ШТРАЈК ВО ЈАВНИТЕ ОБВИНИТЕЛСТВА – БОРБА ЗА ОПСТАНОК И ДОСТОИНСТВО!
На 27 септември започна уште еден долг штрајк на работниците во јавните обвинителства, уште еден во низата долги штрајкови на разни сектори на вработени во администрацијата предводени од синдикатот УПОЗ. Основното барање на штрајкот е зголемување на платите за 78% по урнекот на платите на функционерите и враќање на додатоците од 35% кои им се ускратени во последните месеци. Со последните покачувања на функционерските плати разликата помеѓу функционерска и работничка плата оди и до размер од 1:6! Работниците ја покажаа својата одлучност и непоколебливост најавувајќи дека за време на штрајкот вработените нема да работат ниту да бидат на своите работни места, а само во ретки случаеви ќе ги извршуваат итните и неодложни работни задачи. Тие бараа со ребалансот на буџетот да се предвидат потребните средства за покачување на платата на работниците.
Кога зборуваме за социјалната положба на овие вработени, треба да имаме предвид дека тие во голем дел од случаите земаат плата од 22.000 денари и се речиси до минималецот кој во моментот изнесува 20.200 денари. Статистичката пресметка на просечна плата од над 37.000 денари е научна фантастика за овие и за 80% од работниците кај нас! Нивниот животен стандард е постојано под удар на мерките на штедење и под притисок на инфлацијата. Нивната улога во одржувањето на правосудниот систем е есенцијална и просто не можеме да го замислиме функционирањето на државните органи без нивниот труд. Невозможно е еден јавен обвинител да може ефикасно да ја работи својата работа без целиот тим на записничари, курири, доставувачи, соработници, хигиеничари, референти и сл. Со други зборови, нивното неработење може слободно да предизвика целосен крах на правосудниот систем. Или како што велеше познатиот марксист Тед Грант „Ниту една сијалица нема да свети, ниту едно тркало нема да се движи, без љубезна дозвола на работниците од овој свет.“
Јавните обвинители односно функционерите даваат декларативна поддршка за штрајкот, но треба да се земе предвид дека не постои вистинска солидарност од нивна страна и нивниот материјален интерес не е ист како материјалниот интерес на овие работници. Нивната поддршка е само на зборови, но не и со дела, се со цел да си го исперат образот во очи на сѐ поголемиот работнички гнев. Нивниот главен интерес, покрај привилегиите кои ги уживаат е да овозможат непречено функционирање на системот по секоја цена.
Државната власт се трудеше да го игнорира штрајкот, со надеж дека ќе ги исцрпи работниците и деморализирани од нивниот неуспех ќе се вратат на своите работни задачи и ќе престанат со штајкот. По еден месец активен штрајк и протест пред Владата се формираа работни групи (една од синдикатот, една од Влада) со цел да се изнајде решение за проблемот на работниците. И покрај двете одржани средби на работните групи и привременото ставање на штрајкот во мирување, Владата не понуди ништо конкретно и остана глува на барањата на синдикатот, не предвидувајќи ништо во новиот буџет за 2024 година за овие работници. Дополнително, Владата има намера во скратена постапка или со европско знаме да ги измени сите посебни закони за вработените во месец март да не добијат усогласување кога ќе се покачи минималната плата. Да биде безобразието уште поголемо, вицепремиерот Фатмир Битиќи во изјава ги обвини работниците за незавршените предмети во судството и обвинителството и дека ако се зголемеле платите, немало да има за пензии, домување за студентите и учебници за учениците. Ова е тактика која има за цел да сврти работници против други работници, студенти и пензионери против работници. Мораме да ги разобличиме сите обиди за поделба во работничката класа и минирање на штрајкот, бидејќи истите овие тактики ќе бидат употребени кога ќе штрајкува било кој друг слој од работничката класа во иднина. Сѐ ова што се случува е уште еден доказ дека нема простор за компромиси и дека работниците мораат жестоко да се борат и за најмалата отстапка во нивна корист. Ова е уште еден аларм за синдикалната бирократија за фарсата која се нарекува социјален дијалог. По пропаста на преговорите, вработените се вратија на улични протести и продолжија со штрајкот. Во контекст на овој штрајк, вреди да се потсетиме дека оваа категорија на работници има борбена традиција. Имено, штрајкот на судската служба во 2016 година траеше повеќе од 60 дена, а историскиот рекорд е 82 дена во штрајк на јавната администрација во 2000 година. Работниците имаат значајно историско искуство на кое можат да се потпрат, како и корисни лекции од минатото.
Уште еден важен момент во целата оваа приказна е дека состојбата со работниците во овинителствата и правосудството воопшто во многу аспекти наликува на тоа што се случува во Хрватска, а за кое веќе пишуваа нашите хрватски другари. Оттука, се раѓа потреба за координирање на класната борба на целиот југословенски простор.
Koи се процесите што се одвиваат и што може да очекуваме во иднина?
За очекување е штрајковите да станат честа појава во контекст на циклични економски кризи. Поради погрешните политики и периферната економска положба, државата ќе биде принудена да пополнува дупки во буџетот со задолжувања и кога тие долгови ќе мора да се вратат, таа ќе удира по платите на многу слоеви од работниците и по јавните услуги. Можеме да бидеме сигурни дека нема да го чепне профитот на капиталистите со драстична промена во даночната политика. Како одговор на оваа капиталистичка владејачка политика, се јавува потреба за независна работничка политика, за политика на работнички протести и штрајкови, за независно синдикално и политичко организирање коешто ќе има цел од корен да го трансформира општеството во интерес на работничката класа. Тоа е сврзното ткиво на сите борби и штрајкови кои претстојат. Секој штрајк е непроценливо искуство и лекција, тоа е животна школа за работничката класа во борбата за подобро утре.
Автор: Дејан Лутовски