БалканИнтернационалаМакедонија

Напад врз РКС – во одбрана на наследството на југословенската револуција!

Во последниве недели, членовите на Револуционерниот комунистички сојуз во Хрватска беа мета на капиталистичките медиуми, идеолози и судскиот систем поради носењето на знамето на СФР Југославија на двете Паради на гордоста, во Загреб и Пула. Правната основа на овој прогон е крајно сомнителна, а јавната дискусија ја игнорира вистинската мотивација на постапките на хрватските другари – подигање на свеста за значењето на југословенската револуција и историскиот триумф на југословенската работничка класа. Овој текст ќе ја претстави позадината на ситуацијата, ќе ја објасни нашата мотивација за ваквата интервенција на Парадите на гордоста и ќе ги одбрани нашите позиции од обвинувањата.

ПОЗАДИНА

На 1 јуни 2024 година, другарите од загрепскиот огранок на Револуционерниот комунистички сојуз организираа интервенција на Парадата на гордоста во Загреб. За време на Парадата, другарите решија да го носат знамето на СФР Југославија како симбол на револуцијата во земјите од поранешна Југославија. Учесниците на Парадата речиси исклучиво со интерес и одобрување го поздравија знамето. Ова секако придонесе за извонреден успех на интервенцијата – продадени се над 40 материјали и собрани 7 контакти. Важно е да се нагласи дека присутни беа неколку стотици полицајци, од кои ниту еден не реагираше на оваа интервенција.

Но, веќе истиот ден станавме мета на низа негативни медиумски наслови, кои нѐ нападнаа и од десничарски, но и од либерални или леволиберални идеолошки гледишта. Додека едни нѐ нарекуваа големосрпски апологети и поддржувачи на „крвожедниот“ југословенски систем, други нè прозваа за промовирање на држава која ги прогонуваше членовите на ЛГБТК популацијата, чии симболи затоа немаат место на Парадата на гордоста.

Веста за нашиот чин стигна до врвот на хрватската политика, а голем број пратеници, пред се членови на Домовински Покрет и ХДЗ, меѓу кои и премиерот Пленковиќ, го коментираа настанот. Свој коментар во кој се оградува и го осудува знамето даде и Томислав Томашевиќ, градоначалникот на Загреб и лидер на лево-либералната партија Можемо. Медиумската бура траеше околу една недела, по што фокусот на јавниот дискурс вообичаено се сврте кон други дневни теми.

Во оваа прва фаза, нашите другари не почувствуваа никакви правни последици за нивното „криминално“ дело и покрај често соопштуваните информации за спротивното.

На 22 јуни, другарите од ограноците во Загреб и Истра-Риека заедно организираа уште една интервенција на Парадата на гордоста, овој пат во Пула. Слично како и во Загреб, тие го носеа знамето на СФРЈ, како и знамињата на РКС и на Интернационалата. И овој пат наидоа на интерес и одобрување од присутните, а акцијата повторно беше успешна, со преку 20 продадени материјали и 2 собрани контакти во 20 пати помал град од Загреб. Но, овојпат ги пречека и полицијата, која го евидентираше другарот кој носеше југословенско знаме. Оваа интервенција доби значително помалку медиумско внимание. Но, тоа не значи дека сме избегале од вниманието на надлежните државни институции – во утринските часови на 5 јули полицијата тропна на вратата на нашиот другар кој го носеше југословенското знаме на парадата во Пула. При разговорот во полиција, другарот бил известен дека против него е поднесена прекршочна пријава за кршење на член 26 од Прекршочниот законик кој гласи:

„Тој што без општа покана од општествено-политичка организација или без одобрение од органот на управата надлежен за внатрешни работи ќе истакне знамиња на странска држава, ќе се казни за прекршок во износ од 200,00 до 1000,00 евра.“

Полицијата при разговорот посочи дека слична постапка се подготвува и против другарката која го носеше знамето на интервенцијата во Загреб.

Правна небулоза

Апсурдноста на ова обвинување е очигледна. Правно гледано, Југославија не е постоечка држава и како таква нема надлежни општествено-политички организации кои можат да издаваат слични општи повици, а Хрватска не може да ја третира како „странска држава“. Исто така, за време на своето постоење, СФР Југославија правно не беше туѓа држава освен четири месеци на почетокот на 1992 година, по меѓународното признавање на независна Хрватска и пред уставните измени со кои Југославија стана изменета државна целина со ново знаме и значење. Современата Република Хрватска е и правен наследник на Социјалистичка Република Хрватска, членка на југословенската Федерација и како таква е призната како една од наследничките на СФРЈ според меѓународното право.

Накратко – СФРЈ моментално не е ниту држава ниту странска држава!

Медиумски обвинувања

Одлучно ги отфрламе обвинувањата на десничарските и либералните идеолози и нивните медиуми.

