ВестиИнтернационалаОпшто

Расплет во Сирија: наследство од империјалистичката војна и мешање

Оригинално објавено на marxist.com

Уште еден ненадеен и остар настан, многу карактеристичен за периодот на историјата во кој живееме, ненадејната офанзива на сириските исламистички милитанти брзо се шири ширум Сирија. Војните на Израел против Газа и Либан, поддржани од Западот, ја нарушија кревката рамнотежа на Блискиот Исток и ја повлекоа нишката што почна да го одмотува ткивото на регионот. (во времето на превод на овој текст, исламистичките групи објавија дека го зазедоа Дамаск и официјално се означи падот на Баатистичкиот режим на Асад. Асад ја напушти земјата и замина во непознат правец).

Почнувајќи од 27 ноември, додека се спроведуваше прекин на огнот во соседен Либан меѓу Хезболах и Израел, офанзивата започната од Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС) кои ја контролираат северозападната провинција Идлиб, брзо го совлада Алепо – втор град по големина во земјата – а од 05.12.2024 и стратешкиот град Хама. Градот Хомс, уште еден клучен град, сега е под закана и може да падне во секој момент. Ова ќе дозволи крајбрежните области на Латакија контролирани од режимот да се одвојат од главниот град Дамаск, со можност за целосен колапс на режимот на Асад. Сирија гледа во бездната на варварството.

„Бунтовниците“ се вратија!

Земајќи ги западните медиуми здраво за готово, тешко е да не се почувствува симпатија за вооружените групи што ги опишуваат како „Сириски бунтовници“, порано познати како „умерени бунтовници“, кои се борат против режимот на Асад. Но, овој саниран јазик ја замаглува вистинската природа на овие групи.

Додека Хамас и Хезболах редовно се опишуваат како „терористи“, терминот „бунтовник“ е намерно користен од Западот за да предизвика романтична слика што служи за да се испере потеклото и реакционерниот карактер на групи како ХТС. На крајот на краиштата, бунтовник е некој што се бори против угнетувањето и неправдата. Меѓутоа, во реалноста, ова не се ништо друго освен џихадистички убијци, поставени од претходникот на Исламската држава и со потекло од Ал Каеда.

Но, чекајте, можеби ќе помислите, каде е бесот? Каде е осудата на оваа група? Каде се повиците за демократија и човекови права? Тоа не го гледаме никаде. Наместо тоа, од нејзината офанзива, западните медиуми и помогнаа на ХТС да ја испере својата репутација, пофалувајќи ја „толеранцијата“ на групата кон христијаните, нејзиниот „пријателски“ пристап кон различностите, дури и промовирањето на собирање ѓубре во неодамна заземениот град Алепо! Она што исто така останува незабележано е улогата на Западот во растот на овие варвари.

За време на раните години од сириската граѓанска војна, Соединетите Држави и нивните сојузници, вклучително и Турција и монархиите од Персискиот залив, вложија милијарди долари во исламистичките милиции кои се бореа против режимот на Асад. Тоа беше направено во тогашните рамки на програмата на ЦИА за Сирија, вредна 1 милијарда долари, една од најскапите во нејзината историја, испраќање на оружје и обука за различни џихадистички групи во земјата. Оваа програма беше споредлива само со претходниот „Џихад за долари“ на агенцијата во Авганистан, каде што американската поддршка за муџахедините ги постави темелите за подемот на Талибанците.

ХТС, кој стои зад неодамнешната офанзива, еволуираше од Џабхат ал Нусра, сирискиот огранок на Ал Каеда, кој беше најголемиот корисник на програмата на ЦИА. Нејзиниот водач е Абу Мухамед ал Џолани, човек кој сега се обидува да се прикаже себеси како „умерен“, е подеднакво реакционерен како Осама бин Ладен и поранешниот лидер на ИД Абу Бакр ал-Багдади.

Исламистичката кариера на Џолани започна како член на Исламската држава на Ирак – раниот претходник на ИД – пред да ги прекине врските со неговите ирачки колеги за да ја основа Џабхат ал Нусра под директна команда на Ал Каеда. Подоцна, гледајќи можност да привлече западна и регионална поддршка, Џолани предложи јавно да ги прекине врските со Ал Каеда, притоа положувајќи тајна заклетва за верност кон организацијата. Се известува дека Ал Каеда го одбила овој предлог, но никогаш не можеме да дознаеме.

