Избори без избор
„Еднаш во неколку години [да] се решава кој член од владејачката класа ќе го потиска, ќе го затапува народот во парламентот — ете во што се состои вистинската суштина на буржоаскиот парламентаризам, не само во парламентарно-уставните монархии, туку и во најдемократските републики“. – В.И. Ленин: „Држава и револуција“
Се наоѓаме пред уште едни историски избори, впрочем како и сите досегашни избори што беа „историски“, за отпосле да се се покаже дека историското во нив значи зацврстување на статус квото на економската нееднаквост и политичка репресија на буржоазијата. Преку фасадата на наводната демократија повторно ќе се замајува работничката класа со излишни прашања неповрзани со нејзините класни интереси и успешно ќе се замаглува капиталистичката експлоатација. Во тој контекст изборниот процес е целосно кооптиран од веќе вкоренетите елити и олигарси произлезени од криминалната кражба на општествената сопственост и истиот им служи за легитимирање на нивната доминација и заштита на нивните класни интереси, односно интересите на капиталот.
И овие избори не претставуваат ништо друго туку спектакл од шупливи и излитени ветувања за подобар живот, после кои положбата на работничката класа ќе стане уште полоша, а општеството ќе продолжи да пропаѓа во пазарната анархија.
Општествената и економската состојба во која ги дочекуваме изборите
Економската состојба во која ги дочекуваме овие избори е значително влошена, а квалитетот на живот е во постојано опаѓање во сите аспекти. Последниот значаен удар со кои беа соочени работниците беше високата инфлација, која достигна и 20%, како и последователниот вртоглав раст на цените на основните животни продукти, најмногу на храната. Според минималната потрошувачката кошничка определена од ССМ работниците треба да издвојат околу 45% од истата за задоволување на основните потреби за исхрана и 30% за домување. Но она што треба да се има на ум е дека оваа минимална потрошувачка кошничка останува недостижна за најголем број од работниците, односно сите оние кои земаат минимална или нешто поголема од минималната плата.
Владата на СДСМ и ДУИ за да го амортизира, барем делумно, шокот од растот на цените беше принудена да ја покачи минималната плата за околу 50% проценти во 3 години, односно од 15000 во 2021 година на 22500 денари, колку што изнесува денес. Но во реалност, работниците се посиромашни доколку се погледне растот на трошоците за живот. Па така, минималната потрошувачка кошница пораснала од 32500 денари во 2021 година на 57500 денари во јануари 2024 година, а доколку семејството живее во изнајмен стан, неговите минимални трошоци изнесуваат 73000 денари, што значи дека трошоците се пораснати за 100%. Дополнително, покачувањето на минималната плата не се одрази линеарно во покачување на останатите плати, па ефектот од истото е зголемување на корпусот на работници кои примаат минимална плата и плата под просекот.
Она што е несомнено е дека цената на инфлацијата ја понесоа работниците преку реалното кратење на цената на нивниот труд, па дури и „значајното“ покачувањето на минималната плата со кое се кити Владата во реалност е само номинално и истото пак претставува кратење споредбено со растот на трошоците за живот.
Илустративен пример за бесчуствителноста и нетактичноста на владеачката структура, беше одлуката на Уставниот суд, донесена токму во време на најсилен инфлаторен притисок, со која на избраните и именувани функционери, односно самите тие, си одредија покачување на сопствените платите за неверојатни 78%. Тука се опфатени сите судии, обвинители, директори на државни агенции и нивните заменици, градоначалниците, пратениците, министрите, односно политичкиот врв. Ова предизвика силни реакции кај работниците и синдикатите кои во тој период штрајкуваа и кои отворено прашуваа како покачувањето кое тие го бараат од 10% или 20% ќе предизвика дополнително забрзување на инфлацијата, додека оние кои ги спречуваат во таа намера добиваат покачување од 78% без никаков проблем.
Најпогодена категорија од притисокот на инфлацијата и растот на цените беа пензионерите. Најголем број од вкупниот број пензионери се наоѓаат во категоријата на корисници со најниски законски пензии, односно околу 87000 пензионери од вкупно 348000, се со пензија во висина од 12500 денари до 16000 денари. Пензионерите започнаа масовно самостојно да се организираат наспроти насоките на нивната организација „Здружение на пензионери“ организирајќи протести и блокади со барање за линеарно покачување на сите пензии за 3500 денари, а подоцна и за смена на раководството на „Здружението“ кое активно се вклучи во саботирање на нивните барања.
Според последните анкети, токму овие прашања ќе бидат одлучувачки фактор на овие избори. Имено, околу 60% од испитаниците ги посочиле како најгорливи проблеми ниските плати и инфлацијата, а дури една половина изјавиле дека не успеваат да ги подмират трошоците за живот во еден месец, а околу 40% од испитаниците на оваа анкета изјавиле дека очекуваат економската состојба дополнително да им се влоши во периодот што следи.
