Протест на културните работници – класната борба се заострува!
На 19 април 2024 година пред министерството за култура на Република Македонија во Скопје се одржа протест на културните работници, поради доцнењето на платите за месец март. Културните работници својот револт го искажаа организирани преку Синдикатот на културата на Република Македонија. Имено, СКРМ како синдикат на културните работници произлезе од нужната потреба за синдикално организирање на работниците од културата, во услови кога СОНК, во чии рамки влегуваа културните работници, беше тотално без слух за нивните барања. Импотентноста на СОНК ги организира културните работници во нов синдикат – СКРМ каде работниците видоа надеж за подемократско организирање. Културните работници гласно ги искажаа своите барања, кои беа крунисани преку усвојување на Колективниот договор за културата. Со оглед на фактот дека културните работници беа меѓу работниците во јавниот сектор со најниски примања, (иако голем дел од нив се високообразовани и квалификувани), едно од барањата беше вметнување на членот 65 во Колективниот договор за култура чија суштина е прогресивно растење на платата на културните работници, чиј раст е врзан со растот на минималната плата на ниво на држава.
Со донесувањето на овој Колективен договор во културата материјалната положба на културните работници беше значително подобрена. Со тоа, не само што се направи исчекор во решавање на еден клучен проблем на културните работници, туку се направи и преседан за добар Колективен договор во интерес на работниците, кој служи како инспирација и за другите грански синдикати во нивните битки. Но, како што знаеме и како што самата дијалектика налага, буржоаската држава секогаш ќе се обидува да ги нападне позитивните текови на работничката борба и да нанеси некаква штетна политика врз грбот на работничкото движење, за да се пригуши растечката класна борба во иднина. Така, во повеќе наврати и покрај јавното прокламирање од страна на владејачките елити дека Колективниот договор во културата ќе биде сигурен, сепак, имаше обиди за негова промена, особено во однос на членот 65. Од друга страна, организираните работници покажаа дека штом еднаш освојат некакво право, нема така лесно да се откажат од истото.
Последните настани, односно со протестот на културните работници поради доцнењето на платата, се покажа дека работниците од културата будно ги следат настаните и организирано делуваат преку својот синдикат. Тоа значи дека работничката класа е свесна за својата позиција и за своите права, односно дека нема лесно да дозволи да биде манипулирана од буржоаските партии.
Културните работници, како и сите останати се работници и се дел од работничката класа кои во замена за својот труд примаат плата. Тоа значи дека сите работници, особено од приватниот сектор, треба да го следат примерот на културните работници, каде преку цврсто синдикално организирање, може да ги извојуваат своите права.
Треба да се напомене дека културните работници преку својот пример имаат и одговорност пред целата работничка класа да продолжат да докажуваат дека преку синдикално организирање може да се создадат услови за Колективен договор кој ќе ја подобри нивната положба во општеството. Работниците од културата не смеат да потклекнат пред ниту една буржоаска власт, со што ќе ја поттикнат целата работничка класа да го следи нивниот пример. Добра прилика за да се потврдат овие тези е првомајскиот протест на кој работничката класа треба што побројна да излезе на улиците и да ја покаже својата организирана сила како главен чинител во секое општество.
Но, мора да одиме чекор напред. Наша задача како комунисти е да бидеме таму каде што се одвива класната борба и јасно и гласно да кажеме дека секоја борба и за најмали отстапки во корист на работничката класа, ќе го доведе во прашање самиот капиталистички систем, особено во контекст на растечка криза и инфлаторни притисоци. Ние не се задоволуваме само со ситни отстапки кои можат да бидат лесно одземени во кризни времиња, ние сакаме да изградиме нов свет каде работничката класа може да ги ужива придобивките на општественото богатство кое го создава, без притисокот на наемното ропство. Придружете ни` се во таквата борба!
23 април 2024, ЕЛ