Кариерата на Џолани почна како член на Исламистичката држава на Ирак / слика: U.S State Department, Wikimedia Commons

Во меѓувреме, Џолани продолжи со ребрендирање на ХТС како повеќе национално фокусиран сириски ентитет без желба да го шири својот бренд на исламизам во други земји. Ова беше само тактички маневар; тоа одразуваше поширока стратегија за да се направи ХТС поприфатлива за западните сили. Додека средствата и оружјето се влеваа во Сирија од САД и нивните сојузници како Турција, Саудиска Арабија и Катар, групите како Џабхат ал Нусра ја приспособуваа својата реторика за да одговараат на нивните добротвори. Иако јавно ги отфрла амбициите, сепак, надвор од границите на Сирија, групата останува џихадистичка организација посветена на теократското владеење.

Со истурање бензин во пламенот на сирискиот конфликт, Западот и неговите сојузници шират семет на варварството низ целиот регион. Стратегијата на Западот за „контролиран хаос“ не само што не ги постигна своите цели, туку и ги ослободи силите што излегоа од неговата контрола. Подемот на ИСИС, пролиферацијата на џихадистичките фракции и масовното раселување на милиони се директни последици од оваа интервенција.

Меѓутоа, до 2018 година, интервенцијата на Русија со воздушна супериорност и групите поврзани со Иран, вклучително и Хезболах, доведе до ќор-сокак, што го спаси сирискиот режим и ги остави џихадистичките групи изолирани во провинцијата Идлиб долж турската граница. Контролирајјќи ги сите главни патишта за снабдување во и надвор од покраината, Идлиб во суштина стана турски протекторат, а ХТС претежно застапник на турските интереси.

Заедно со Турција и со нејзина дозвола, ЦИА несомнено би одржувала контакт со одредени вооружени параван групи кои порано се користеле за пренос на средства и оружје на ХТС. Турција, дополнително, воспостави низа воени пунктови во регионот, бранејќи ги од нападите на Асад и иранските сили.

Додека турскиот претседател Реџеп Таиб Ердоган јавно предупредуваше за настаните во Сирија, нема ни најмао сомнеж дека сегашната офанзива е подготвена и координирана од Турција. Современото оружје, беспилотни летала и логистичка поддршка откриваат ниво на организација кое би било невозможно без директно турско учество. Покрај тоа, способноста на Турција да ги контролира прекуграничните трговски и снабдувачки линии гарантира дека ХТС останува зависен од Анкара за својот опстанок.

Не е тајна дека Ердоган, кој никогаш не се срамел да флертува со исламските фундаменталисти, долго време сака да ја прошири својата контрола над Сирија. Ова е дел од неговата голема амбиција за отоманско заживување што ќе ја прошири турската контрола над цела Северна Сирија и Северен Ирак. Алепо е клучен елемент во овој план, кој ги вклучува и Мосул и северните курдски области во Ирак. Понатаму, тој долго време сака етничко чистење на курдските области во североисточна Сирија каде што курдската организација поврзана со ПКК ја има власта. Додека се пишуваат овие редови, веќе е во тек уште една офанзива на турските прокси групи кон курдскиот град Манбиџ.

Додека Турција несомнено стои зад сегашната операција, би било глупаво да се замисли дека ЦИА и Мосад не биле свесни за подготовките за офанзива. Всушност, поверојатно е дека тие дале одобрение за тоа. Во изминатите денови, израелските сили гo продолжија притисокот врз Хезболах во Либан – клучен сојузник на Асад – со повеќе од сто бомбашки напади врз групата, целејќи на прекугранична активност меѓу Хезболах и Сирија. Во суштина, тие ги гаѓаа линиите за снабдување на режимот на Асад, како поддршка за нападот на џихадистите.

Режимот на Асад: шуплива држава

Во исто време, брзиот пад на Алепо и Хама ја нагласува ослабената состојба на режимот на Асад. Открива режим кој е целосно шуплив и кој може да се одржи само преку надворешна поддршка од Иран и Русија. Оваа зависност го нагласува степенот до кој Сирија е уништена од повеќе од една деценија војна.

Брзиот пад на Алепо и Хама ја нагласува ослабената состојба на режимот на Асад / Слика: fair use

Пред конфликтот, Сирија беше меѓу најнапредните општества на Блискиот Исток. Искоренувајќи го капитализмот во 70-тите низ необичен сплет на околности, постигна високи нивоа на индустријализација и модернизација, како и високи нивоа на култура и благосостојба што ја издвојуваше земјата од повеќето нејзини соседи. Дури и со враќањето на капитализмот во 1990-тите, многу од овие достигнувања останаа. Но, граѓанската војна поттикната од Запад ги избриша сите овие придобивки и многу повеќе.