Друг значаен проблем со кој е соочена државата е масовниот егзодус, особено на младото и работоспособно население кое бега во центрите на капитализмот. Овој одлив претставува двојна закана по стабилноста, бидејќи ја поткопува одржливоста на целиот систем, но и го исцрпува човечкиот потенцијал за во иднината. Економскиот модел заснован на привлекување странски директни инвестиции со евтината работна сила претставува системски неуспех на капитализмот на периферијата да обезбеди било какви значајни можности и перспективи за граѓаните.
Социјалдемократите без компас
Во однос на економскиот модел, социјалдемократите, иако најавуваа, воопшто не успеаја да воспостават некаков нов курс, и во голема мера само го продолжија претходно воспоставениот модел на економија конципирана на давање на приоритет на странските инвестиции и нивно субвенционирање со понуда за евтината работна сила која можат да ја експлоатираат за своите профити.
Може слободно да кажеме дека основни одлики кои ќе ја одбележат власта предводена од СДСМ и ДУИ се нивната неконзистентност, беспринципност и секако распространетата корупција.
Пример за ова е и едно од основните предизборни ветувања кое го прокламираа како „главните столбови [на програмата] со цел да се надмине нерамномерната распределба на богатството во земјава“, тоа беше воведувањето на прогресивен данок, поточно на данокот на личен доход и данок на добивка. Но откако ја презедоа власта, социјалдемократите веднаш ретерира од овие позиции, и веднаш по воведување на прогресивниот данок на личен доход во 2018, ја повлекоа одлуката т.е. примената на истата ја одложуваа секоја година, за во 2023 целосно да ја укинат и да продолжат со примена рамниот данок. Рамниот данок што претходно и самите го критикуваа како неправеден. Затоа не треба да има сомнеж чии интереси се заштитени од СДСМ, тоа се интересите на капиталот.
Последниот клин на сопствениот ковчег во однос на економијата и работничките права, социјалдемократите го поставија со носење на законот со кој се овозможи 72 часовна работна недела за проекти од „стратегиско национално значење“. Оваа одлука го одразува поширокиот тренд на приоритетизирање на интересите на капиталот во однос на правата и достоинството на работниците. Во конкретниот случај законот се носи за да се удоволи на барањата на изведувачот на изградбата на коридорот 8 и 10, американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“. Со овој закон на голема врата државата ја отвори можноста за 72 часовна работна седмица и ултра експлоатација на работниците. Особено погубен ефект ќе има за мигрантските работници кои ќе бидат намамени да работат под вакви робовски услови на проекти од „стратегиско национално значење“.
Ветувањето дека ќе се справат со корупцијата од денешна перспектива изгледа како несмешен виц. Веќе не постои пора во општеството што не е допрена од општоприсутната корупција, од која во неколку наврати се случија инциденти кои резултираа со трагично губење на човечки животи, на пример автобуските несреќи во Ласкарци и Бугарија, палењето на модуларната болница во Тетово, скандалот со цитостатици од онкологија.
Како шлаг на торта во наводната борбата против корупцијата беа и измените на казнениот закон од страна на парламентарното мнозинство, со кои ефективно се амнестираа сите политичари и бизнисмени кои се гонат за корупција. Логиката најверојатно е штом никој не се гони, значи дека корупција нема.
Социјалдемократите на овие избори излегуваат целосно банкротирани и во неможност да понудат било што значајно. Оттука целиот свој фокус го префрлија на надворешните прашања, односно на ЕУ интеграцијата, надевајќи се дека тоа ќе ги подобри изгледите да ги преживеат овие избори. По влезот на Македонија во НАТО преку договорот со Грција, со кој се смени името на земјата без одобрување од граѓаните на референдум, СДСМ се насочи кон забрзување на ЕУ интеграциите по секоја цена. Во тој контекст самите се прогласија за најпроевропска партија. Сепак не беа успешни во настојувањето да го имплементираат договорот за добрососедство со Бугарија пред да започнат изборите, од проста причина што не можеа да соберат доволен број на пратеници за отворање на Уставот со цел внесување на договорените уставни измени.
ВМРО ДПМНЕ: економија на ниски даноци и ниски плати
Во отсуство на реална алтернатива, на неспособноста на СДСМ најмногу ќе капитализира конзервативната ВМРО ДПМНЕ. Според анкетите се очекува да освојат над 50 пратеници, додека СДСМ околу 30 пратеника.
