ВестиДемократијаИнтернационала

Обидот за државен удар на Пригожин: изјава на Организацијата на комунистички интернационалисти – ИМТ во Русија

Организација на комунистички интернационалисти (ИМТ Русија) 24 јуни 2023 година

Ја добивме следнава резолуција од нашите руски другари, напишана во екот на бунтот, откако Евгениј Пригожин, началникот на платеничката група Вагнер, прогласи бунт и пренасочи колони војници во правец на Москва. Ситуацијата сега е малку помирна: Вагнеровите трупи запреа и беше најавено дека Пригожин ќе оди во егзил, по кратките преговори. Како што пишуваат другарите, ова беше борба меѓу два дела од руската олигархија. Повторно, олигарсите докажаа дека немаат интерес да го развиваат руското општество или да ги подобрат условите на руските народни маси. Нивната единствена грижа е да се збогатуваат преку крадење на трудот на работниците и сиромашните и со потиснување на секоја вистинска опозиција од масите. Единствениот излез од овој ќорсокак, единствениот начин да се избават работниците од нивните тешки услови, единствениот начин да се запре војната, корупцијата и општото распаѓање, е работничката класа да ја земе власта во свои раце, да го присвои имотот на сите олигарси и да го искористи огромното богатство на земјата за доброто на сите, по пат на социјалистичка револуција.


Денес, 24 јуни 2023 година, во Русија започна обид за десничарски пуч. По силна забуна, руската владејачка класа се собра околу претседателот и го осуди обидот за државен удар како „неочекувано предавство“ и „нож во грб“ против нацијата.

Нови извештаи сè уште доаѓаат така што нема смисла истите да се пренесуваат. Пред сè, вреди да се напомене еден неоспорлив факт: во Русија веќе има добро вооружени десничарски паравоени формации, со искуство во борбени операции, кои се подготвени да го доведат во прашање постоењето на сегашната влада.

Русија дојде чекор поблиску до граѓанската војна, која режимот толку често ја користеше за да го заплаши народот и од која вети дека ќе нè заштити. Меѓутоа, ова не го иницираше опозицијата, туку големите бизниси и десничарските елементи кои созреаја благодарејќи на обновувањето на капитализмот во Русија и особено благодарејќи на Путин.

На прв поглед, бунтот на Вагнер изгледа слично на маршот на Мусолини во Рим, но аналогијата би била површна. Вагнер е приватна армија, плод на модерниот капитализам и слободен пазар, во кој државата се обидува да делегира што е можно поголем број од своите функции на приватните бизниси. За разлика од бројните доброволни одреди на сепаратистичкото движење во Донбас кои се појавија во 2014 година, Вагнер ПВК се појави како комерцијална структура на сили за да обезбеди воена поддршка за агресијата на олигарсите во Сирија, кога таа земја беше зафатена од граѓанска војна. Според новинарската истрага на Д Бел, идејата за создавање ваква комерцијална структура се родила во армијата на врвот на Министерството за одбрана уште во 2010 година.

Ако ги занемариме патриотите и мрежата на воени дописници кои со бесмислици го опкружија името на Евгениј Пригожин, тогаш пред сè, тој е олигарх. Користејќи бројни врски со кругот на Путин, тој изгради огромна деловна империја, почнувајќи како угостител, а потоа се пресели во недвижен имот и на крајот го умножи своето богатство со договори од Министерството за одбрана. Дури и неговите големи медиумски активности никогаш не биле одвоени од неговите деловни интереси. Пристапот до воените договори мораше да се плати. Пригожин беше корисен човек за Путин и Министерството за одбрана, секогаш подготвен да ја заврши валканата работа без да привлекува внимание.

Зошто престана да ја игра оваа улога?

Бонапартистичкиот режим на Путин е систем на репресија од страна на бирократијата, односно од државата, која ja господари економски доминантната класа. Монополот на државата врз насилството овде добива посебно значење. Аутсорсингот на функциите на Министерството за одбрана во време на војна директно го поткопа овој принцип. Се повеќе и повеќе системски противречности, предизвикувајќи конфликти, се појавија помеѓу Министерството за одбрана и Пригожин, чија главна причина не беше политиката туку парите.

Шојгу (министерот за одбрана на Путин) наметна договори на волонтерски формации, кои неизбежно го отсекоа Пригожин од финансиските текови и се заканија дека ќе го претворат во чисто декоративен лик без моќ. Пригожин се спротивстави на финансиската уцена со борба што ја започна на медиумското поле. Со оглед на неговите медиумски ресурси, поточно нееднаквоста на медиумските ресурси во негов прилог, ова беше еднострана игра.

Во неговата вистинска економска програма, Пригожин не се разликува од Путин. Но, во својата агитација, Пригожин им се обрати на сите незадоволни од воените водачи, кои самите честопати се сосема просечни. Пред сè, неговите зборови ги охрабрија толпите кои држат ставови како „војна до победа“ и слично: оние кои, како Пригожин, се залагаат за милитаризација на економијата, општа мобилизација и воведување воена состојба. Единственото нешто што всушност може да се постигне со примена на таква „програма за акција“ е да се промени расположението меѓу работниците и воениот персонал од пасивна поддршка за војната до активно отфрлање. Надополнето со неизбежната економска криза и политичката нестабилност, ова може да доведе до револуционерна ситуација.

Ова претставуваше барем една можна опасност и ненамерен исход што произлезе од дејствијата на Пригожин. Вистинската револуционерна ситуација, сепак, се карактеризира не само со отвореното противење на властите и неспособноста на раководството да владее како порано, туку и со губењето на контрола од страна на владејачката класа, сè до појавата на двовластие.