Човечката цена на конфликтот во Сирија е запрепастувачка. Над половина милион луѓе се убиени, а милиони други се раселени. Ткивото на сириското општество е растргнато, со заедници поделени по секташки линии и цели генерации кои растат во сенката на војната.

БДП на земјата се намали за над 60 проценти само од 2011 до 2021 година. Невработеноста надминува 50 проценти. Инфраструктурата како патишта, училишта и болници е уништена. Над 90 отсто од населението живее под прагот на сиромаштија, преживувајќи со помалку од 2 долари на ден. Хиперинфлацијата, влошена од санкциите на САД и банкарската криза во соседен Либан – исто така предизвикана од американските санкции – втурна милиони во сиромаштија. Според истражувањето од 2023 година, околу 11 отсто од семејствата изјавиле дека нивните деца се ангажирани со работа само во областа Алепо, пред се поради недоволниот приход на домаќинството.

Нагласувајќи го нивото на пропаѓање, производството на Каптагон, амфетамин широко користен за време на војната, сега стана еден од главните извори на приход на режимот. Корупцијата е неконтролирана, а расположение на фрустрација преовладува кај населението. Ова е причината за леснотијата со која џихадистите можеа да се пробијат низ големите градови како Алепо, околу кој се водеа борби со години за време на граѓанската војна.

Едноставно, голем дел од населението е толку деморализирано од режимот што веќе не му е важно дали ќе остане или ќе си оди. Ова е директна спротивност од она што се случи за време на граѓанската војна, каде што мнозинството од населението застана зад режимот на Асад за да се спротивстави на џихадистите лудаци. Така, режимот на Асад до одреден степен стана фантом кој се потпира на своите руски и ирански покровители за да се одржува. Од особено значење овде е Хезболах, чии елитни единици одиграа клучна улога во борбата против џихадистичката опозиција во Сирија. Но, повеќето од нив беа префрлени во Либан за да се борат против Израел во изминатата година.

Рамнотежата се распаѓа

Американската инвазија на Ирак и уништувањето на ирачката армија, заедно со неуспешната американска интервенција во Сирија, од која се појавија Џабхат ал Нусра и Исламската држава, на крајот доведоа до нов статус кво на Блискиот Исток, каде Иран стана најсилната регионална сила.

Милициите поврзани со Иран, како Хезболах во Либан, добија поддршка од народот бидејќи се сметаа за единствените кои се борат против империјалистите и џихадистите. Опфаќајќи се од Ирак, преку Сирија до Либан, овие борбени милиции од стотици илјади станаа сила на која мора да се смета. Всушност, во борбата против Исламската држава во Ирак, тие станаа најиздржливата сила на која Западот можеше да се потпре.

Во Сирија, Иранската револуционерна гарда, ирачките милиции, како и Хезболах дојдоа на помош на режимот на Асад. Нивната позиција беше дополнително консолидирана откако Русија влезе на нивна страна во сириската граѓанска војна. Руско-иранскиот сојуз на крајот успеа да ја победи џихадистичката опозиција, а со тоа и западната интервенција во Сирија.

За Русија, Сирија стана главен мост во регионот и критична точка на влијание во источниот Медитеран / Слика: Kremlin.ru, Wikimedia Commons

Турција, пак, играше со двете страни во конфликтот. Гледајќи на која страна дуваше ветрот во Сириската граѓанска војна, Турција – која некогаш беше клучен играч во американската интервенција – ја смени страната, склучувајќи сојуз со Иран и Русија, сојуз кој доведе до дополнително десеткување на САД.

За Русија, Сирија стана главен мост во регионот и критична точка на влијание во источниот Медитеран. За Иран, земјата стана витална врска во нејзината „оска на отпор“, поврзувајќи го Техеран со Хезболах во Либан.

Така, во урнатините што останаа зад западните интервенции во Ирак и Сирија, во регионот беше воспоставена нова рамнотежа од страна на Иран и неговите сојузници излегувајќи на врвот. Американскиот империјализам неволно мораше да ја прифати новата состојба бидејќи неговата сопствена моќ и влијание опаѓаа. Ова беше нешто што сојузниците на Америка, а особено Израел, не можеа да си го дозволат.

Меѓутоа, со релативното слабеење на Хезболах со израелската војна, ова сега се менува. И токму тука Израел им доаѓа на помош на џихадистите.

Во „Тајмс оф Израел“, една разоткривачка статија наречена „Изгледа дека сириските бунтовници напредуваат благодарение на израелските напади врз Хезболах“ ни ја носи вистината:

„Никој не знае дали Иран и режимот би биле ослабени без неодамнешните израелски напади во Сирија, кои ни овозможија да се вратиме и да ги ослободиме краиштата и земјата“, изјави за израелскиот јавен радиодифузен сервис Кан човек опишан како опозициски активист од областа Алепо во коментарите емитувани во неделата. Израел долго време извршува периодични напади врз ирански цели и трансфер на оружје во Сирија.

