Бангладеш: Коцкањето на Хасина ќе ја запечати нејзината судбина
Уредник: Денеска, 5 август, дознавме дека Шеих Хасина со сестра ѝ побегна од земјата. Падна со револуционерна сила на милионите Бангладежани. Заврши нејзиниот режим што траеше 16 години. И додека слават победа, армијата се обидува да им ја одземе победата. Сета власт на советите на работници и студенти! Ништо не е завршено.
Бен Кари, РКИ, 22 јули
Во последните неколку дена Бангладеш е комплетно променет. Од четвртокот (18 јули), владата на Шеих Хасина ја зацрни целата земја. Преку целосна телекомуникациска блокада, го изврши најужасниот масакр на каков што Бангладеш не бил сведок од 1980-тите, а можеби уште од војната за независност во 1971 година. Со тоа се истроши последната капка на легитимност што ја имаше оваа влада.
Последните податоци укажуваат на 170 мртви. Иако полицискиот час е ублажен, блокадата сѐ уште продолжува. Има идикации дека вистинската бројка може да е неколкупати повисока. Илјадници се повредени, а режимот има притворено стотици лица. Воспоставен е моментален мир на улиците, но првиот момент кога ќе се крене блокадата, можни се нови немири.
Како што претходно изјавивме, сè започна поради квотите во јавниот сектор, кои се користени од Авами Лигата како награда за нивните лојални слуги. Но веќе тоа не е причината.
Протестантите скандираат: “Прво изброј ги телата, потоа квотите”. Народот сака да ги изведе крвожедните убијци пред правдата, и да стави крај на овој брутален режим.
Насилството започна кога полицијата и криминалците се споија со студентското крило на Авами лигата – Чатра лига, и ги нападнаа мирните протестанти со палки и куршуми. Првите смртни случаи испровоцираа масовни немири. Потиснатото незадоволство на милиони луѓе од Бангладеш, започна да се разгорува. Притиснати од тешка економска криза, која високите елити не ги допира, народот се идентификува со студентската борба за правда.
Владата веднаш искалкулира дека доколку овој гнев излезе вон контрола, може да значи крај на нивниот режим. Веднаш превзедоа жестоки мерки.
Од четвртокот (18 јули) до денес беше спроведена целосна комуникациска блокада. Целта беше да се сее страв и конфузија преку локални весници и локални ТВ станици кои се под владина контрола.
Со мали исклучоци, капиталистичките интернационални медиуми се придружија на оваа исценирана игра. Милиони од дијаспората беа оставени во страв и сомнеж за сигурноста на нивните блиски, кои што не можеа да ги контактираат. Голем товар беше ставен на заедниците од дијаспората да организираат масовни протести за да го свртат вниманието на светот кон ужасите кои веќе беа во тек.
Со цврста одлучност и насочен гнев, илјадници од Западен Бенгал отидоа во Лондон и Њујорк. Дури и стотици емигранти работници од Бангладеш излегоа на улиците во Катар, земја со екстремно репресивни закони против јавни протести. Во соседните Арапски Емирати демонстрациите доведоа до 50 депортации и три доживотни пресуди, од страна на режимот.
Масакр во мракот
И покрај блокадата, во јавноста излегоа информации за она што се случува во Бангладеш. Високите бројки на смрт ја покажуваат храброста на масите. Ја водеа борбата вооружени само со камења, против државната паравоена војска, кои пукаа од зградите па дури и од хеликоптери. Слики од мртвите проциркулираа во јавноста, некои носени од своите другари соборци, други фрлени како партали од полициските возила.
Протекоа и приказни кои наликуваа на повремени победи во ситуација на цивилна војна, каде масите ги надвладаа безбедносните сили. Во петокот (19 јули), беше извршен упад во затвор во Нарсингди и беа ослободени околу 800 затвореници. Како одговор на дезинформација конструирана од страна на владата, седиштето на државната телевизија во Бангладеш беше запалено од страна на масите, како и неколку полициски станици.
Со блокирани социјални мрежи, државните медиуми во Бангладеш преплавија со дезинформации. шпекулации, закани и клевети.
Помеѓу лагите беше истакнато дека студентите се обичен интрумент на десните опозициски партии, како Националната партија на Бангладеш. Имаше изјава дека исламски фундаменталисти помогнати од страна на пакистанските тајни служби, ги имаат превземено протестите и ги користат за дестабилизација на државата. Дури беше наведено дека странски невладини организации се обидуваат да оркестрираат “обоена револуција”.