Знамето на СФРЈ не е напад на хрватскиот народ и на ниту еден начин не претставува додворување на големосрпската идеја. Случајно, ова знаме остана заложник на режимот на Милошевиќ – но не долго. Во 1992 година, по распадот на Југославија, Уставот беше променет во согласност со новата идеологија, а симболиката на НОБ беше укината, со што знамето беше сменето во верзија без петкрака. Затоа е лудо да се поврзува знамето на СФРЈ со Милошевиќ и неговите идеолошки наследници, а уште помалку со екстремни српски националисти кои по правило ја сметаат Југославија за ‘антисрпски проект’ (!).

Понатаму, југословенската идеја и реализацијата на социјалистичка Југославија никогаш не би биле можни без активното учество на хрватскиот народ во народноослободителната борба, како и хрватските илирски идеолози во соработка со раните српски интелектуалци од 19 век, кои ги развиле своите националните идеи со заедничка држава и идентитет на повидок.

Либералните напади врз основа на односот на југословенската држава кон ЛГБТК заедницата го кријат својот антикомунизам под превезот на грижа за ЛГБТК заедницата. Во 1945 година, Југославија го укина кралскиот закон против неприроден блуд и со тоа практично ја легализираше хомосексуалноста, но поради сталинистичката природа на југословенската комунистичка партија, слично на Советскиот Сојуз во 1934 година, новиот Кривичен законик од 1951 година конкретно ја криминализира содомијата, додека женските хомосексуални односи останаа легални. Но, во 1977 година, по уставните измени, голем број земји-членки на СФРЈ, меѓу кои и Хрватска, донесоа кривични закони со кои се укина казната предвидена за таа точка, што не е значајно подоцна во споредба со добар дел од западните земји.

Ова ја означува Југославија како земја која во свое време не ги третираше хомосексуалците полошо од европскиот просек и беше значително над светскиот просек, а во неа се спроведе и процес на декриминализација.

Ставот на РКС

Конечно, важно е да се нагласи што претставува спорното знаме за РКС. За нас ова знаме првенствено не е симбол на поранешната работничка република што ја воспостави сталинизираната Комунистичка партија на Југославија по победата во НОБ.

За нас ова знаме е симбол на народноослободителната борба, односно југословенската револуција. Тој е симбол на зајакнувањето, единството и ослободувањето на југословенската работничка класа, како и симбол на антифашизмот и пролетерскиот интернационализам. Затоа, тој е всушност симбол на општото ослободување на човештвото преку револуционерната борба и комунистичката трансформација на општеството. Поради оваа причина, избравме да го однесеме тоа знаме на Парадата на гордоста – патот кон еманципација на ЛГБТК популацијата воедно е и пат кон еманципацијата на целото човештво, што може да се постигне само со рушење на капитализмот!

Набрзо по интервенцијата во Загреб, реакционерниот Домовински Покрет, коалиционен партнер на владејачката ХДЗ, се обиде да стави точка за забраната на југословенското знаме на дневен ред во парламентот. Ова не е прв обид за забрана на југословенските симболи, но ова е првпат ваков предлог да стаса до собраниските клупи – јасно е, во контекст на светската криза на капитализмот, сè поголем број луѓе се свртуваат кон југословенската идеја како алтернатива на модерната капиталистичка Хрватска, која не им нуди никаква иднина, а сегашната хрватска власт се чувствува загрозена.

Мора да се спротивставиме на обидите на хрватската буржоаска држава да го криминализира истакнувањето на ова знаме – ова е намерно потиснување на симболот на единството на југословенската работничка класа и успешната југословенска револуција!

Мора да се спротивставиме на аспирациите на десничарите да не обележат како непријатели на народот – нашата борба е борба на целата работничка класа, а Југославија беше и ќе биде производ на заедничката борба на југословенските народи!

Мора да се спротивставиме и на обидите на либералните идеолози да ја оцрнат нашата револуционерна борба – решенијата што ги нудат за ЛГБТК популацијата се половични и нема да доведат до ослободување, туку само до расплинување на борбата за правата на овие малцинства и капиталистички субверзии како „пинквошинг“. Убедени сме дека ЛГБТК популацијата не ги дели реакционерните ставови на либералните идеолози – токму поради исклучително позитивните реакции на кои бевме сведоци во живо на Парадите.

Самата ЛГБТК популација ја гледа залудноста и лицемерието на капитализмот кон нив, и не е изненадување што на парадите на гордоста постоеше поголем интерес за Манифестот на Револуционерната комунистичка интернационала, наспроти нашите брошури кои се занимаваа со самото ЛГБТК прашање. Тоа покажува дека длабоката криза на капитализмот ја забележуваат сите слоеви во општеството.

Ослободувањето на ЛГБТК популацијата е можно само преку револуционерна класна борба, бидејќи под тоа знаме сите сме обединети!

Поради оваа причина, ги повикуваме сите кои сакаат да ги изградат силите на комунизмот да се приклучат на Револуционерниот комунистички сојуз и заедно со нас да се борат против опресијата врз сите угнетени општествени слоеви.

Автор: Адам Мартиќ, Риека, 25 јули 2024