„Друга бунтовничка фигура од областа Идлиб, која разговараше со мрежата, му се заблагодари на Ерусалим и рече дека опозицијата е „многу задоволна“ од дејствијата на Израел против Хезболах и другите играчи поддржани од Иран. Хезболах очигледно е посветен на уништување на Израел.

„Не’ обвинуваат дека соработуваме со вас бидејќи бевме многу среќни кога го нападнавте Хезболах, навистина среќни и драго ни’ е што победивте“, рече изворот.

Војните на Израел против Газа и Либан, поддржани од Западот, заедно со очајничкиот обид на американскиот империјализам да ја задржи својата доминација на Блискиот Исток, навистина создадоа плодна почва за исламистите повторно да ги подигнат своите грди глави.

Како последица на тоа, се враќа и сета реакционерна глупост која била контролирана од рамнотежата. Гледајќи дека Иран е расеан во Либан и Русија расеана во Украина, Ердоган ја виде својата шанса да утврди нови „факти на теренот“, поддржувајќи ја ХТС уште еднаш да земе оружје против режимот на Асад. Нивниот марш кон Дамаск сега брзо го менува составот на регионот, со далекусежни последици.

Доказ за гнасниот цинизам на израелскиот и западниот империјализам е тоа што тие повторно премолчено го поддржуваат нападот на џихадистичките банди бидејќи го гледаат како удар против нивниот главен непријател, Иран. Не им е важно дека ова може во меѓувреме да ја разурне Сирија и да го дестабилизира целиот регион.

Нов светски поредок

Со оглед на тоа што САД и Израел застануваат зад исламистите, Русија и Иран се борат да спасат што можат од режимот и од нивните сопствени интереси во земјата. Кина, исто така, изјави дека го поддржува Асад. Контурите на уште еден конфликт се исцртуваат со американскиот империјализам и неговите сојузници од една страна, и блокот на Русија, Кина и нивните сојузници од друга страна.

Постсоветскиот светски поредок, со САД како единствена суперсила на планетата, се распаѓа, а Вашингтон е предизвикан од луѓето во Кремљ и во Пекинг. Но, оваа нова рамнотежа на силите исто така го отвора патот за другите земји, како што е Турција, да балансираат меѓу овие два блока за да си купат повеќе простор за маневрирање.

Ердоган очекува отстапки од САД односно поддршка за неговата кампања да земе поголем дел од Сирија / Слика: Brookings Institution, Flickr

Турција е членка на НАТО. Сепак, во текот на изминатите години таа се приближи до Русија на меѓународно ниво и Иран на регионално ниво. Додека Западот ја санкционираше Русија, Турција профитираше од трговските договори со Москва, вклучително и договорите што ќе им помогнат на Русите да ги заобиколат западните санкции. По граѓанската војна во Сирија, Турците се договорија со Русите и Иранците да го истуркаат Западот во заеднички напор. Сега, меѓутоа, нишалото повторно се ниша на другата страна. Гледајќи ја својата шанса, Ердоган очекува отстапки од САД односно поддршка за неговата кампања да земе поголем дел од Сирија.

Социјализам или варварство

Империјалистите со децении го пустошат Блискиот Исток и на секој чекор го туркаа понатаму по патот на варварството. Тие ја претворија оваа некогаш процутена лулка на цивилизацијата во пуста пустина полна со болка, ужас и страдање. Војните на Израел не се исклучок. Сега тие се закануваат дека ќе се прелеат и дестабилизираат една по друга земја, отворајќи ги вратите за регионален пожар со најпогубни последици.

Идејата што се пласира на Запад е дека на Блискиот Исток му е потребна цивилизациска интервенција на западните сили, за да не падне во фанатичен исламски фундаментализам. Во реалноста, западниот империјализам и неговите сојузници се тие што се одговорни за сета мизерија што блискоисточните маси се принудени да ја трпат. Да не беше поддршката од Западот, бесните џихадиски кучиња не можеа да преживеат ниту еден ден.

Она што најјасно се истакнува во овој регион е суштината на капитализмот: тесниот интерес на неколку капиталисти на врвот на општеството, над интересот на масата на човештвото. Открива класа која не само што не е способна за владеење, туку и чие владеење е дијаметрално спротивно од цивилизираниот живот.

Хамид Ализадех, 06.12.2024 год