Интернационала

Иран напаѓа: опасната игра на Нетанјаху


Во саботата на 13 април, Иран објави дека извршил напад врз Израел со над 300 беспилотни летала и проектили. Тоа попладне, Џо Бајден ја напушти удобноста на својата куќа на плажа во Делавер и побрза да се врати во Белата куќа среде криза. Истата вечер, претседателот се сретна со членовите на тимот за национална безбедност во врска со ракетните напади во Собата за ситуации во Белата куќа. Можеше да се поштеди од маката, бидејќи неговиот одговор беше веќе однапред смислен. Реакцијата на Бајден беше инстантна и предвидлива како линиите на истрошена и стара грамофонска плоча:

„Нашата посветеност кон безбедноста на Израел против заканите од Иран и неговите полномошници е железна.

Тоа беше наменето за јавноста. Меѓутоа, приватно не беше среќен, бидејќи дури и некој со неговата ограничена интелигенција би знаел дека одмаздите од Израел го зголемуваат ризикот за поширок регионален конфликт што директно може да ги повлече САД, заедно со други земји.

Претседателот Бајден веднаш се сретна со своите советници во Собата за ситуации во Белата куќа. Исходот се знаеше однапред бидејќи тој вети „железна“ поддршка на САД за Израел / Слика: јавен домен

Сценариото САД да бидат вовлечени во општа војна на Блискиот исток, со катастрофални ефекти врз светската (и американската) економија, не би било нешто што во голема мера би ги зголемило неговите шанси за победа на изборите во ноември, кои од ден за ден стануваат сè послаби. Иако тој сигурно би сакал „да се справи со Иран“, а има и такви во неговата администрација кои со нетрпение сакаат да нападнат, сепак тој е малку воздржан од страна на претстојните избори и затоа се обидува да избегне отворен судир со Техеран откако почна конфликтот во Газа. Масакрот на цивилите во Газа веќе ги оштети изборните шанси на Бајден, намалувајќи ја неговата поддршка во клучни изборни единици. Неговата целосна поддршка за Израел и тврдоглавото одбивање да повика на траен прекин на огнот во Газа ги отуѓи муслиманските гласачи и младите. Тој сега се наоѓа во незавидната позиција да ветува цврста поддршка за Израел, истовремено обидувајќи се да го спречи избивањето на нов пожар кој би предизвикал директно вклучување на САД. Чувствувајќи ја неговата слабост, Иранците, кои не сакаат да бидат турнати во војна со САД, ја прилагодија својата реакција на она што беше бесрамна провокација од страна на Израел специјално дизајнирана да го донесе токму тој резултат.

Агендата на Нетанјаху

Иранскиот напад беше долгоочекуваниот одговор на израелскиот напад на 1 април врз конзуларниот дел на иранската амбасада во Дамаск, во кој загинаа седум Иранци, вклучувајќи и двајца команданти ветерани. Што се обидуваше да постигне Нетанјаху кога го нареди нападот? Одговорот е сосема јасен. Тој цело време се залагаше за предизвикување регионален конфликт, што би ги принудило САД директно да се вклучат на страната на Израел. Сето ова е директно поврзано со крволочната војна што ја води Израел против народот во Газа. Воената кампања на Израел не оди како што се очекуваше. Шест месеци подоцна, неговите цели не се постигнати. Хамас не е разбиен, а заложниците не се спасени.

Војната во Газа не помина како што се очекуваше за Нетанјаху. Хамас не е разбиен, а заложниците не се ослободени. Сега тој се соочува со обновени протести со повик за избори / Слика: сопствена работа

Како резултат на тоа, поддршката на Нетанјаху пропадна. Протестите во Израел растат, а десетици илјади бараат предвремени избори на кои тој сигурно ќе биде сменет и веројатно ќе се соочи со судење. Неговата ситуација е очајна. Тој практично остана без воени опции во Газа, бидејќи скоро целиот појас е претворен во урнатини. Тој дури беше принуден да го повлече најголемиот дел од своите сили. Последната цел е јужниот град Рафах, каде што се собраа 1,5 милиони прегладнети и преплашени луѓе. Но, маката на луѓето во Газа предизвика бура од меѓународни протести кои го изолираа Израел и ги принудија Американците да извршат притисок врз Нетанјаху да се откаже од нападот таму. Барајќи друга цел, неговото внимание сè повеќе се сврти кон Иран. Администрацијата на Бајден, се разбира, веќе ја финансира и обезбедува неговата геноцидна кампања во Појасот Газа. Но, тоа сега е недоволно за целите на Нетанјаху. Она што итно му треба е директното вклучување на американската војска во еден поширок конфликт во регионот – конфликт што ќе ги принуди САД и сите нејзини сојузници отворено да застанат на страната на Израел. Неопходно беше да се испровоцира Иран да го нападне Израел, кој потоа ќе ги повика своите американски пријатели да брзаат да му помогнат. Израелскиот напад врз иранскиот конзулат во Дамаск беше очигледно намерна провокација, дизајнирана да го добие тој резултат.

