Јужна Кореја: додека работниците на Самсунг штрајкуваат нема нови чипови
Минатата недела избувна битка, Давид и Голијат, во Самсунг, најголемиот Чаебол (голем индустриски јужнокорејски конгломерат управуван и контролиран од поединец или семејство) во Кореја, каде работниците го започнаа првиот штрајк на неопределено време во историјата на компанијата.
Самсунг е една од најголемите корпорации во светот и е одговорна за 20 отсто од БДП на Јужна Кореја. Тој е главен производител на мемориски чипови и контролира 42 отсто од глобалниот пазар за полуспроводници, неопходна стока за производство на микропроцесори. Од почетокот на годината, објави пораст на профитот од 900 отсто, што го предвидува да се зголеми за дополнителни 1.400 отсто до крајот на годината, поттикнат од зголемената побарувачка на технологии за вештачка интелигенција.
Со децении, компанијата ја цедеше секоја последна капка профит од своите работници, со многу пријавени прекршувања на законите за минимална плата и пробна работа, принудна работа и неправедни отпуштања. Таа безмилосно се спротивстави на сите обиди за синдикално организирање, а нејзиниот основач Ли Бјунг-Чул изјави дека Самсунг никогаш нема да дозволи синдикати „додека немам земја [од гроб] врз моите очи“. Сепак, корпорацијата на крајот беше принудена да ги признае синдикатите во 2020 година, откако нејзиниот потпретседател и 25 други беа затворени за нелегално разбивање на синдикати.
Сега, на 10 јули, по одбивањето на раководството да преговара по првичното тридневно напуштање на работата, Националниот синдикат за електроника на Samsung (НСЕУ) прогласи штрајк на неопределено време во кој учествуваат 6.500 работници кои се борат против мизерните работни услови и за признавање на нивниот синдикат. Овој синдикат е основан дури во 2020 година и оттогаш се зголеми од три члена на 30.000, што претставува четвртина од корејската работна сила на Самсунг. Значајно е тоа што околу 5.000 од работниците кои штрајкуваат работат директно во одделот за полуспроводници на компанијата.
Работниците пријавуваат мноштво физички деформитети кои произлегуваат од континуираното, рачно работење на производната линија / Слика: НСЕУ
Овие работници, претежно жени, бараат „да не бидат третирани како машински делови“. Тие пријавуваат мноштво физички деформитети кои произлегуваат од континуираното, рачно работење на производната линија, вклучувајќи дегенеративен артритис, деформирани прсти и синдром на карпален тунел. На почетокот на оваа година, двајца работници во фабриката Гихеунг, која е во центарот на штрајкот, дури беа изложени на нуклеарно зрачење!
Според зборовите на еден од работниците кои штрајкуваат: „Мораме да се заштитиме самите себеси. Компанијата никогаш нема да не заштити“.
НСЕУ јавно изјавува дека има за цел да го наруши производството на полуспроводници. Додека газдите се обидоа да ги уверат своите акционери дека работата продолжува како и обично, синдикатот известува за пад на производството од 80 на 18 отсто како резултат на штрајкот. Ова има големи импликации за целата светска економија и покажува колку моќ е сконцентрирана во рацете на овој клучен сектор на работничката класа.
Капиталистичка криза
Овој штрајк го изразува основното незадоволство што се акумулира во технолошката индустрија и поширокото јужнокорејско општество со децении. „Чудесниот“ период на раст, кој ја трансформираше Кореја од една од најмалку развиените земји на планетата во високотехнолошка капиталистичка економија, е далечно сеќавање. Од просечната стапка на раст од 6,4 отсто од 1970 до 2022 година, Банката на Кореја сега предвидува пад на 2,1 отсто во текот на 2020-тите.
Овој штрајк го изразува основното незадоволство што се акумулирало во технолошката индустрија / Слика: NSEU
Оваа стагнација имаше огромни социјални последици. Јужна Кореја се соочува со неконтролирана криза во домувањето, експлозија на задолженост на домаќинствата и безмилосни мерки на штедење.
И покрај оваа општа криза, профитот на чаеболите достигна рекордно високо ниво како резултат на зголемувањето на пазарите за микрочипови и вештачка интелигенција. Соочени со растечката конкуренција од новите кинески технолошки корпорации, тие го следат порастот на побарувачка со тоа што ги притискаат своите работници уште посилно.
Не само што јужнокорејските работници работат во едни од најдолгите смени од која било земја на ОЕЦД, тие го прават тоа во небезбедни услови, бидејќи газдите кратат на мерките за здравје и безбедност за да ги намалат трошоците и да го забрзаат производството. Помеѓу 2020 и 2023 година, имаше повеќе од 8.000 смртни случаи на работните места. Претходно оваа година, во пожар во фабрика за литиумски батерии загинаа 22 лица.
Ова се жртвите на профитните маргини на газдите, жртвувани на алтарот на капитал.
