БалканЕвропаИнтернационала

Зошто ни треба комунистичка интернационала

Во јуни, Интернационалната Mарксистичка Tенденција ќе ja лансира новата Револуционерна Комунистичка Интернационала, за смело да го вее здравото знаме на комунизмот на секој континент. Во оваа статија, Алан Вудс ја објаснува историската важност на овој чекор, следејќи го развојот и падот на претходните Интернационали и покажувајќи го значењето на РКИ во борбата за комунизам денес.

Регистрирајте се сега за нашата основачка конференција!

Комунизмот е или интернационален или не е ништо. Веќе во зората на нашето движење, на страниците на Манифестот на комунистичката партија, Маркс и Енгелс објаснија дека работниците немаат татковина. Основачите на научниот социјализам не работеа за создавање на германска партија туку за меѓународна. Ленин, Троцки, Роза Луксембург и Карл Либкнехт го посветија својот живот на истата цел. Интернационализмот не беше каприц, ниту резултат на сентиментални размислувања. Тој произлезе од фактот дека капитализмот се разви како светски систем. Од различните национални економии и пазари, се појави една единствена, неделива и меѓусебно зависна целина – светскиот пазар.

Денес, ова предвидување на основачите на марксизмот беше беспрекорно демонстрирано, практично како во лабораториски стил. Разорното доминирање на светскиот пазар е најодлучувачкиот фактор на нашата епоха. Нема посовремена книга од Манифестот на Маркс и Енгелс. Toj го објаснува поделеното општеството на класи; го објаснува феноменот на глобализацијата, кризите на прекумерното производство, природата на државата и фундаменталните движечки сили на историскиот развој.

Сепак, дури и најточните идеи не се постигнуваат ништо, доколку не најдат израз организациски и практично. Затоа основачите на научниот социјализам секогаш работеа неуморно за создавање на интернационална организација на работничката класа. Маркс и Енгелс играа клучна улога во формирањето на Меѓународната работничка асоцијација, денес позната како Прва интернационала. На почетокот, таа организација имаше многу хетероген состав. Маркс и Енгелс беа одговорни да се изборат за постигнување на идеолошка јасност. Битката за идеи се водеше на два фронта: од една страна, тие требаше да се борат против реформистичките идеи на опортунистичките лидери на синдикатите. Од друга страна, требаше постојано да се води борба против анархистичките, ултра-левичарските и секташките тенденции. И денес работите не се многу променети. Комунистите се соочени со истите проблеми и мораат да се борат против истите непријатели. Имињата можеби се променети, но содржината е иста.

Но, Маркс и Енгелс не ја ограничуваа својата работа само на теориската борба. Интернационалата не стоеше настрана од секојдневните проблеми на работничката класа. Таа секогаш беше вклучена со практична работа во работничкото движење. Наспроти тврдењата на буржоаските непријатели на комунизмот, немаше апсолутно ништо диктаторски во методите на Карл Маркс. Напротив, во работата со работниците со реформистички погледи, тој покажа упорност и трпение. Тој му напиша на Енгелс:

“Беше многу тешко да се постават работите така што нашите погледи би се појавиле во форма прифатлива од сегашната гледна точка на работничкото движење.  […] Ќе биде потребно време додека повторно разбуденото движење да дозволи од старата храброст на говорот. Ќе биде неопходно да се биде fortiter in re, suaviter in modo (смел по содржина, но благ по постапки).”

Ова е многу добар совет за комунистите денес кои сакаат сериозно да се вклучат во масовните организации на работничката класа.

Крајот на Првата интернационала

Првата интернационала направи големи чекори напред. Но, поразот на Париската Комуна во 1871 година ѝ нанесе смртоносен удар на организацијата. Реакционерниот период кој следеше го направи невозможно нејзиното функционирање во Франција, а секаде Интернационалата беше прогонета. Но, вистинската причина за нејзините тешкотии е поради подемот на капитализмот на светско ниво што следеше по поразот на Комуната. Под овие услови, притисокот на капитализмот врз работничкото движење предизвика внатрешни препирања и фракционерството. Со потхранењето на општата атмосфера на разочараност и очај, се засилија интригите на Бакунин и неговите следбеници. Поради овие причини, Маркс и Енгелс прво предложија да се премести седиштето на Интернационалата во Њујорк, а на крај одлучија Интернационалата да се распушти барем привремено. Првата Интернационала беше формално распуштена во 1876 година. Некое време, немаше интернационала.