Конзервативците играат опортунистички на сентимент во однос на промената на името и договорот за добрососедство со Бугарија, иако е извесно дека доколку тие формираат парламентарно мнозинство самите ќе ги внесат потребните измени во Уставот со цел спроведување на тој договор. Она што за нив беше важно, тоа да не се случи до изборите, односно да не ја нарушат сопствена изборна позиција.
Но, што нудат? Едно од првите ветувања на ДПМНЕ беше дека ќе ги намалат даноците за компаниите да ја „разбудат“ економската активност. Ова во ситуација кога и покрај огромната инфлација државниот буџет е во дефицит од 500 милиони евра две години по ред само ќе предизвика нови задолжувања и удар по социјалните трансфери, односно дополнително осиромашување на најранливите категории и префрлање на богатството кај „бизнисот“. Што значи економија со ниски даноци и ниски плати – продолжување на циклусот на сиромаштија и поголем профит за капиталот, тоа е понудата.
Главниот соучесник во последние 20 години
Континуираното учество на ДУИ во сите Влади од формирањето на партијата во 2002 (со исклучок помеѓу 2006-08) до денес, ја одредува како главен соучесник во обликувањето и спроведувањето на сите штетни политики и криминали кои ја креираа сегашната состојба. Па сепак, иако носи голем дел од одговорноста за катастрофалната состојба, ДУИ успева да ја одржи перцепцијата дека се најголемите заштитници на албанскиот народ. Ова произлегува од две објективни причини, нивната историска заднина, која произлегува од ОНА од една страна, а од друга 20 годишното владеење кое овозможи да создаде силна партиска структура и цврст партиски апарат којшто корумпира голем број луѓе со партиски вработувања во државните институции и други привилегии.
Централно место во стратегијата на ДУИ претставува негувањето на симболичните победи, кои немаат никакво реално влијание во подобрување на животот на граѓаните, туку единствено служат за преку нив да ја зацврстат манипулацијата дека тие се единствен авторитет меѓу албанските партии. Таква симболична победа пред овие избори е именувањето на Талат Џафери за Премиер во техничкиот мандат на Владата, односно како што вели паролата на ДУИ „прв албанец премиер“.
Наспроти ДУИ се создаде голема коалиција од повеќе албански парламентарни партии која се заканува да го детронизира. Сепак, шареноликоста на оваа коалиција не се карактеризира со суштинска политичка алтернатива, односно единствената цел на оваа коалиција е да се сруши ДУИ по секоја цена. Во оваа трка помеѓу две празни понуди, ДУИ е во предност ако се имаат во предвид сите махинации и механизми кои произлегуваат од учествување во власта повеќе од 20 години, а кои ДУИ секако ќе ги искористи.
Безидејната Левица
Левица, по поделбата во 2019 и последователното свртување кон десно, опортунистичкото кокетирањето со национализмот и јавањето на бранот на националното незадоволство успеа да оствари одредени краткорочни изборни успеси, кои резултираа со влегување во парламентот. Сепак оддалечувањето од класната политика и анализа на стварноста и идеолошката адаптацијата кон десно доведе до конфузија и противречности кои се мошне очигледни, и тоа не само меѓу нивните подржувачи туку и меѓу самите членови, па дури и членови на раководството на партијата. Таков пример е неодамнешниот текст во нивното партиско гласило, Антропол, каде член на партискиот сектор финансии вели дека Левица се залага за стимулација на пазарот и зголемување на конкуренцијата, додека во статутот им стои дека се антикапиталистичка партија. Безброј примери може да се посочат за антинационализмот којшто е прокламиран во статутот на партијата, но негиран во праксата.
Коалицирањето на Левица во власта на градот Скопје (предводен од градоначалничката – претставник на стопанските комори), служи како опиплив пример за нивната јаловост и во целост ги негира нивните тврдења за некаква идејна особеност на партијата во однос на другите буржоаски партии како и нивната наводна неподмитливост.
Идеолошката недоследност и опортунизмот на раководството на партијата создаде недостаток на нови идеи, кој ќе се обидат да го пополнат со празна реторика и лажен радикализам, а со единствена цел повторно да ги остварат сопствените електорални амбиции.
Сличен пример е и политичката партија ЗНАМ, која е производ од распаѓањето на СДСМ. Нејзиниот лидер Димитриевски изјави дека новата партија ЗНАМ е позиционирана „од центар кон лево со десничарски патриотски ставови“. Ваквиот бесрамен опортунизам со кој партиите се обидуваат да привлечат што е можно поголем број на гласачи и отсуството на било каква идеолошка конзистентност е повторувачка и сеприсутна тема во политичкиот живот во Македонија.