Класна борба
Не е ни чудно што јужнокорејските работници почнаа да се организираат против ваквата состојба. Исто така работниците на Самсунг не се сами.
Не е ни чудно што јужнокорејските работници почнаа да се организираат против ваквата состојба / Слика: НСЕУ
Претходно во февруари, илјадници лекари-приправници стапија во штрајк во знак на протест поради разликите во платите во здравствената индустрија. Минатата година, Корејската конфедерација на синдикати (KCTU) свика генерален штрајк на 400.000 работници против владата.
Наспроти овој бран на индустриска акција, чаеболите се потпираат на режимот на Јун Сук Јеол, кој се покажа како лојален бранител на капиталот. Откако дојде на власт, Јун, кој некогаш фантазираше за наметнување 120-часовна работна недела, водеше немилосрдна војна против синдикатите со цел да ја заштити „конкурентноста“ на корејскиот капитализам. Седиштата на синдикатите беа претресувани, а активистите беа фрлени во затвор, сето тоа под лажни обвинувања за соработка со Северна Кореја.
За време на штрајкот на лекарите, сѐ што владата имаше да понуди беа само лицемерни обвинувања дека работниците кои штрајкуваат ги „загрозуваат пациентите“, без ниту еден збор за опасните услови за работа во самите болници.
Чаеболите и нивните политички лакеи имаат за цел да го скршат работничкото движење и да ги трансформираат корејските работници во „суровини за експлоатација“. Но, ова не може да продолжи. Профитот на моќниот корејски технолошки сектор почива на нестабилен балон од шпекулативни инвестиции, заедно со супер-експлоатација на илјадници работници. Во меѓувреме, кризата на светскиот капитализам врши општ надолен притисок врз платите и животните услови и ја поставува основата за интензивирање на класната борба. Овој штрајк е само почеток.
Каде оди движењето?
Штрајкот во Самсунг претставува херојски чекор напред за целото јужнокорејско работничко движење. Победата ќе ѝ даде до знаење на целата класа колкава е нивната потенцијална моќ и ќе покаже дека може да се соочи со капиталистичките џинови кои владеат со Јужна Кореја и да ги победи.
Синдикатот направи храбар почеток со профолжување на штрајкот на неопределено дејство, но за да напредува, треба да ја организира останатата работна сила. Досега, само 20 проценти од синдикатот штрајкува, а НСЕУ, иако е најголем, е само еден од петте синдикати организирани во рамките на Самсунг.
НСЕУ претставува енормно моќен дел од јужнокорејската работничка класа / Слика: НСЕУ
Во првите три дена од акцијата, синдикатот направи храбар бран со собир од 2.000 штрајкувачи. Меѓутоа, последователните собири не успеаја да го задржат моментумот и изведоа само неколку стотици луѓе.
Единствениот начин да се изборат против исцрпеноста е да се вбризга штрајкот со свежи трупи. НСЕУ треба на било кој начин да ги мобилизира работниците да ги вовлечат своите колеги во борба. Дел од проблемот беше недостатокот на иницијатива од страна на синдикалните лидери. Според зборовите на еден штрајкувач:
Но, за да се зајакне штрајкот, потребна е борбена програма. На поконзервативните слоеви на работната сила мора да им се влее доверба дека постои план што може да успее да го падне Самсунг на колена и да го принуди да ги прифати условите на работниците. Тие ќе бидат убедени да се приклучат на битката само ако се уверени дека нивните лидери се подготвени да се борат до самиот крај.
Мора да се изготви план за заострување да се избегне штрајкот да стане изолиран и да ја изгуби силата. Во исто време, синдикатот мора да се подготви за опасниот непријател во форма на Јун Сук Јеол и вооружените сили со кои располага јужнокорејската држава, кои – како што видовме во неговото брутално задушување на минатогодишниот штрајк на камионџиите – нема да престане додека не направи крвав пример од работниците што штрајкуваат.
За да се спротивстави на репресијата, НСЕУ мора да упати општ апел до остатокот од работничката класа. Моќта на јужнокорејското работничко движење беше откриена во 2021 година со штрајкот што го свика КЦТУ, на кој излегоа 550.000 работници. Постојат длабок гнев и незадоволство низ општеството.
НСЕУ претставува енормно моќен дел од јужнокорејската работничка класа способен да го осакати најважниот сектор на економијата. Тие се совршено позиционирани да му дадат водство на целата класа. Поврзувајќи се со работниците во другите сектори и насочувајќи ги во заедничка борба, тие можат да оформат моќна одбранбена линија против репресивните државни сили и да го парализираат целото општество.
Она што на крајот се бара е револуционерно раководство од работничката класа, вооружено со бескомпромисна социјалистичка програма, што може да го ослободи бесот што врие во јужнокорејското општество и да ги спои овие борби во заеднички напад за соборување на Јун, мега-корпорациите и капиталистичкиот систем во целина.
Џеф Хванг и Џонатан Хинкли 18 јули 2024 година
оригинал: South Korea: chips are down as Samsung workers launch historic strike