ГЛАС НА НАРОДОТ ПРОТИВ ЗАГАДУВАЊЕ НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА
Во просториите на Општина Кавадарци на 6 август о.г. имаше обид за јавна презентација за намера за изградба на фабрика – регионален центар за ‘еколошка’ преработка на 12 000 тони/годишно на гуми. Како инвеститор на фабриката се јавува “Ековатив оил” дооел Скопје. Јавната презентација беше прекината од страна на инвеститорот поради бурните реакции на присутните граѓани. Беше покажано противење за отворање на каква и да e фабрика од категорија Г1-тешка загадувачка индустрија на територијата на Општина Кавадарци, во кругот на веќе постоечкиот комбинат ЕУРО НИКЕЛ (ФЕНИ).
Имено, погоре наведениот инвеститор, очигледно надевајќи се на подршка од политичката елита ја започна својата презентација со намера да создаде погрешна претстава за типот на преработувачката постројка и степенот на загадување кое истата ќе го предизвикува.
Како што се покажа, надвор од очекувањата на инвеститорот и неговите политички поддржувачи, јавноста беше информирана за ризиците поврзани со начинот на преработка, пиролиза, на автомобилски гуми. Од страна на присутните граѓани се потенцира дека овој проект претставува сериозна закана по здравјето на граѓаните, особено по здравјето на жените.
ЗОШТО ПИРОЛИЗАТА Е ПОТЕНЦИЈАЛНО ШТЕТНА?
Пиролизата на отпадна гума е процес на термичко разградување на гумата без присуство на кислород, со цел да се добијат различни производи, како што се горива, масла и гасови. При процесот на пиролиза, гумата ослободува различни токсични и канцерогени материи, како што се бензен, толуен, полициклични ароматични јаглеводороди (PAHs) и тешки метали. Овие материи можат да се ослободат во воздухот, водата и почвата, со што се загадува животната средина и претставуваат ризик по здравјето на луѓето.
Некои од материите ослободени при пиролизата се познати по тоа што негативно влијаат врз репродуктивното здравје кај жените. Тие можат да предизвикаат хормонални нарушувања, намалена плодност, спонтани абортуси и други репродуктивни проблеми. Изложеноста на токсичните материи од пиролизата е поврзана со зголемен ризик од развој на различни болести, вклучувајќи рак, респираторни заболувања, иритација на кожата и очите. Бремените жени и нивните неродени деца се особено ранливи на штетните ефекти на загадувачите од пиролизата. Изложеноста на овие материи може да предизвика предвремено раѓање, ниска тежина при раѓање и други компликации во бременоста. За да се минимизираат ризиците по здравјето, неопходно е да се воведат строги регулативи за процесите на пиролиза, со цел да се контролираат емисиите на штетни материи.
‘НЕСВЕСНА’ ПОДДРШКА ОД ЛОКАЛНАТА САМОУПРАВА
И покрај наведените несакани влијанија од евентуална изградба на објект од ваков тип, стручните лица во општината издале позитивно мислење за изготвување на оцена на влијание врз животна средина, документ со број 11-1560/1 од 26.02.2024 со погрешен наслов “ПОЗИТИВНО МИСЛЕЊЕ за изведување на проектот” наместо ПОЗИТИВНО МИСЛЕЊЕ за изработка на оцена за влијание врз животна средина.
Очигледно, ова позитивно мислење го отвора патот за понатамошно изготвување на проектна документација за изведба на фабриката и добивање на одобрение за градба.
Водејќи се од паролата “ раздели па владеј” инвеститорот во спрега со поединци од локалната политичка елита, власт и опозиција, направија обид на овој протест да му дадат партиски белег, со што би се предизвикало лажно смирување на страстите кај јавноста и овозможување на понатамошна реализација на проектот.
ГЛАСЕН ПРОТЕСТ ПРОТИВ ИГНОРИРАЊЕТО
Изненадувачки, во средина како што е Општина Кавадарци ова шиканирање од страна на локалните газди не помина, јавноста ги прозре намерите и уште поодлучно застана зад одбраната на она што е заедничко, она што е правилно, правото на живот во здрава и чиста животна средина. На локалните, па и на националните моќници им беше кажано многу јасно дека ова нема да им помине.
Самоиницијативно граѓаните започнаа петиција за собирање на потписи против изградба на фабрика за преработка на гума и покрај уверувањата од градоначалникот дека фабриката нема да се гради, игнорирајќи го неговиот повик дека нема потреба од собирање на потписи. Посветените граѓани веќе имаат собрано повеќе од 4 500 потписи за неколу денови во град кој брои 32 000 жители. Бројка која и следните денови ќе расте и нема да може да се игнорира.
Во неколку наврати беше потенцирано дека за да се овозможи изградба на ваков тип на објект е потребно беспрекорно функционирање на инспекторатот за животна средина кој би го следел исполнувањето на регулативи за процесите на пиролиза, што реално во капитализам и периферна држава во кој моментално живееме не само што не е возможно, туку и е нереално. Имено корупцијата која е секојдневно потхранувана од локалните газди – капиталисти е невозможно да се заобиколи. Желбата за профит ги заслепува пред регулативите и потребата за заштита на животната средина.
Решителните акции на населението можат да бидат првиот чекор за поодлучни походи на локалното население за враќање на нивните права. Најсуштинското право, правото на здрав живот. Имено ваквите мали чекори во вистински правец нѐ носат поблиску до целта, враќање на власта во рацете на оние кои се најзасегнати, работниот народ. Одлуките за тоа во каква околина ќе живееме да зависи од нас, работничката класа, затоа што работниците за разлика од газдите, ова е местото на кое ние ‘мораме’ да живееме.
Потребно е во иднина уште поодлучно и помасовно да се одговара на обидите за тивко газење на стандардите за животна средина, обидите за профитирање на сметка на животот на луѓето кои живеат на овој простор, па и пошироко. Но наместо во дефанзива, каде секој момент се стрепи дека нешто лошо ќе се случи, мнозинството, а тоа е работничката класа, треба да ја преземе власта во свои раце и да владее според сопствените интереси со сопствена програма. Таква програма, против странските империјалисти и домашните профитери, може да биде само социјалистичка програма.
За планирање на животната средина под контрола на мнозинството!
За власт на работниците, против капиталот!
датум 18 август 2024, автор Бојан Атанасов