Втората интернационала

Првата Интернационала успеа да ги постави теоретските основи за вистинска револуционерна интернационала. Но, таа никогаш не била вистинска масовна работничка интернационала. Таа беше навестување на иднината. Социјалистичката интернационала (Втората интернационала) беше промовирана во 1889 година и продолжи таму каде што застана Првата интернационала. За разлика од Првата интернационала, таа имаше масовна база. Во нејзините редови беа масовните партии и синдикати во Германија, Франција, Британија, Белгија и други земји. Периодот 1871-1914 година бил класичен период на социјалдемократијата. Барем со зборови, таа се базираше врз основа на револуционерниот марксизам. Меѓутоа, несреќата на новата Интернационала беше што појави во периодот на огромен капиталистички подем.

Врз основа на долг период на економски раст, беше возможно капитализмот да ѝ даде отстапки на работничката класа или, поточно, на нејзиниот висок слој. Постепено, се формираше привилегирана работничка аристократија. Социјалдемократските лидери се уверија дека е можно да се постигнат нивните цели без револуција. Тие почнаа да веруваат дека полека, мирно, постепено, со реформи, може да се решат проблемите на работничката класа. Тие ја спротивставија оваа „практична“ политика со она што тие ги сметаа за застарени теории на марксизмот, иако продолжија да ја повторуваат реториката на класната борба во првомајските говори. Луѓето како поранешниот ученик на Маркс, Едуард Бернштајн, се обидоа да обезбедат теоретска основа за ова назадување со обидот за ревизионизам на марксизмот. Но, материјалната основа за национал-реформистичката дегенерација на Втората (социјалистичка) интернационала беше вкоренета во објективните услови на капитализмот, што се чинеше дека пружа докази дека ревизионистите биле во право.

Меѓутоа, палатата на реформизмот беше разнесена во вис, до небо, во 1914 година, кога лидерите на Интернационалата гласаа за воените кредити и ја поддржаа „својата“ буржоазија во империјалистичкиот колеж во Првата светска војна. Војната и Руската револуција што произлезе од неа, го најавија почетокот на нов и бурен период на револуција и контрареволуција. На оваа материјална основа се роди нова работничка интернационала.

Комунистичката интернационала

Веќе во 1914 година, Ленин донесе заклучок дека Втората интернационала е мртва како орган за менување на општеството. Тој ја прогласи новата Трета интернационала, иако во тоа време бројот на револуционерни интернационалисти беше жално мал. Интернационалистичката тенденција беше изолирана од масите, кои беа под влијание на социјал-шовинистичките водачи и опиени од гасовите на патриотизмот. Беа потребни големи настани за да се промени ситуацијата. Ова се случи во 1917 година со избувнувањето на револуцијата во Русија.

Ленин и Троцки ја водеа руската работничка класа до освојување на власта и во 1919 година тие беа во можност да го прогласат основањето на Третата (комунистичка) интернационала. Коминтерната, како што стана позната, застана на квалитативно повисоко ниво од нејзините два претходника. Како и Првата интернационала, таа се залагаше за јасна револуционерна, интернационалистичка програма. Како и Втората интернационала, таа имаше масовна база од милиони членови. Под водство на Ленин и Троцки, Комунистичката интернационала одржуваше правилна револуционерна линија. Се чинеше дека судбината на светската револуција е во добри раце.

Сепак, изолацијата на Руската револуција во услови на застрашувачка материјална и културна заостанатост се одрази во бирократската дегенерација на Револуцијата. Бирократската фракција предводена од Сталин доби предност, особено по смртта на Ленин во 1924 година. Подемот на сталинизмот во Русија го задуши огромниот потенцијал на Третата интернационала. Сталинистичката дегенерација на Советскиот Сојуз направи хаос со неискусните и незрели раководства на комунистичките партии во другите држави.