Обвинувањата се апсурдни. Без сомневање, владата на шеикот Хасина, би сакала ваквите организации да имаат некаков удел во сево ова. Апсењата кои ги извршија врз членови на Националната партија на Бангладеш и водството на Џамаат, им даваат определена политичка кредибилност пред масите. Овие десни буржујски партии со гаранција би ставиле кочница на секое изворно движење до кое би се приграбиле.
Студентите оправдано одбија секаков вид на вмешаност на овие партии, и ги осудија клеветите на власта.
Што се однесува до вмешаноста на пакистанските тајни служби: експлоатираните и угнетени маси во Пакистан на цела оваа ситуација гледаат со огромна симпатија кон борбата на народот во Бангладеш. Пакистанскиот режим би се поништил самиот себе доколку се вмеша во оваа борба, земајќи го предвид тоа што и тие седат врз сличен насобран гнев кој во секој момент може да се распали. Невработеноста и инфлацијата се на повисоко ниво во Пакистан. И двете се на работ на банкрот.
Што се однесува пак до вмешаноста на западен невладин сектор, мора да се земе во предвид еден клучен факт. Хасина лојално имплементира политики на Меѓународниот монетарен фонд, кои директно ја напаѓаат работничката класа. Нејзиниот режим ја претвори државата во рај за ефтина работна рака на западните индрустрии. Зошто би урнале таков лојален играч?
Се разбира дека сево ова е само обид да се разводни овој протест. Владата е во голема заблуда доколку мисли дека преку репресија, конфузија, блокада и лаги ќе успее да го уништи ова движење.
Вистина е дека моментален мир е воспоставен ширум земјата. По киднапирањето и бруталното измачување од страна на државните паравоени сили врз студентскиот лидер Нахид Ислам, тој беше ослободен по што повика 48 часовен прекин на протестот. Но посочи дека ова е само моментално затишје. Барањата на студентите сеуште стојат: разрешување на министрите, високите ешалони на полицијата и другите убијци, и правда за загинатите. Првиот момент на подигање на блокадата може да доведе до нови, координирани и уште поголеми немири, со оглед на тоа што народот сеуште жали 170 жртви.
Но што и да се случи во иднина, имајќи го предвид масакрот што се случи, избројани се деновите на овој режим. Ја изгуби својата легитимност. Економската ситуација е влошена. Ќе следат нови немири, а на крајот масите ќе го турнат режимот на Хасина и нејзината Авами Лига.
Она што ги мачи сите, вклучувајќи ја и владејачката класа во Бангладеш и пошироко, е прашањето: што следува? Тоа зависи само од тоа дали работничката класа, студентите и масите имаат лидерство способно за борба за превземање на моќта.
Коцкањето на Хасина
Владата на Хасина превзеде огромен ризик со извршувањето на овој масакр. Целосно блокира секаква можност за помирување. Преку комплетна блокада на земјата, Врховниот суд се обиде да го задуши движењето, но тие напори беа безнадежни.
Со попуштање на прашањето со квотите, со што би се намалил бројот на работни места во јавниот сектор од 30 на 5 проценти, јасно е дека режимот не ја разбира главната цел на ова движење.
За милиони, ова претставува желба за казна на убијците.
Преку масовен прогон, масите само привремено можат да бидат избркани од улиците поради страв. Тој страв ќе исчезне, но легитимноста на овој режим во очите на масите никогаш нема да се врати.
Додека насилството сеуште беше во тек, претставници од владејачката класа, во форма на главните бизнис конференции, седнаа со Хасина да ја изразат својата загриженост. Додека трае полицискиот час и блокадата, главните сектори остануваат парализирани, и неспособни да ги исполнат нивните обврски. Ова важи и за банките.
Потпретседателот на главниот производител за облека BGMEA, Аршад Џамал Дипу, веднаш по состанокот даде изјава: “Ситуацијата мора да се стабилизира што поскоро, зашто има голем проблем со работната сила… фабрика за текстил не може да работи без интернет.” Ова е единствено за што се грижат: осигурување на состојба која им гарантира стабилна клима за правење профити.
И токму поради оваа потреба за “нормализирање” на ситуацијата за капиталистичката класа, Хасина се одлучи на терор. Секако дека силата и теророт се единствена алатка за сигурност на нејзиното владеење, а токму тоа е она што ги загрижува капиталистите. Како што Советот за надворешни односи на САД се изјасни – “ова ја прави автократијата покршлива”. А кршливите работи имаат тенденција, во одреден момент, да се скршат.
Владејачката класа ќе се обиде да најде нов претставник, со определена доза на легитимност пред масите, кој во даден момент ќе ја земе силата во свои раце. Тука постои огромна опасност.
