БалканВестиМакедонија

Британски заем – кој ќе ја плати сметката? 

Македонската влада склучи договор за отворен заем со Британија, во износ од 5 милијарди фунти (6 милијарди евра). Според најавите, овој заем ќе се користи во период од 10 години за финансирање на капитални проекти (болници, патишта, железници и сл.). Информациите кои стасуваат до јавноста по однос на заемот се многу оскудни. Она што со сигурност се знае е дека отплатата ќе отпочне откако капиталниот проект ќе биде ставен во функција. Многу други важни детали од Договорот се засега непознати.

Премиерот Мицкоски и останатите владини претставници не штедеа пофални зборови за овој нивни чекор. Мицкоски договорот го нарече „архитектура за иднината“ и „голем чекор напред“. Имајќи во предвид дека според првичната реторика се работеше за инвестиција, а не за заем, обелоденувањето на другите детали има потенцијал да открие многу други спорни работи, како на пример каматната стапка предвидена со договорот. Овој договор претставува најголемото единечно задолжување на Македонија било кога.

Не е тајна дека македонската економија е во ужасна состојба. Таа е потполно зависна од странскиот капитал и всушност нејзините производствени капацитети се скоро непостоечки. Со други зборови, поради ваквата тесна поврзаност, сите потреси на светските пазари – или во нашиот случај германскиот пазар – многу лесно би ја довеле македонската економија во тотален колапс. Ова покажува дека владејачката класа во Македонија нема никаква стратегија за развој, а економијата единствено се води според трендовите на анархичниот слободен пазар.     

Годишниот заем од Британија (околу 600 милиони евра) е колку веќе постоечкиот годишен буџетски дефицит. Тоа значи дека овој заем само ќе го дуплира буџетскиот дефицит и тоа најмногу ќе го почувствува работничката класа, кога овој заем ќе мора да почне да се отплаќа. Се разбира тука се поставува прашањето кој ќе профитира најмногу од овој заем? Одговорот е едноставен, тоа е владејчката класа на Велика Британија која ќе однесе најголем дел од колачот, а секако не смееме ниту да ги изоставиме нашите владејачки елити кои ќе профитираат преку разни тендери, набавки, односно ќе ги добијат трошките од остварувањето на „капиталните инвестиции“. Од она што е познато, во секоја инвестиција ќе мора да има најмалку 30 проценти британско учество што во превод би значело дека повеќе од 1,6 милијарди фунти од вкупно 5 милијарди фунти ќе мора да се потрошат за стоки и услуги од британски фирми. Народски кажано, Британија ѝ дава пари на Македонија со десната рака, а подоцна ќе си ги земе парите назад со левата рака. Не треба да сме премногу паметни за да заклучиме дека целта на британската држава во овој случај е примарно помош на британските фирми за зголемување на нивниот извоз и засилување на нивната меѓународна позиција, особено после големите промени кои се случуваат на меѓународната геополитичка сцена. Треба да напоменеме дека има и други примери на слично кредитирање во регионот (Србија) и пошироко и дека ова претставува дел од поголема стратегија на британскиот капитализам спроведена преку државната кредитна агенција УК Експорт Фајненс за ревитализација на британската економија. 

Ова не е ништо помалку од еден класичен пример за тоа како функционира колонијалната подреденост на недоволно развиените земји кои се под влијание на светските империјалистички сили. Шлагот на колачот за кој зборувавме погоре е во фактот дека покрај монетарниот интерес, владејачката класа на Велика Британија ќе се стекне со моќ да влијае врз политиките на Македонија. По излегувањето на Велика Британија од ЕУ (т.н. Брегзит), таа одново се обидува да се наметне како една од главните империјалистички сили во Европа. Велика Британија се обидува да стане новиот мост помеѓу САД и ЕУ во новата распределба на империјалистичко влијание, преку користење на т.н. „мека моќ“ за освојување на нови региони.  

Овој систем на функционирање не е воопшто нов. Дури Ленин своевремено во почетокот на минатиот век детално го опиша во неговото познато дело „Империјализмот како највисок стадиум на капитализмот“. Со оглед на тоа, ние како комунисти не сме против меѓународна економска размена на добра и услуги, но овде е повеќе од јасно дека се работи за експлоатација во вистинска форма. Всушност, баш на овој начин империјалистичките сили создаваат голем дел од „своето“ богатство, но треба да потенцираме дека владејачките класи на овие држави, исто како и кај нас, не го споделуваат ова богатство со работничката класа.

Ние во принцип поддржуваме  инвестиции, развој на технологијата и индустријата, бидејќи најголемите придобивки од тие инвестиции би ги чувствувале работниците, младите и пензионерите на кои и тоа како им се потребни нови болници, железници, училишта, современи фабрики и сл. Но, мора да сме искрени. Праксата досега покажала дека периферна капиталистичка земја како Македонија нема капацитет ова да го реализира и спроведе, односно нема капацитет да ја развива економијата ниту да го подобри животот на сопствените граѓани. Во оваа насока, вреди да се потсетиме само на многуте ветувања за изградба на Чебрен и Галиште кои повторно се споменуваат како проект во контекст на британскиот заем. Зошто инвестициите не функционираат е поради самата природа на извезениот капитал, а тоа е да се извлече вишокот вредност, но бидејќи месната капиталистичка класа е слаба, профитите стануваат екстрапрофити со понатамошна пауперизација на локалното население. Тоа е принудено за исселување и намалување на животниот стандард споредено со тој во развиениот Запад. Стапките на раст се на ниво на Запад, што е недоволно ни од блиску да се престигнат развиените економии. Расипаноста на локалната капиталистичка класа само ќе го зголеми неуспехот од овие т.н. капитални инвестиции.

Овој нечовечен метод на експлоатација е директен производ на капитализмот. Како противтежа на ова, една здрава работничка држава поставена на социјалистички основи во склоп на една поинаква глобална социјалистичка економија, би била способна да работи во интерес на мнозинството од народот, да реализира проекти од витално значење, да алоцира ресурси онаму каде што истите ќе се најпотребни, само ако од равенката се исклучи интересот и профитниот мотив на капиталистичката класа.