ДемократијаМакедонија

Победникот на собраниските избори 2020

Гласањето не менува ништо, борбата продолжува – постер од Франција 1968 година

Низ провидната пропаганда или хистерични испади на партиите мора да се разбере суштината на собраниските избори 2020, а тоа е одржување на системот што се основа на капиталистичка економија, а во кој паразитира огромна бирократија. Затоа кога се прашуваме кој е победник на изборите одговорот во кратка форма е капиталот. Формално ќе ги претставиме бројките и фактите и ќе ги толкуваме со материјалистичка анализа.

Излезноста од околу 52 отсто е најниска за овие 30 години повеќепартиски систем, дури пониска од бојкотираните избори на опозицијата во 1994 година. Овој пад на излезноста во голема мера се должи на епидемијата на ковид-19. Но, подетална анализа укажува дека тоа не е единствениот фактор. Голема улога игра и разочараноста од неостварените ветувања, кога по 3 години владеење на новата гарнитура стана јасно дека практикувањето на власта е во корист на грст бизнимени и олигарси. „Прогресивниот“ СДСМ е партија на капиталистичката класа, колку и да се шминка со социјална трансфери и наводни реформи. Од друга страна, сеќавањата од 11 годишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ се свежи и масите не сакаат така лесно да ја подарат својата доверба на другиот угнетувач.

(кредит Википедија) Изборни резултати по изборни единици

Бројот на неважечки листови е сразмерно намален со излезноста, но гласовите за партиите не се сразмерно намалени. Најголемо намалување имаат двете најголеми коалиции „Можеме“ (СДСМ, Беса и др) и „Обнова на Македонија“ (ВМРО-ДПМНЕ и др.) со губиток од 167 илјади и 139 илјади гласа, соодветно, коешто е претворено со губење на 8 односно 7 пратенички мандата. Партијата ДУИ и покрај енормно ниската излезност во и.е. 6, го зголеми своето конто за 18 илјади, но далеку е од историските победи од 150 илјади гласови за цели 40 до 50 илјади гласови. Горе долу наведените коалиции и партии ја имаат изгубено довербата на третина од своето гласачко тело.

Освоени гласови и мандати на Собраниските изборите 2020 година и споредба со претходните одржани 2016 година

Алијанса на Албанците и Алтернатива (ААА) како и Левица затоа добија 9 и 2 пратенички мандата, а го зголемија гласачкото тело. Веројатно изгубените гласовите на ДПА целосно се префрлени кон ААА, а веројатно партијата која се нарекува Левица успеа да извози на бранот на национално понижување комбиниран со големо социјално незадоволство, прикажувајќи се како „неизвалкана партија“. На овие избори дефинитивно можеме да заклучиме дека главната владеачка партија и главната опозициска партија не успеаја да ги натераат гласачите повторно да гласаат за нив. Нивната понуда беше стерилна исто како што беше и нивното владеење. Сето ова беше пропратено со невкусна црна кампања за напад на противникот, каде изостануваше доследно презентирање на сопствената програма и ставови.

Најверојатно изборите нема да донесат промена на власта и СДСМ и ДУИ ќе се договорат за идната влада. Се разбира ништо не е така јасно во земјата која се именува како Северна Македонија, но циркузот и глумата пред камерите веќе и не изненадува никого. Социјалдемократите подготвија програма за наредниот период која многу наликува на програмата што ја имаше нивниот опонент во 2011 и 2014 не само по обемноста (се плашам дека сега треба да седнеме и да ги студираме стотината страници податоци и сувопарни информации што било направено, колку цигли биле бетонирани, колку сено било ожнеано и сл.). Она што програмата ја разликува од минатите избори е десното скршнување во фискалната политика, намалување на даноци или укинување кај најпропулзивните сектори. Социјалните трансфери во тој случај и покрај ветеното нема да се остварат и идната влада на СДСМ ќе заврши неславно. Дополнително, притисокот од парламентарната опозиција ќе биде сличен на периодот 2002 до 2006 г. Економската криза и притисокот од Западниот империјализам ќе ја направат власта нестабилна поради неуспешноста на мерките на штедење.

Нема парламентарна сила која ќе се спротивстави на капитал-односот и ќе застане зад работникот и неговата борба за ослободување. Нема масовна сила која има преодна програма да го затресе трулиот систем и да ја засили класната борба.

Зад циркусот што го прават елитите во врска со влезот на двајца пратеници од Левица, се крие нивната тотална неспособност да се разбере феноменот „Апасиев“ и калкулантскиот однос во политиката. Партијата Левица на овие избори настапи со аурата на бранители на македонската државност по националното понижување кое го приредија СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ со промената на името. Тие се типични социјал-шовинисти, а не фашисти или национал-социјалисти. Нивната наводна одбрана на татковината произлегува од испипаниот дискурс во јавноста и електоралната аритметика, а не од некоја социјалистичка идеологија или еманципаторска улога за угнетените. Освен тоа, Левица успеа да ги поларизира и насанка гласачите од пропадната средна класа со милитантноста на лидерот и неговата омраза кон „Сорос“, „одродениот ес-де-ес“ и „великоалбанскиот шовинизам“ – сите овие митови и теории на завери се терен којшто во услови на ковид-19 расцветаа. И како што македонскиот национализам е зајакнат по авантурата на Заев и Ципрас, со огромен притисок на империјализмот, така како сврзани садови се надополнија со албанскиот национализам. Тоа го увиде блокот на албански партии и тие заиграа на картата кој е поголем Албанец, со запоставување на социјалната компонента. Тука може да се објасни и феноменот со освоените мандати на ДУИ и нивниот благ раст на поддршката во споредба со претходните избори од 2016 година.

Но, лебот мора да се стави на маса. Работничката класа која нема своја партија со социјалистичка програма го покажува сѐ повеќе презирот, апстинирањето или бесот кон парламентарната демократија. Но, нема кратки патишта кон работниците. Задача на комунистите е да не наседнуваат во создавање на непринципиелни фронтови на левицата, каде фокусот се мали или изолирани теми со цел влез во парламентарната политика по секоја цена. Горкото искуство во македонската Левица, во свој облик на десно шовинистичко застранување, е слично на искуството со словенечката Левица (каде по недемократскиот конгрес на обединување, излезе третина од членството, а подоцнежното парламентарно делување беше со цел формирање на влада, каде пратениците покажаа непослушност кон партијата и страшен пад на партијата, можеби до целосно исчезнување од сцената) или Радничка фронта од Хрватска (со проблемите на своеволно одлучување на неколкумина лидери и гласањето на мнозинството за распуштање на истата, која влезе во блок со либерали токму за парламентарна аритметика). Како реакција на вулгарниот активизам и бркањето пратенички или советнички места, дел од разочараните учесници во овие избрзани проекти креваат раце од понатамошниот ангажман или практикуваат теориски ескапизам со херменевтични трибини без реални политички заклучоци. При тоа се бранат „чисти социјалистички теории“ или „вистинската левица“ наспроти опортунизмот на парламентарната или урбаната левица. Затоа ни е потребна внимателна и трпелива изградба на идната работничка партија на јасни програмски принципи и револуционерни перспективи. Кадрите на партијата се градат дијалектички со спој на теоријата и практиката заради и поради зајакнување на класната борба, со анализа на состојбите и мерки за напредок.

8 август 2020, АА