Сепак, државниот удар на Пригожин досега не ги испровоцира масите да настапат на сцената. Во моментов, власта останува консолидирана, а „Пригожиновите поборници“ се политички изолирани. Текот на историјата е забрзан, но допрва треба да видиме нагло влошување на животниот стандард на масите, големо разочарување од страна на мнозинството Руси во режимот на Путин и нагло зголемување на нивната политичка активност. Денес, работничката класа останува набљудувач во овој драмски театар, поточно циркус. Ниту една страна во овој конфликт не ги повикува масите активно да им се приклучат, туку би сакале тие ентузијастички (но импотентно) да навиваат од трибините.

Ситуацијата што настана е клучен тест за руската левица, само што овој пат, нивните животи може да бидат во прашање. Овде, стандардниот изговор дека ова е битка меѓу „жабата и отровницата“ е несоодветен („битката на жабата и отровницата“ е руски израз, еднаква на „змијата и магарето“ кај нашиот народ). Всушност, тоа значи неделување – криминално неделување. Време е да се зграпчи бикот за роговите.

Не ги повикуваме масите да избираат меѓу Пригожин и Путин. Повикуваме на акција: независно, политичко дејствување во интерес на работничката класа. Руските комунисти мора искрено да се запрашаат: дали сме подготвени?

Што треба да се направи?

Прво, меѓу масите мора да бидат формулирани и промовирани јасни, реални политички барања. Во сегашната ситуација, не можеме да се повикаме на „практична активност“ која не придонесува за политизирање на масите и за системски раст на класната свест на масите, како што е бавната изградба на синдикати, социјални задруги и слично. Овој пристап веќе одамна е застарен. Денес нема смисла. Главните социјални и економски противречности на модерна Русија можат да се решат само со политички средства.

Второ, мора да ги напуштиме пријатните простори на интернет и во локалните иницијативи и да влеземе во реалниот свет. Свесни сме дека во современи услови е многу тешко, па дури и опасно да се води отворена политичка пропаганда. Но, работата на јутјуб и на интернет почна да ја заменува вистинската работа за активистите, претворајќи ги левичарите во обични конзумери на содржина. Самиот интернет никогаш не бил мотор на левичарското движење во Русија и никогаш нема да биде. Колку луѓе биле донесени во политички организации од страна на илјадниците блогови на „лајв журнал“? Колку од претплатниците на врвните блогери станаа политички активисти? Само дузина. Од друга страна, секој личен контакт, секоја објава во живо, секое учество во работен конфликт, па дури и најмалата колективна акција, или пак секое искрено и отворено застапување на својата позиција меѓу своите врсници, ја подигнува свеста на масите многу повеќе од десетици видеа на јутјуб.

Трето, на левицата и на целата работничка класа ѝ треба недвосмислен и отворено антивоен став, кој мора да му се понуди на народот. Да, тоа доаѓа со сериозни ризици и закана од прогон. Но, неодамнешните настани подобро од какви било изјави го покажаа деструктивното значење на тековната војна и докажуваат дека ако левицата не успее да спроведе антивоена пропаганда во реалниот свет, нивната позиција никогаш нема да стане популарна меѓу мнозинството.

Наивно е да се верува дека во момент на криза масите со задоволство ќе дотрчаат кај промовираните медиумски личности. Ќе одат кај оние што ги познаваат во реалниот живот чија работа ја виделе со свои очи. Се разбира, на тој начин ќе најдеме помалку контакти од бројот на коментатори што го собраа врвните медиумски личности, но овие контакти нема само да стојат на страна. Ќе станат политички активисти.

Четврто, покрај социо-економските барања, мора да покренеме и демократски барања. Ние се бориме за вистинска работничка демократија, од врвот до дното на општеството. Активната пропаганда за антивоена позиција, за идеите на комунизмот, работничката демократија, отфрлањето на милитаризмот, ќе го активира детонаторот на револуцијата: младината.

За повеќето активисти дојде моментот да се одлучат. Остануваме ли на страна, надевајќи се дека следната мобилизација или следната бомба ќе не заобиколи? Или учествуваме во изградбата на револуционерна кадровска организација, независна од капиталистичката класа и функционерите, која не е заслепена ниту од нивната „патриотска“ ниту од нивната „општествена“ реторика.

Сега мораме да внесеме класна и антивоена програма во работничките колективи и синдикалните организации. Мораме да ја заштитиме и развиеме независноста на нашите слободоумни студентски колективи. Но, за да се бориме против произволните власти и нивната реакционерна „алтернатива“, конечно ќе ни треба политичка организација. Формирајте солидарни групи на вашето работно место, разговарајте за актуелните настани, придружете се на постоечките политички групи кои покренуваат прогресивни барања!

Активистите на нашата организација беа меѓу првите кои се спротивставија на војната; го иницираа формирањето на коалицијата на марксистичките интернационалисти; организираа бројни кампањи за одбрана на политичките затвореници, особено на лидерот на куририте Кирил Украинцев; и одржаа конгрес на единство во мај, формирајќи Организација на комунистички интернационалисти (ОКИ). Со дело докажавме дека е можно да се спротивставиме на режимот додека сме во Русија. Нашата визија и нашите барања ги поставивме во програмата на ОКИ. Ако се согласувате со сето горенаведено, придружете се на Организацијата на комунистичките интернационалисти.

Против Путин! Против Пригожин!

Мир на работничките заедници. Војна против палатите!

Ако не ние, тогаш нема кој!