Слики од запалената зграда на иранскиот конзулат во Дамаск. Иранскиот режим не можеше да си дозволи да изгуби лице со тоа што не би одговорил на овој напад / Слика: Раџањуз

Нетанјаху знаеше дека Иран ќе биде принуден да одговори. Секоја дипломатска зграда се смета за територија на земјата на која и припаѓа, така што ова мораше да се смета за директен напад на Израел на иранска територија. На овој начин, тој намерно покрена смртоносна низа на настани, која сега се расплетува. Бајден и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху разговараа вечерта во саботата, како и секретарот за одбрана Лојд Остин и неговиот колега Јоав Галант, а двете влади се согласија да останат во близок контакт во наредните часови и денови. Темата на овие разговори не е позната. Американците сигурно повикуваа на воздржаност. Но, колку овие апели биле ефективни, останува да се види. Нетанјаху е сосема способен да го втурне целиот регион во војна само за да си ја спаси кожата. Ако тоа му направи неколку потешкотии на Џо Бајден, тоа е негов проблем.

Маневрите на Техеран

Во последните две недели, неколку земји вршеа притисок врз Иран „да се воздржи“ наспроти јасната агресија. Но, немаше осуда за нападот на Израел во Дамаск: немаше резолуции на ОН, немаше санкции, ништо. Тука, уште еднаш, ги гледаме двојните стандарди на „меѓународната заедница“. Земјите како Иран, Русија и Кина постојано се обвинети дека се обидуваат да го уништат она што вообичаено се опишува како „меѓународен поредок заснован на правила“. Но, кој ги составува правилата на овој таканаречен поредок? Правилата се направени од САД и се очекува секоја друга земја во светот да ги почитува. Тоа е толку едноставно! Мора да се истакне дека, долго време, Иран покажа значителна воздржаност наспроти ваквите провокации од страна на Израел, вклучително и повеќекратните убиства на неговиот воен персонал, како и на шеесет и двајца научници вклучени во неговата нуклеарна програма. Патем, нема апсолутно никаков доказ дека Иран бил вмешан во нападот на Хамас минатиот октомври – факт што своевремено го признаа не само САД, туку и Израел. Соочени со геноцидните напади врз жителите на Газа, Иран не даде никаков воен одговор. Но, овој пат Техеран не можеше да си дозволи да изгуби лице. Повторно, мора да се истакне дека Иранците прво се обидоа да ја покренат работата во релевантните тела на Обединетите нации.

Иран не реагираше воено на геноцидните напади врз луѓето во Газа, но не можеше да не одговори на овој директен напад на својата територија, што првично се обиде да го направи преку Обединетите нации / Слика: Обединетите нации Фото Фликр

Нормалните правила на меѓународното право го гарантираат имунитетот на амбасадите и сите такви згради. Тие се сметаат за неповредливи простори, всушност, како составен дел од националните територии на секоја нација на која припаѓаат. Нападот врз иранскиот конзулат во Дамаск беше очигледно кршење на основните принципи утврдени со Виенската конвенција од 1961 година. Затоа Обединетите нации имаа должност да го осудат. Но, кога резолуцијата за таа цел беше ставена пред Советот за безбедност, беше ставена на вето од три негови членки: САД, Велика Британија и Франција.

Откако ОН одбија да го направат овој основен чекор, иранскиот режим немаше друга алтернатива освен да одговори на израелската провокација на начин што ќе се смета за пропорционален. И покрај сета врева и хистерија околу неговиот ракетен напад – патем, првпат Иран да изврши напад на израелска територија, и покрај повторените израелски напади – тој напад беше навистина пропорционален. Во овој напад беа употребени над 300 проектили. Се чини дека тоа е страшна бројка. Но, тоа е само навидум. Се чини дека повеќето беа беспилотни летала Шахид – многу основен модел, кој обично се користи само за тестирање на воздушната одбрана на друга држава во подготовка за посериозно бомбардирање. Се тврди – веројатно точно – дека големо мнозинство од беспилотните летала и проектили биле пресретнати, многу од нив од САД. Речиси немаше жртви, а се вели дека само една воена база претрпела одредена штета. Скоро никакво уништување, и покрај фактот дека Иран поседува високо софистицирани ракети и проектили и дека нападот опфати голем дел од израелската територија. Како да се објасни ова?