„Социјализмот во една земја“

Во 1928 година, Троцки предвиде дека прифаќањето на „теоријата“ на социјализмот во една земја неизбежно ќе доведе до националистичка дегенерација на комунистичките партии. Тоа предвидување е целосно потврдено од историјата. Таа таканаречена теорија означи решителен прекин со ленинистичкиот интернационализам. Тоа беше израз на националната ограниченост на перспективите на бирократијата, која на Комунистичката интернационала гледаше само како на инструмент на надворешната политика на Москва. Откако ја искористи Коминтерната за свои цинични цели, Сталин ја распушти во 1943 година без воопшто да се преправа дека има конгрес.

Троцки и Левата опозиција се обидоа да ги одбранат беспрекорните традиции од Октомври против сталинистичката реакција. Тие се залагаа за ленинистичките традиции на работничката демократија и пролетерскиот интернационализам. Но, тие водеа изгубена битка против моќниот бран на историјата. Во 1938 година, Троцки ја прогласи Четвртата интернационала, нудејќи здраво револуционерно знаме на новата генерација. Но, таа беше уништена од грешките на нејзините водачи по атентатот на Троцки. Без водство на Троцки, Четвртата интернационала заврши како абортус. Неколку децении подоцна, сè што остана од таа организација е огромен број поделби и секташки групи, секоја побизарна од другата. Тие не постигнаа ништо освен да сеат бескрајна конфузија и да ја дискредитираат самата идеја на троцкизмот во очите на многу борци од работничката класа.

Денес, она што остана од Четвртата интернационала се идеите на нејзиниот основач, Леон Троцки, кои ја задржуваат сета своја релевантност и важност. Овие идеи беа одржани во живот со неуморната работа на покојниот другар Тед Грант и денес се претставени од Интернационалната марксистичка тенденција.

Дегенерација на комунистичките партии

Горди сме на нашето идеолошко наследство. Сепак, мора да се соочиме со фактите. Денес, 150 години по основањето на Првата интернационала, поради комбинација на објективни и субјективни околности, револуционерното движење е фрлено назад, а силите на вистинскиот марксизам се сведени на мало малцинство. Причините за тоа треба да се најдат главно во објективната ситуација. Деценискиот економски раст во напредните капиталистички земји доведоа до невидена дегенерација на масовните организации на работничката класа. Ова ја изолира револуционерната струја, која секаде е сведена на малцинство на малцинството.

Распадот на Советскиот Сојуз го остави последниот печат на дегенерацијата на поранешните сталинистички лидери, од кои повеќето капитулираа пред притисоците на капитализмот и отворено преминаа во таборот на реформистите. Но, има и друга страна на медалот. Сегашната криза ја разоткрива реакционерната улога на капитализмот и го става на дневен ред заживувањето на меѓународниот комунизам.

Плимата на историјата

Со децении моравме да пливаме спротивно на струјата. Но, сега бранот на историјата почна да се врти. Насекаде, под површинската илузија на смиреност и спокојство, има зовриена струја на бес, огорченост, незадоволство и пред се фрустрација од постојната состојба во општеството и политиката. Дури и во Соединетите Американски Држави, постои широко распространето незадоволство и преиспитување на постојната состојба, која претходно не беше присутна.

Сите обиди на буржоазијата да ја врати економската рамнотежа служат само за уништување на социјалната и политичката рамнотежа. Буржоазијата се наоѓа заробена во криза за која нема решение. Тоа е клучот за разбирање на сегашната ситуација. Кризата го наоѓа својот израз во нестабилноста во секоја сфера: економска, финансиска, социјална, политичка, дипломатска и воена. Иднината што ја нуди овој систем може да биде само една бескрајна беда, страдање, болести, војни и смрт на човечкиот род. Според зборовите на Ленин: капитализмот е ужас без крај. Иронија на историјата е тоа што лидерите на масовните работнички партии се држат до расипаниот капитализам и пазарот дури и кога тие се уриваат пред нашите очи.

Единствена солуција

Централниот проблем може едноставно да биде посочен. Тоа е проблем на лидерството. Во 1938 година, Троцки изјави дека кризата на човештвото може да се сведе на криза на пролетерското раководство. Тоа целосно ја сумира сегашната ситуација. Немајќи цврста основа во марксистичката теорија, таканаречената левица капитулираше и се откажа од борбата за социјализам. На нејзиното место има огромен вакуум. Но, науката нè учи дека природата не поднесува вакуум. Ова нè соочува со многу конкретен предизвик.