Според веб страната на Движењето за квоти во Бангладеш 2024, уривањето на режимот е меѓу првите барања:
“Бараме премиерката Хасина да си даде неотповиклива оставка и да ја предаде власта во рацете на трета партија, воена или техничка влада. Оваа нова влада има должност да организира слободни и фер избори, во кои сите политички партии би зеле учество, осигурувајќи го враќањето на демократијата и заштитата на народните права.”
Падот на Хасина е точно барање. Но ние сметаме дека е погрешно да се мисли дека “трета неутрална партија” е можна во оваа ситуација. Протестите започнаа од страна на релативно мал слој од општеството: средната класа на студенти. Но веднаш го поларизира општеството на две страни: од една страна режимот, неговите паразитски слоеви и владејачката класа, а од друга страна студентите и голем дел од експлоатираните и потиснати слоеви.
Поконкретно, кризата на капитализмот го подели општеството на два дела: експлоататори и експлоатирани. Не постои трета партија.
Никаква техничка влада не може да делува како трета партија. Уште помалку војската може да ја одигра оваа улога.
Важно е да се напомене дека, иако војската беше распоредена низ цела земја со наредба да пука доколку некој го прекршува полицискиот час што беше поставен во сабота и недела, на повеќето места војската не се одлучи на таков чин врз протестантите. Во голема мера се ограничи на проверка на лични документи. Најголемите злодела ги извршија омразените паравоени структури на пограничната војска на Бангладеш и Баталјонот за брза акција (полициска антитерористичка единица), заедно со насилници од Чатра лигата.
Без сомневање, ова е калкулирано ограничување од страна на врвот на армијата, кој имаше доза на симпатии кон протестите.
Дописник за Алџезеира објави статија, за која тврди дека ја дал висок воен офицер:
“Долги години бевме принудени да застанеме против народот и против она што е право. Но веќе не. Сега е веќе време! Нашето скромно барање до Началникот на генералштабот на армијата е да не нѝ наредува да извршуваме незаконски команди. Сите стоиме на страната на студентите кои го започнаа движењето со легитимни барања, и стоиме на страната на обичниот народ во земјава. ”
Многумина тврдат дека ова се обични фабрикувања, но самиот новинар јавно застана зад веродостојноста на оваа изјава, тврдејќи дека има контакти со повеќе високи офицери. Многу е возможно оваа изјава да е вистинска. Не постои сомнеж дека дел од офицерите, дури и од високите рангови, гледаат врз ситуацијава со доза на немир.
Во периодот што следува, може да сме сведоци на воени заговори, а дел од владејачката класа можно е да ја наклони својата надеж кон дел од офицерите кои би послужиле како “луѓе со чисти раце”, со цел да ја превземат власта.
Режимот на Хасина мора да се руши. Но десните опозициски партии и армијаа се нераскинливо поврзани со капиталистите и ќе го продолжат овој експлоатирачки систем. Не постои никаква надеж на таа страна.
Студентите и работниците мора да веруваат во сопствената моќ. Барањата на движењето за пад на режимот, казна на убијците и криминалците, уништување на терористичката група Чатра лига, се во основа правилни. Но, не се само Хасина и нејзината лига криминалци. Тоа се и вооружените сили – полицијата и армијата, и целата владејачка капиталистичка класа, кои бараат ред и мир, и во чиј интерес Хасина го изврши овој терор.
Само доколку масите ја земат власта во свои раце, правда може да има. Но како да се постигне тоа? Преку организација: работниците и студентите мора да организираат комитети во секој универзитет, училиште и работно место, а кои мора да бидат меѓусебно координирани и поврзани, како на локално така и на државно ниво.
Такви комитети можат да привлечат поширок слој на маси во движењето. Можат да организираат тела за самоодбрана, за придобивање на армијата на страна на народните маси, а подалеку од нивните офицери.
Да се земе во предвид тоа што владејачката класа е способна да извршува терор само поради тоа што има контрола врз капацитетите на производство, врз капацитетите за телекомуникација и нивните медиуми и врз државата. Со организирање на работнички комитети во сите сектори на општеството, ќе се запре извршувањето на овој терор. Овие комитети ќе послужат и за комплетно парализирање на вооружените сили, преку генерален штрајк против режимот на Хасина.
Со тоа ќе се биде чекор поблиску до префрлање на силата директно во рацете на работниците и студентите. Само тогаш може да се гарантира не само правда, туку и општество организирано на начин кој ќе гарантира живот достоен за живеење. Со експропријација на главните двигатели на економијата, ослободувајќи ги од канџите на капиталистите и ставајќи ги во рацете на работниците, за секој може да се гарантира достојна работа, достоен дом, образование, здравство, и сите други неопходности за достојна егзистенција.