Факт е дека и на Американците и на Израелците им беа дадени предупредувања пред да бидат извршени нападите. Ова им овозможи на Американците да ги искористат своите системи за противвоздушна одбрана, со што ја минимизираа штетата. Според тоа, на нападот мора да се гледа како на тоа дека Иран испорачува предупредување до Израел. Во пораката објавена од иранската мисија во ОН, го читаме следново:

„Спроведена врз основа на член 51 од Повелбата на ОН за легитимна одбрана, воената акција на Иран беше одговор на агресијата на ционистичкиот режим врз нашите дипломатски простории во Дамаск. Работата може да се смета за завршена.

„Сепак, доколку израелскиот режим направи уште една грешка, одговорот на Иран ќе биде значително посериозен. Тоа е конфликт меѓу Иран и непријателскиот израелски режим, од кој САД МОРА ОСТАНЕ НАСТРАНА!“ (нагласувањето е додадено). Изгледа дека значењето на пораката е: ова е сè што имаме намера да направиме засега, не сакаме ова дополнително да ескалира, топката е во Израел.

Иранците упатија силно предупредување до земјите во регионот: ако интервенирате да го одбраните Израел со запирање на беспилотните летала, ќе ве сметаме за легитимни цели. Јорданскиот режим, еден од оние што е под најголем притисок од масите поради неговата неактивност пред масакрот во Газа, прво изјави дека ќе пресретне ирански беспилотни летала, но потоа јавно го демантираше извештајот. Воздушните напади врз Хутите извршени од САД и Велика Британија немаа апсолутно никаков ефект. Нападите врз бродовите во областа продолжија и се зголемуваат. Претходно истиот ден, иранската револуционерна гарда запленила брод поврзан со Израел кој патувал низ Ормутскиот Теснец. Тоа беше уште едно предупредување.

Лицемерен хор

Бајден јавно изјави дека не сака засилување на конфликтот. Она што тој навистина го мисли е „ние ќе продолжиме да го поддржуваме и финансираме израелскиот масакр врз Палестинците, не сакаме други земји да интервенираат за да го попречат тоа“.

Бајден се обидува да балансира помеѓу поддршката за Израел, неговиот единствен навистина сигурен сојузник во регионот, и избегнувањето на катастрофалните последици од регионалниот пожар врз светската економија и, се разбира, врз изборните перспективи на Бајден / Слика: Амбасада на САД Тел Авив Викимедија Комонс

Но токму продолжувањето на геноцидната кампања против Газа постојано ги провоцира сите народи во регионот. Обидите на Бајден да покаже сочувство со жртвите на израелската агресија (додека продолжува да снабдува оружје и пари за да му дозволи на Нетанјаху да продолжи со крвопролевањето) се изложени како шупливи и измамнички. Бајден потсетува на моржот во романот Низ огледалото и што виде таму Алиса (Through the Looking-Glass) на Луис Керол кој поканува група млади остриги да му се придружат на прошетка, за на крајот да ги изеде за ручек:

„Плачам за вас“, рече Моржот: „Длабоко сочувствувам“. Со липање и солзи ги подреди од најголеми до најмали, држејќи го џебното марамче пред неговите расплакани очи“.

Истото одвратно лицемерие го покажуваат и сојузниците на Америка кои послушно одговорија на иранскиот напад со добро извежбани осуди. Како и обично, британскиот премиер Риши Сунак не можеше да дочека за да се построи во ред: „Најостро го осудувам непромислениот напад на иранскиот режим против Израел“, за кој рече, „[ризикува] да разгори тензии и да го дестабилизира регионот. Иран уште еднаш покажа дека има намера да сее хаос во својот двор“.

„Велика Британија ќе продолжи да се залага за безбедноста на Израел и безбедноста на сите наши регионални партнери, вклучувајќи ги Јордан и Ирак.

„Заедно со нашите сојузници, ние итно работиме на стабилизирање на ситуацијата и спречување на понатамошна ескалација. Никој не сака понатамошно крвопролевање“.

И како дополнителен напор за постигање на светски мир, Риши Сунак веднаш објави дека ја испраќа РАФ во регионот со цел да ги бомбардира сите кои не се согласуваат со него. Неговите забелешки веднаш беа поддржани од неговиот партнер во криминалот, лидерот на „лабуристите“, Сер Кир Стармер.