Работниците и младите жестоко сакаат да го променат општеството. Но, тие не можат да најдат организиран израз за нивните напори. На секој чекор, патот им е блокиран од старите бирократски организации и раководства кои одамна се откажале од секакво преправање да се залагаат за социјализам. Во целиот свет, новата генерација на класни борци брзо се оформува врз основа на кризата на капитализмот. Ова доведува до длабока промена на свеста, особено кај младите. Најновите анкети од Британија, САД, Австралија и други земји ни даваат многу јасен показател дека идејата за комунизам забрзано се шири. Овие млади луѓе не треба да се убедуваат. Тие се веќе комунисти. Но, тие не гледаат алтернатива во ниту една од постојните организации. Напротив, тие се одбиени од нив. Тие бараат здраво знаме, организација која радикално расчистила со предавничкиот десничарски реформиизам и кукавичкиот „левичарски“ опортунизам.

Потенцијалот за комунизам е огромен. Наша задача е да го направиме овој потенцијал реалност. Но, како тоа да се постигне? Соочени сме со флагрантна контрадикторност. Денес идеите на Маркс се порелевантни и понеопходни од било кога. Но, идеите, сами по себе, се недоволни. Мораме да ги преземеме неопходните практични мерки за да ја најдеме оваа нова генерација комунисти и да ја регрутираме под нашето знаме. Тоа нужно значи дека на идеите треба да им дадеме конкретен, организациски израз. Потребата од нова интернационала не е произволна одлука. Тоа не е ниту израз на некоја субјективна желба или непромислено брзање. Тоа е нешто што јасно го налага целокупната ситуација. Дали е вистинско време за ваков храбар чекор? За некои луѓе, се разбира, времето никогаш нема да биде вистинско. Тие секогаш ќе најдат илјада причини зошто треба да го одложиме донесувањето одлука. Но, не можеме да правиме програма и политика од двоумење и сомнеж. Може да се приговори дека нашите бројки се премали за да преземеме таков чекор. Но, секое револуционерно движење во историјата отсекогаш започнувало како мало и навидум безначајно малцинство. Во 1914 година, силите со кои располага Ленин беа патетично мали. Но, тоа не го одврати да ја прокламира потребата од нова комунистичка интернационала. Имаше многу сомнежи, дури и кај неговите приврзаници, но историјата докажува дека тој бил во право. Сосема е точно дека нашите сили се многу мали во споредба со огромната задача пред нас и немаме илузии за тоа. Но, таа ситуација веќе почнува значително да се менува.

Ни претстои важна работа и таа работа, која доаѓа во решавачка фаза, веќе вроди со важен плод. Тоа јасно го покажува извонредниот успех на кампањата „Дали си комунист?“. Насекаде рапидно растеме. Тоа не е случајно. Сега пливаме заедно со струјата на историјата. Пред сè, имаме правилни идеи. Тоа на крајот е единствената гаранција за успех.

Она што е потребно е вистинска комунистичка партија, која се заснова на идеите на Ленин и другите големи марксистички учители, и интернационала на линиите на Комунистичката интернационала во текот на првите пет години. Тоа е задачата што ја поставивме пред нас. Таа е апсолутно неопходна и итна задача која не признава одлагање. Од мали почетоци, под најтешките услови што може да се замислат, Меѓународната марксистичка тенденција веќе изгради организација на илјадници работници и млади во многу земји. Ова е големо достигнување. Но, тоа е само почеток. Сега е дојдено време да се направи одлучувачки чекор: отпочнување на Револуционерната комунистичка интернационала.

Упатуваме повик до секој работник и млад човек кој се согласува со оваа цел да ни помогне да ја постигнеме нашата конечна цел: победата на меѓународниот социјализам.

Против капитализмот и империјализмот!

За социјалистичка трансформација на општеството!

Придружете ни се во борбата за светска револуција!

Работници на светот, обединете се!

Лондон, 11 март 2024