Амбасадите се вистинската власт
Во дистописка реалност што ja живееме создадена од капитализмот на својата периферија, мошне големо влијание имаат империјалните сили. Во случајот со Македонија, таа е под целосна хегемонија на САД. Во пресрет на овие избори, американската амбасадорка, без нималку иронија, се претстави како независен набљудувач кој ќе ги следи изборите и ќе внимава да нема влијание од странство на истите.
Повеќето партии слепо ги следат директивите кои им ги даваат империјалните господари и нескриено ја покажуваат подреденоста кон интересите од надвор. Оваа послушност достигнува страшни размери што буржоаските политичари одат дотаму и отворено ја признаваат и прифаќаат и сопствената неспособност кога се критикувани од колонијалниот господар и бараат од колонијалните господари да интервенираат директно во колонијата која според уставот е самостојна и суверена држава. Претседателскиот кандидат на ДУИ, и да биде полошо и министер за надворешни работи од 2020 г., Бујар Османи е олицетворение на ваквото однесување. Тој истапи со предлог да се формира меѓународен борд составен од претставниците на САД, ЕУ и НАТО, чија функција ќе биде да „прави филтрирање на личностите кои се занимаваат со политиката во нашата земја… дали имаат некаква поврзаност со руските интереси и дали се вмешани во каква било форма на корупција“, односно неговото барање гласи: доколку некој сака да се занимава со политика и извршува јавна функција во Македонија, потребно е да добие сертификат од САД, ЕУ и НАТО, па потоа може да се кандидира и да биде избиран. Буржоаските политичари веќе не се ни обидуваат да ја сочуваат илузијата за слободата и суверенитетот на земјата со која управуваат.
Заострување на класниот судир
Под притисокот на инфлацијата и растот на цените на основните животни производи, класната борба добива на интензитет. Годината што измина беше одбележана од цел бран на штрајкови и мобилизирање на работниците. Такви беа штрајковите на машиновозачите и машинскиот персонал во МЖ Транспорт, штрајкот во УЈП, штрајкот на судските и обвинителските служби, Државниот испитен центар, штрајкот во јавните комунални претрпијатија во Скопје и Тетово, честите протести на вработените во ЕУРОНИКЕЛ, Македонска пошта, Министерството за здравство, Царинската управа, работниците од култура кои се закануваа со стапување во штрајк но во последен момент беа откажани. Иако не дојде до целосен генерален штрајк, остана значајно незадоволство кое во никој случај не е решено. Продлабочување на кризата ќе влијае уште повеќе да се заостри класниот судир и ќе предизвика мобилизација кај пошироките слоеви. Затоа не смееме да паѓаме во цинизам, туку имаме обврска да го искористиме историскиот момент во кој се наоѓаме како катализатор за создавање нов напредок и процут на цивилизацијата.
Она што нам како комунисти ни претстои, меѓу другото, е да ги демаскираме илузиите на буржоаската демократија и да градиме организација која ќе ја подготви работничката класа за револуционерна борба со цел рушење на капитализмот. Единствено преку колективна акција и солидарност, работничката класа може да го стане архитект на сопствената иднина, кршејќи ги оковите на капиталистичкото угнетување и создавајќи ново општество засновано на принципите на правда, еднаквост и пролетерска моќ.
Илузијата на избор се потешко ја маскира реалноста на капиталистичкото угнетување. Како што младите масовно бегаат барајќи засолниште од економската стагнација и политичкото разочарување, а тие што остануваат стануваат се посиромашни, бесмисленоста на буржоаските избори станува сè поочигледна. Непопуларноста на политичките партии на капиталот допрва ќе расте. Без разлика дали се декларираат за леви или десни, на се поширок слој работници им станува јасно дека овие партии служат како алатки за владеењето на капиталот, служат за спроведување на капиталистичките шеми и носење на антиработнички мерки со кои се продлабочува експлоатацијата над пролетаријатот.
Ослободувањето на работничката класа и воспоставувањето на пролетерска власт се возможни само во целиот свет, со здружени, организирани и обединети сили во интернационална и глобална борба, бидејќи и самиот капитализам денес е повеќе од било кога интернационален. Во тој контекст Револуционерната Комунистичка Интернационала на 7 март 2024 година го објави својот Манифест, укажувајќи на егзистенцијалната криза на светскиот капитализам, како и на потребата истиот да биде срушен и заменет со социјализам.
Наспроти опиумот од лажни, веќе добро познати изборни фарси, составени од националистички митови од една и либерални митови од друга страна, на работниот народ му преостанува самиот да ја поведе борбата против своите експлоататори со борбена комунистичка партија. Оваа борбена комунистичка партија нема да се изгради самата од себе, потребно е да се приклучите кон нашата организација и нашата Револуционерна Комунистичка Интернационала.
Автори: Петар Чуриќ и Дејвид Јовановски