Жозеп Борел го додаде својот пискав глас во рефренот: „ЕУ силно го осудува неприфатливиот ирански напад против Израел. Ова е невидена ескалација и сериозна закана за регионалната безбедност“. Уште почуден е фактот што ниту еден од овие господа не кажа ништо за нападот на Израел врз Дамаск. Колку е чудно што ниту една од активностите што ги спроведува Израел воопшто не претставува никаква закана за регионалната безбедност! Сите тие покажаа целосна поддршка за „правото на Израел да се брани“ по нападот на 7 октомври. Но поради некоја причина истиот принцип не важи за Иран, според нив. Како што би рекла Алиса: „се поинтересно и поинтересно“.

Крај на аферата?

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, издаде изјава во која вели:

„Силно ја осудувам сериозната ескалација претставена со големиот напад врз Израел од страна на Исламската Република Иран оваа вечер. Повикувам на итен прекин на овие непријателства.

„Длабоко сум вознемирен поради реалната опасност од разорна ескалација ширум регионот. Ги повикувам сите страни да покажат максимална воздржаност за да избегнат каква било акција што може да доведе до големи воени судири на повеќе фронтови на Блискиот Исток.

„Постојано нагласив дека ниту регионот, ниту светот можат да си дозволат нова војна.

Како што е наведено, Постојаната мисија на Иран во Обединетите нации соопшти дека воената акција на земјата против Израел се заснова на член 51 од Повелбата на ОН во врска со легитимното право на самоодбрана како одговор на смртоносниот израелски напад врз иранскиот конзулат во Сирија, наведувајќи понатаму дека нападот врз Израел може да се смета за завршен. Но, продолжи: „Ако Израел направи уште една грешка, одговорот на Исламската Република Иран ќе биде значително построг“. Мисијата додаде дека доколку Советот за безбедност на ОН ја осудеше израелската „агресија“ врз иранските дипломатски претставништва во Дамаск, и последователно ги судеше оние што стојат зад тоа, „можеби не ќе беше неопходно Иран да го казни“ Израел.

Иранската револуционерна гарда (ИРГЦ) во две одделни изјави соопшти дека лансирала „десетици проектили и беспилотни летала“ и „успешно погодила и уништила“ важни воени цели на израелската армија во окупираните палестински територии, како одговор на „многубројните израелски злосторства“.

Во соопштението на иранската мисија на ОН потоа се додава дека работата ја смета завршена. Но, ова воопшто не е јасно. Извори од израелскиот кабинет, цитирани од Канал 12 ТВ, рекоа дека ќе има „значаен одговор“ на иранскиот напад. Токму тоа сакаше да го постигне Нетанјаху со нападот во Дамаск на 1 април.

Според Си-Ен-Ен, претставниците на администрацијата на Бајден ги сметале нападите на Иран врз Израел за „несразмерни“ наспроти израелските напади во Дамаск што ја поттикнале одмаздата. Се чини дека тоа е прилично млака реакција и многу пониска од она што Нетанјаху го очекува од Вашингтон. Како што е објаснето, има некои во Вашингтон кои најмногу на светот би сакале изговор за директно да го нападнат Иран. Но, тоа би имало масовно дестабилизирачки ефект во целиот регион. Американската дипломатија сега избезумено ќе се обидува да изведи балансирачки чин за да се извлечат од хаосот што е целосно направен од нив.

Од една страна, тие треба да го поддржат Израел, кој сега е практично нивниот единствен сигурен сојузник во целиот регион, а од друга, треба да спречат регионална војна која може опасно да излезе од контрола. Многу важен елемент во пресметките на американскиот империјализам е потребата да се спречи растечкиот гнев на масите во регионот да достигне точка каде што може да ги сруши реакционерните арапски режими кои треба да бидат сојузници на САД. Има јасни знаци дека барем некои од тие режими се нервозни поради целата ситуација. Заливските земји, на пример, јавно објавија дека САД не треба да ги користат своите бази на нивната територија или нивниот воздушен простор за каков било евентуален напад врз Иран. И САД и Велика Британија го зголемија своето воено присуство во регионот. Од своја страна, ИРГЦ предупреди дека секоја закана од САД и Израел или од која било друга земја ќе добие пропорционален одговор од Иран. Пламенот на војната силно гори на Блискиот Исток. И не се малку тие кои сакаат да го распламенат до пожар.

Алан Вудс 14 април 2024 година
оригинал Iran attacks: Netanyahu’s dangerous gamble