што го имаме една година од 7 октомври. Тоа го поддржуваат сите западни лидери.
Иронијата на сето ова е што, една година подоцна, далеку од тоа да ја гарантираат безбедноста на луѓето што живеат во Израел – требаше да стане безбедно засолниште за Евреите – ционистите го направија Израел многу поопасно место за живеење, во всушност најопасното место на планетата за Евреите. Тие сега го турнаа целиот регион на работ на регионална војна, создавајќи ситуација во која може да се изгубат многу повеќе животи на двете страни.
Зошто се случува сево ова? Тоа е затоа што ционистите систематски ги блокираа сите обиди да се движат во насока на доделување сопствена држава на Палестинците – и тие ќе продолжат да го прават тоа. Сè што направи Нетанјаху беше во оваа насока. Тие не само што одбиваат да им дадат државност на Палестинците туку и неуморно работат за да ги притиснат во сè помали и помали енклави, да земат повеќе од нивната земја и да го зголемат доселеното население.
По овој пат не може да има мир. Сè додека ционистичката владејачка класа на Израел останува на власт, со својата силно вооружена држава, поддржана од најмоќната империјалистичка земја во светот, Соединетите држави, нема да има чекор кон доделување целосни права на Палестинците.
Ционистичката владејачка класа мора да биде поразена, како и сите деспотски буржоаски режими низ целиот регион, од Саудиска Арабија до Јордан и Египет и сите други. И во напредните капиталистички земји мораме да се организираме и да се бориме против нашите сопствени империјалистички влади, истите тие влади кои го поддржаа кошмарот ослободен врз палестинскиот народ.
превод на Gaza: one year of hell on Earth https://www.t3st.marxist.com/gaza-one-year-of-hell-on-earth.htm
Автор: Фред Вестон, Лондон 5 октомври 2024