Балкан

Жителите на Нови Сад го затворија „кол центарот“ на СНС

На 2 јуни 2024 година во повеќето градови во Србија се одржаа локални избори. Атмосферата веќе беше наелектризирана уште на почетокот, бидејќи последните избори во Белград станаа познати по видеата на луѓе од Република Српска кои бараат инструкции каде да одат во Штарк Арената, додека на остатокот од населението му беше забранет пристап до неа, бидејќи според чуварите, внатре се снимало филм – среде избори! Според Црта, многу граѓани биле пријавени на адреси во Белград за да можат да гласаат на локалните избори. И покрај тоа, Српската напредна странка не успеа да формира собрание во Белград, а локалните избори се повторуваат.

За овие локални избори, се појавија видеа и слики од Новосадскиот саем, полн со луѓе, работни маси, продолжни кабли и СНС силеџиско обезбедување – во атмосфера на сериозно организирање. Во јавноста веќе протекоа информации за т.н СНС „кол центри“. СНС прво го истражува јавното мислење со своите познати посети на домашни адреси, каде во секоја посета ги категоризираат луѓето според нивните политички афинитети. Оттаму, за време на изборите, се следи кој излегол на гласање, со пријави од избирачките места и реагира да го насочи своето членство, по потреба, да оди на одредени адреси за да ги „повлече“ луѓето на гласање или да ги упати за кого да гласаат, во зависност од тоа со кои политички страни имаат договор.

Жителите на Нови Сад не реагираа пасивно на оваа снимка, туку решија директно да се спротивстават на машинеријата на СНС. Откако стигнале на Саемот и ја виделе ситуацијата повикале полиција. Полицијата не само што не ја спречи акцијата на СНС, туку го спречи и упадот на новосаѓани да ја испитаат ситуацијата.

Кога се откри вистинската улога на полицијата, новосаѓани решија сами да ја прекинат акцијата на СНС. Некој присутен се осмели да го скрши прозорецот на Саемот кој беше добро покриен. Потоа, операцијата беше целосно обелоденета во јавноста и мораше да биде прекината. Режимските насилници во паника ги повикале претпоставените, се вооружале со палки, се маскирале и во еден момент користеле и противпожарно црево за вода. Набрзо присутните, претежно млади луѓе, беа евакуирани од зградата, многумина од нив од срам го криеја лицето од камерите. За финалето, насилниците и дежурниот портир набрзина купија кутии и почнаа да го заклучуваат просторот. Новосаѓани во вечерните часови организираа протестен собир за кој жандармеријата беше спремна со полна опрема.

Немаше дополнителни инциденти, но овој настан ги направи овие локални избори далеку поинтересни. Тие се полни со лекции содржани во мала серија настани. Прво, се виде дека работниците можат да се потпрат само на сопствените сили – и дека улогата на полицијата е првенствено да го заштити режимот. Од друга страна, машинеријата на СНС се повеќе слабее. Не е непознат фактот дека многу членови на СНС се условени од работата да бидат членови на партијата и дека многумина ја мразат својата партија поради тоа – од тука произлегуваат овие снимки и доказинаводи. Ова е понатамошно слабеење, бидејќи членството сè повеќе ги одбива наредбите одозгора, како што видовме на контрамитингот на Вучиќ против протестите против насилството, каде што луѓето донесени на партискиот собир сепак одлучија да одат на друго место.

На крајот на краиштата, гледаме дека демократијата во капитализмот може да се освои само со борба – и дека овој тип на демократија е многу поефективен од парламентарната демократија. Луѓето дојдоа и со своите постапки покажаа дека нема да дозволат машинеријата на СНС да ги злоупотребува јавните институции.

Но, во капитализмот, целиот државен апарат им служи како плен на политичарите од кој тие можат да профитираат – преку партиски вработувања, јавно-приватни партнерства, злоупотреба на државниот буџет – или преку создавање „кол-центри“. Парламентарната демократија е ограничена по тоа што избира само кое крило на капиталистичката класа ќе управува со овој плен.

Јавните институции не треба да бидат контролирани од една или друга партија – туку од работничката класа во целина, така што од нејзините редови демократски се избираат оние кои се најспособни да ги водат, а не одозгора да се назначуваат оние кои се најспособни да ги злоупотребат. Таквата демократија, работничката демократија, е некомпатибилна со капитализмот и секој што сака вистинска демократија ќе мора да оди подалеку од самата борба за одбрана на изборната волја.

Автор: РКС Novosađani ugasili SNS ‘kol centar’ 3 јуни 2024, Нови Сад